December 25, 2021

Едвај го догледав The Matrix Resurrections

The Matrix Resurrections е дефинитивно најлошиот филм што сум го гледал во последниве години. Најсериозно. Не можам ни да се сетам на друго што било волку досадно, напорно, неинвентивно, аматерски напишано и склопено. Помислив да речам Alien: Covenant, ама тоа го тегнев цела недела наместо да дозволам да ми го гмечи мозокот два саати непрекинато, па впечатокот во споредба со новиов The Matrix ми е некако помлак. Подобро да зјапав во скринсејвер.

Не ни имав некакви очекувања за The Matrix Resurrections. Ги имав снижено колку што е човечки возможно, а пак глупиот филм успеа да биде полош од што мислев дека е. Види, тешко е да му се приближиш на оригиналниот The Matrix, не па да го надминеш. Иако оваа перцепција е крајно субјективна, веројатно не би ги отпишал претходните две продолженија како апсолутно лоши. Колку и да се непотребно истегнати од двата газови на Вачовски, пак можам да заклучам дека создаваат некоја целина. За мене неприфатлива и по толку години, ама пак не е целосно бесмислена и креативно опустошена. 

Трилогијата сепак има некоја стилска конзистентност, јасно дефиниран тон, возбудлива акција, па и по некоја прониклива провокативна идеја што веројатно би можела митолошки да го надгради првиот филм ако дозволиш. The Matrix Resurrections е нешто сосема друго. Нема ни да навлегувам колку е непотребно вакво продолжение. Со години веќе ја верглам таа тема за бескрајните рибути, римејци, приквели, миквели и недостатокот на оригинални идеи во филмскиот мејнстрим. Самиот филм се обидува свесно да се обрати со буквално истиот муабет, демек сега треба ние како публика да се насмееме да и простиме затоа што некој нема креативен капацитет да смисли нешто похрабро и подобро.

Баш тој безобразно нагласен мета-наратив е тоа што ме одби и не ми дозволи да се закачам за филмот. Ако "признаеш" дека си неоригинален како и останатите и тоа ти е главниот штос, можеби е паметно да сокриеш некое изненадување што ќе ја стресе публиката која веќе е убедена дека го гледа истото од пред дваесет години. Но, не. The Matrix Resurrections нема трикови во мантилот, има само веќе видени концепти со кои гордо се расфрла и комуницира. Тажно е кога целото сценарио е така напишано, да ти го каже истото што си го мислиш додека го гледаш. Тоа не е задоволително филмско искуство, ниту пак е ефективно со намерите.

Најбизарно е што низ целиот филм упорно одат кратки инсерти од претходните во форма на флешбеци. Иако намерата им е поинаква, единствено што направија беше да ме потсетат колку всушност првиот The Matrix филм е супериорен во однос на овие мачни два и кусур саати што едвај ги издржав без да се фрлам сосе телевизорот од тераса. Има ли некои плави пилули што може да направат да се разбудам утре и да не се сеќавам на ова што го гледав?

Не знам ни од кај да почнам, озбилно. Прво, главната идеја е нефункционална. Нео е пак некако назад во Матриксот без јасни сеќавања за претходните три филмови. Постојат во самиот филм како видео игри кои ги дизајнирал. Браво, еј. Ајде сега цел саат да урламе како историјата ја памти оригиналната трилогија и колку е тешко да ја надополниш со ново продолжение. Но, Warner Bros бараат од Нео нова игра по секоја цена, односно нов филм. Намиг. Публиката паѓа во несвест од оваа информација. Веројатно таа реакција ја очекувале, не знам.

Не е само досадната приказна проблемот со The Matrix Resurrections. Во ниту еден момент не почуствував дека гледам The Matrix филм, затоа што не можеш упорно да настојуваш дека си The Matrix филм, а да си толку стилистички и идејно дистанциран од намерата. Дури и самите актери изгледаат како да се дојдени на сет без волја и ентузијазам. Да снимиме ова од девет до пет и да одиме да пиеме негде се. Кијану Ривс е како претрчан од пауза додека снимал некој Џон Вик филм, a Кери Ен Мос очигледно прифатила дека Холивуд има кренато раце од нејзе овие дваесетина години и не се ни замарала да дознае на кој филм е ангажирана во моментот. 

Лоренс Фишбурн и Хуго Вивинг се заменети со нови актери. Фишбурн знам дека не го ни викнале, ама Хуго Вивинг веројатно се изнасмеал на сценариото и ја избркал Лана Вачовски од канцеларија. Новиот агент Смит е смешка невидена. Оригиналниот Смит беше како Терминатор кец, еј. Те прогонува во сон, кога гледаш низ прозор, кога одиш на работа или кога плаќаш даноци. Новиов актер е само ненамерно комичен кога се труди да го емулира Хуго Вивинг. Без капацитет да создаде било каква тензија и грч што ќе овозможи да ти е грижа за Нео или било кој друг во ова лајно од филм. Комотно можеше да биде сосема нов лик. Истите впечатоци ги имав и за ликот на Нил Патрик Харис. Оди биди си Барни Стинсон или нешто, брату.

Кога ќе потрошиш толку многу време на сценарио што се потсмева со само себе, ниту една закана за главните ликови не успева да добие на интензитет за да функционира. Ако филмот не се доживува себеси сериозно, тогаш што треба јас да правам? Кое е искуството што треба да го имам? Да ги слушам истите муабети за неинвентивноста на Холивуд што сам ги правам за секој втор нов филм што ќе излезе? Ако сакаш да се бориш против тоа направи нешто свежо. Ние сме публика, наша задача е да мрчиме за тоа. Ти си филм, ти треба да ми овозможиш нешто друго. 

The Matrix Resurrections не е ни визуелно привлечен. Нема спектакуларни акциони сцени, целата акција е со евтина кореографија и компонирана како да е отцепена од третокласна телевизиска серија. Без никаков шарм. Имал ли воопшто некаков буџет филмов или е волонтерски сниман со два мобилни телефони? Го нема ни препознатливиот зелен филтер, ајде тоа може и самата приказна некако да го оправда, ама сепак. Немав никаков визуелен стимул освен тоа што ме печеа очи од шкарт ефекти што изгледаат постаро од компјутерски генерираниот Кијану Ривс со седумсто агенти Смит во The Matrix Reloaded.

Не очекував дека The Matrix филм ќе стане таква неуспешна, ненамерна пародија на сам себе. Некогаш ова го редефинираше начинот на кој се прават филмови, а денес е таков незначен остаток што ќе се изгуби во шумот од непотребни, непрофитабилни наслови и упропастени франшизи. Не дека било како му штети на оригиналниот The Matrix, ама жално е што е потрошено време за Resurrections да стане реалност. 

Ете, и да речеме дека Лана Вачовски навистина разбрала што е проблемот со креативноста во Холивуд и ете одвоила време да ни соџвака како никој од нас да немал допир со филмови овие десетина години. Меѓутоа, очигледно го пропуштила заедничкото за сите вакви продолженија на култни остварувања - ниту еден од овие филмови не бил бил успешен, неопходен или пречекан со ентузијазам. Затоа што можеби веќе сме ги виделе претходно во многу подобра варијанта, Лана.

Види такоѓе:

December 21, 2021

Ретроспектива на The Animatrix

Пак се наканив да ги изгледам The Matrix Reloaded и The Matrix Revolutions деновиве. Тоа ми е таа традиционалната годишна проверка на тие два филмови. Случајно да не станале подобри низ годиниве или мене да не ми се наштелувал вкусот за конечно да ги прифатам. Епа, уште не. Ќе мора да пробам пак догодина. Знам дека скоро се испомочав врз The Matrix Resurrections, ама планирам да го гледам деновиве и ми требаше загревање. Видов некои рецензии без спојлери баш денес и уште толку ми ги намалија очекувањата за филмот, ама ете ќе му седнам на сопствен ризик.

Го гледав и The Animatrix (2003) пак, после којзнае колку години. Некако го заобиколував можеби за да не си оштетам некои фини спомени што сега испадна дека само ми ја одржувале илузијата дека има нешто друго озбилно добро покрај оригиналниот The Matrix. Иако оваа аниме колекција на девет кратки филмови не му штети на првиот филм како двете (или трите) продолженија, пак некако не успевам да видам дека пристојно го надополнува и збогатува. Идејата е супер, меѓутоа најголемиот проблем со приказните во овој универзум ми е тоа што ми ја нарушуваат мистеријата што го обвива кецот.

The Animatrix е воглавно склопен од сценарија на Вачовски појачани со еминентни имиња од аниме светот. Озбилно, ако некогаш си гледал аниме, големи се шансите авторот на тоа аниме и на ова да работел. Колекцијата нуди некои идеи и перспективи што се или попатно спомнати низ филмовите или комплетно нови, ама пак се темелат на главниот мотив. Освен првиот што е 3Д анимација, другите визуелно се држат и денес. Убави се, шарени, анимацијата е различна кај повеќето, некои дури и се осмелуваат и за поекспериментален стил, меѓутоа пак е присутен главниот проблем што јас го имам. Kомплетно субјективен агол е. Ништо тука не е апсолутно лошо, само што ми лупи некои слоеви што мислам дека ми се поубави такви недопрени.

Всушност, добрите спомени од The Animatrix колекцијата ми биле само две цртанчиња. Првиот е The Second Renaissance, од некоја причина поделен на два дела. Ја објаснува војната помеѓу машините и луѓето и како точно дошло до тоа човештвото да биде така поробено. Она што ми е најинтересно за The Second Renaissance е начинот на кој успева да создаде свој свет, а пак да гравитира околу главните постулати на првиот The Matrix. Приказната што ја раскажува би можела да функционира исклучиво како аниме, па веројатно од таму доаѓа таа симпатична привлечност. 

Вештачка интелигенција што настојува да преговара некаква рамноправност со луѓето и притоа се труди да им се допадне имитирајќи ги, е многу поефективна кога е стилски вака склопена. Не знам дали идејата на Вачовски била да завземеме страна, ама некако полесно можеш да разбереш зошто ситуацијата изгубила контрола и како човештвото можеби и заслужено се удрило со свој робот по глава. Од друга страна The Second Renaissance не се обидува да понуди алтернатива за соживот, така што ако успееш да ги разбереш постапките на луѓето можеш и за нив да навиваш. 
 
Не знам дали Вачовски имале намера да протнат некој реален политички дискурс тука, веројатно не е толку сериозно, ама е забавно за гледање. Има толку многу ситници што се кул, такво е полно целото. Гледаш како машините постепено се одвојуваат од нивните хуманоидни облици со што се дистанцираат од создавачот и како го претвораат во извор на енергија откако ќе им биде помрачено сонцето. Што знам, можеби ми лепи ова затоа што огромен дел од оваа идеја е познат од првиот филм, само без ситните детали кои во склоп на форматот успеваат некако добро да ја реализираат. Да го видиш истово на филм, ќе го нема истото влијание.

The Second Renaissance ќе ти изнуди и некоја емоција. Прави некое непријатно чувство кога машините ќе одлучат дека луѓето ќе им бидат новиот извор на енергија. Целата таа сцена е таква морбидна, гледаш дека човештвото е конечно поразено и без друг избор освен да биде батерии за некој робот таму да може да си светка. Стварно не знам што прават машините со покоренето човештво во The Matrix. Што би можеле да прават автономни роботи? Си седат, си кулираат? Се размножуваат? Се шетаат низ вселената? Ако продолжам да терам во оваа насока, цел The Matrix ќе ми изгуби смисла. Во некоја следена прилика можеби.

Второто парче од The Animatrix е A Detective Story. Noir приказна за детектив најмен да го најде хакерот познат под името Тринити. Такво е мангупско, со старошколски Хемфри Богарт шмек и сите можни клишеа од жанрот по кое е обликувано. Отсечено од The Matrix трилогијата можеби повеќе од сите други во аниме колекцијава, ама баш и затоа е толку добро. Сопствено си е некако во свој фазон, а баш вешто ги користи својствата на изворниот материјал. Не се труди да врзе никаква приказна со ништо, барем не премногу, туку е само перспектива што судира два жанрови онака најелегантно што може.
 
Многу подобро од остатокот во колекцијата. Зевав на оние со дечкото што сам се отштека од Матриксот или децата што експлоатираат глич додека не дојдат Агенти да го закрпат. Можеби едно од тие што се така позначајни за спомнување е Program. Да, се потпира многу на акција што не мислам дека е главната струја на The Matrix како концепт, ама има јак штос на крај што го имав заборавено и така фино ме окези. Остатокот е онака. За аниме и Матрикс ентузијасти што сакаат да црпат сè и сешто од универзумот. Би сакал и јас да можев така, ама чим не успеав скоро дваесет години...

Со ова мислам дека сум сега спремен за The Matrix Resurrections. Може уште еднаш да го пуштам првиот за да ме испере од продолженијава и да ме спреми за новото што е исто така беспотребно и вишок. Или можеби ќе се изненадам, не знам. Со нула очекувања и горки чувства од сè што не ми е оригиналниот филм, може и ќе паднам на кондиција и ќе ми се отвори мозокот за нешто ново. Ако воопшто има нешто ново филмот, а не само истото од кецот, секако.

Види такоѓе:

December 20, 2021

Втората сезона на The Witcher

Ја спукав втората The Witcher сезона викендов што пројде. Топтан, одеднаш. Толку чудно се движи времето во последниве две години што бев сигурен дека лани ја гледавме првата. Некако многу брзо ми дојде вторава сезона, не ни осетив дека серијата прескокнала цела година. Ете тоа објаснува зошто некои од актерите изгледаат малку повозрасно. Освен Хенри Кавил, секако. Хенри Кавил одбива да си ги покаже годините.

Баш добро доаѓа серија како The Witcher во тмурни зимски денови. Некако совршено ми се израмни со расположението. Скоро секогаш се местело да е зима кога опсесивно сркам The Witcher материјал - било игра или книга, па ми овозможува таква фина идилична удобност во тие сивилата што ги носи. Се надевам дека годиниве ќе престанат да се однесуваат како еден долг месец, па третата сезона пристојно ќе си ја дочекаме уште следната година ова време.
 

Втората сезона е одлична и многу пофокусирано склопена од првата. Приказната не скока ќутливо во различни временски периоди со цел да ти приреди полусмислени изненадувања, туку си тече природно и хронолошки, па е нешто попрактична за следење барем во таа насока. Од друга страна, пак некако успева да пламне небалансирано на повеќе страни и да успее некои работи да не ги дозбори до крај. Тоа ми е можеби и главната замерка за втората сезона. Дали намерно настојува да одржи некаква мистерија или само невешто пишување, не би можел да погодам - ама иако поправа некои проблеми од минатиот пат, успева да создаде нови. За среќа, поситни.

Сезоната има главен негативец што може и да го промашиш дека е таму до самиот крај, бидејќи некако скржаво го прикрива, доволно за само да те збуни, а недоволно за да те задржи заинтригиран или на било кој начин засегнат од заканата. Многу поинтересни ми беа ситуациите каде што Герлат стандардно си "вичерува", убива разновидни чудовишта и го истакнува лежерниот тон на самото дело. The Witcher поубаво личи кога не се сфаќа себеси премногу сериозно и кога држи некоја дистанца од посовремениот наративен третман типичен за денешните серии.

Серијата е пофункционална кога личи на нешто телевизиско од пред дваесетина години, ама можам до некаде да разберам зошто не целосно одбива да згазне во таа територија. Форматот на Нетфликс е веројатно таков, се трудат да ги скрпат сериите да имаат поголем арк и секоја од епизодите да создава дел од поголема приказна. Затоа и повеќе ми се свиѓа The Mandalorian, тоа поретко пати од стремежот да биде едно големо нешто. Сакам да кажам, пре би избрал засебни епизоди со сопствена мала приказна отколку ова што The Witcher претежно се труди да биде. Не го личи цело време. Има доволно материјал од книгите за да биде поинаку спакувано, притоа да не си го оштети сопствениот фолклор.

Сепак, супер е вака како финален производ. Задоволен сум. Мило ми е што приказната конечно отиде во Кер Морен и овозможи одблиску да го видиме светот на Вичерите и целата таа митологија. Сосема прикладно за втора сезона. Откако се запознавме со Гералт, ова беше логичниот чекор. Убава прилика да разбереш некои работи околу Вичерите што првата сезона некако ги прескокна, а можеби не ти се познати од друго место. Сите дешавки таму ми се омилениот дел од сезоната. Весемир е одлично погоден и вклопен, и како кастинг и како лик.

Со Сири во фокусот оваа сезона, бев малку скептичен како ќе пристапат кон нејзиниот лик и мило ми е што доби соодветен човечки третман. Со таков моќен лик како Сири можеа да отидат во многу погрешна насока и да заврши како "Mary Sue" женските ликови од Star Trek: Discovery или Star Wars: The Last Jedi. Сири е ранлива, со маани и мотиви за да се подобри и да ја оствари нејзината моќ и потенцијал. Ништо не ѝ е подарено, па публиката може полесно да се идентификува со нејзиниот пат и да навива без однапред да биде јасен исходот. Ќе има ден кога ќе ја видиме Сири супер-моќна и среќен сум што вака постепено ја создаваат.

Ми се свиѓаа и локациите што се одбрани за сезонава. Преубави богати пејсажи, онака да се изнагледаш. Иако The Witcher е сместен во свет многу близок до овој, некои од локациите изгледаат комплетно магични и страни. Сетовите се исто така многу подобрени, па поретко ќе наидеш на нешто што личи како да е снимено во студијата на МРТВ. Некој го одврзал ќесето оваа сезона и очигледно е. Целата продукција изгледа врвно, дури и бушавата перика на Хенри Кавил.

За жал, уште не можам да го прифатам кастингот за Јен и Трис. Иако Јен е создадена како допадлив лик, сметам дека актерката го нема капацитетот да ја овековечи онаа Јен што ја знам од игрите. Разбирам дека ова е адаптација на пишано дело, меѓутоа игрите засекогаш ми врежаа една поинаква визија за неа што тука не можам да ја видам. Истото е со Трис, со тоа што нејзиниот лик уште не е доволно наштиман според изворниот материјал за да ја прифатам. Споредбата со Трис од игрите ми е уште поневозможна и далечна. Не знам кој е мотивот зад ова, ама едноставно не функционира. 

Хенри Кавил е супер. Можеби никогаш не научи да глуми саглам, ама како Гералт е воглавно одличен. Не можеш да му фаќаш многу замерки на најубавиот жив маж на планетава, ама па не знам како уште успева да преглумува некои работи и некој упорно да му кажува дека е океј така. Некогаш неговата неприродност ме вади од имерзија и не го гледам Гералт, туку го гледам Хенри Кавил како работи со талентот што нема некои сериозни пропорции. Не е често, ама се случува. Се гледа дека е приврзан со ликот и максимално се забавува, па ако ова е максимумот тогаш јеби га. Толку се можело.

Но, и покрај ситните недостатоци, втората сезона на The Witcher е забавна акциона авантура. Многу ми фали ваква фантастика на медиум што не е книга или игра и серијата иако не е најдобрата на светот, супер го пополнува тој простор. Со ова темпо и популарноста што ја има не гледам дека ќе сопре набргу, а вторава сезона на крајот вети многу работи што едвај чекам да видам како ќе се одвиваат во иднина. Сега е време конечно да се дочитаат книгите до следната, па и да се изигра The Witcher 3: The Wild Hunt уште еднаш.

Види такоѓе:

December 8, 2021

South Park: Post COVID и новите специјални епизоди

Колку долго немам муабетено за South Park. Не само на Crapwerk, туку општо онака со луѓе. Порано не смеело да пројде епизода без да се дискутира за следната. Тогаш серијата не само што беше многу порелевантна, туку немаше ни друго што така храбро се осмелуваше да го пополни просторот. Се изгубивме малку со South Park низ годиниве, ама пак знам да одвојам време за средба со нови епизоди или барем мене да ми бидат нови. Не следам редовно одамна.

Откако почна пандемијава баш чекав да видам како South Park ќе настапи на темата. Само што фатија да се грабаат тоалентни хартии по маркетиве, почнав да гледам South Park сцени пред мене. Никој на светов не може подобро да екранизира општа паника и хаос од South Park. Повеќе пати сме го виделе тоа во старите сезони и никогаш не престанало да биде смешно. Затоа и не ме изненади колку беа добри претходни две специјални епизоди, The Pandemic Special и South ParQ Vaccination Special
 

Тематиката во реалноста е далеку од комична, ама Треј Паркер и Мет Стоун знаеле секакви други глупости да ги извозат добро. Ќе подвлечат неколку работи и ќе грабнат да се спдрачат со нив до бескрај. Очигледно е колку и овој материјал фино им легнал. South Park е South Park. Отсекогаш главната струја биле актуелни теми. Ко за беља, тука сме сега во пандемијава и веројатно ќе бидеме во следните неколку години.

Треј Паркер и Мет Стоун летово потпишаа договор со Paramount+ од 900 милиони долари за да штанцаат тазе South Park во следните шест години. Кажи ги специјални епизоди или филмови, ќе има уште многу South Park очигледно. Првото од оваа соработка излезе неодамна и се вика Post COVID. Го истрошив од вртење откако излезе. Ова е South Park што сакам да го гледам, баш како што ветуваа претходните две на тема пандемија.

Post COVID се случува четириест години во иднината кога пандемијата е штотуку завршена. Децата се сега возрасни и повеќето од нив не ни живеат во Саут Парк, ама смртта на Кени ќе ги собере пак заедно во стариот крај. Не сите сакаат да се во Саут Парк, некои се меѓусебно и раскарани, ама нов случај на коронавирус ќе го заглави цел град во карантин што ако го прекршиш те стрела војска. Класичен South Park.

Супер е идејата за ваков скок во иднината. Пак е суштински South Park, ама ваквата свежина го прави уште позабавен и креативен. Не ни можев да замислам како ќе завршат некои ликови во животот, ама откако ќе изгледаш неколку пати и ќе ги премоташ претходните случки низ цела серија, комплетно има смисла. Дури и тоа што Картмен е сега рабин, оженет со Еврејка и има три деца, а Кајл одбива да поверува дека не е само заради нивната динамика низ историјата на серијата. Баш чекам да видам како ќе резолвира оваа ситуација.

Одлична епизода, или ако сакаш краток филм. Цел саат трае, така што е како три епизоди. Баш успева да биде актуелно. Не само пандемијата, туку и со колку осетлив е светов последниве години на темите со кои можеш да се заебаваш без последици. Дејв Шапел ете знае најдобро, меѓутоа ни South Park не се воздржуваат од некој ред муабет. Уште е тазе ова за да се исцрпи, а Post COVID баш мангупски пристапува, без да личи безвкусно и евтино.

Едвај чекам да излезе продолжението на Post COVID, би требало до крајот на годинава. Епизодата заврши со многу отворени прашања и мистерии, па ме интересира каков третман следува. Ако си пропуштил South Park низ годиниве, за новиов материјал ти требаат само претходни две специјални епизоди бидејќи гради директно врз нив. Другото е повеќе или помалку стандардниот South Park, паметен и исклучително духовит, ама замотан доволно украсно за да е посебен изненадувачки подарок во овие темни пандемиски времиња.