April 24, 2021

Мини-серијата The Falcon and the Winter Soldier

Не ме интересираат филмскиве марвелувања после Avengers: Endgame. Тоа ми беше супер заокружување на таа децениска приказна и не сум нешто особено загреан да видам што е следно. Знам дека доаѓа цел бран на нови филмови и серии и сигурен сум дека повеќето ќе ги прескокнам. WandaVision ја рипнав. Ликовите ми се преглупи и немам некоја желба да се натерам да отседам десетина саати таму. На The Falcon and the Winter Soldier дадов шанса само поради Баки и љубовта кон мојот засекогаш омилен Marvel филм - Captain America: The Winter Soldier.

Не знаев што да очекувам од ова и ме затекна пријатно изненаден. Бев малку скептичен за како ќе се справам со мојата неодамна развиена алергија на Ентони Меки, ама ми остави океј впечаток воглавно. Не беше неподнослив како во очајната втората сезона на Altered Carbon или во епизодата од поеднакво лошата Black Mirror сезона. Не дека е лош човекот, меѓутоа кога ќе го извадиш од рамката на "спореден лик", некако се гуши. За среќа, во Falcon and the Winter Soldier, исклучително динамичната синергија со Себастијан Стен го воспоставува балансот што Ентони Меки може да го поткопа поради недостатокот на харизма која обично ја очекувам од главен лик.


Приказната во The Falcon and the Winter Soldier е сместена пола година после настаните во Avengers: Endgame и е многу покомпактна и баш соодветна за овие ликови. Дури и е во цврста стилистичка корелација со The Winter Soldier филмот, нешто што можеби и не би требало да биде изненадување, ама ете го земам како огромен бонус. Двајцата со соочени со мала армија супер-војници што се пукнале со тазе серум и се обидуваат да го вратат светот каков што бил во годините кога Танос одлучи да ја преполови популацијата. Интересен концепт, особено тоа што заканата е всушност варијанта на стриповскиот Flag-Smasher, само тука малку поинаку наштелуван и адаптиран. 

Паралелно на тоа, избран е и нов Капетан Америка, Џон Вокер, кој пак е стриповскиот U.S. Agent и имаме прилика да го видиме неговиот зачеток и трансформација. Мини-серијата не штеди на стриповската основа, па така што уфрла разни елементи од историјата на Кеп, а воведува и верзија на Ајзеа Бредли. Сигурен сум дека има уште многу други вакви ситници, ама за жал моето познавање на овој фолклор завршува отприлика тука некаде. Ако си поозбилно навлезен во стриповскиот Капетан Америка, верувам дека уживањето е уште поголемо кога ќе успееш да ги приметиш.

Интересно беше да се види кој како се справува со себе и тоа околу по настаните во целиот марвелов филмски арк. Ми се свиѓа како серијата пристапува кон Баки, неговата историја како Зимскиот Војник и цената што тој денес ја плаќа. Баки, заедно со Кеп, ми е еден од најтрагичните Marvel ликови и баш е прикладно кога добива третман со ваков посериозен тон. Штета што серијата некако брзо се ослободува од овој аспект на приказната. Можев цело време да го гледам Баки како се труди да се интегрира во свет комлетно различен од тој што му е нему познат.

The Falcon and the Winter Soldier има и значително големо количество на квалитетна акција. Никогаш нема да ми здосади да го гледам Баки како млати наоколу, а тука за среќа има многу од тоа. Уживав дури и во оние сцени кога нетренирани ликови нелогично успеваат да се додржат на вака обучена машина за елиминирање. Воглавно се забавував, па успевам да ги простам моментите на таквата неконзистентност. Она што не успевам целосно да го простам е тоа што форматот на серијата е можеби несоодветен за приказна која се труди да ја раскаже.

Шест епизоди ми се видоа како малку на почеток. Импактниот старт стварно ветува многу и се плашиш дека ќе те остави недојаден до крај. Се случуваат премногу добри работи за кои си мислиш дека ќе треба уште цела сезона за да се расчистат. За жал, серијата некако успева да спласне после онаа шокантна кулминација во четвртата епизода, па бавно се тегне уште саат и кусур во следните две. Ова комотно можеше да биде мејл. 

Мислев дека петтата епизода само зема здив пред некое поголемо финале, но не. Финалето е досадно. Баш се чудев што ќе прават до крај. Иако приказната ги затвора повеќето одврзани краеви и остава простор за иден развој, со времето што го потроши ми личеше како два пати да заврши. Можеби во филмски формат ќе беше далеку поефективно, којзнае. Ако скратиш саат време од сè што се случи после четвртата епизода и ја исечеш целата приказна со сестра му на Сем, ете ти филм што ќе пројде на стриминг сервис. Ова како намерно да влечеле да држиш претплата на Disney+ шест недели.

Сепак, ако уште те чеша за Marvel материјал, супер е. Настрана од развлечениот крај, остатокот е квалитетен и возбудлив. Се надевам дека набргу ќе ги видиме сите овие ликови пак. Џон Вокер е можеби најсветлата точка во The Falcon and the Winter Soldier покрај Баки и сигурен сум дека ќе видиме уште повеќе од него. Се крчка четврт дел во Captain America филмскиот серијал, па доколку не дочекаме некоја мини-серија измеѓу, веројатно тука е приликата каде што ќе може да опстои. Ама ете, не можам да не забележам дека ми пречи кога сè што гледам последниве години служи како вовед во нешто чија реализација е неизвесна. Што се случи со посамостојните приказни, каде отидоа? 

Види такоѓе: 

April 23, 2021

Филм на неделата: Mortal Kombat (2021)

Неуспешно пробав да се загревам со старите Mortal Kombat филмови кога пред некој месец се појави трејлерот за новиов. Не знам колку треба да си носталгичен за било што во нив да ти е барем малку подносливо. Првиот има премногу лошо остарено, што не би ни знаел од кај да почнам ако се најдеме во муабет, а Annihilation не ми ни дојде до ред. Не успеав ни да се посмеам на лошата продукција, а камоли да стигнам и до серијата што некогаш одеше и на телевизија. По пропаднатиот Mortal Kombat маратон сфатив дека само анимираниот Scorpion's Revenge ми е единственото нешто гледливо од оваа франшиза. 

Трејлерот за новиот филм испадна доволен за да ми го наштима расположението и ме држеше така додека го чекав цело ова време. Не е како да имаме многу филмови за пречек овие година-два, нели? Новиот Mortal Kombat e сè што можеш да посакаш од адаптација на игра позната по нејзината непресметлива количина на креативно насилие и крвопролиќе. Филмот е бескомпромисно брутален и не се воздржува да прсне крв и да истури по некое црево на земја. Така што, тој дел од адаптирањето на играта е веќе штиклиран.

Не ја следам приказната од игрите за да знам како остатокот е пренесен, меѓутоа сè што има од неакционен наратив во филмот е супер-фунционално. Реално, не знам ни дали има подлабока приказна од онаа што сум имал прилика да ја сретнам во тие две-три Mortal Kombat игри што сум ги штракал во животот, ама добар дел од таа што е присутна во филмот ми е веќе позната. Главната работа што треба да ја знаеш е дека судбината на Земјата се одредува на боречки турнир во кој земаат учество преставници на неколку интердимензионални царства. Ако си веќе љубител на Mortal Kombat, знаеш дека целото ова е многу помангупски концепт отколку што јас успевам да го објаснам.

Конечно, материјалот е во вештите раце на некој што точно разбира каков третман заслужува Mortal Kombat. Продукцијата е на солидно ниво во секоја насока. Костимографијата, сетовите, кастингот, па дури и самата фотографија е исклучително квалитетна. Погледни само како отвара филмот. Реално, не би очекувал од нешто вакво да има толку внимателен крој. Кореографијата на сите тепачки е феноменална. Доволно приземјена за да не забега во шкартната есктрема каде што ќе превртиш очи, ама тактички си создава услови за класична Mortal Kombat ескалација. Баш онака стилски, како што и доликува. 

Филмот знае добро што е и за кого е наменет. Знае зашто си дојден и е скроз услужлив домаќин. Не се тегави до бескрај со непотребни работи, ниту се обидува да има некоја комплексна наративна структура. Камоли да направи напор да се обрати на пошироката публика. Фокусирано се движи од почеток до крај и ја прави секоја тепачка за која си тука исплатлива, без просторот измеѓу да го гуши со глупости кои немаат апсолутна врска со околната материја. Дури успева да протне и ненаметлива доза на хумор. Треба ли да споредувам со онаа прегласна катастрофа Godzilla vs. Kong за да го илустрирам ова подобро? Се надевам не.

Она што ми е многу занимливо околу овој Mortal Kombat филм е што некако премногу си верува на себе. Има столбови на кои може да потпре, ама последниот збор секако ќе го има публиката и критиката. Постои тука некаде дискусија за дали попатно го губи моментумот со тоа што се наметнува како вовед во некоја подолготрајна франшиза, меѓутоа мислам дека вака како целосен продукт би можел да опстои самостојно и да го испорача ветеното.

Знам дека универзумот на Mortal Kombat е огромен, а овој филм е само слој од него. Има многу ликови што во оваа прилика се плански на клупа, а спремни за да влетаат во некое идно продолжение. Искрено навивам за да си ја дочекаат шансата и филмот да си ги оствари амбициите. Ја сум задоволен, Mortal Kombat ми го даде баш тоа што го очекував. Што можеш повеќе од ова да бараш, жити се? Безумна акција и високобуџетно славење на ѓубрето од девеести. Беспрекорна победа.

Види такоѓе: