Неуспешно пробав да се загревам со старите Mortal Kombat филмови кога пред некој месец се појави трејлерот за новиов. Не знам колку треба да си носталгичен за било што во нив да ти е барем малку подносливо. Првиот има премногу лошо остарено, што не би ни знаел од кај да почнам ако се најдеме во муабет, а Annihilation не ми ни дојде до ред. Не успеав ни да се посмеам на лошата продукција, а камоли да стигнам и до серијата што некогаш одеше и на телевизија. По пропаднатиот Mortal Kombat маратон сфатив дека само анимираниот Scorpion's Revenge ми е единственото нешто гледливо од оваа франшиза.
Трејлерот за новиот филм испадна доволен за да ми го наштима расположението и ме држеше така додека го чекав цело ова време. Не е како да имаме многу филмови за пречек овие година-два, нели? Новиот Mortal Kombat e сè што можеш да посакаш од адаптација на игра позната по нејзината непресметлива количина на креативно насилие и крвопролиќе. Филмот е бескомпромисно брутален и не се воздржува да прсне крв и да истури по некое црево на земја. Така што, тој дел од адаптирањето на играта е веќе штиклиран.
Не ја следам приказната од игрите за да знам како остатокот е пренесен, меѓутоа сè што има од неакционен наратив во филмот е супер-фунционално. Реално, не знам ни дали има подлабока приказна од онаа што сум имал прилика да ја сретнам во тие две-три Mortal Kombat игри што сум ги штракал во животот, ама добар дел од таа што е присутна во филмот ми е веќе позната. Главната работа што треба да ја знаеш е дека судбината на Земјата се одредува на боречки турнир во кој земаат учество преставници на неколку интердимензионални царства. Ако си веќе љубител на Mortal Kombat, знаеш дека целото ова е многу помангупски концепт отколку што јас успевам да го објаснам.
Конечно, материјалот е во вештите раце на некој што точно разбира каков третман заслужува Mortal Kombat. Продукцијата е на солидно ниво во секоја насока. Костимографијата, сетовите, кастингот, па дури и самата фотографија е исклучително квалитетна. Погледни само како отвара филмот. Реално, не би очекувал од нешто вакво да има толку внимателен крој. Кореографијата на сите тепачки е феноменална. Доволно приземјена за да не забега во шкартната есктрема каде што ќе превртиш очи, ама тактички си создава услови за класична Mortal Kombat ескалација. Баш онака стилски, како што и доликува.
Филмот знае добро што е и за кого е наменет. Знае зашто си дојден и е скроз услужлив домаќин. Не се тегави до бескрај со непотребни работи, ниту се обидува да има некоја комплексна наративна структура. Камоли да направи напор да се обрати на пошироката публика. Фокусирано се движи од почеток до крај и ја прави секоја тепачка за која си тука исплатлива, без просторот измеѓу да го гуши со глупости кои немаат апсолутна врска со околната материја. Дури успева да протне и ненаметлива доза на хумор. Треба ли да споредувам со онаа прегласна катастрофа Godzilla vs. Kong за да го илустрирам ова подобро? Се надевам не.
Она што ми е многу занимливо околу овој Mortal Kombat филм е што некако премногу си верува на себе. Има столбови на кои може да потпре, ама последниот збор секако ќе го има публиката и критиката. Постои тука некаде дискусија за дали попатно го губи моментумот со тоа што се наметнува како вовед во некоја подолготрајна франшиза, меѓутоа мислам дека вака како целосен продукт би можел да опстои самостојно и да го испорача ветеното.
Знам дека универзумот на Mortal Kombat е огромен, а овој филм е само слој од него. Има многу ликови што во оваа прилика се плански на клупа, а спремни за да влетаат во некое идно продолжение. Искрено навивам за да си ја дочекаат шансата и филмот да си ги оствари амбициите. Ја сум задоволен, Mortal Kombat ми го даде баш тоа што го очекував. Што можеш повеќе од ова да бараш, жити се? Безумна акција и високобуџетно славење на ѓубрето од девеести. Беспрекорна победа.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment