March 23, 2021

Епскиот Zack Snyder's Justice League

Не верував дека Џос Видон и баграта циркузанти од продукцијата на Justice League толку многу скратиле од снимениот материјал на Зек Снајдер. Таа верзија на филмот од 2017 е толку очајна што ќе се кладев дека нема начин да се прекрои во нешто гледливо. Ама ете, речиси митскиот Zack Snyder's Justice League конечно виде ден и успеа два пати за еден викенд да ми го потврди спротивното. Види, не е нешто тешко да ја надминеш таа несмасна крпеница на Џос Видон, ама верзијата на Снајдер далеку, далеку подобро филмско искуство.
 
Беа потребни години за кампања на фановите и натегања од студиото за да ја видиме оваа оригинална замисла на Снајдер. Четири саати ти проаѓаат како четириесет минути. Штета што ваков материјал мораше да заврши како жртва на различни креативни насоки, глупи некалкулирани извршни одлуки и за жал, една страшна семејна трагедија. Којзнае каква ќе беше иднината на адаптациите на DC со успешен Justice League филм во 2017. Одиме подолу без спојлери.
 

Zack Snyder's Justice League е различен филм од оној што го гледавме тогаш во кино. За среќа, не го памтам толку детално оригиналниот за да би можел попрецизно да ги подвлечам разликите, ама највпечатливата е тоа што ликовите сега имаат простор да дишат. Кога веќе немаш засебни филмови од претходно за да ја запознаеш публиката со новите ликови, мора да имаш некаков начин да ги претставиш Аквамен, Флеш и Сајборг за тие што не се во тек со некаков изворен материјал. Дури и да си запознаен со нив од стриповите или каде било, ова се нивните нови инкарнации кои мора да имаат соодветен вовед во филм од ваков тип.

Во ваков случај, четири саати се океј за да им се овозможи некаква појдовна точка на тие ликови. Да се изгради некаква динамика со веќе воспоставените, нешто што ќе те убеди да се грижиш за нив и ќе ја поткрепи нивната мотивација. Истиот случај е и со негативците. Оваа верзија на Зек Снајдер им дозволува и на нив да се позиционираат како посериозна закана пред која мора да застане ваков тим. Степенвулф сега има цела приказна што ги потпира неговите постапки која беше комплетно отсутна во филмот на Видон. Има дури и уште поголем негативец од него кој во претходната верзија мислам дека не беше ни спомнат.

Како и минатите филмови во овој Sniderverse (Man of Steel и Batman v Superman), Zack Snyder's Justice League удира посериозни ноти. Дури има и R рејтинг. Хуморот е исто така сведен на минимум и хероите не се обидуваат да бидат смешни во секоја втора сцена Што е всушност бизарно кога ќе видиш колку глупави досетки биле преснимувани во тој од 2017 со цел да се порамнат со нечија неточна идеја за формулата на Marvel. Единствено хуморот е најмногу присутен кај Флеш, но е неспоредливо воздржан за разлика од претходно.
 
Ги нема ни блескавите бои што зрачеа од филмот на Видон со кои се стремел колоритно да го разведрува ко да е Guardians of the Galaxy. Снајдер си го задржува визуелниот стил од претходно со попригушени и потемни нијанси и супер функционира во склоп на она што се случува. Лично, ми се свиѓа стилот на Снајдер, се научив дури и Man of Steel да го ценам во последниве години и немам проблем со тоа каде оди креативно и во овој филм. Knightmare сцените што ја допираат Injustice територијата се прекрасни и сакав да видам уште од тоа. Цел филм, на пример?

Меѓу другите ликови, Снајдер го враќа и Џокерот на Џаред Лето од Suicide Squad. Ова и не е некој спојлер, бидејќи добар дел од маркетингот за оваа верзија на филмот се потпре на него. Никогаш не го сакав тој Џокер, ниту Suicide Squad филмот (на слично ниво ми се со Justice League на Џос Видон), ама овде е изненадувачки добар. Перформансот му е одличен тие две-три минути колку што се појавува. Разменуваат неколку супер-тензични реченици со Бетмен, дијалог што е прилично интересен придонес кон приказна која за жал можеби никогаш нема да ја видиме. Феноменална сцена, морав да ја вратам уште неколку пати. Баш ваков Џокер би сакал да видам контра Бетмен на Бен Афлек. 

Озбилно не бев спремен за тоа колку добро може да испадне ова. Темпото е побавно и добро се снаоѓа со минутажата што е на располагање, па затоа многу лесно успева да те грабне и да те држи седнат четири саати. Работите ги гради бавно и фокусирано, те држи заинтригиран и речиси никогаш не ја губи контролата над твоето внимание. Освен тоа што убаво ја распослува приказната, и акционите сцени добиваат сличен третман. Подолги се и подетални, онака осеќаш дека некој стварно се бори за нешто. Има цела таква нова сцена што освен е епски акционен спектакл, служи и како дополнителна експозиција која одржува повеќе делови споени.

Zack Snyder's Justice League не е без проблеми, како и да е. Иако приказната успева да се одржи во кохерентна целина и воглавно да избегне бесмислени ќорсокаци, има неколку моменти кои не проработеа за мене. Не би сакал да навлегувам во спојлери, ама примерот што најмногу ми боде очи е најавувањето на еден нов лик во сцена која ќе беше многу пофункционална без пресвртот што наштетува на целиот емотивен контекст. Непотребно, зашто истиот лик го гледаме подоцна во филмот каде што е многу поефикасно презентиран. Не знам стварно како Снајдер не успеал да ги сецне тие две секунди од спорната сцена и што точно му била идејата.
 
Не знам дали филмов ќе успее да диктира некаква нова иднина за филмскиот универзум на DC. Очигледно е дека Снајдер имал амбиции за уште пообемна Justice League приказна, бидејќи самиот крај служи како ветување за нешто такво. Да, неколку кратки сцени се лани доснимени, ама и покрај тоа е присутна истата поголема идеја. Сепак, дури и да не се реставрира "Снајдервезумот", се радувам што конечно оваа верзија успеа да се избори за опстанок, а и лесно да ме освои откако пристапив со минимални очекувања. Како фан на овие херои не можам да не сум благодарен. Стварно ќе беше жалосно да останевме заглавени со оној шкарт од 2017.

March 7, 2021

Можевме и без Pacific Rim: The Black

Првиот Pacific Rim ми беше еден од најпривлечните блокбастери минатата декада. Како може да не сакаш филм каде што човештвото војува против џиновски чудовишта од друга димензија користејќи mecha роботи со сличен таков џиновски габарит? Концепт што можеби е посвојствен за аниме, профункционира одлично на филм. Вториот дел, Pacific Rim: Uprising, не беше ни малку лош, ама некако не го достигна ефектот на првиот од 2013, па не успеа да ја отпочне мултимедијалната франшиза на која толку се надевав. 

Баш поради Uprising нема да видиме трет филм во скоро време. Самиот Дел Торо пред некој месец изјави дека нема никакви планови да го гура ова понатаму, а ниту приметив дека некој друг има волја или доверба да инвестира во ново продолжение. Штета. Сепак, Pacific Rim конечно реши да пркне малку и на друг медиум. Викендов излезе аниме серија со седум епизоди - Pacific Rim: The Black. Пукнат за нов материјал сместен во овој универзум, ја сркнав во две седнувања. Два и кусур саати, отприлика колку еден долгометражен филм.

Но, за разлика од првите два филма, Pacific Rim: The Black малку неефикасно се справува со концептот. Pacific Rim аниме звучи како супер идеја, тематски таму и припаѓа приказната. Меѓутоа, филмовите функционираа баш поради тоа што успешно го извлекоа тој специфичен аниме шарм надвор од неговиот матичен медиум. За сега тие ствари да се добри и како аниме, треба приказната да е малку повешто склопена. Pacific Rim: The Black има океј основа за интересна приказна, само што неуспешно трупа глупости една врз друга со надеж дека нема да се занишаат и распаднат насекаде. Што и се случува неколку пати, за жал. 

Две генерични аниме деца на Јегер пилоти се оставени од родителите во некоја австралиска вукојебина, навидум во безбедно засолниште. Еден ден децата туку-така наоѓаат неактивен Јегер наменет за тренирање пилоти и откако ќе го активираат, нив ги наоѓа каиџу кое сака да ги дигне на клоци и нив, и Јегерот и сè што преживеало тие пет години во пустината откако Јегерите заминале на друг фронт. Па, така децата некако ќе успеат да куртулат од разбеснетото каиџу и го фаќаат патот накај Сиднеј каде што се надеваат дека ќе ги најдат нивните родители. 

Премисата не е толку лоша, ама Pacific Rim: The Black прави многу малку со неа, што ме тера да помислам дека можеби ова требало да биде долгометражен аниме филм што некој решил да го искасапи и развлече во седум епизоди. Отсуствува чувството на опасност и очај од каиџу заканата карактеристично за филмовите, а човечките негативци имаат глупави и неиздржани мотиви кои никако не може да се порамнат со ситуацијата во која се наоѓаат. Оттаму, никогаш не можеш да осетиш дека протагонистите се навистина загрозени. 

Не бев стигнат ни до пола кога почна да станува напорно. Седум епизоди се премал простор за ваква нефокусирана приказна. Упорно се стреми и да ја надополни митологијата со некои нови фазони, ама времето за убаво да ги испегла и вклопи во веќе постоечкиот наратив е прекратко, a придонесот кон Pacific Rim универзумот е едвај забележлив и безначаен. Можеби замислувале и втора сезона за да градат врз овие концепти, можеби и ќе ја има во иднина, меѓутоа како да заборавиле дека и ова што го имаат тука треба да опстане самостојно. 

Не знам дали би можел да го препорачам ова. Ако си фан на Pacific Rim, веројатно е океј за едно гледање. Како аниме е едноставно досадно. Не се ни труди да те воведе во големата слика, па така што ако немаш предзнаење од филмовите, веројатно е уште подосадно. Pacific Rim гледаш за тепачките пред сè, не за драматичната фамилијарна динамика. Има еден куп подобри mecha аниме серијали кои може да ти ги задоволат потребите и за едното и за другото. Единственото стварно позитивно за Pacfic Rim: The Black е анимацијата, ама тоа е далеку од доволно за прелазна оценка.

Види такоѓе:

March 2, 2021

Зараза на месецот: Valheim

Никогаш не сум бил некој љубител на survival игри. Единствениот контакт ми се неколкуте саати Rust и минмалното градење на базата во Fallout 4, ако воопшто се важи. Веројатно второво не? Ја немам ни Minecraft пуштено во животот. Сум немал нерви да прибирам градежни материјали до бесконечност за да развивам бази и засолништа. Но, под делумно влијание на викингшката тема во актуелната Magic: The Gathering едиција Kaldheim, некако случајно се најдов во Valheim и еве уште не можам да ја изгасам. 

Не знам каква е Valheim во споредба со другите игри во жанрот, ама сум комплетно навлечен на нејзината механика, есетика и амбиент. Ја играм и со други луѓе, дури и неколку лајв стримови испукавме на Twitch. Презабавна е. Од некој што не можел да смисли игри каде што коваш даски за кров, сега постепено се претворам во нордиски архитект. Беа потребни неколку градби што изгледаа како полско ќенефче за да ми тргне, ама брзо се учи и потоа си оставен на сопствената имагинација и креативност.
 

Valheim се појави од нигде на почетокот на фебруари оваа година и не престана да го освојува гејмерскиот свет. Малото шведско студио Iron Game AB составено од само пет луѓе, успеа да ја продаде во четири милиони за неполн месец. За кратко стана најстриманата игра на Twitch и во еден момент беше втората најиграна игра на Steam. Valheim е феномен што е секако занимлив да го посматраш од страна, а уште појако е да го искусиш од прва рака. Тапа е да не пробаш за смешно ниската цена што ја има.

Тематиката во Valheim е позајмена од нордиска митологија. Ликот што го креираш е воин кој го загубил животот во битка и сега се наоѓа во дивото чистилиште Валхајм каде е соочен со опстанок. Опасноста демне од секоја страна, па треба да ги користиш сите начини што ти се на располагање за да преживееш. Покрај постандардните предизвици и ѕверовите со кои си налетувате еден на друг, има и пет поглавни древни непријатели на Один, кои ти ја движат приказната и на некој начин ти го бележат прогресот низ Валхајм. 
 
Околината е огромна и процедурално генерирана, има часови и часови за истражување, како пешки така и по вода. А, секој играч може да има повеќе такви различни светови, како и да ги посетува и да тера авантури низ световите на други играчи и пријатели. Не е класичен онлајн мултиплеер, туку има супер ко-оп систем кој поддржува до десет играчи на еден свет. Верувам дека во иднина ова ќе го прошират и на повеќе играчи.
 

Во таков еден свет си фрлен без ништо. Со голи раце. Па така, првото нешто што би требало да го направиш е да најдеш гранка некоја и камен, да склопиш некаква примитивна секира со која посериозно ќе се осврнеш кон соголување на околната шума ко некој дрвокрадец. Треба некако да ја преживееш првата ладна ноќ, па подобро да исцепиш некое дрво за огрев и некаков покрив над глава. Студот и дождот ти влијаат на перформансите, па кога ќе те стемни подобро е да имаш некакво засолниште од чудовиштата што може да налетаат на тебе.
 
Valheim многу малку те држи за рака, па сите работи кои можеш да ги создаваш во играта ти се откриваат постепено. Почнуваш многу скромно. Со секој нов ресурс што ќе ти падне во рака, ти се отвараат и стварите што можеш да ги правиш со него. Градежни материјали, мебел, оружја, оклопи, итн. Секако, можеш да видиш и целосни листи на интернет, што-каде да собереш низ играта, ама задоволството е многу поголемо кога ќе си откриеш сам. Нигде не те брза играта, така што прејако е лабаво да истражуваш и да ги дознаваш сите фини работи и детали што ти ги нуди. Пример, ми требаше неколку денови за да сконтам дека ветерот влијае на стрелите, па треба да му го запазиш правецот на дување пред да го оптегнеш лакот кон нешто.
 
 
Предизвиците во Valheim не се само од околината. Пред да одлучиш да се тепаш со нешто, без разлика дали е дива свиња или трол, треба да се осигураш дека си добро најаден и одморен. Секогаш треба да чуваш три различни видови на храна на дофат, а мора да ги запазиш и временските услови пред да одлучиш да тргнеш со секира кон нешто. Не секогаш ќе имаш прилика да се стокмиш на време, па така што некогаш ќе се најдеш во ситуација немоќно да бегаш додека некој трол ти ја упропастува колибата што си ја градел претходните два дена. Некогаш и ќе се удавиш во река бегајќи.

Налетав на една рецензија што ја опиша Valheim како "играта со која создаваш сеќавања кои ќе те растажуваат години покасно". Со оглед на тоа како ме забавува, веројатно ќе е стварно така. Нема да го заборавиш првиот обид за градење куќа, првиот сплав и запловување низ океанот, саатите додека се обидуваш да уловиш елен со стрела или првата тепачка со некој од босовите. Купче авантури кои нема шанси да не си ги понесеш со себе во животот и да акне носталгија во некое идно време. Особено ако ова ти е прва игра од ваков жанр како што ми е мене. Еден месец откако излезе, а веќе можам да ја вбројам во едно од најдобрите гејмерски искуства воопшто. 
 
Баш ме интересира која е иднината на Valheim. Играта е уште во early access, а изгледа многу покомплетно од игрите со слична етикета. Сигурен сум дека ако тимот продолжи да работи вака посветено, играта ќе стане уште поголема и попопуларна. Потенцијалот е огромен, а за кратко време стекнаа и верна публика што одлично ги поддржува. Четири милиони примероци за неполн месец се сериозна бројка и сон на секое вакво мало инди студио. Веќе имаат некаков амбициозен план за 2021 и сигурен сум дека ќе успеат да го реализираат. Едвај чекам да видам што е следното во светот на Valheim

Види такоѓе: