October 26, 2025

Absolute Batman Vol. 1: The Zoo на Скот Снајдер и Ник Драгота

Со намера да одморам од Swamp Thing, пак завршив со стрип на Скот Снајдер во рака. Секогаш сум за приказна сместена во некаков алтернативен универзум на постоечки канон, а DC Comics низ историјата се покажале како способни да истераат повеќе такви и да бидат добри. Имаат и цела издавачка линија посветена на таа тематика, Elseworlds, од каде што потекнуваат повеќе култни наслови како Kingdom Come, Gotham by Gaslight и Superman: Red Son. А пред Elseworld, има примери како The Dark Knight Returns на Френк Милер, па и Batman: The Killing Joke на Алан Мур кој денес е испреплетен во канонот, иако е дискутабилно дали пред популарноста намерата му била таква. 
 
Супер им беше и Earth One универзумот, а квалитетни се и кога си играат со мултиверзум и во главниот континуитет како со Flashpoint. Од поновите веројатно би можеле да се вбројат и кросоверите Dark Nights: Metal и Dark Nights: Death Metal предводени од главното издание на Скот Снајдер, кои беа распространети низ еден куп наслови. На тие неколку пати безуспешно пробував да им го фатам крајот. Треба да им седнам саглам наскоро, сега се многу попристојно организирани во колекции. DC Comics неодамна му доверија нов универзум на Снајдер, наречен Absolute, кој раскажува алтернативна историја на ликови како Бетмен, Супермен, Вондер Воман, Флеш и други. Практично е целата главна постава на Џастис Лиг.
 
 
Од октомври 2024 до денес во оптек се повеќе засебни наслови од разни автори што излегуваат месечно, меѓу кои и Absolute Batman на самиот Снајдер, со цртежи од Ник Драгота. Првите шест Absolute Batman кои го сочинуваат The Zoo аркот веќе се собрани во колекција, а до крајот на годинава излегува и последниот број што ќе ја заокружи втората. The Zoo е супер како вовед во Absolute универзумот и овој нов различен Бетмен. Самото постоење на овој паралелен универзум инаку е последица од претходен кросовер на Марк Вејд што се вика Absolute Power, ама го прерипав и ќе остане за некоја друга прилика. Битно има некаква позадинска причина за постоењето ако сакаш да навлезеш подлабоко, ама во секој случај сигурен сум дека било кој од засебните Absolute наслови може да се чита и разбере без тоа предзнаење. 
 
Без да навлегувам во многу детали бидејќи добар дел од забавното доаѓа од разликите кои ги има со народски познатата митологија, Absolute Batman раскажува за Брус Вејн кој доаѓа од работничка класа и Бетмен кој функционира без бескрајното богатство на располагање. The Zoo како вовед паралелно се занимава со мотивот на Брус и тука да се облекува како џиновски лилјак, загубата која го турка на ваков пат и заканата за Готам која демонстрира со каков Бетмен си имаш работа сега. 
 
Наративот жонглира помеѓу детството на Брус и денешницата, а Снајдер полека и внимателно ги третира сите аспекти од Бетмен за поеденакво ефективно да го изгради во нов свеж свет. Бетмен за Снајдер е веќе одамна домашен терен, па воопшто не се ни изненадив од тоа колку витална приказна има скроено. Комотен е со ликот и најдобар кога ќе се осмели да излезе од рамките, а богами тука нема задршки. 
 
Како што налага приликата, овој Бетмен овде е многу поразличен од било кој претходен. Нема пристап до стандардната технологија и приморан е на разни импровизации и адаптации, растен е сиромашен и непривилегиран, па готамските улици ги познава и од друг аспект недостапен за "обичниот" Брус. Иако успева да биде доследен до суштината, самото создавање на Бетмен, па и самиот тренинг е под други услови. Го нема ни Алфред во неговиот живот, ама Снајдер прави други интересни потези со него кои одлично се надоврзуваат на Absolute концептот. Што би се случувало со Алфред доколку не ги познава Вејнови? 
 
Всушност, повеќето ликови кои се дел од опкружувањето на Бетмен имаат некаква улога и во Absolute, со тоа што е секако различна и соодветно прилагодена. Го ценам и изборот за Блек Маск како главен негативец во воведниот The Zoo арк. Рано е да отвориш нешто вакво со некој од стартната постава, особено кога приказната има за задача да те запознае со нова верзија на главниот лик. Сепак, Снајдер не се воздржува на кратко да го најави и најпознатиот душман на Бетмен и едвај чекам да видам што му спрема. Во The Zoo само стави нешто да се крчка и сигурен сум дека нема да пројде долго пред да зоврие.
 
Absolute Batman не би бил комплетен без Ник Драгота кој успева да му даде уникатно визуелно обележје на овој нов Бетмен. Памтам кога се појави првиот цртеж уште пред да излезе стрипот, му се нафрлија за дизајнот на костимот, бет-симболот и општо целиот изглед на Бетмен, ама може комотно ушите да му ги јадат. Драгота одлично ја доловува рапавоста на овој Бетмен, правејќи го масивен и импозантен, додека самиот бет-симбол во оваа верзија има намена каква што немал до сега. Многу од свежите работи во насловот се и самите гаџети, некои воопшто не се ни својствени за стандардниот Бетмен асортиман, а големо пријатно изненадување е како се снашол околу Бетмобилот.
 
Самиот Брус Вејн надвор од костимот не изгледа баш така џиновски, ама чим го натне, Драгота го менува стилот и го трансформира во грамада што сее страв низ Готам, па практично го гледаш она што веројатно го доживуваат тие што имаат прилика или неприлика да го посведочат Бетмен одблизу. Стилот на Драгота малку двои од стандардните исполирани цртежи на DC и одлично функционира во целиов концепт. Илустрациите му се појачани од боите на Френк Мартин, негов соработник од времето на East of West, па можеш да замислиш колку убаво и живописно е скоцкано вакво труло место како Готам. 
 
Феноменален е целиот проект, многу ми е ќеф што е споена ваква врвна екипа за еден од моите омилени стрип ликови и тоа за исклучително возбудлива приказна чиј контекст ми е секогаш привлечен. Апсолутно сум најсреќен со добро спакувана приказна во алтернативен универзум, а оваа е дефинитивно таква. Одамна се немав вака забавувано со Бетмен наслов. Спремни ми се и останатите броеви, ако добро разбирам од кориците, има некоја пократка приказна измеѓу The Zoo и следниот поголем арк, ама ќе причекам да заврши. Долго не сум фатил Супермен стрип во рака, па може ќе го џапнам Absolute Superman.

Види такоѓе: 

No comments: