Чекањето на добра снимка дефинитивно се исплатеше, зошто сепак испадна дека Oblivion не е комплетно срање. Што денес за жанрот е вистинска реткост, нели. Ме радува кога ќе налетам на добар СФ, можеби не од рангот на Moon или District 9, но сепак доволно забавен и за второ гледање. Oblivion е таков филм за кој не би можел да расправам на долго, без спојлери, така што ќе гледам само површината да ја чепнам. Филмот има неколку пресврти кои можеби не се којзнае колку изненадни, ама предизвикуваат насмевка под брк, па не би да му расипам нешто на некого.
Годината е 2077, а Земјата е речиси целосно разрушена како последица на нуклеарна војна со вонземјани, кои за да биде полошо, ја рокнале прво Месечината што предизвикало и прилично заебани природни катастрофи. Остатокот од човештвото е стациониран на Титан, месечината на Сатурн. Меѓу последни на Земјата се Том Круз и британка со црвена коса кои прибираат ресурси за енергија со која опстојува колонијата на Титан. Во меѓувреме, Том Круз работи и како сервисер на дроновите кои се задолжени да ги ловат и убијат последните преживеани лоши вонземјани.
Иако Oblivion рециклира еден куп идеи, очигледно е дека не сака да ги шитне како свои. Барем според режисерот Џозеф Косински (истиот шизик што го режираше TRON: Legacy), ова би требало да е омаж на стари СФ филмови, што и се осеќа по амбиентот. Целиот филм има некое олд скул чувство што тешко е да се промаши. Косински е одличен режисер и како за втор голем филм, Oblivion му е топ. Доколку има шанса да работи со подобро сценарио за нешто слично, верувам дека ќе се здобие со многу поголема армија фанови.
Кога сум веќе кај сценариото, морам да забележам дека Oblivion знае да заринка во клишеа. Можеби и некои неизбежни. Сепак, тоа не го прави филмот толку предвидлив, иако спомнав дека пресвртите не се некое огромно изненадување. За среќа, преубавите визуелни ефекти и фотографија, одлично го пакуваат целиот производ кој без саундтрекот на M38 не би бил комплетен. Да, ако нешто знае типот да погоди, тоа е саундтрекот. Не е како Daft Punk, меѓутоа е впечатлив и се вклопува во секоја сцена.
Малата актерска екипа си е таман, а особено Морган Фримен. Улогата како да е пишувана специјално за него, а и да не е, ликот го има авторитетот од моментот кога ќе се појави. Том Круз е Том Круз, одбивен како и секогаш, ама некако се вклопува во целата слика. Еј, можеле и Вил Смит да го земат, така да - доста. Женскиот дел од екипата е океј, не прави разлика, никој не се двои, баш си се на место.
Oblivion не е "револуционерен" СФ. Не е филм што ќе ти го смени живот и ќе остави ноќи во размислување. Не е ни претенциозно срање како Prometheus, не се ни обидува да е толку "голем". Дури и со сите дупки во приказната и на моменти, шашаво сценарио, пак успева да задржи внимание и да испорача забава. Мене многу ми фалат вакви лесни филмови во жанрот. Филмови кај што експлозиите не се во преден план и дијалогот не е колку да направи три минути пауза помеѓу такви сцени. Обавезно гледање на филмот и задолжително избегнување на спојлери до тогаш.
Види такоѓе:
Види такоѓе: