October 12, 2011

The Avengers трејлер

Излезе трејлерот за The Avengers. Очекувам ова да биде еден од најдобрите филмови следната година, што e сосема оправдано бидејќи она што го видовме претходно од адаптациите на Марвел беше ептен добро.

На Земјата и се заканува опасност која бара интервенција од неколку супер-херои, кои S.H.I.E.L.D. ги регрутира како Авенџерс. Изгледа дека Локи е главниот негативец, приказната ќе се врти околу коцката од Captain America и конечно ќе го видиме Ник Фјури во повеќе сцени. Се надевам дека нема да претераат со Мајкл Беј експлозии како што има во некои сцени од трејлеров и дека филмот ќе има подобра музика од оваа тука. Исто така, актерот што го глуми Брус Банер некако не ми се свиѓа.

The Avengers излегува во мај следната година. Клик тука за трејлерот.

Види такоѓе:

October 11, 2011

Новите DC: Batman The Dark Knight #1, Superman #1 и The Flash #1

Малку сум кнап со време изминативе две недели, па затоа и ја закаснив турава на последните кецови на DC рибутот. Веќе почнаа да излегуваат и вторите броеви, но тие во некој следен пост. Да видиме што мене ми го привлече вниманието од новиве стрипови.

Batman: The Dark Knight #1. Наслов потпишан од Дејвид Финч чиј прв том заврши со пет броеви од кои нешто имам и на хартија, благодарение на Дамјан. Тие пет броја никако да ми дојдат на ред за читање, а можеби и требаше пред да почнам со ова. Како и останатите Бетмен изданија од рибутов, и ова е со висок квалитет на илустрации и сценарио.

До сега од се што излезе со Бетмен како главен лик, директно влезе со мојата листа на најдобрите нови DC наслови. Знаат како да го возат нивниот најдобар лик, има сценаристи кои одлично го доловуваат ликот и цртачи кои феноменално го пресликуваат тмурниот амбиент на Готам и неговите жители. Приказната е повторно се врти околу Аркам, за на крај да најави негативец кој ни е добро познат, но во далеку погрозоморна варијанта. Наслов кој дефинитивно треба да се провери. За следниот број, планирам да ги прочитам и оние пет пред рибутот, во случај нешто да е поврзано.

Superman #1. Искрено, Супермен во ова издание не ме воодушеви толку многу. Имаа одличен Супермен во Action Comics #1, а овој тука не е ништо посебен. Освен тоа што Дејли Планет има нова зграда, останатото е некако исто како претходно. Супермен се бори со некаков натприроден оган со веројатно вонземско потекло, кој иако успева да нанесе огромна штета низ Метрополис, не ја ни потпалува тазе испегланата наметка на Човекот од Челик. Не ми е целта да измрчам за костимот на Супермен, туку само да посочам дека не видов никаков прогрес во Superman #1.

Ако нешто стварно почнува од прв број, тоа е ова. Можеби на некој ќе му се допадне, мене ете воопшто не успеа да ме импресионира. Има интересен арт, ама и еден куп непотребни дијалози кои не видов како допринесоа за развој на приказната. Ќе го ѕирнам и вториот број, да видам што ќе понуди, мада има еден куп други Супермен наслови што не сум ги читал, така што повеќе би ги листал тие отколку ова.

The Flash #1 е веројатно првиот Флеш стрип што го читам. Ликот го знам од ТВ, сум го среќавал и во други DC изданија, ама никогаш вака посебно. Затоа и се нафатив да го читам, и тоа од прв број нели. Флеш е интересен лик, каде и да се појави (дури и во тие неколку JLA епизоди што сум ги гледал). Бев ептен загреан за читање и кецов ме радуваше многу повеќе од останатите кецови во турава.

Не очекував којзнае колку, меѓутоа ова што го прочитав некако ме остави рамнодушен. Просечни цртежи, приказна која не ми значеше ништо и лик кој некако е различен од она што го знам претходно. Дури ни крајот не успеа да ми загарантира читање на вториот број. До сега се што читав и пишав на блог за рибутов, беше стварно добро. Знаев дека нема да е со сите наслови така, па ете, The Flash ќе го ставам во оние послабите. Дури и насловната му е грозна.

Првата тура втори броеви, како што кажав, е веќе тука. Нешто прочитав, нешто оставив за да се присобере во повеќе броеви. Swamp Thing #2 е исто излезен и време е да пишам нешто повеќе и за тоа.

Види такоѓе:

October 7, 2011

League of Legends Log #6: Teemo Quadra Kill

Ете така. Јас кога зборам дека Teemo е еден од најопасните шизици у League of Legends, никој не ме верува. Порано и јас го потценував, додека не почнав да го играм како што треба. Освен тоа што може ја контролира цела мапа со бомбите што ги поставува, Тeemo со attack speed ајтеми може да го носи цел тим на грб. Плус, копилето е пребрзо, така што лесно може да влезе и да избега од тимска борба, оставајќи мртви непријатели позади, како во случајот од скриншотот.

Ова ми е втор quadra kill. Претходно имам направено со Malzahar.

October 6, 2011

Пет работи за Transformers: Dark of the Moon

Излезе филмов на добра снимка. Симнав семпл од неколку минути, да видам како изгледа. Во тие две-три минути мислам дека видов доволно. Исто како да сум го гледал филмот, само во многу пократка, безболна верзија.


1. Ефекти
Мајкл Беј мора да си го оправда стилот, нели? За љубителите на CGI, ова е правиот избор. Сцената е толку детална, што само детали се гледаат и тоа натрупани до степен да не се распознава што е Трансформер, експлозија или сметот од истите. За да биде уште подетално, има и чад. Покрај визуелните специјални ефекти, има и звучни ("џџџџззззџџ - бааам - џннгггг - бууухџџџ - ѕииииујјј").

2. Трансформери
Бидејќи е ова филм за Трансформери, нормално дека има и тоа. Во семплов, луѓето се борат со џиновски змијовиден Трансформер. Го има и Оптимус со меч, и птица-трансформер што колва шофершајбна. Генијално, не знам како им текнало. Оптимус пред да се појави во сцената, мислам дека го видов во ефектите, го познав по тоа што дел од парчињата ефекти што летаа низ мониторов беа плаво-црвени.

3. Актери и слично
Како и во претходните два дела, има и тука платени луѓе, да кажуваат по некоја реплика, за да се пополни минутажата измеѓу деталните ефекти.Меган Фокс ја нема, а во семплов ја немаше ни таа другата што ја заменува. Битно, ги имаше Црнецот и Џош Духамел, за да и семплов биде привлечен за женската публика. Незнам само која таргет група е Шаја ЛаБлџксуф. Веројатно на деца што се декларираат ко гикови. А, можда и не, пошто семплов завршува со сцена у која се вози во кола и му идат флешбеци од интервју за работа на кои бил. Јас бев на интервју за работа неделава, па ете, се пронајдов во неговиот маестрално одигран лик кој никако не е еднодимензионален. Не.

4. Приказна
Нема.

5. Заклучок (зошто нема друго за да бидат пет)

Се надевам дека ова е последниот филм каде што вака се валка оваа убава реклама за играчки од 80-тите со која растевме среќно. Или нека продолжи некој што знае и може подобро, или нека се помират со фактот дека вакви џиновски роботи не функционираат најдобро на филм.

October 1, 2011

Околу Terra Nova

Премногу надеж за Terra Nova сезона. Жал ми е, не бев воопшто во право. Многу работи ветуваа, за на крај да остави горчлив впечток. Стивен Спилберг, огромен буџет и интересен концепт, некако сé мирисаше на квалитет. Сепак крајниот резултат е некако очаен.

Годината е 2149, Земјата едвај има услови за живот, воздух кој не е препорачлив за дишење и популација која се контролира со тоа што секое семејство може да е има најмногу две деца. Во фокусот на приказната е типично американско семејство, кое тајно има и трето дете. Бидејќи е нелегално, таткото е осуден на шест години затвор, бидејќи ќе се обиде да ја спречи службата за контрола на популацијата во извршување на должност. Во меѓувреме, мајката добива шанса да се приклучи на Тера Нова, нов зачеток на цивилизацијата кој се одвива 85 милиони години во минатото, во алтернативен временски тек. Таткото успева да избега од најбезбедниот затвор на иднината, да ја прошверцува малата нелегална ќерка и да замине со остатокот од семејството, право низ порталот кон подобриот живот. Првиот пат кога заспав на епизодата, беше некаде тука. И покрај сите дупки во приказната, беше доволно интересно за да догледам следниот ден.

Семејството пристигнува во Тера Нова, патување во еден правец, каде што "избраните" од загадената Земја треба да го изградат човештвото од почеток. Тука се појавува и друг проблем - диносаурусите. И тоа не било какви, туку одвратни CGI диносауруси чии инстинкти пркосат на шанса на малите луѓе за нивен нов почеток. Диносаурусите се отпорни на куршуми и речиси сите оружја од иднината, што е нели уште поголем проблем од самото нивно присуство. За тензијата и ужасот да бидат повеќе ускладени, група тинејџери од Тера Нова, прави типични тинејџерски работи, вовлекувајќи се упорно во непотребно опасни ситуации. Тие тинејџери нели, се идината на човештвото? Нека им е со среќа на жителите на Тера Нова.

Таман мислев дека на непријатните ситуации им дошол крајот, во Новата Земја има уште еден проблем - група на луѓе кои дошле пред тие во главниот камп (каде што е сконцентрирана приказната и главните ликови) и не се баш најпријателски расположени. Со ова темпо, во следните епизоди очекувам и mecha диносауруси, вонземјани и праисториски џиновски бубачки. Нормално и трет камп, кој упорно се обидува да им наштети на другите два, паралелно истражувјаќи го електромагнетизмот во бунарите низ Тера Нова.

Описот на Terra Nova може да се сведе и на два збора - колосално срање. Но, ако пишам само така, ќе испуштам да кажам за шаблонските ликови (татко бивши џандар, мајка докторка, бунтовен син, паметна ќерка и мало ќеркиче што храни диносауруси со гранки), предвидливата приказна (снемува група копиљаци во шума - следната сцена бегаат од диносаурус) и генеричкото сценарио ("Ти спушти го оружјето - Не ти прв. Ајде двајцата во исто време"). Срамота е со ваков буџет и продуцент ова. Се обиделе да ја прилагодат за сите возрасти, притоа занемарувајќи дека ваква каша може да има катастрофален исход.

Заканата со која се соочени ликовите во серијата, воопшто не е закана. Незнам дали луѓето зад серијата знаат која година сме и дека CGI диносауруси не изгледаат баш опасно. Во 90-ти, во Sliders, можеби. Тука не. Плус, налет репопулација на Земјата во минатото кога живееш бетер од што си живеел. Подобро ќе кашлам на тераса, отколку да живеам во шума и да ме бркаат CGI диносауруси и непријателски расположени вооружени кретени цело време. Тоа колку сетингот воопшто не прави смисла, е многу подолг муабет за кој и немам баш многу време.

Серијата е едноставно лоша. Нарачани се 13 епизоди, рејтингот ќе падне после четвртата, и догодина никој нема да се сеќава на ова. Запамтете ми ги зборовиве.

September 24, 2011

Person of Interest: Прва епизода

Конечно нова, интересна серија што ќе ја следам сезонава. Квалитетот на ваквите драми, последниве години значително е опаднат, па ова доаѓа како пријатно освежување. Иако идејата не е воопшто нова, на пример, серијата многу позајмува од The Minority Report, има доза на оргиналост, а и ликовите се доволни добри за да ја возат како што треба.

Главната причина поради која што се решив да и дадам шанса на првата епизода е Мајкл Емерсон (Бен од Lost). Типот е генијален, а улогата тука е баш скроена за него. Бен го глуми господинот Финч, сомнителен милијардер, кој има создадено софтвер што идентификува луѓе поврзани со некако криминал, што допрва треба да се случи. Освен името на личноста која е инволвирана, другите детали не се познати. Не се знае дали е жртва или сторител на некакво кривично дело, ниту па е познато кога точно и каде ќе се случи тоа. Софтверот е инаку развиван после 9/11, каде што Владата решава да превземе дополнителни мерки за безбедност, со тоа што ќе ги идентификува потенцијалните терористи.

Финч го најмува Џон Рис (го глуми Џим Кавизел), бивш ЦИА оперативец кој е прогласен за мртов и живее во бегство, да му помогне при спречување на криминалот кој треба да се случи. Рис е добро обучен за акција на терен и неговите физички квалитети тамански се вклопуваат со идеите на Финч. По Рис инаку трага и полицијата, откако брутално ќе истепа неколку курнази во метро.

Person of Interest
е дело на Џонатан Нолан, што доволно говори за квалитетот и ветува многу. Единствено нешто што може, а се надевам дека нема да посмета, е Џеј Џеј Абрамс како извршен продуцент. Знаеме по што е познат Абрамс и колку може да заебе, па се надевам дека е потпишан само колку да се крене рејтингот на серијата и дека неговиот придонес е минимален.

Во секој случај, пилотов беше одличен. Тимот го реши првиот случај, ништо спектакуларно, но има огромен потенцијал за добри приказни. Очекувам многу поголем заплет во иднина, нешто што ќе ме натера да ги бројам деновите до следната епизода. Ако ништо друго, мило ми е што го гледам Мајкл Емерсон пак. И да, имаше неколку неизбежни Lost референци. Веројатно тоа е клетва што ќе ги следи сите актери од таа серија. Не ми смета, воопшто.

Person of Interest се прикажува во САД во четврток, а тука епизодите ќе ги имаме во петок сабајле.

Види такоѓе:

September 23, 2011

League of Legends Log #5: Прва партија Dominion

Пред некој ден, Riot Games го отворија новиот Dominion мод за бета тестирање. Новата мапа The Crystal Scar е достапна по неколку саати дневно, па ете денес успеав и јас да начекам.

Модот е супер. Има детално дизајнирана мапа, со доволно простор за борби, куп power-ups, кратки патеки, грмушки од каде што противникот може да попие сачекуша и нормално крипови, на кој ретко некој им обрнуваше внимание партијава. Dominion е сепак повеќе сконцентриран на брзи млатњи, нели, колку повеќе непријатели се мртви, толку побрзо се освојува база. Адреналинот рипа уште на почеток, зошто хероите се директно трети левел и со доволно злато за пазарење. Цело време мора да си растрчан по мапата, зошто секоја секунда може да направи разлика.

Викаат дека Французите се лоши играчи. Меѓутоа, додека не ти се погоди цел тим со нубови од Полска што се откажуваат среде партија, ништо не си видел. Дури полошо од кретен што играше со Teemo и нареди 15-16 печурки во нашата база на Summoner's Rift! Енивеј, како за прва партија беше супер. Наскоро почнува и втората компетитивна сезона на League of Legends, па ќе биде уште поинтересно кога ќе се играва мапава во ranked.

September 22, 2011

Новите DC: Batman #1, Nightwing #1 и Catwoman #1

Еве ја и новата тура на тазе DC изданија. Оваа недела, како што очекував, си добив три исклучително добри стрипови, кои со нетрпение ќе ги чекам секој месец.

Batman #1 е насловот на кој најмногу му се радував. Прво, Бетмен е, а второ еден од авторите е Грег Капуло. Од сите изданија, ова најмногу го чекав. Грег Капуло е без дискусија еден од најдобрите во занаетот и тоа го докажува и тука. Ако некој е мајстор за вакви мрачни цртежи, тоа е Капуло. Ова е Бетмен во неговото најдобро издание, од цртањето до сценариото на Скот Снајдер. Дечково докажа дека знае да напише квалитетен стрип уште во Swamp Thing #1, нешто за кое не стигнав да пишам, но ќе склопам некој пост кога ќе излезе и вториот број. Мајсторски скоцкан Бетмен, мрачен и ладен, баш како што му прилега.

Приказната отвара во Аркам, место кое совршено одговара и се вклопува во новиот почеток. По кус преглед на добро познатите негативци и еден момент кој ме остави без здив, видовме и како изгледа новата пештера на Бетмен, заедно со неговите играчки. Надвор од костимот, Брус Вејн се обидува да му даде нов, пожив изглед на Готам, обидувајќи се да му го отстрани темниот и маглив превез. Следува говор на Брус Вејн, на кој уште еднаш му аплаудирав на Скот Снајдер. Крајот нуди едно изненадување поради кое ќе ги броиме деновите до следниот број. Совршено и строго препорачливо!

Во Nightwing #1, го гледаме Дик Грејсон (оргиналниот Робин), созреан и прероден, откако поминал време во костимот на Бетмен. Колку-толку, сум запознаен со таа приказна, така што брзо се вклопив во тоа што следеше. Тој живее во сржта на криминалот, Дик Грејсон, само што започнува со новиот живот, налетува на циркусот каде што загинале неговите родители. Покрај тоа што е соочен со духовите на минатото, некој се обидува да го ликвидира, истовремено обвинувајќи го за убиство кое не го сторил.

Во Nightwing #1 ми се поврзаа некои ствари со Batman #1, незнам дали приказната во иднина ќе се поклопи, но од тоа што видов до сега, одлично би било да е така. Ветува сериозно добар заплет ако испадне така. Цртањето е прва лига, исто и сценариото. Новиве на DC, барем првите броеви од тоа што читав, се речиси без маана. Најтвинг е стварно интересен лик, на кој одамна му спремам маратонско читање.

На крај од тројкава за оваа недела, да кажам нешто и за Catwoman #1. Никогаш не сум читал ништо, ама ликот ми е добро познат. Од љупопитност, го грабнав првиов број и ме изненади. Ме фати скроз неспремен! Кетвоман е предобро нацртана, детално е спазен секој атрибут, нели. :) Вака добро нацртана девојка не сум видел во стрип одамна. Браво! И го доловиле сексипилот, баш ко што треба, поразлично од Мишел Фајфер, но со ист интензитет.

Што прави Кетвоман? Бега од луѓе на кои им направила нешто што не смеела, станот и кренат во воздух, па пробува да преживее и да најде некоја "тезга". Завршува на забава на руски мафијаши, каде што се вплектува во уште поголеми срања. Си има и момент со Бетмен, кој некако ми изгледаше неизбежно во првиот број. Ќе следам Catwoman и понатаму, иако од приказната не очекувам премногу. Незнам до кај ќе го носат ликот, не ни верувам дека може многу, ама па од друга страна, визуелниот момент вреди.

Следната недела треба да излезе последната тура на први броеви, меѓу кои и Batman: The Dark Knight и еден наслов на Кевин Смит кој страшно ме занима што e. Останитите кои планирам да ги читам се Flash #1 и Superman #1.

Види такоѓе:

September 20, 2011

Thor (2011)

Тор, како супер-херој, низ стриповите на Marvel секогаш го среќавав попатно, во некој друг наслов. Никогаш не ми беше доволно интересен за да седнам да читам некое посебно издание, најмногу поради тоа што е истиот Тор од Нордиската митологија и фолклор. Кога беше најавен филмот, седнав и пролистав неколку броеви (Ragnarok аркот) и пак ништо. Минимален интерес за ликот. Целата идеја дека 'бог' како Тор може да опстои рамо до рамо со останатите ликови во Марвеловиот универзум некако тешко ја прифаќав. Истото мислење го имам и за Кралот Намор и слични ликови кои некако ми се вишок во целиот тој универзум.

Океј, да се вратам на филмот. Пред да го гледам филмот, го гледав цртаниот, Thor: Tales of Asgard. Фино склопено, меѓутоа ме остави рамнодушен и не ми направи многу разлика. Од филмот исто така не очекував многу, причината поради која што сакав дa го гледам е The Avengers, да видам како ќе го убацат ликот. Во сите рецензии беше фален и кренат до небо, добиваше пофалби од секаде. Искрено, не верував дека е стварно толку добар, додека не го изгледав...

Thor е неверојатно добар филм и најубавото изненадување на филмската сцена годинава. Чиста десетка, без размислување. Режија, фотографија, кастинг... продукциски пука од квалитет. Крис Хемсворт е скроз погоден за ликот, барем мене ме воодушеви, а колку е близок до стрипот воопшто не ме интересираше. Дечкото знае да глуми, добро се снаоѓа во улогата, која мислам дека му е прва ваква посериозна. Один е Ентони Хопкинс, одличен избор. Рене Русо како Фрига. Единственото нешто што ликов ми го покажа, е тоа колку остарела Рене Русо, ништо повеќе. Онака, мала улога, дали Рене Русо или било кој друг, немаше да смени многу. Типот што го глуми Локи првпат го гледам тука и супер е. Ме убеди дека е гадно копиле. За Натали Портман имам многу да зборам, па ќе пробам некако на кратко. Она е топ глумица, има талент, одлично изгледа и сето тоа. Ама, во секој втор филм е последниве години и ми станува досадна. Покрај тоа, никогаш немало хемија помеѓу неа и актерот со кој глуми љубовна врска и тој случај ќе го забележам и тука. Крајно неубедливо, можеби и најлошиот момент од цел филм е токму врската меѓу Тор и нејзиниот лик. Некогаш мислев дека е до Хајден Кристенсен, ама не. До неа е. Тоа нормално не го оспорува фактот што Хајден Кристенсен е катастрофален актер кој покрај тоа имал и лошо сценарио. Океј, океј, за Тор... Има и по некој спојлер подоле, инаку.

Азгард изгледа преубаво. Беспрекорен CGI. Токму тоа што дејствието поголемиот дел од филмот се одвиваше таму, беше пресудно за моето уживање и високата оценка. Приказната е следнава. Народот на Один војува со Jötunheimr. Многу години претходно, Один го краде нивниот извор на моќ кој останува недопрен се до крунисувањето на Тор, како крал на Азгард. Темпераментот на Тор за малку ќе предизвика нова војна, по што тој е прогонет на Земјата, лишен од неговата моќ и Мјолнирот. Тор треба да покаже да е вреден за чеканот, за да ја врати моќтта која меѓудругото, му е потребна за спас на Азгард од војната која му се заканува. Мјолнирот, кој исто така сега се наоѓа на Земјата, е главен интерес на S.H.I.E.L.D. Локи, воден од љубомората и гневот према Тор, се обидува да го убие користејќи го металниот џин што блуе оган, Destroyer, моќно оружје создадено од самиот Один. Локи почнува да создава хаос на Земјата, по што Тор решава да се жртвува за да ги спаси луѓето, одлука која му ја враќа моќтта и Мјолнирот со кој на крај излегува како победник.

Marvel со филмов докажаа дека нудат строго квалитетни адаптации кои можеби ќе го направат The Avengers најдобриот филм следната година. Ги пројдоа сите херои кои ќе се дел од Авенџерс тимот, дури и Hawkeye, кој имаше мала улога тука. Со ваков кастинг и квалитет каков што видовме во последниве адаптации, јас сакам да видам беспрекорен The Avengers кој заслужува да трае барем три саати. Еве и линк до едно видео поврзано со муабетов.

Види такоѓе:

500 постови на Crapwerk...

And all I got was this lousy t-shirt. :)