October 9, 2010

Spawn's Alley @ Македонски Стрип Форум

Чест ми е да објавам дека од денес сум член на тимот на Македонскиот Стрип Форум кој е задолжен за пишување статии. Денес беше објавена првата статија посветена на стрипот Spawn. Може да се прочита на овој линк.

Не би тупел околу тоа колку е добар форумот, каква дружба и синергија постои меѓу членовите... ќе мора да станете член за да се уверите. :)

Инаку додека сум кај Spawn, наскоро ќе следат рецензии на изданијата кои следеа по Endgame. Минатиот месец излезе 199-тиот број, а Image Comics спремаат нешто специјално за јубилејната 200-ка.

October 4, 2010

Колекција: Han Solo (Stormtrooper)

Денес си ја збогатив Star Wars колекцијата на играчки со оваа фигура. Хан Соло како Стормтрупер од A New Hope. Доаѓа и со шлем и делче од R5-A2 дроид. Деловите за склопување на дроидот се спакувани во различни фигури. Јас ги чувам затворени, така да ништо не ми значат деловите.

Сликата е од Rebelscum, ме мрзи да сликам и да префрлам. На линкот има повеќе информации за фигурата.

October 2, 2010

Call of Duty: Modern Warfare 2

Фан сум на Call of Duty серијалот уште од првиот дел. До денес, немам играно подобра игра со WWII тематика. Првата ја играв речиси една недела и после тоа со месеци се осеќав како воен ветеран. Ниедна друга игра не ми овозможила такво искуство како Call of Duty.

Конечно, на новата машина, ја изиграв Call of Duty: Modern Warfare 2. За разлика од претходните, последните две продолженија ја поместија воената зона во модерно, денешно време. CoD: MW2 почнува стандардно како и претходниците, со мал тренинг во воена база, краток туторијал за команди и користење на оружјата, кои тука ги има во изобилство. Уште во првите десетина минути, сфатив дека CoD: MW2 е најдобриот FPS што сум го играл било кога.

Извонредна графика, совршена до најситни детали. Прекрасно изработени зони, скоро реални специјални ефекти, поткрепени со одлична музиката на Ханс Цимер, која дава посебен шмек на целата атмосфера. Најмногу ме импресионираа светлосните ефекти и сенките. Предобро направено, делуваше најреално во споредба со било што слично од ваквите игри. Исто така играта има одличен AI, па непријателите играат со некаква тактика, наместо да пукаат по тебе без врска. Се кријат позади ѕидови и мебел, те бараат кога се криеш и понекогаш се страшно прецизни.

Преку фавалите во Рио, снежните планини во Русија, играта оди се до Белата Куќа и Вашингтон кој се наоѓа во воена состојба. Како и во другите Call of Duty игри, приказната е раскажана преку неколку различни ликови кои се борат на различни фронтови, соочени со разни предизвици, непријатели и крвопролевање. Дури и има и мисија каде што играчот е во улога на шпион, инфилтриран во Руска терористичка група која врши масакар на аеродром. Најконтровезната мисија во цела игра, дури и ме праша дали сакам да ја прескокнам. Кога почнав да ја играм, видов и зошто. Мисијата е инаку исфрлена од неколку изданија на играта, на пример, изданието наменето за рускиот пазар. Покрај мисиите во американските предградија, една од најдобрите ми беше онаа на отпадот за авиони, некаде при крај.

CoD: MW2 ги содржи сите елементи кои ги прават добри игрите од овој серијал. Тим кој го следи играчот, разни возила по пат, интеракција со околината (разбивање врати и пукање во слоу моушн, во случајов) и health системот, кој е многу подобар од собирање на health pack-ови како кај некои други слични игри.

За жал, играта трае многу кратко. Кампањата ја завршив за еден ден, за некои 6-7 саати. Единствено очекував малку поспектакуларен крај од овој. Некако на пола ми заврши, таман кога се заиграв асално. Сега ми остана да го пробам "Special Ops" модот, сингл-плеер, зошто верзијава што ја имам крешува на мулти.

September 28, 2010

Толку од The Event...

За мене толку. Вторава епизода од The Event комплетно го урна потенцијалот што го имаше пилот епизодата. Очигледно намерата на продуцентите е да направат серија која ќе ги искомбинира добрите елементи на Lost, 24 и (за жал) V, меѓутоа во вторава епизода се виде каков хаос е целата серија. Како причини за лошиот впечаток ќе ги наведам пребрзото темпо (веројатно ќе се открие се во третата епизода), клишеизираната приказна и, на крајот од епизодата, катастрофалното сценарио. Зборувам за сцената кога типот (главниот лик, толку е битен што не му го памтам ни името) е веќе уапсен и пробува да им докаже на џандарите (ако се уопште џандари) дека е невин.

Покрај тоа, мистериозните затвореници испаднаа дека се вонземјани, односно дека не се баш од овој свет. Кај сум го видел тоа скоро? Во V? Само што тука не дојдоа толку спекатуларно. Што ќе прават сега, ќе се обидат да ја превземат Земјата? Дали воопшто е битно? Ах, да. И во The Event пробуваат да вметнат мистериозна низа на броеви ко во Lost. Веќе е видено и тоа. А, баш мислев дека пак ќе имам серија што ќе ја следам редовно и со нетрпение ќе ја чекам новата епизода. За среќа, тука е Rubicon. Со секоја епизода станува подобра и подобра.

The Event веројатно ќе добие уште една шанса од мене, следната недела.

September 25, 2010

Machete (2010)

Пред да влезат големите пари во продукцијата на Роберт Родригез, типот сними еден од најдобрите филмови во mexploitation жанрот, култниот El Mariachi. Од тогаш па наваму, освен Маријачи трилогијата, From Dusk 'Till Dawn и Sin City немаше ништо квалитетно и од онака, малкуте филмови кои не беа продолженија на Spy Kids.

Од неговиот обид со Тарантино во 2007 да се направи grindhouse омаж, единствено нешто што мене ми го привлече вниманието, беше фејк трејлерот измеѓу Planet Terror и Death Proof, со наслов Machete. Ако нешто сакав да видам тогаш, беше Machete филм. Родригез виде дека фановите го поздравија трејлерот и наскоро почна да се снима и филм. Филмот конечно излезе годинава и деновиве се појави по нетов со квалитетна снимка.

Знаев дека нема утка со Machete, уште кога видов дека трејлерот за филмот ги има истите сцени како во оргиналниот фејк трејлер, плус имиња како Стивен Сегал, Дон Џонсон и Роберт Де Ниро. Дени Трехо, на 66 години, конечно доби водечка улога во филм. Типот е најзаебаниот мексиканец што се појавил на филм, вакви улоги му стојат најмногу и што се однесува до мене, би гледал по два филма годишно со Трехо во главна улога.

Целиот филм е намерно клишеизиран, крвав, полн со цицки и one liner-и, мачети и режиран во духот на старите exploitation филмови. Најмногу ме интересираше како Родригез ќе успее да сними филм базиран на трејлер и како ќе ги поврзе сцените. Мојата замисла беше малку поинаква од реализицијата на Родригез, меѓутоа на крај гледам дека испаднало ептен добро. Типот е растен со таква школа на филмови и едноставно знае што и по кој шаблон треба да прави. Едноставна приказна, која критиката ја осуди како расистичка, но и покрај можните скриени пораки на Родригез (кои лично не ме тангираат), филмот е феноменално реализиран. Најмалку што нуди, е одлична забава како што и очекував.

Заебан мексиканец кој со својата мачета и арсенал од други ладни оружја тргнува да се одмазди, откако е наместен како жртвено јагне во политички заговор. Чич Марин ми беше еден од најдобрите ликови во филмот, сомнителен свештеник кој што црквата си ја брани со шатгани. Мишел Родригез има неизбежна улога, како и секаде кај што се појавува, додека врвот на споредните ликови ми беше Дон Џонсон, еден од најголемите шизици што се појавиле на филм и телевизија. Крис Купер е заменет со Де Ниро, кој одлично се снаоѓа во улогата. Џесика Алба некако не ми се вклопи најдобро, но со оглед на тоа што намерно и е доделена ваква улога, не испадна толку лошо колку што мислев. Стивен Сегал првпат го гледам како негативец и ме изненади позитивно.

Machete e супер филм, освен ако некој не го сфати сериозно. Намерно е таков каков што е, и поради тоа вреди за потрошеното време. На крајот, има дури и најава за две продолженија кои иако не верувам дека ќе се остварат, радо би ги гледал. За два месеци излегува нов филм, Vengeance, сличен на овој, повторно со Дени Трехо во главна улога, па ќе се види и тоа.

Booth: Machete sent me a text.
Osiris Ampanpour: What did it say?
Booth: "You just fucked with the wrong Mexican."

September 22, 2010

Chuck: Почеток на четврта сезона

Почна четвртата сезона на Chuck. После првите три сезони, малку беше неизвесно во кој правец ќе се одвива серијата. За среќа, остана уште една нерасчистена приказна, а тоа е мајка му на Чак, Линда Хамилтон. Се испостави дека нејзиното исчезнување не било случајно, бидејќи и таа била таен агент. Сега цела четврта сезона ќе се врти околу неа.

Што се случи на крајот од претходната сезона? Го убија татко му (Скот Бакула), Buy More изгоре до темел, ги елиминираа сите главни негативци и се откри нешто за мајка му Чак. Чак веќе не е истиот од првата сезона, сега е веќе шпион, добива посериозни мисии и има нов Интерсект. Морган исто така се замеша во целата шпионска работа, со што серијава се оддалечи целосно од оргиналната замисла. Нема веќе тензии меѓу Чак и Сара, Чак и Морган, ги нема The Ring... Нема ништо. Затоа и превидувам дека оваа сезона ќе биде последна, со надеж дека барем ќе истераат целосно, со 22 епизоди.

Како главен негативец во првава епизода од сезонава, се појави Долф Лундгрен и за жал неговото присуство заврши уште пред да почне. Ели и Девон не ги видовме, Џеф и Лестер исто така. Buy More е сега комплетно реновиран и прилагоден да биде целосна ЦИА база, само што незнам што ќе прават овој пат. Осеќам дека веќе од следната епизода ќе почнат да се вртат во круг, пред да биде серијата прекината.

Со промените на приказната и ликови се многу променети и не сум баш сигурен дека ги сакам вакви. Хемијата меѓу ликовите во новава епизода беше делумно спласната, актерите делуваат изморено и истрошено во сопствените ликови. Се надевам дека ќе се среди понатаму. Магијата од претходните сезони исто така ја нема...

The Event 1x01 - I Haven't Told You Everything

Новата сезона на серии во САД започна оваа недела. Меѓу новите сезоните на старите серии, почнаа со прикажување и неколку сосема нови, од кои и The Event. Американската телевизија упорно се труди да најде некаква замена за Lost, серија со сличен формат и тематика. Минатата година тоа беше FlashForward, а оваа година на NBC ќе гледаме The Event.
Во кратки црти, дечко и девојка заминуваат на крстарење и по низа сомнителни настани (no pun intended) девојката исчезнува и сите податоци за нивниот престој се избришани. Во меѓувреме, сестрата на девојката е киднапирана, нивната мајка ја убиваат, и го гледаме таткото како управува патнички авион право кон местото каде што се одржува пресконференција на Претседателот на САД каде што треба да се открие нешто важно на јавноста. Пред да удри авионот, се отвара портал и авионот го снемува. До тој момент, ми изгледаше на напнат политички трилер, нешто како (многу) поблага варијанта на Rubicon. Тогаш и ми прекинаа сите можни споредби со таа серија. Тие што ја гледале последната епизода на Fringe од прва сезона, верувам дека се поднасмеале како мене.

Сите настани се случуваат измешано, раскажани се преку флешбеци (ха, Lost), но не е воопшто комплицирано за следење. Значи, се работи за СФ драма и мило ми е што за разлика од Lost, СФ елементите ги гледаме на самиот старт. Не дека и ова нема да проба да ги влече мистерииве, меѓутоа ми изгледа дека ќе се развива побрзо.

Интересен старт, многу работи се случуваат за кратко време така што сеуште не успеаа да ги претстават ликовите како што треба, зошто поголемо внимание се обраќа на приказната. Имам некое гадно чувство дека The Event нема да издржи повеќе од една-две сезони. Прво, веќе видовме обиди за вакви серии пред скоро време, и второ, сеуште е рано да се нуди нешто што наводно ќе ја пополни празнината што ја остави Lost. The Event делува како да се труди да ги земе најдобрите елементи од Lost, 24 и Fringe и да ги исфорсира во нешто што мислам дека е рано да се и фрли на публиката. Барем на мене. Се зависи од следната епизода. И FlashForward почна слично, за на крај да не ми остане ништо во сеќавање од таа серија.

Е, сега. Што всушност е 'Настанот'? Порталот? Вонземјани? Друга димензија? Владин експеримент? Што и да е, верувам дека веќе сме го виделе негде, освен ако и The Event не се обидува да измисли топла вода, Остров и тајни организации. Кои се 'Тие' што помагаат? 'Другите'? Ќе се гледа ова и следната недела. Сè уште е рано.

September 18, 2010

Iron Man 2 (2010)

Некако ми беше логично вториот дел да го надмине претходникот, и за среќа, Iron Man 2 успеа во тоа. Првиот дел беше само вовед за тоа што би можеле да очекуваме понатаму од овој херој. Сосема солидно продолжение, кое лесно се надоврзува на оргиналот и функционира одлично. Роберт Дауни Џуниор уште еднаш ми потврди дека тој е вистинскиот актер за улогата на Тони Старк и освен него не би можел да замислам друг. Човекот е полн со харизма и талент и перфектно го доловува ликот на Старк. Со оваа улога докажа дека е меѓу најдобрите актери од оваа генерација.

Вториот дел кај филмовите базирани на стрип најчесто располага со простор погоден за поинтересна приказна, нема потреба да ја запознава публиката со постанокот на херојот, и ретко кој режисер успева да го искористи тоа (пример, The Dark Knight успеа, Rise of the Silver Surfer не). Џон Фавро, покрај тоа што себе си доделил мала улога, ја користи истата формула за успехот на првиот Iron Man, свесен за тоа што публиката сака да види и начинот на кој ќе биде тоа сервирано. Iron Man 2 на прво гледање успеа да влезе во моите омилени супер-херојски филмови

Светот веќе знае кој е Ајрон Мен. Тони Старк се наоѓа растргнат од Владата, конкурентот Џастин Хамер, лудиот одмаздољубив Иван Венко (Whiplash), Ник Фјури, додека се обидува да се справи со паладинумот во реакторот кој му е потребен да го одржува во живот, но и кој полека го труе неговиот организам. Хамер наоѓа заедничка цел со Венко, а тоа е да го уништи Старк и неговата индустрија и да и понуди на американската армија сопствена верзија на воени оклопи базирани на Ајрон Мен.

Се појавуваат и други ликови од Марвел/Ајрон Мен универзмот како Наташа Романов (Black Widow), a конечно го гледаме и Семјуел Л. Џексон како Ник Фјури во сцени подолги од неколку секунди. Одлична најава за новиот The Avengers филм, има и ситни референци и до другите членови на Авенџерс, кои нема да ги спомнам поради спојлери. Роуди се појавува како War Machine и игра клучна улога при развојот на приказната, само што не мене и не ми направи некоја голема разлика.

Сите актери одлично си ја сработиле задачата, Мики Рурк е совршен негативец, а Сем Роквел заслужува многу поголемо внимание од било кога. Типот е цело време некако во позадина, а никако да му се посреќи со некој асален филм како Moon. Гвинет Палтроу и Скарлет Јохансон се онака, океј, колку што им дозволува сценариото да бидат. Се надевам дека барем од Скарлет Јохансон ќе видиме нешто повеќе во The Avengers.

Ефекти и слично, како што сме и навикнати да гледаме денес. Изгледаат реално, прецизно исполирани до совршенство, убави за гледање, меѓутоа веќе се стандард кој нема потреба да се коментира, а јас упорно го правам тоа со истава реченица секогаш кога ќе дојдат ефектите на ред да се спомнат...

September 10, 2010

Star Wars: The Solo Adventures (фан-филм)

Краткометражен анимиран филм, се појави деновиве по нетов. Собра награда за најдобар анимиран Star Wars филм на Celebration V, славјето во чест на најголемата франшиза на сите времиња, што се одржа минатиот месец.

Трае 5 минути, и како што вика насловот горе, Хан Соло е во главна улога. Морам да признаам дека овие пет минути со Хан Соло и Чубака (про анимација, задоволителни гласови, крици и сценарио), ми се сто пати подобри од ужасниот долгометражен The Clone Wars, а богами и парираат и на серијата. Крајот е тоа што го прави The Solo Adventures толку добар. Не го очекував тоа, сериозно. :)

Од есететски причини избегнувам да ембедувам видеа на блогов, па затоа клик тука.

Први впечатоци од StarCraft II: Wings of Liberty

Ете, ја сефтосав новата машина со StarCraft II: Wings of Liberty. Ретко се дешава било што да ми ги надмине очекувањата, а StarCraft II го направи баш тоа. Blizzard одамна се докажаа како компанија која вложува максимум во своите игри и настојува на тоа комплетно да ги задоволи играчите. StarCraft II е одличен пример за тоа. Чекањето на оние кои ги броеа деновите до излегувањето на играва, верувам дека им се исплатеше (јас сум повеќе фан на Warcraft, така да не гризев прсти изминативе години).

До сега стигнав да ги изиграм првите пет мисии од кампањата. Лудница! Во ретки случаи, RTS игра може да ме завлече до волку со кампања, обично знам да скокнам диретно на скирмиш. Starcraft II го нема тоа, барем не сингл-плеер, меѓутоа има многу добра кампања (само Terran, на жалост). Да, се вртат некои скирмиш мапи со AI по нетов, само што не стигнав да ги пробам. Кампањата е многу повеќе од тоа што сме обично навикнати. Помеѓу мисиите има предобро сработени сцени низ кои се протега приказната, кои комотно може да се спојат во краткометражен филм. Покрај тоа, брифингот пред секоја мисија уште толку додава за развој на приказната.

Настрана приказната, уште сум на почеток за да зборам, останатото е совршено. Без многу експериментирање, Blizzard си ја знаат работата и тука нудат се што има во оргиналната StarCraft, исполирано со милион детали, ефекти, тамам музиче, одлично спакувано. Ќеифот е огромен, зошто имам прилика да ја шибам на асална конфигурација, со сите ствари ставени на ultra. Најбитно од се, филингот од оргиналот е присутен, така да и покрај годините што пројдоа, пак се осеќа духот на StarCraft. Тоа најмногу ме воодушеви. А, штом сум јас толку возбуден околу играва, можам да замислам како им е на оние што играат 12 години.

Играта е тука да го врати сјајот на жанрот кој се изгуби последниве години. Не памтам ваков добар RTS од деновите на Red Alert II и The Frozen Throne. Ќе пишам повеќе у следна прилика, моментално сум под хипноза од играва... Браво Близард.