Уште не сум ја гледал ланската сезона на The Clone Wars. Веќе неколку пати се поздравив со серијата претходно и мислам дека не можам пак. Приказната заврши океј, а според тоа што го знам за новата "последна" сезона и не сум пропуштил многу. Меѓу другото, дел од таа сезона послужи и како вовед во новата Star Wars анимирана серија The Bad Batch чија премиера се случи вчера. Воглавно негативните критики за тој вовед кои ги сретнав, не ми створија којзнае каква доверба за квалитетот на The Bad Batch, меѓутоа се охрабрив да дадам шанса. Сепак е дело на Дејв Филони, а на него сè уште му верувам.
The Bad Batch се занимава со мала елитна единица составена од експериментални клонови кои значително се разликуваат од обичната клоновска армија базирана на Џанго Фет. Преку генетски мутации се имаат здобиено со поизразена индивидуалност, уникатни способности и карактеристики, па се супер-ефикасни за покомплексни мисии. На почетокот од воведната епизода ги гледаш затекнати баш во моментот кога почнува да се спроведува Order 66, но бидејќи се различно програмирани од другите клонтрупери, нив не им е испорачана наредбата со која отпочнува истребувањето на Џедаите.
Откако ќе посведочат како пријателската армија се врти против довчерашните соборци, почнува нивниот сомнеж кон новосоздадената Империја, a нема да пројде многу пред и самите тие да станат нејзина мета. Временскиот период во кој е сместена серијата е прилично интересен. Никогаш претходно не сме имале прилика да видиме што се случувало непосредно по завршувањето на The Clone Wars, а лежи огромен потенцијал за забавни приказни. Rebels серијата беше генерално океј, ама беше далеку од вистинскиот The Clone Wars наследник што не ни знаев дека ми е потребен.
Пресреќен сум што имав прилика да искусам Order 66 приказна. Без разлика колку и да беше кратко - задоволен сум. Тоа ми е еден од најфасцинантните моменти општо во Star Wars, па гризам и на ситнo. Сакам да видам различни перспективи на таа дешавка, сакам приказни како Star Wars Jedi: The Fallen Order - секогаш ми е презабавно. Огромен материјал лежи во Order 66, а The Bad Batch веќе постави основа и за такво нешто да пркне. Барем така се надевам. Вакви приказни се супер освежувачки.
Одлични ми се овие нови ликови и нивната динамика. На моменти се како пет нинџа желки. Многу полесно ги сакав од оние во Rebels. Инстантно си кликнавме, иако засега ги идентификувам воглавно според нивната главна карактеристика наместо имињата. Го имаш де факто лидерот на тимот, типот што сака да разнесува ствари во воздух, тип што го покрива научниот и техничкиот дел на групата, еден што посветено војнички ги следи наредбите дури и кога го втурнуваат во конфликти со останатите, а и еден лик што некогаш бил обичен трупер, но додека бил спасуван од сигурна смрт, го спасиле и од оригиналното програмирање.
Забавна дружина се и едвај чекам да видам каде ќе успее серијата да ги однесе. Покрај тоа што се одметнаа од Империјата, се вплеткаа и во други работи кои дополнително ќе им ги комплицираат работите сезонава. Не сакам да навлегувам во спојлери, меѓутоа авантурата е веќе мајсторски воспоставена, а Филони попрскува фина доза на мистерии чие решавање е уште едно тркало што ќе ја влече напред. Неговото долгогодишно искуство со клонтруперите како материјал веќе му ја има зацврстено способноста да им буричка низ идентитетот и егзистенцијалните дилеми, што ја прави целата тематика уште повозбудлива и интригантна.
А, Моф Таркин како негативец со неговата недоверба во клоновската армија е баш соодветен за ова да добие повпечатлив облик. Знаеме дека до приказната во оригиналната трилогијата Империјата постепено се ослободува од клоновите заменувајќи ги со обични луѓе, па The Bad Batch е одлична прилика да се пристапи поопширно кон тие случувања. Сигурен сум дека некаде во стариот наративен континуитет ова има некаков третман, меѓутоа откако Star Wars е во рацете на Дизни сето тоа е избришано и ресетирано. Почетоците на Империјата се исто така супер тема, би сакал и таа приказна да видам како се одвива паралелно, макар и преку мали делчиња какви што можевме да видиме во оваа прва епизода.
Анимацијата е перфектна, не смееш да очекуваш ништо помалку во 2021. Ми се свиѓа како низ годиниве го задржаа стилот и само технички го полираат и калемат со детали. Веќе се установи како основна насока за овој тип на Star Wars анимација и мислам дека не би можел да гледам ништо различно. Сè изгледа добро и мазно, па успеваш да разпознаеш што е што, дури и кога се шлакнати масовни пиу-пиу битки на екран какви што и во The Bad Batch ќе сретнеш во неколку наврати.
Закачен сум. Влегов со мали, до некоја мера и негативни очекувања и мило ми е што излезе многу подобро. Се надевам дека следните 15 епизоди во оваа прва сезона ќе го следат истиот урнек и ќе успеваат да се градат кон подобро како што тоа го правеа The Clone Wars и Rebels. Ми фалеше ваква анимирана Star Wars серија да го пополни тој вакуум, а и општо ваков фаст-фуд Star Wars материјал што е фокусиран на чиста забава, а не на политичка агенда и родови студии. Таман да се занимаваме со нешто додека не дојде новата сезона на The Mandalorian или Боба Фет серијата или што и да треба да излезе до крај на годинава.
No comments:
Post a Comment