May 27, 2014

X-Men: Days of Future Past (2014)

Мразам кога мора да почнам пост со просеравање за кино, ама мислам дека вчера си научив добра лекција. Милениум, веќе не е кино. Дури и со бесплатни карти, не верувам дека ќе стапнам таму пак. Веќе не се ни трудат. Салата е загушлива и со седум луѓе, оштетен е делот каде што оди преводот (кој иако не го ни читам, ваквата состојба пречи и штрчи), платното делува изгужвано и 3Д наочарите буквално се распаѓаат. Криво ми е кога ќе мора да гледам добар филм во такви услови. Верувам ова е последниот пат.

X-Men: Days of Future Past, да си кажам уште одма, е најдобриот X-Men филм после X2. Ако ова е последниот филм во кариерата на Брајан Сингер, заминува со култно дело и покрај тоа што можеби светот ќе го памти по лошо. За филмов, седнал и го извлекол најдоброто до сега. X-Men филмската франшиза не е нова, универзумот е веќе етаблиран, па овој правец некако ми е логичен, особено по First Class кој лично ми се допадна. Не сум запознаен толку добро со изворниот материјал на First Class, меѓутоа целата приказна, ликовите и актерите ми го прават филмот максимално забавен. За Days of Future Past, седнав и си го прочитав стрипот пред гледање, тие два броја. 

Иако филмот главната идеја ја влече од стрипот, со ликовите кои стојат на располагање од претходните филмови, просторот за играње околу истата е многу поголем. Овој пат, "иднината им е оставена на младите" (форава ме разболе), кои веќе се докажаа во претходниот, меѓутоа светлото е насочено кон Вулверин кој тука конечно потполно прави смисла. Дури повеќе и од The Wolverine. Целата екипа одлично функционира заедно, нема болно форсирање на ликови, балансот е постигнат секаде. Посебно ме изненади појавувањето на Квиксилвер и сцената која е крајно храбра за да биде дел од филмов, ама е одлично изрежирана и не можеш да не ја сакаш. "Старците" веќе си ја знаат работата, а Сингер донел и некои фаци кои тотално не очекував дека ќе ги видам. Башка, го има Питер Динклиџ и сјае секоја секунда додека е во кадар.

Приказната со патување низ времето ме купи уште на самиот почеток. Никогаш не одбивам таква фикција, без оглед во кој формат е. Фрли X-Men тука, и ете ти добитна комбинација. Малку е? Фрли блатантни Terminator референци, чисто за хумор, пак ќе работи. Иако на многу, многу места дејствието е полно со дупки и нелогичности, некако целата слика ми е премногу симпатична за да би се фатил за ситници. Некои можеби и не се, ама ајде, ќе пројдеме. Филмот не се сфаќа себе толку сериозно како Man of Steel, така што фудбалско игралиште комотно може да биде фрлено околу Белата Куќа без никаква војска да реагира додека се слушне *snikt*. Океј сум со тоа.

Уште една работа што фино ме изненади е умерената акција на крајот. Кога по сите можни клишеа во вакви филмови, треба да биде 30 минути CGI експлозии насекаде. Трејлерот изгледаше како цел филм да е таков, меѓутоа не е толку пренапумпано. Не се сеќавам дека задремав или пцуев, така што ова комотно може да го понудам како валиден аргумент.

Бонус сцената на крај, за која финиот чичко од Милениум го запали светлото (и онака темно се гледа низ 3Д наочарите), беше феноменална. Доколку следното остварување го земе Days of Future Past како репер, верувам дека ќе гледаме уште еден добар X-Men.

May 18, 2014

Океј, еве: Star Trek Into Darkness (2013)

Како изговор за да го гледам, го искористив Бенедикт Камбербеч. Да не гледав никогаш Sherlock, можеби љубопитноста ќе се јавеше од нешто друго. Не ми се свиѓа "модернизацијата" на Star Trek, ниту кастингот, а особено тоа што Џ.Џ. Абрамс скроз ја има отстрането суштината и идејата на Џин Роденбери. Не дека иднината прикажана во старите серии беше целосно утописка, туку акцентот беше ставен на друго. Истражување нови светови, нови цивилизации, човештвото сплотено во едно (со други раси), револуционерни технолошки идеи, со минимални интерни проблеми во целото функционирање. 

Новиот Star Trek нема ништо со тоа. Ни овој, ни претходниот. Дури и да се обидува да протне нешто, задушено е од холивудска акција, ефекти и клишеа. Вториот дел го прави истото, рециклирајќи една од најдобрите приказни, The Wrath of Khan. И, наместо да ја искористи шансата да понуди нешто подлабоко на публиката, ја остава со излитени финти и пројдени ствари. Директно, длабоко во грло. Самото сценарио е болно лошо на моменти, и некако ми иде да го вперам прстот во Дејмон Линделоф. Како овој човек е уште таму и е релевантен за некого? Мислам, доволно беше еднаш да ја видиме финтата со црвените униформи. Ја разбравме првиот пат, океј?

Кастингот е лош. Верувам дека барем двајца имаат некаков талент, ама никако не функционира. Не сум убеден дека ова е екипажот, не сум убеден во евтиниот руски акцент на Антон Јелцин (и неговите способности во животот), ниту во односот на Кирк и Спок. Никаква хемија нема помеѓу било кој и баш ради тоа изгледа исфорсирано. Единствен добар, и ова најмалку го очекував уште во првиот дел, е Крис Пајн. Иако е далеку од совршен, некако делува убедливо. И, на моменти, страшно многу потсеќа на млад Шетнер. Дали премногу се трудел да му фати изрази на лице и однесување (не она драматичното од оргиналната серија!), или му доаѓа природно, не знам, ама е дефинитивно најдобар од сите на Ентерпрајз. Закари Квинто е супер актер, ама тука е комплетно промашување. Тажно е што кастингот функционира полошо од првиот дел. Некои ликови се тотално запоставени, додека други се во фокусот кога не треба.

За среќа, Камбербеч ги засенува сите до еден и го краде шоуто од првиот момент кога ќе се појави. Иако идејата е позајмена од еден од најдобрите Star Trek филмови (и епизода од старата серија), фактот што оваа приказна се случува во универзум паралелен на тој пред Џ.Џ. Абрамс да стапи на сцена, дозволува простор за поинакво изведување. Меѓутоа, и покрај тоа, користи референци толку безобразно што цело време го чекаш да се појави пред камера и да намигне.

Самата режија е многу подобра од претходниот филм. Што до некаде ми дава надеж дека Episode VII сепак има некоја мала шанса да пројде фино, под услов сценариото да е добро. Сцената со која отвара Into Darkness, е супер. Доколку Абрамс искористи некоја финта од тука и го следи примерот на оргиналната трилогија, можеби нема да е толку страшно. Најбитното во Into Darkness е што речиси и да го нема lens flare ефектот што беше причина за мојот зголемен диоптер после првиот дел.

Не верувам дека во иднина ќе видиме Star Trek каков што треба да биде. Дури и што веќе овој екипаж тргна на својата петгодишна мисија. Насоката е поинаква. Можеби и времето веќе не е такво за да постои таков Star Trek, или идеите да се пренесат на телевизија. Тоа, искрено ми се чини како да би имало поголем потенцијал.

ЕДИТ: Клингонците ги заборавив! Многу лошо, не знам која била потребата да им го смениш изгледот така. Толку, кратко се појавија, претпоставувам ќе ги има повеќе во следниот дел.

May 15, 2014

Не сери, Шерлок!

Последниве месеци имав прилика да изгледам две британски серии кои комплетно ме разнесоа. Black Mirror и Sherlock. Двете заслужуваат посебен третман тука, ама ќе почнам со Sherlock зошто ми е посвежа.

Стивен Мофат и Марк Гатис, едни од луѓето одговорни за заживувањето на моменталната популарност на Doctor Who, решаваат да седнат и да го донесат најпознатиот детектив на сите времиња во денешно време. Нивниот Шерлок живее во модерен Лондон и користи современа технологија. Вотсон е воен ветеран, но со искуство во Авганистан. "Не сери!" моментот доаѓа некои десетина минути откако ќе почне првата епизода. Целиот скептицизам за модерен Шерлок го снемува како дим од луле, додека се чудиш на брилијатноста на серијата. Следно, се жалиш зошто се само девет епизоди, па зошто треба да чекаш две години за следната, сето тоа додека маратонски ги прегледуваш.


Изворниот материјал го знам грубо, да речам од општа култура. Знам дека Шерлок е генијален детектив со необични методи за решавање случаи, дека пуши луле, свири виолина, живее на Бејкер Стрит и носи кариран капут и капа. Дека има помошник Вотсон, брат со моќна позиција во британската влада и главен душман што се вика Мориjарти. Доволно знам за да скокам од кревет на секоја референца кон суштината и карактеристиките на ликот и општо целиот тој свет. Како што серијата напредува од епизода во епизода, писателите се грижат за секој детал да добие некакво внимание. Можеби Шерлок не изгледа како генералната слика позната на светот, но митот е елегантно запазен. Наместо луле, се откажува од цигари и користи никотински налепници. Капата на почетокот ја нема, но подоцна станува несакан заштитен знак откако ќе искористи таква карирана за да се скрие од новинари. Целото тоа е многу фино изведено, бидејќи станува култ и за околината во која Шерлок егзистира во серијата. Со мало истражување, дознав дека не е само визуелниот дел така испочитуван, туку и мали ликови и приказни кои излегле од умот на Артур Конан Дојл своевремено. 

Бенедикт Камбњрњеабеч е совршениот избор. Неверојатно е како добро пренесува егоцентричен гениј опседнат со неговата работа кој едвај покажува други човечки емоции и е така малку арогантен кон луѓето и околината, дури и со тие што му се блиски или ги чувствува како такви. А, харизмата му е толку голема што некогаш едвај ми ја собира на монитор. Мартин Фримен е одличен како Вотсон. За овој Вотсон што е тука, нема подобар избор. Иако најпознатите улоги му се сличен лик, супер се вклопува. Хемијата меѓу двајцата е уште еден фактор што ја прави Sherlock толку добра серија. Камсдхњрч е инаку толку добар, што сериозно размислувам деновиве да го гледам Star Trek Into Darkness, за да го видам каков е како негативец. И, да видиме како останатото може да се исплука, нели.

Серијата е прекрасно искуство и топло ја препорачувам. Интелигентно напишани епизоди, траат саат и пол и те држат на пола газ цело време. Некогаш жалам што форматот е таков, зошто ми е некако премалку, ама сепак во таа минутажа случаите се феноменално раскажани, баш поради ваквата нарација.

May 13, 2014

Околу Бетмен костимот на Бен Афлек, Бетмобилот и новиот филм

Океј, кренете си ги гаќите. Тоа што Бен Афлек има, навидум, феноменален костим, не е никаква гаранција дека ќе гледаме филм што достојно ќе ја наследи светата трилогија на Нолан и ќе ги испере гомната од Man of Steel. Да потсетам дека и Хенри Кавил изгледаше верно како Кларк Кент/Супермен, па сè уште сме тука тие кои не заборавиле какво супер-промашување (форава е лоша, исто како приказната таму) беше тој филм. Покрај тоа, сликата ќе беше добра и без фактот што Бен Афлек е под маската. 

Клик на сликата за огромна верзија.

Вчера беше објавена слика со задниот дел од Бетмобилот, со ветување дека денес ќе го видиме целосно. Со тоа што ненајавено, во фокусот го имаме новиот Бетмен, Бетмобилот ќе го почекаме за некоја друга прилика. Од тоа што може да се види, мене ми е сосема океј. Прво мислев дека ќе биде нешто повеќе како таблерот од трилогијата на Нолан или Бетмобилот од The Dark Knight Returns (слични се), меѓутоа задоволен сум и со ова како изгледа. Костимот пак, е баш близок до оној на Френк Милер, а според годините на Брус Вејн поради изборот на актер, нели, некако ми се чини дека инспирацијата не е случајна. Далеку од тоа дека ќе видиме нешто блиско со стрипот на Милер, ама некои ствари се веројатно очигледни.

И, понатаму ме загрижува Бен Афлек како Брус Вејн. Било кое друго име сигурно ќе ми дадеше поголема верба, макар и да се работеше за тотален анонимец. Филмов, кој се уште е без официјален наслов, освен ако Batman VS Superman е конечниот, ќе ги донесе и Вондер Воман и Лекс Лутор. Џеси Ајзенберг е избран за Лутор, што е уште една причина болката што ја осеќам во тестисите. Претпоставувам дека ќе биде како вовед во Justice League филмот, со истиве фаци и нормално Зак Снајдер. Затоа што нели, нема други режисери и мора целата доверба да ја потпрат на еден човек, кој е класи, класи под Кристофер Нолан.

Филмот, како и да се вика веќе, е закажан за 6-ти мај 2016, на ист датум со третиот Captain America. Доколку некој не беше убеден во самодовербата на DC, ете. Одат директно против Marvel, со глава. Иако можеби двете страни чекаат едната да се откаже и да го помести датумот, баш ме занима исходот на целата оваа "војна". Дури и да речеме дека Бетмен е попопуларен лик од сите на Marvel, филмовите на Marvel последниве години некако се супериорни во однос на било што на DC, нели? И, дури и да го сакам Бетмен повеќе од било кој лик на Marvel, знам дека Авенџерс може да им го пукнат носот на Џастис Лиг. На тоа ниво, влогот е поинаков.

May 12, 2014

Толку од Community, а?

Community е една од оние серии кои упорно мочаа спроти ветерот. За жал, никогаш не успеа да собере доволно рејтинг за да стабилно да опстојува, и покрај исклучителниот квалитет (особено првите две сезони), меѓутоа некако туркаше од сезона за сезона. Целта која ја поставија, шест сезони и филм, завршува на чекор пред остварувањето. Муабетот на Ден Хармон дека филм ќе има, па макар би го правел и со пластелин кај него во гаража, некако сега ми делува невозможно. 


Петтава сезона на Community ми беше интересна. Почна и заврши лошо, но тоа измеѓу беа епизоди кои слободно може да стојат до класиците од најдобрите денови. Во секој случај, далеку подобра од четвртата. Можеби затоа што Ден Хармон повторно застана зад серијата и не можам да кажам дека не се осеќаше разликата. Чеви Чејс го заменија со Мајк од Breaking Bad,  Доналд Гловер го остави Абед сам некаде на пола, ама некако извадија познат стандард. Ченг остана иритирачки лик каков што стана од втора сезона некаде, ставија некои досадни ликови во преден план, ама и тоа се избалансира со гостувања на фаци како Нејтан Филион, Девид Крос, Винс Гилиган и Левар Бартон. Тие епизоди можеби беа и најдобрите сезонава.

Ќе ми фали Community. Најмногу ќе ми биде криво ако ова финале е дефинитивното, зошто беше досадно до болка, со истите фори секогаш кога ќе се закани укнинување на серијата, па повеќе сум расположен за не толку ироничен крај. Веќе е тренд мртви (океј, Community не ни почна да се лади) серии да се враќаат на онлајн стриминг сервиси како Нетфликс, па не ме зачудило да соберат сили за уште неколку епизоди. Верувам дека актериве ќе се достапни, а и дека има публика за сето тоа да биде финансиски исплатливо.