June 22, 2015

Почеток на втората сезона на Truе Detectivе

Само што досвири песната која ќе ја отвара втората сезона на True Detective, мислев дека крикот на воодушевување ќе ме држи до крајот на епизодата. Тензично, да, меѓутоа некако останав со измешани чувства. Колку и да знаеш дека ова сега ќе е различно од минатиот пат, додека се вика True Detective, нормално е очекувањата да ти бидат високи. Кој може да те обвини? Прерано е да се заклучува било што, но едно е секако сигурно. Втората сезона не е првата. Нова приказна, поинаков случај, друга локација. Мрачна е, многу помрачна од она што ми го најавија трејлерите, со детективи е, има имиња што во главно се симнати од филмско платно, ама тоа е тоа.


Она што малку ме загрижува е леснотијата за предвидување, барем крајот на првата епизода, и шаблонските ликови. Корумпиран џандар, пијаница, што се обидува да биде добар татко вплеткан со градски големец што го користи за остварување криминали. Полицајка што претендира дека поседува јајца и има членови на семејството со кои не е блиска, кои меѓудругото ја иритираат и со тоа што нивниот начин на живот се разликува од нејзиниот. Истрауматизиран воен ветеран што навечер брзо вози мотор за да се испука... Се надевам дека само вака површински изгледаат како што изгледаат, но ајде, дупло повеќе се од претходно, па ќе видиме како ќе се развиваат понатаму. Не дека Кол и Марти беа најоргиналните литературни креации, меѓутоа имаа некој уникатен шмек и димензија што фино ги зацврсти уште на самиот почеток.

Покрај сетирање на стеротипните детективи, епизодата го најави и мистериозниот случај што оваа банда ќе го решава до крајот на сезоната. За среќа, фотографијата и режијата е одлична.  Овој дел од очекувањата ми беше надминат, зошто мислев ќе биде во некоја повесела Калифорнија. Не очекував сурфери, полицајци на точак или да врне кокаин, ама не мислев дека ќе го пренесат тој темен тон под сонцето тука.

Втората сезона ќе има осум епизоди, завршува некаде на почетокот на август. Останувам до крај со надеж дека ќе бидам запрепастен.

No comments: