Почнав да пукам Helldivers 2 кратко откако Сони решија дека сепак сакаат пари и играта се врати на Стим, достапна и за земји од третиот свет. Го пропуштив тој првиот бран пред да ја тргнат, па заиграв Darktide, а повеќето другари со кои можев да играм веќе продолжија со нешто друго. Вакви кооперативни пуцачини не ми се толку интересни со рендомци, па остана така за повремени собиранки. Тие собиранки од зимоска нѐ склопија во екипа од седум-осум души која сега редовно го брани интегритетот на Супер Земја во бескрајната Галактичка војна. Секоја вечер има друштво за лабаво да се загњури, иако "лабаво" и не е баш ептитетот што приглега на игра каква што е Helldivers 2.
Некако јако се уигравме месециве. Повеќето бевме со отприлика слично искуство и познавање за играта кога почнавме да собираме, па тоа што заедно ја откривавме веројатно најмногу придонесе за тимската динамика. Уште влегуваме во мисии со арсенал што некогаш е првенствено забавен за играње отколку најоптимален за непријателите, ама поважно е да се истера и заокружи спектакуларно, макар и никој жив да не излезе. Ништо страшно ако заврши вечерта со пораз. Следниот пат ќе сме подобри.
Нема посоодветен опис од оној дека секоја мисија во Helldivers 2 се осеќа и изгледа како кулминација на акционен блокбастер. Феноменално е доловен тој момент. Четворица во нерамна битка против стотици непријатели, чад и експлозии насекаде. Трчаш и пукаш со последните куршуми во џиновски робот со пила наместо рака, додека калкулираш колку бербат ќе направи ласерот што ќе рокне од твојот сопствен брод кој се наоѓа над планетата на која доле се препотуваш. Од некоја ваква обична ситуација ти тргнува мисијата. Секогаш е тој тип на филмско искуство.
Затоа се забавни и тие мисии кога ќе нѐ здробат, а само пред кратко сме им го отварале газот. Некогаш мали грешки коштаат скапо. Сите непријатели имаат начин да ги искористат и твоите слаби страни и глупи стратешки одлуки, така што лесно може да се сврти партијата уште пред да дојде време за екстракција. Не е редок случај, особено на најтешките нивоа кога е нонстоп тензично и пренатрупано. Толку многу знае да згусне што наоѓање безбедно ќоше за да репетираш е проблем.
Освен тоа што се справуваш со гадни агресивни непријатели, секоја од многуте планети има начин како да ти ја отежне ситуацијата и со самата околина. Дали со временските услови, некоја опасна флора што ќе ти наштети ако ја допреш или самиот релјеф што може да е исклучиво предизвикувачки за движење. Некогаш е мркли мрак и има киселинска олуја, пола метар видливост. За сѐ ова мора да ја прилагодите стратегијата и арсеналот.
Некои мисии се одвиваат низ згради и тесни улици, па борбите се блиски и функционираат комплетно различни оружја од тие кога мисијата е во џунгла. Пријателскиот оган дополнително знае да искомплицира, ама воглавно успеваме да се искоординираме добро. Веќе се научивме кој како игра, што прави и како користи стратагеми. Некогаш ќе изедеш напалм врз глава или ќе летнеш од мина што ја поставил некој наш, ама барем се промашуваме со обичните оружја.
Има многу различни типови на мисии, собрани по три во операција која може да трае до два часа. Мисиите се составени од различни задачи, главни и споредни, расфрлани на дел од планета која дополнително носи свои услови и модификатори. Сите овие елементи се процедурално стокмени така што технички секогаш играш нешто различно. Има три непријателски фракции кои сите имаат посебни единици и задачи од кои може да биде составена одредена мисија. Некогаш "шириш демократија" на непријателска територија со поставување знамиња на Супер Земја, во друг случај евакуираш цивили од руиниран град или ископуваш нафта. Има сигурно над пеесет различни, а на мисија добиваш комбинација од само неколку. Не знаеш што точно ќе ти се падне и никогаш не е досадно.
Откако ја заигравме се појавија и неколку нови. Има едни каде што товарите платина во контејнери додека локацијата е постојано под напад. Кога го носиш товарот не можеш да пукаш, па треба да се координирате како мравки и да се разберете кој каква улога ќе има. Има и мисии кои уште се предизвик за тимот. Командо мисиите каде што е ограничена употребата на бродот додека не ослободите одредена точка на мапата и тунелите со бубачки моментално знаат да се исклучително незгодни, ама стануваме поефикасни со секоја изиграна.
Helldivers 2 има и "врховна наредба" која е практично заедничка цел за сите играчи воопшто, фокусирана на одредени планети против една непријателска фракција и придонесот кон секоја мисија завршена на нив е глобално калкулиран. Така што доколку ја следиш, имаш на неколку денови нешто свежо за играње и млатиш различни узурпатори на демократијата. При отсуство на сингл плеер кампања, ова е единствениот начин на кој играта ја презентира и движи приказната.
Приказната, која отворено црпи инспирација од Starship Troopers и има сличен сатиричен тон, е сместена сто и кусур години во иднината, каде што човештвото под патриотската фасада и знамето на Супер Земја војува со три вонземски фракции кои претат на утопијата. Ти си Хелдајвер, послушен специјален војник на режимот кој во име на "демократијата и слободата" е фрлен во првите борбени редови. Се среќаваш со концепти како "управувана демократија", што всушност е начинот на кој жителите на Супер Земја гласаат со помош на вештачка интелигенција која се грижи секогаш да изберат како што треба. Постои и Министерство за вистина, чиј претставник се наоѓа и на твојот брод, присутен да те мотивира и да се осигура дека нема да те обземе некоја недемократска мисла.
Покрај приказната, цела непријателска фракција е визуелно инспирирана од Starship Troopers, инсектоидните Терминиди кои Супер Земја ги има прогласено за фашисти и ги убива за нафтата што ја даваат при распаѓање. За Аутоматоните инспирацијата е очигледно од Терминатор франшизата. Mногу од мисиите потсеќаат на војната во иднината, а во Machinery of Oppression убација и единици што изгледаат како некој напреден Т модел. Освен тоа, имаат и роботи што се како од Star Wars, па ако ти се погоди мисија на снежна планета против нив, се осеќа како битката на Хот. Има и планети како Аракис, комплет сосе џиновски црви. Општо се многу интересни варијациите на сите непријатели и комбинациите од истата фракција што може да ти се погодат на мисија.
Со оглед на тоа колку сум кнап периодов со време, тоа слободното навечер за гејмање гледам да го потрошам со друштво на Helldivers 2. Операциите траат по саат и нешто, така што немам кога да се заситам од играва, не па да ми смачи. Ми ги истисна скоро сите други од ротација што ги имав заиграно месециве. Со недели немам пуштено ARC Raiders, а ја прерипувам и цела тековна Last Epoch сезона. Ќе се млати Helldivers 2 уште некое време изгледа. Има најава и за нова содржина до јуни, со дополнителни биоми и типови на непријатели, па ќе биде уште поинтересно. А екипата на дискорд се шири и секој ден има спремни наоружани Хелдајвери да ги натаманат сите дисиденти и непријатели на слободата.





No comments:
Post a Comment