Колку одамна немав саглам пипнато Spawn. Последно нешто што читав беше она кога го вратија Ал Симонс откако Џим Даунинг беше Спон со години, а според тоа што моментално го имам во дигиталната колекција некаде таму имам и застанато. Редовно читав Spawn порано и обично чекав да се соберат повеќе броеви за да не чекам нов месец за месец, ама изгледа бааги сум се заборавил овој пат.
Во меѓувреме се фрлив на читање други наслови од Image Comics, ама отприлика следев како последниве неколку години го збогатуваат Спон каталогот со нови стрипови и ликови од истиот универзум. Годинава најавија уште едно купче, што некако и ми е сосема логично, со оглед на тоа што редовниот Spawn стрип веќе тера над триесет години во ист наративен континуитет и време е да истражат нови, посвежи опции и приказни кои би биле помалку оптеретени од главниот наслов. Освен тоа, бизнис перспективата секако игра улога тука и сигурно полесно ќе уловиш нова публика со број на издание што не е #353.
King Spawn е отприлика таков случај. Mе донесе и мене иако не сум баш нова публика. Нова редовна серија која моментално оди паралено со обичниот Spawn и чиј прв број продаде пола милион примероци што е сериозно голема количина за лик кој едвај има излезено од медиумот едно дваесетина години. Го листав првиот број сосе Spawn's Universe #1 и Gunslinger Spawn #1 кога беа тазе, ама очигледно и ова останало да се "присобере" и не да се присобрало. Во овој момент King Spawn е стигнат до #34 и веќе има четири колекции каде што се собрани првите 24 броја.
Ги читав само колекциите. Многу е позгодно вака отколку да бркаш нов број секој месец и да губиш тек со приказната. Веќе одамна не можам така да читам стрипови. Ако не е некако завршено или собрано, не го ни почнувам. Форматот на King Spawn не отскокнува од индустрискиот стандард. Далеку е полесен за следење и собирање од оригиналниот наслов, иако и тоа супер пасува во компактни колекции. Така склопени шест броја се помало парче од поголема тековна приказна и барем сега за сега нема нешто што се двои како независно.
Ми се свиѓа колку малку предзнаење ти треба за King Spawn доколку си нов или немаш долго време читано. Неколку страници и веќе имаш контекст, јасно ти е кој е Спон и како отприлика функционира светот во кој постои. Иако е еден вид на спин-оф, не мора да си во тек со тоа што се случува или се случило во редовниот Spawn, приказната тече така што сите битни работи ти ги сумира и објаснува. МекФарлејн овој наслов го има замислено да движи паралелно со редовната серија во истиот континуитет, нешто како Batman и Detective Comics, така што е стариот добар Спон, само затекнат во друга ситуација.
Oвој пат ситуацијата се обидува да го позиционира Спон на буквален трон кој него апсолутно не го интересира, меѓутоа терористички култ инспириран од библискиот псалм 137 и разни мекфарлејнски натприродни сили и фракции инсистираат на нов владетел. Со тоа што ни отприлика не успевам прецизно да ја опишам основата на приказната, затоа што Spawn стрип како Spawn стрип, секогаш за кратко бидува искомплициран колаж од повеќе исплетени слоеви, пресврти и специфична митологија. Не е тешко за следење, ама секако ќе спојлнам ако навлезам подетално.
Баш ми се читаше нешто вакво немилосрдно и брутално. Додека тековните Marvel и DC се натпреваруваат чив херој има најуникатен родов идентитет, Image Comics ги собраат сите гнасни елементи од приказната на Спон и ги амплфицираат до нови екстреми, без теретот да го задоволат секој постоечки и непостоечки демографски калап. Корените на ликот имаат помрачен сериозен тон, а бидејќи King Spawn настојува да го претстави Спон одново, приказната мора да замине и до неговата рана историја каде што сретнав некои ликови кои ги немав видено повеќе од десет години. Функционира од каде и да му пристапиш, a Шон Луис умее да биде иновативен и покрај тоа што работи со лик кој реално и нема некоја значителна еволуција.
МекФарлејн му дал огромна авторска слобода на моменталниот тим, меѓутоа ако имаш читано Спон точно ќе приметиш чии насоки се од самиот газда Тод. Мило ми е што го гледам МекФарлејн вака инволвиран, добро е да го видиш дека прави и нешто различно од продавање фигурчиња и празни муабети за нов Spawn филм. Фернандез и екипата цртачи се одлични. Уште мислам дека ерите на Капуло и Кудрански се најдобро нацртаните страници во историјата на овој лик, ама и King Spawn е потполно ефикасен и во склад на тоа што го бара приказната. Кудрански доловуваше еден посуптилен хорор елемент, меѓутоа овде тоа е повизуелно, а налудничавите идеи на Фернандез тука го двојат како еден од најмаркантните артисти кои се занимавале со Спон. Може и да му ги пролистам тие неговите Nightwing ангажмани од DC Rebirth.
Петтиот том на King Spawn ќе излезе оваа есен. Приказната до сега заврши сосема океј за да не ми е до брзање. Има други Спон наслови од истиот универзум за до тогаш. Може да ги разлистам Gunslinger Spawn, The Scorched, мини-серијалот Spawn: Unwanted Violence што е комплетно сценарио на Тод МекФарлејн, Rat City би требало да има собран пејпербек, a може и да се провери тековниот серијал, чисто за да видам колку и како се двои од King Spawn. Никогаш до сега немало волку избор за Спон приказни, мило ми е што Image Comics видоа дека сепак имало голем потенцијал во ова. Веројатно популарноста на другите неповрзани наслови на Image Comics и пропаста на стриповските Marvel и DC отворија некој пазар што еве очигледно ќе се искористи.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment