Сакам да се преправам дека имам слободно време за MMORPG наслови. Желбата ми е тука реално, ја кликам секоја вест за сите од тие малку нови што доаѓаат наскоро иако знам дека веројатно ќе ги снема додека дојде денот да ги пробам. Целава година дрвев како конечно World of Warcraft има експанзија што сериозно ме бендиса и еве го пропуштам актуелниот печ. Излегува нова за два месеци. А, да е само тоа? Во моментов имаш неколку различни официјални верзии на WoW, вклучувајќи и "ремиксана" Mists of Pandaria што ќе фура целово лето. Не броев, ама веројатно Активижн Близард сега поддржува повеќе легални варијанти на истата игра отколку што има саглам приватни сервери. Какво време дојде.
Додека се растеретам за World of Warcraft, макар било и за последните денови од Dragonflight, седнав малку на Lord of the Rings Online. Ни отприлика не ми одзема време како WoW, а знае да ми ја олабави "кризата" за ваква игра. Баш копав низ Crapwerk кога последен пат сум пишувал на тема LOTRO и испадна дека воопшто ништо немам освен некое штуро постче од 2010. Не дека некогаш ја запукав озбилно, ама поиграв пак од тогаш, па дури и изгубив еден акаунт во времето кога играта менуваше сопственик. Отиде мојот сирот хобит некаде во дигиталниот амбис, а само што го имаше сретнато Том Бомбадил.
Од пандемијата имам нов акаунт и ново џуџе што знам повремено да го разонодам низ Средната земја. Текстурите се застарени и флората има вкупно четири полигони по дрво, ама не ми смета зошто уште успева да изгледа преубаво. Надоместува со неповторлив амбиент и умешност лесно да те смести во светот на Толкин за воопшто да не размислуваш колку е примитивен целиот гејм дизајн и квестовите. Филмот што го вози, дека си обичен курајбер што воглавно собира по десет свински чмарови за локалното селце да може да си направи нови постелнини, е доволно ефективен за да не ми е мака што седум пати по ред бев испратен во Минас Ериол кога можев да завршам сѐ на еден трошок. Мислам дека во ниедна друга игра немам убиено волку многу гоблини, ама беше презабавно.
Зоните се огромни, па често самото одење од точка А до точка Б е авантура само по себе. Штета што овој дизајн е некако забатален во последно време. Во LOTRO можеш да налеташ на квест на некое забаталено место каде што си стапнал сосема случајно и од таму да ти се отвори цела нова приказна. А, бидејќи дејствието се одвива паралелно со The Lord of the Rings трилогијата, па повремено ќе ги среќаваш главните ликови и ќе правиш квестови кои се некако поврзани со нивното патешествние. Пак со истата механика, ама барем малку ја кршат наративната рутина.
Lord of the Rings Online ми го има она што одамна го изгубив во World of Warcraft, огромен отворен непознат свет каде што морам да станам појак за да не ме акнат од земја во следната зона. Еве, моментално сакам да стигнам до Ривендел, ама тешко дека со овој левел можам да преживеам до таму. Тоа ми е главниот квест што сам си го измислив. Знаеш она, кога првпат во старата WoW ќе скршнеш од идиличниот Ред Риџ во буквален пекол со суштества што наместо бројка на портертот имаат прашалници и тоа ти станува мисијата - да изодиш пеш и низ нив. Или од Дасквуд кога случајно ќе се најдеш во Дедвинд Пас.
Не знам каде ќе ме однесе патот следно, а не се ни трудам да дознаам надвор од самата игра. Не знам ни колку левели се вкупно во моментов, сѐ што знам е дека излегоа 250 експанзии од 2007 навака и дека повеќето се достапни бесплатно. Гледам дека уште има активна посветена заедница што ја одржува играта во живот и светот е некако жив. Без проблем се групирав за квестови, а дури и ме однесоа до некое селце да си земам коњ, па веќе не акам пешки.
Веројатно затоа и ја "чувам" LOTRO вака за повремени излети, зошто уште можам да црпнам од елементите што биле главната причина да се закачам вака на жанрот. Освен RIFT, ниедна друга игра од жанрот не успеа да ме тргне подолго од WoW, а ги играв повеќето. Од најдолните азиски и руски клонови на WoW до Guild Wars 2 и Star Wars: The Old Republic. LOTRO испадна некако најлежерна. Таму левелирањето е уште примарниот фокус, па затоа никогаш не се осетив притиснат да стигнам до било каков ендгејм или дека пропуштам нешто ако ја оставам со месеци или години.
Има некоја привлечна носталгија во MMORPG игри од пред скоро дваесет години. Неодамна конечно ја пробав и Warhammer Online која денес единствено опстојува на приватен сервер како Return to Reckoning и исто е вака шармантна како LOTRO и сличните од тоа време. А, LOTRO си ги покажува годините не дека не. Наводно требало да има некое поголемо визуелно освежување, меѓутоа испаднало премногу скапо во однос на тоа колку е реалниот профит, па сега тимот ја крпел постепено.
Некои работи дефинитивно би можеле да се исполираат. Онакви ситни детали како резолуцијата на мапата или елементите од самиот интерфејс би направиле разлика. Поголемиот проблем е што има константно некој ситен лаг кој како што разбрав не успеваат да го поправат со години поради некакви технички ограничувања. За жал единственото решение е да го навикнеш или да се научиш да го игнорираш. Ако еве сега кажам дека не ја крши играта воопшто, веројатно и јас го навикнав.
Не знам каква е иднината на LOTRO, ама во моментов има доволно содржина ако почнеш од нула и не ти смета постарошколска варијанта од жанрот. Бавна е, има грајнд колку што сакаш, не те брза никаде, па веројатно има за играње и до 2047, ако воопшто и тогаш излезе тоа новото Lord of the Rings MMO што требаше Amazon Games да го прават. LOTRO одлично функционира ако ти треба малце толкинствување, а иако тематски ми е активност поприкладна за грч зима, ете ме поттикна да фатам да го делкам македонскиот превод на The Silmarillion што излезе скоро.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment