September 3, 2023

Таман си е The Last Voyage of the Demeter

Сум приметил дека во последно време вампири се повторно присутни и прифатени во популарна фикција. Иако ништо никогаш нема да ми го надмине From Dusk Till Dawn, мило ми е кога ќе налетам на нешто ново и свежо. Можело уште да се цеди од жанрот ако се најде во вешти раце. Eте, добар пример е мини-серијата Midnight Mass на Мајк Фланеган, а моментално Роберт Егерс работи на Nosferatu римејк. Дури и Николас Кејџ беше Дракула во Renfield годинава. Сега и The Last Voyage of the Demeter испадна океј.
 
Филмот адаптира поглавје од книгата на Брам Стокер кое раскажува за доаѓањето на Дракула од Романија во Англија, тајно натоварен на трговскиот брод Деметра. Ни режисерот не крие дека инспирацијата за филмот ја нашол во Alien на Ридли Скот, па иако е малку дарежлива споредба, The Last Voyage of the Demeter е сличен концепт само со вампир на отворено море. Кога ќе наведеш таква инспирација, подобро осигурај се дека е вешто склопена твојата варијанта зошто ризикот е да создадеш очекувања кои нема да бидат пресретнати. Имаме веќе еден куп тапа имитации на Alien.
 

За среќа The Last Voyage of the Demeter не е воопшто лош, а реално и се труди да си е посебна ствар иако штофот од кој е скроен не е баш најшарен и уникатен. Без разлика што филмот потона финансиски со заработка само пола од вкупниот буџет, мислам дека полека ќе си го најде местото на Б хорор сцената. Ме зачуди што и воопшто стасал до кино. Одамна немало некое вакво забавно ѓубре од овој поджанр и одбивам да верувам дека ќе се заборави брзо.

Со мали модификации би бил многу подобар. Најголем проблем е што маркетингот открива премногу. Замисли ниеден трејлер да покажеше што го демне овој мал екипаж. Еве, не знам дека имало ваков брод и ваква приказна во Dracula книгата на Брам Стокер? Како поширока публика, комотно можеа да ми го изрекламираат малку посуптилно. Не дека покрај насловот ќе останеше тајно изненадување, ама доколку го тргнеа Дракула од промотивните материјали верувам дека ефектот кај многумина ќе беше поразличен. Сакам да избегавам трејлери, ама од овој некако успеав да видам три-четири и сите лабаво го раскажаа пола филм.

Затоа викам дека тие споредби со Alien кај вакви филмови мора да престанат да се користат како маркетинг. Остај го филмот да си дише на раат. Alien и сто пати да го гледаш, пак го осеќаш стравот на екипажот таму што не знае кој и што им е осми патник. Таа тегоба од непознатото е постојано присутна и ти се пренесува на тебе, иако како публика располагаш со информации што ликовите ги немаат. 
 
Тој мајсторлук на Ридли Скот е неповторлив и глупаво да мислиш дека си успеал да го пренесеш во твојот филм. Режисерот на The Last Voyage of the Demeter очигледно ги нема истите вештини, па цело време знаеш што го мачи екипажот тука. Дополнително има и лик воглавно наменет за експозиција, така што не многу работи се оставени на имагинација. Толку нешта се супер погодени во филмот, штета што некогаш не знае невербално да раскаже некои ствари. Немало да штети малку помистериозен тон, без разлика што инспирацијата доаѓа од веќе постоечко дело.
 
Но, за тие малку шашави моменти успева да надомести со претежно солидна режија и фотографија. Општо целата продукција е добра и покрај скромниот буџет. Користи и сетови наместо зелено платно, баш тоа и го прави филмот дополнително имерзивен, а и самиот Дракула, кој е очигледно инспириран од грофот Орлок, е повеќе практични отколку компјутерски ефекти. Има многу видливи детали што укажуваат дека The Last Voyage of the Demeter e правен ќефски и внимателно, па затоа замерките што ги имам некако ги тргнав од фокус. Уживав во секој момент, дури и кога филмот е цврсто убеден дека толку те поврзал со ликовите, па мисли дека емотивно ќе те допре драматичната смрт на некои од нив.

Ликовите се стандардната посада за ваков жанровски аранжман. Не се онакви неспособни глупаци како во Prometheus, ама не се ни доволно паметни да се справат со ситуацијата. Актерите од друга страна се супер и го вадат максимумот од материјалот. Сите се добри, од Сер Давос до детето актер, сечие присуство соработува со амбиентот на филмот. Кори Хокинс е одличен, мислев дека го немам видено од Straight Outta Compton, а само ми прошол незабележан во Kong: Skull Island. Време е заедно со Дејвид Дастмалчиан да добијат поголеми прилики. Капацитетот за носење цел филм на грб е очигледен.  
 
Два саати се можеби и премногу за ваков филм, ама успева да исплови до крајната дестинација без да се насука негде. The Last Voyage of the Demeter веројатно нема да го дочека продолжението кое се обидува да си го намести на крај, ама тврдам дека ќе остане да биде почитуван во одредени кругови. Одамна немав гледано нешто што се осеќа како да припаѓа на DivX ерата, ептен ми направи мерак. Да се појавеше тогаш веројатно ќе го имав изрежано на исто цеде со Ghost Ship.

No comments: