Почнав да се сомневам во серијата уште кога приметив дека на насловот The Continental му шлапнале From the World of John Wick. Од каде сега таа несигурност? Нели е доволно голема франшизата за да знае пошироката публика каде ти потекнува инспирацијата за новиот продукт? Дали некој пред да излезе ова седнал и го изгледал, па заклучил дека ако не му допише From the World of John Wick никој нема да знае дека е сместено во истиот континуитет? Зошто еве, откако изгасив после втората епизода уште не ми е јасно како ваква бавна, досадна драма со сите можни тропи и клишеа има било каква врска со Џон Вик?
The Continental: From the World of John Wick не е ни класична серија како што беше најавена, туку се три епизоди по саат и кусур, меѓутоа форматот е најмалку битен сега. Освен ако кога го лепеле поднасловот решиле да залепат и две епизоди во една, со намера гледачот да види две интересни работи во иста епизода. Не знам, стварно. Два саати изгледав од ова и ништо не се случи. Немав некои големи очекувања, ама звучеше како да ќе се занимава со подземниот свет на Џон Вик во кој филмовите намерно се воздржуваа да цапнат целосно?
Серијата имаше прилика да навлезе саглам во целата таа приказна за тајното криминално општество дури и без да се замара да одржи цврста врска со било што од филмовите. Никого не го заболе за млад Винстон и како стигнал да управува со хотелот Континентал. Пази па да не ти текне од прва кој е Винстон, а сто пати си гледал John Wick. Еве, и да е тоа приказната во серијата, сега стариот газда е млад, пак имаш одврзани раце да копаш низ интересните аспекти на четирите филмови кои не се состојат од Џон Вик како убива луѓе со коњ, буквално.
Единственото нешто забавно во овие два саати се случи во првите десет минути кога помислив дека серијата ќе има акција со слична кореографија како во филмовите. Останатите саат и пеесет минути се плитки муабети меѓу ликови што ништо не ти значат, а и си ги видел многу пати претходно во слични приказни. Двајца браќа сираци се бават со криминал, едниот е чесен ајдук, другиот ќе се замери со поголеми криминалци од него, па ќе го вовлече и брат му во некое срање во кое може да има само една преживеана страна бла, бла. Сме го виделе ова веќе.
Не дека John Wick е оригинален концепт, ама првата презентација беше стилски уникатно спакувана и фокусирана за да речиси инстантно си ја обезбеди репутацијата која ја има. Па, и за денес да го овозможи овој испрдок The Continental што не само што не разбира што е привлечното во изворниот материјал, туку и не успева да си најде било каков сопствен тон, ни визуелен, ни наративен. Упорно се потпира на идејата дека "главниот лик" е дел од поголема приказна надвор од оваа, па не се труди да те доближи до неговите мотиви и амбиции за да сфатиш зошто точно ги прави работите што ги прави.
Ако не можам да навивам за него како за Џон Вик или било кој друг лик со барем две карактерни својства, тогаш зошто да си го губиме времето? Нема ниеден допадлив лик што може да го износи ова, а серијата во втората епизода веќе собира цел тим, мислиш Ocean's Eleven ќе гледаме. Дури ни Мел Гибсон не се труди, ама па ако видиш каде сѐ се има појавено последниве години нема да те изненади неговиот перформанс. Многу е шкарт целото, одамна немав баталено серија вака на сред епизода.
Не можеш да отцепиш приказна од нешто како John Wick и да ја омлитавиш вака. Ако веќе нема постојана интензивна акција во првите две епизоди која сигурен сум дека ја чуваат за крај, тогаш имаш слободен празен простор што може да се пополни многу помангупски, покреативно и одделно од "нормалниот" свет во кој постои и самиот Џон Вик. Наместо да ѕирне во мрежата на платени убијци од перспектива на персоналот на Континентал, да се позанимава со делувањето на сите тие сомнителни организации од филмовите, серијата одбира да раскаже некоја обична невозбудлива мафијашка заврзлама.
Ни продукциски не е којзнае колку блескава, нема некои визуелни квалитети што може да го подобрат севкупниот впечаток. Пропушта супер прилика за прописно да го искористи временскиот период во кој се случува. Да не ти каже дека се случува во седумдести нема ни да приметиш. Бучната музика од тоа време џитната случајно во некоја сцена е мала асоцијација, ама ликовите упорно зборуваат и се однесуваат како во денешно време и едвај носат нешто карактеристично и шармантно.
Има и еден многу глуп момент каде што сам можеш да пресметаш колку пред Џон Вик се случува отприлика. Во случај да си ги пропуштил некако, нели. Постои млада верзија на ликот на Ленс Редик и Мел Гибсон го преставува како "ова е тој и тој, тинејџер". Кој збори вака, жити се? Истиве луѓе што ги штанцаат сценаријава после ќе се дрзнат да протестираат исплашени од вештачка интелигенција да не им ја земе работата.
Какво наседнување беше ова. The Continental е супер сведоштво за колку е изморен трендот на вакви "проширени универзуми" во 2023. Беше можеби забавно на почетокот со стриповските адаптации, ама дојде момент кога треба да провериш дали тоа што ќе седнеш да го гледаш е самостојно или мора седум филмови да изгледаш за "да го разбереш". Не се ни трудат веќе да ги прават квалитетни, сметаат дека твоето претходно познавање е доволно за да ти е интересно. Се надевам дека после штрајкот на сценаристите и актерите, работите конечно ќе се придвижат во посаглам правец. Смешно е на ова што е спадната целава индустрија.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment