Не можам да се сокријам од глупана серија The Rings of Power. Таман ќе подзаборавам дека постои, ќе ми се појави од некаде да ме потсети како така забавен свет успеа да го претвори во мачна неиздржлива досада. Не е баш доволно удобна зима за традиционалното прегледување на трилогијата на Питер Џексон, па барав нешто друго толкинско малку да ми ја врати бојата на лицево. Првата опција беше да ја преиграм The Lord of the Rings: The Battle for Middle-earth, ама дека последниве два месеци се ашкам низ Assassin's Creed игрите, Middle-earth: Shadow of Mordor испадна посоодветен избор.
После шест години избришав прашина и ја пуштив. Јако размрда кога се појави, па после некако комплетно се изгуби од секаде, скоро и да ја заборавив. Веројатно затоа и двојката така неприметно ми се слизна. А, кецот е презабавен. Баш се чудам колку добро се држи и денес. Shadow of Mordor воглавно позајмува многу од гејмплејот на Arkham игрите, ама има уникатен систем на непријатели што е многу мангупски испреплетен со приказната и ја двои од сите слични во жанрот. Можеби е штета што го имаат патентирано и немаме можност да го видиме и во други игри.
Nemesis системот ја прави целата игра реактивна на твоите постапки. Непријателите се процедурално изгенерирани освен оние кои се дел од поглавната приказна. Речиси секој Урук што ќе го начекаш низ Мордор е уникатен во секоја смисла. Има различни атрибути, моќи, ранг во хиерархијата на Орките низ која може да напредува и да гради врски со другите. Станува и помоќен доколку успее да те победи во битка или да ти избега, со што играта практично сама ти ги создава главните душмани. Секоја смрт на играчот во Shadow of Mordor го штелува светот во поопасна насока, така што мора однапред да си ја планираш стратегијата за да не си ја искомплицираш иднината.
Многу кул систем. Не само што ја прави играта подинамична, туку те лишува од линеарноста што знае да биде карактеристична за ваков тип на игри. Имаш и приказна за следење и супер е, меѓутоа позабавно и понепредвиливо е онаа содржина што доаѓа од Nemesis системот. Во секој случај ќе убиваш Орки на креативни начини, а играта ти нуди цела лепеза на располагање која дефинитивно не би била возможна доколку постои некаква Женевска конвенција во Мордор. Можеш да им изрипаш од грмушка, да им скокнеш од платформа, да ги гаѓаш со стрели од далеку, да јавнеш карагор да ги косиш или да се улеташ на цела орда и млатиш додека не ти се излизга испотениот контролер од раце.
Имаш различни мисии расфрлани низ Мордор што иако имаат репетитивна механика, секогаш се забавни за играње. Се прикрадуваш и ослободуваш затвореници на Орките, па заробуваш ти некој Орк да му извлечеш информација за некој негов надреден, трагаш по различни артефакти што го откриваат фолклорот, се бркаш со Голум што ти открива нови информации за Келебримбор, имаш временски-органичени предизвици, собираш Итилдин руни... многу содржина има, а сам си избираш како ќе ја таманиш. Низ целово ова секако си го појачуваш ликот со нови руни за оружјата и поени што му ги зајакнуваат атрибутите. Во суштина, Shadow of Mordor е симулатор на воени злосторства врз Орки, ама има толку многу работи за правење по пат што целосно ќе те претопат во тој богат свет на Толкин.
Приказната е исто супер. Баш поради тоа и фатив да ја поиграм пак. Пак е фан-фикција базирана на пишуванките на Толкин, ама за разлика од серијана не ја погани митологијата толку безобразно. Талион, ликот што го играш, е капетан од Гондор, кој откако ќе му ја убијат фамилијата е спасен од духот на елфот Келебримбор со кој практично сега го дели телото. Сите натприродни моќи што ги поседува Талион доаѓаат од неговиот "гостин". Ептен добро е вметнато во приказната, следиш двајца ликови кои мора да соработуваат на ваков нестандарден начин за да си ги остварат целите. Талион ја одмаздува смртта на фамилијата, а Келебримбор трага по своите сеќавања и идентитет.
Ваква некоја приказна плаче за адаптација што може да биде онаква возбудлива авантура како The Witcher, ама не. Добивме надркана Галадриел што не знае да искулира и расипани прото-хобити што ќе те остават да умреш ако шинеш глужд. Shadows of Mordor иако е позиционирана измеѓу настаните во The Hobbit и The Lord of the Rings пак донекаде егзистира во сопствен фолклор без претерано да влијае на настаните што доѓаат пред и после. Затоа и функционира како приказна што е одлична ако ти треба прочистување од The Rings of Power.
Нема подобра LOTR игра за кога ќе ти дојде да се испукаш. Саат време дневно е доволно колку да опустошиш некој оркшки камп. Не е игра што можам да ја играм маратонски, ама сакам вака повремено да ја делкам за евентуално еден ден да ја комплетирам 100%. Онака е за полека да си ја играш, да си планираш како ќе пристапиш кон следната мисија. Продолжението не го пипкам додека не ја завршам комплетно оваа, а тоа сигурно ќе потрае.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment