October 6, 2021

Недела и кусур со New World

После месеци, да не речам и години одложување и пренемагање, New World конечно е тука да ти го делка слободното време. Или можеби и нема. Не знам јас тоа, ќе си видиш. Важно е дека пред нас имаме нов свеж MMORPG свет и лично сум пресреќен што пак вистински се забавувам со жанрот. Настрана од катастрофалното лансирање минатата недела кога Amazon, компанија што хостира третина од целиот интернет, не успеа да обезбеди доволен број на сервери за сопствената игра - New World апсолутно си гази. 
 
Да, првите неколку денови не можевме да влеземе во играта поради долгите редици на серверите, ама ете брзо отворија нови, па од следната недела ќе нудат бесплатен трансфер за тие што се раштркани на различни страни со другарчињата. Јас со моите од Midgard се преселив на Kantia и најверојатно таму ќе останеме. Во иднина сигурно ќе падне бројката на активни играчи, во моментов е околу милион, па верувам дека многу од кластерите ќе бидат споени во еден сервер.
 

New World не е многу поразлична од бетата што можевме да ја играме пред месец. Само што сега ја играм на раат и со многу, многу појак хардвер. Ко господин. Ете ја играта што веќе ми ја оправдува приновата. Етернум уште поубаво изгледа на максималните графички сетинзи и со достоен фрејмрејт што не се претвора во пауерпоинт презентација кога ќе влезеш во некое село што крца од играчи.

А, играчи има многу. Секој сервер може да издржи само 2000 во моментов, ама пак целиот свет изгледа живо. Каде и да отидеш има некој што си брка работа, си цепи дрва, си копа руда или ти ги лови елените што и ти сакаш да ги ловиш за да си користен околното гратче. Заедницата е уште тазе за да биде токсичниот отпад карактеристичен за слични вакви игри, па често ќе најдеш помош за било што. Дали е обичен квест, данџн или треба да забодете секирче во вратот на играч од спротивната фракција. Не дека е тотална хармонија, ама во моментов е некако стварно да се биде дел од ова.

Немам проблем со едноличните квестови. Сакам грајнд, сакам да собирам кожи за да си сошијам поголема торба за цвеќињата и дрвата и не ми смета ако го правам истото секој ден само на различни локации од светот. Ставив рака во истите илјада кутии за да најдам некои документи што му требаат таму на некој си мрзлив забушант во градот што одбива сам да си ги најде.
 

Етернум е интересен за истражување, а немам ни пола видено. Oгромен е, со преубави локации и мистерии што те демнат на секој чекор. Приказната е раскажана со мали белешки и страници од дневници што ги наоѓаш и тоа ми е сосема доволно. Нема долги досадни инстанцирани квестови за експозиција. Баш е суптилно, иако се гледа дека е крпеница со која New World од иницијалната замисла за само PvP игра е сменета да биде во ова што е денес. Веројатно и самиот дизајн на квестовите е прешиен врз таа оригинална идеја, ама за мене таман функционира.

Има дури и некои динамични ивенти. Светот е често напаѓан од некои мрачни сили коа доаѓаат преку портали кои треба да се соберете за да ги затворите. Како во RIFT. Само што не е толку добро како таму, ама е сепак доволно интересно за да те држи заинтересиран и да го правиш повеќе пати. Добар концепт им е ова, се надевам дека во иднина ќе го разработат со повеќе разновидност. Моментално групната PvE содржина е малку посиромашна, па повеќе вакви дешавки низ отворениот свет би можеле значително да ја размрдаат.

Групната PvE содржина се стандардните инстанцирани данџни, ама New World како што можам да приметам нема премногу во моментов. Шест се веќе во играта, а другите шест наводно доаѓаат наскоро. Го истрчав тој Amrine Excavation неколку пати и супер е. Се надевам дека ќе дочекаме и некој рејд набргу, чисто за да биде малку пошаренолико и предизвикувачки. Знам дека играта е воглавно замислена како PvP крвопролиќе, ама има многу PvE играчи кои Amazon ќе мора да ги задржи.

За PvP постојат многу позабавни опции, бидејќи три фракции на играчи може да се тепаат за територија и власт. Само тие војни се ограничени на 50 играчи од секоја фракција, па во моментов и таму е тешко да се бутнеш. Системот функционира на принцип се пријавуваш на огласна табла и чекаш да те одберат, ама барем деновиве приметив дека воглавно големите гилдови се бираат меѓу себе. Изгледа треба да се докажеш како опасен PvP курназ за да те одберат за војна, не знам.

Останувам тука. Мислам дека си најдов нов MMORPG свет што ќе ми биде новиот дом откако го напушив Азерот. Ми се свиѓа амбиентот, комбатот е феноменален, крафтањето е заразно и нонстоп ти дава некои нови мали цели. Ете, последен пат утепав неколку саати на собирање материјали за нова торбица и подобра опрема за цепење дрва, срп за растенија и нож за да ги дерам волците што ги стрелам во чело. Можеш како сакаш да си ја играш играта. Не ни мораш квестови да правиш, се левелираш со буквално секоја активност. Сите професии ти се веднаш достапни и можеш да си било што.

New World има огромен потенцијал да прерасне во следниот голем MMORPG наслов. Останува само да видиме каков третман ќе добие од Amazon, со оглед на тоа дека откажаа неколку други игри за наводно да се фокусираат на ова. Доколку нема редовни апдејти со свежа содржина како другите игри или ако се полакомат со продавање на pay-to-win срања, нема да трае многу долго. А, би сакал да потрае бар додека не излезе Ashes of Creation.

Види такоѓе:

No comments: