November 30, 2009

Saw VI (2009)

Изминатиов месец се изначитав позитивни рецензии за последниов Saw, па дури и имав некаква надеж дека ќе бидам позитивно изненаден. Не. На исто ниво е со претходните два, со исклучок на моменти кои се за нијанса поинтересни. Приказната не напредува воопшто, без разлика колку и да форсираат. Веќе ми се излитени сите тие морални дилеми и жртвување за нечиј живот да биде спасен. Првиот дел одлично си функционираше, се после тоа беше рециклирање на оргиналната идеја и тупење до бескрај.

Знаеме кој ја продолжи просветлувачката мисија на Џон Крејмер уште во четвртиот дел, а за жал, знаеме и кој ќе тера понатаму за уште седумнаесет продолженија, без пардон. Пак ќе кажам, доколку имаа во план да тераат со вадење на нов филм секоја година, не требаше да го убијат клучниот лик толку рано. Навраќање со флешбеци и тајни касети што никнуваат во секој дел, кај мене не проаѓа. Мислам, океј, еднаш го направија, сфаќам, ама до кога ќе тераат вака? Испадна дека Џон Крејмер уби повеќе луѓе откако умре.

Приказната е хаотична, ја заплеткаа беспотребно. Стапиците не ги коментирам, секогаш им се добри, што не значи дека го прават и филмот добар. Дали решиле да заштедат на продукција, не знам, ама филмов е делува како нискобуџетен B-филм со катастрофални актери, на пример, во сцената со рингишпилот. Е, тоа беше претерано, и ако потраеше уште минута повеќе, ќе мотнев напред. Крајот не ме изненади, уште кога се појави жена му на Крејмер, знаев што е муабетот и како ќе заврши. Не се ни трудат веќе.

Нормално, следната година ќе има нов дел, почнува со снимање за некој месец. Продуцентите велат дека имало шанси да биде последен, зошто Saw VI не прошол добро на бокс-офисот. Држам среќа да биде последен...

No comments: