June 15, 2015

Петтата сезона на Gаmе оf Thrоnеs

И, покрај тоа што ми се фатија пет-шест епизоди за гледање по ред, успеав да се засолнам од спојлери. Се уклучив со редовно гледање на сезонава баш некаде пред најдобрите последни епизоди. Стандардно, како и за секоја сезона, климаксот беше во деветтата епизода, за финалето да послужи како подготовка за тоа што следува догодина. Со по некој исклучок за одредени приказни. Но, тука е интересниот момент, зошто некако серијата успеа да го потроши материјалот од книгите. Уште нема нова книга, така што продуцентите ќе бидат приморани да склопуваат нивни идеи со сугестии од Џ.Р.Р. Мартин за каде евентуално би се движеле стварите. Новата сезона почнува со продукција летово, така што и нема многу време да се чека за The Winds of Winter. Под сликата, има спојлери, веројатно најзаебаните од Нед Старк навака. 


Одлична сезона. На ниво на претходната и славните денови од почетокот на серијата. Барем им ги затна устите на тие што упорно гледаа и се жалеа како ништо не се случува. Сакаше акција? Ете ти бесна армија бели зомбија што ќе направат цела екипа на The Walking Dead да се заклучи во амбар. Тензична, епска акциона сцена која ја направи "Hardhome" епизодата да биде една од најдобрите, ако не е и најдобра, во целата серија. И, таман помислив дека се оддалечија од "правилото" за деветтата епизода, Калиси јавна змеј баш таму. Скап, грандиозен компјутерски-генериран змеј. Момент што го чекав откако првото бебе-змеј ѝ застана на рамо. 

Финалето донесе исто така пошокантни ствари. Самото тоа дека спојлерите се идната сезона се минимални, додаваат на нивната сериозност. Арја успеа да добие уште еден дел од нејзината одмазда, на вистинско место, но по цена на што? Таман помислив дека на нејзината улога ќе се намали интензитетот, ова само уште повеќе ја искомплицира. Требаше да знам дека нема да седи мирна во моментот кога го скри мечот кај карпите. Другата преживеана Старк дама изгледа конечно доби некаква предност. Барем доколку скокот кон слободата пројде со не толку страшни последици. Станис исто така си го доби заслуженото, исто како и ние што ја добивме Лина Хиди гола, цели пет минути. Некој тука одамна го чекаше тоа, океј? Но, потресноста на сцената го тргна фокусот од нејзините ројални женски делови. Не сум толку бесчуствителен тинејџер.

За крај, спојлерот над сите спојлери. Џон Сноу. Го избодеа. Повеќе луѓе, повеќе пати. Дури и тој копиљот. Многу сакам да кажам дека беше "поради некаков часовник", ама преглупа фора е. Не знам што ќе се случи со Џон Сноу, ми изгледаше прилично мртов мене. Но, според некои теории што ги читав, наводно има шанси за него.  Наводно ќе може умот да го пренесе во волкот. Волкот му остана жив. Башка, помагичен е Џон Сноу од тоа гамадот на ѕидот, мора да преживее некако, нели Мартин? Размени напнати погледи со некромансерот горе на сликата, мора да се сретнат пак некако. Не можеш туку така да убиеш лик што едвај до пола го видовме за овие пет години. Секогаш мислев дека Џон Сноу ќе има некоја многу поголема улога во Седумте Кралства, штета ако вака ненадејно отиде.

No comments: