Дејвид Духовни има две улоги во кариерата. Едната е Молдер, другата е Хенк Муди. Не знам како успеа со втората да се одвои од тоа што го направи популарен, ама ете, функционираше. Што се однесува до мене, Духовни заврши во моментот кога одлета за Њујорк да биде среќен после години патење, блуд, алкохолизам и самоуништување. Духовни никогаш не беше typecast. Беше само два ликови и како таков ми е врежан до неизбивање. Не е толку талентиран за да може да биде било кој, ама има доволно харизма за износи ликови како Муди и Молдер. Е, сега, The X-Files додека не дојде Роберт Патрик, ми е гледана три пати. А, Californication... За Californication ми е веќе незгодно да ти кажам колку пати. Така што, Духовни мене ми е тие двајца. Колку и да пробувам да бидам отворен за нови улоги, не ми оди.
"Пиштол е, ама и среќен сум што те гледам"
Сега, директно од нечии препони, се враќа во 60-тите да биде детектив што ќе го лови Чарлс Менсон. Во серија што се обидува да те потсети на True Detective и дека Духовни сè уште е актер. Шансата ја дадов само колку да видам дали ќе си речам "Кој Муди?" Не. Во секоја сцена е отсутен, како некој сирот испотен млад асистент да му ги држи репликите на картон зад камерата. Дури и да е Aquarius евтина тезга, не покажува со ништо дека се труди. Повеќе делува како да размислува за насоката во која му е отидена кариерата и генеричкиот рок албум што го сними годинава, продукт на неговата средовечна криза. Остатокот од актерите можеби не се толку лоши, колку што Духовни го краде фокусот со инсистирањето да биде некој друг лик.
Потенцијалот за ваква серија е огромен. Чарлс Менсон може да биде забавен со неговата контроверзност и гротескниот удел во американската историја и мрачна поп култура, меѓутоа многу делови тука не се спојуваат за да бидат функционални. Или па јас не можам да ги спојам, така што можеби само мене ми е глупава. Во тој случај, слободно обвини ме за насловот на постов. Пробај еве, 13 епизоди се. Јас едвај изгледав една.
А, The X-Files се враќа наскоро како мини-серија. Веќе имам остра главоболка од превртување очи поради тоа.
No comments:
Post a Comment