June 15, 2015

Втората сезона на Silicоn Vаllеy

Мојот омилен фиктивен стартап ја заокружи втората сезона. Како и минатиот пат, сонцето послабо грееше кон Pied Piper. Речиси цела сезона беше таква. Секоја надеж за работата на Ричард и екипата да оди глатко, ќе доживееше некој неславен пресврт, враќајки ги повторно во незавидна положба.  Беше интересно на почетокот, но кога слична таква ситуација ќе почне да се повторува во секоја епизода, станува напорно и фрустрирачки. Многу повеќе за публиката отколку за самите ликови. Финалето си играше со истата финта, но за среќа последиците не беа толку безобразни како што крајот на сезоната најавуваше. Сепак, како би имало трета, па дури и четврта сезона ако сè им оди според планот, нели? 


Формулата за стартап кој упорно моча спорти ветерот ќе стане досадна доколку серијата не земе некој друг тек догодина. Проблемите на ваков стартап не сопираат во моментот кога ќе се добие таа битната инвестиција и лансира продуктот, така што има многу теми кои може да се различни од ова што се случуваше во оваа, па и во претходната сезона. Ликовите се брилијантни, хумор е неоддоливо смешен, па сè што треба е некое освежување поголемо од распрдени милијардери како Рас Ханеман.

Но, и покрај сите маани, оддалечувањето од она како реално функционира технологијата и некои крајно дебилни моменти (она со мајмунот, на пример), втората сезона ми беше многу поинтересна од првата. Динеш и Гилфојл блескаа со нивниот меѓусебен однос и мрчење, тргајќи го Елрих настрана од фокусот што го имаше лани. Да, цар е ликот, само што малку стана предвидлив со однесувањето, па делуваше како прерано да го потрошија. Сезоната најави и неколку помали ликови, дел од нив можеби имаа некаков потенцијал, ама ги снема пред да приметам дека ги снема. Можеби ќе си играат со нив понатака?

Silicon Valley е далеку од пропаст. Мали промени надвор од шаблонот може да се гаранција за добра трета сезона. Барем малку да се намали со сопките кои го снаоѓаат Piep Piper на секој чекор. Моментално серијата е еден од подобрите ситкоми во последниве неколку години, па би бил среќен доколку остане така и во наредните.

No comments: