Иако оваа недела Wayward Pines е на пауза во САД, шестата епизода беше прикажана во Европа, па неплански се појави приликата да ја гледам. А, дојдов со намера да пишувам за пресвртот во минатата епизода. Подоле, под сликата од подостарен Мет Дилон со шатган, се спојлерите од тоа што се случи на пола серија, ама прво дозволи ми два реда општ муабет. Не очекував дека ќе гледам нешто вакво. Барем не дека ќе дојде вака тивко, да треба да дознаам што е од торент тракер.
Две-три епизоди се доволни се да се навлечеш на ладната клаустрофобична атмосфера, да ти стане јасно дека не гледаш никаква лабава серија. И, без разлика на малку различната насока по која почна да се движи, го држат квалитетот на пишувањето и понатаму. Моментално е најдобрата драма што се потпира на мистерии, а да не сакам да ја споредувам со Lost. Она што на почетокот изгледаше како True Detective фан фикција сместена во Твин Пинкс, што ја пишувал Стивен Кинг во кенеф, се претвори во нешто сосема друго. За тие што не го очекуваа пресвртот, петтата епизода е веројатно пресудната за дали да се гледа понатаму. Јас очигледно останувам до крај и се крстам за втора сезона. За среќа, првава ќе добие крај, во случај FOX да се премислат. Веројатно ќе биде адаптација на само една од трите книги, не знам. Спојлерска територија ми е тоа. Исто како и сè ова надоле под сликата.
Не се ни на Островот!
Очекував многу работи. Го очекував она Wayward Pines пробуваше суптилно да ми го протне. Таен владин експеримент, можеби? Премногу досадно, но возможно. Ќе требаше мотивите да се премногу добри за да е изводлива целата ситуација што се случува. Натприроден проколнат град со таен култ? Не се осеќаше ништо такво, ама на ваква ствар ќе ја повлечев линијата. Ако си храбриот витез што чита до тука и покрај тоа што предупредив за спојлери, Вејворд Пајнс е град што постои 2000 години во иднината. Откритието ми направи "Брус Вилис е дух" онака најнеочекувано. Помислив на сè друго освен на ова. Значи, грубо, научник што некако насетил дека човештвото нема светла иднина, го создава Вејворд Пајнс. Град-арка чии жители отишле на спиење (повеќето не баш доброволно) во денешно време и се будат во иднината каде луѓето се деволуирани во грозни, гладни, диви суштества. Во 4028, единствената цивилизација е овој мал град, опколен со карпи и ограда кои го штитат од она што демне низ останатиот дел опустошената планета Земја.
Отиде малку повеќе СФ. Но, тоа што воопшто не ни очекував дека така ќе забега ми го направи толку добро. Петтата епизода одговори прашања што друга серија веројатно ќе ги поставеше на крајот од сезоната. Каде после ова? Шестата веќе почна со одговарање на некои "зошто баш вака" моменти од почетокот на серијата. Иако брутална, целата контрола што одговорните за градот ја имаат врз него сега прави смисла. Ако не си волонтирал, а тие мислеле дека ќе можеш да помогнеш во обновување на човештвото, па те киднапирале "во иднината", сигурно нема да ти е сеедно кога ќе го дознаеш тоа. Но, дури и на волонтерите кои ја знаат вистината, не им е секогаш пријатно, па најверојатно во следните епизоди "каменот ќе доаѓа од внатре". Не секој сака да биде разбуден од Матриксот, нели Сајфер? Копиле едно гнасно.
Остануваат уште четири епизоди до крај. Сега Европа е една епизода пред САД, ама веројатно ќе се синхронизираат за финалето. Можеби е полесно да се предвиди понатамошниот тек на Wayward Pines, меѓутоа ме занима дали има шанса за уште некој ваков пресврт. Флешбеците од "денешно време" одлично ја расплетуваат приказната, па се надевам ќе продолжат да ги користат вака умерено како во шестата епизода. Барем се објаснуваат мотивите на некои ликови кои завршија прерано. Уште па ако објаснат од кај финансии за таков проект како Вејворд Пајнс...
No comments:
Post a Comment