October 30, 2013

Неколку кратки СФ филмови на Тајсон Вејд Џонстон

Деновиве пак е актуелен Тајсон Вејд Џонстон со нов краткометражен СФ филм. Lunar е негов трет филм, по Seed и Exist. Мислам дека конечно е време некој да му даде пари и одврзани раце на дечково. Идеите можеби не му се скроз оргинални и нови, меѓутоа мајсторски го доловува амбиентот таму каде што се сместени. Фотографијата му е феноменална. Веќе има изградено стил и фори, и следното нешто што сакам да го видам од него е некој поголем проект.


Тајсон Вејд Џонстон има само 22 години и прави партал. Со малку пари. Ако се точни информациите, Seed и Exist имаат буџет од околу 500 долари секој. Lunar е веројатно нешто поскап, барем ако судиме по специјалните ефекти кои тука се поинтензивни од претходните два. Lunar му е најдоброто остварување до сега, и не само од продукциски аспект. Тука најмногу се забележува прогресот на Џонстон, и кај режијата и кај самата приказна која тука се обидува попрецизно да ја разработи. Иако е едноставна, буди многу повеќе емоции отколку делата на некои луѓе кои важат за мајстори на занаетот. 

Мислам дека допрва почнува времето на овој млад режисер, доколку продолжи вака посветено и понатаму, поместувајќи ја границата кон како што кажав, поголеми проекти. Не е единствениот што се занимава со вакви кратки филмови, меѓутоа има потенцијал кој некако се двои. Еве ги сите три филмови, ги има и во HD резолуција:

October 28, 2013

Падна Garrosh!

После речиси цела недела безуспешни обиди, конечно со LFR групата го бутнавме последниот бос од Siege of Orgrimmar рејдот. Последниот водач на Хордата - Garrosh Hellscream. Рејдот воопшто не е лесен, бара огромна координација на групата и малку е тешко кога ќе се погодат луѓе кои не се баш сигурни што прават.


Целиот Siege of Orgrimmar рејд е еден од најдобрите што сум ги видел во WoW. Првпат рејд лоциран во главен град кој дава една сосема поинаква слика за целата приказна. Обесените запалени Ворлоци со "Heretics will burn" таблата пред Cleft of Shadow ми се еден од најмоќните детали во цела игра. И, нема играч кој не го полазиле морници од синематикот на крај.

Со ова, пројдени ми се сите рејдови што ги понуди Mists of Pandaria. Blizzcon е за десетина дена и време е да се најави следната експанзија.

October 25, 2013

Мала дискусија за Captain America: The Winter Soldier

На само неколку недели од премиерата на Thor: The Dark World, Марвел го пуштија трејлерот за Captain America: The Winter Soldier. Продолжението на The First Avenger, го носи ликот во втората фаза од филмскиот поход на Марвел, која започна пролетва со Iron Man 3. Како што покажало досегашното искуство со Марвеловиот филмски универзум, продолженијата секогаш биле барем едно ниво над првиот во низата. Можеби вториот Iron Man ќе повлече дебата околу ова правило, меѓутоа ќе го оставам ова за некој следен пат. 


Потегот на Марвел да одат со Winter Soldier како негативец, го дочекав со восхит. После The Avengers, баш ова е тоа што е потребно на ликот и приказната. А, кој е Winter Soldier? Баки, помошникот на Кеп во Втората светска војна и негов најдобар пријател. Откако ќе настрада на должност и ќе ја загуби раката и памтењето, Русите го наоѓаат смрзнатото тело и го реанимираат, претварајќи го во платеник со кодно име Winter Soldier. Една од најдобрите приказни на Ед Брубејкер и дел од причините поради кои почнав да читам Captain America стрипови. Филмот не можеше да има подобра идеја од ова, со оглед на тоа што ликот е сега во денешно време. Одлична можност Кеп да се истестира и на психолошко бојно поле, како што делумно беше случај и со Тони Старк во Iron Man 3

Captain America: The Winter Soldier се најавува како политички трилер, со избежна акција и експлозии, се разбира. Од овие две минути, eдно е сигурно, дека ова ќе биде најсериозната инкарнација на ликот на филм. Имаше два филма шанса да созрее, па не ни очекувам помалку. Крис Еванс сјае како Капетан Америка. Уште ми е чудно како им успеа на Марвел да го претворат во ова што е.


Трејлерот го најавува и Фалкон, Авенџерот го недостасуваше во оргиналната филмска постава, а ќе биде дел и од Age of Ultron. Captain America: The Winter Soldier доаѓа дури на пролет следната година, на 4-ти април.

October 13, 2013

Новости за Star Wars Rebels

Паралелно со небитните кастинг гласини за Episode VII, доѓаат официјални вести за новата анимирана серија, Star Wars Rebels. Деновиве на Comic Con во Њу Јорк беше откриен и новиот негативец, Inquisitor (на сликата долу). Приказната конечно, конечно ќе биде сместена измеѓу двете трилогии, период кој некако падна во сенка на The Clone Wars. 14 години откако Џедаите ја губат војната, Инквизиторот е испратен од Дарт Вејдер да ги лови преживеаните. 


Она што е исто така познато, е дека приказната претежно ќе се одвива на планетата Lothal каде што жителите ја прифатиле Империјата која пак ги искористува регрутирајќи ги во својата војска и фабрики. Веројатно тука избива и востанието кое ќе биде тема на серијата. Звучи интересно, со оглед на тоа што овој досега неистражен временски период на телевизија нуди еден тон можности и ликови. Додека не е Хан Соло дел од приказната јас сум сосема океј со ова. Откако заврши The Clone Wars, ми фали неделен Star Wars фикс во овој формат.

Star Wars Rebels доаѓа во 2014. На почетокот на година, конечно ќе го видиме и крајот на The Clone Wars, приказна која за жал остана незавршена откако Дизни ги купи правата. Во ова кратко видео, Дејв Филони зборува за она што може да се очекува од новата серија.

Gravity (2013)

Денес е реткост да се види поекспериментално холивудско остварување. Публиката е веќе научена на шаблоните кои се сервираат со години и фино е да се види кога нешто ќе излезе од границата. Уште поретко е во време кога специјалните ефекти се доминантни во секој "поголем" филм, некој успешно да ги искористи за да раскаже приказна. Со Gravity, Алфонсо Куарон го прави токму тоа. Можеби и затоа филмот функционира толку добро и внесе свежина каква што недостасуваше изминатиот долг период. Рецензиите за Gravity се можеби пренапумпани, меѓутоа филмот не е ништо помалку од извонреден. Од друга страна, па веројатно може да ги разбереш, зошто истите тие луѓе имаат пристап до IMAX и многу поквалитетни 3D кина. Ние тука имаме избор дали ќе ја гледаме 2D верзијата во поефтиното или поскапото кино. Сепак, и на такво платно и технологија, Gravity успева да ја пренесе големината.

Ова за мене е досега нешто невидено. Куарон заслужува овации за режијата и брилијантните долги кадри кои на моменти комплетно го засенуваат маргиналното сценарио. Дури и научната прецизност ја прават небитна. Целиот филм е исполнет со феноменален саундтрек кој звуците во вселената ги пренесува како оркестрални вибрации. Некаде и не се разликуваше, но е толку добро склопено што личи на ситница која слободно можеш да ја игнорираш. Токму овие елементи го прават филмот тоа што е.

Иако приказната беше многу поразлична од тоа што трејлерите ме натераа да мислам дека е, не беше воопшто лошо. Само различно од тоа што очекував да видам. Едноставна, без претензии да навлегува во длабоки филозовски идеи и концепти. Или јас нешто пропуштив, или па Gravity не успеа да ми пренесе. Имаше простор секако, но очигледно Куарон имал поинаква цел. Џорџ Клуни и Сандра Булок се сосема на место и покрај тоа што не успеав да се соживеам со маката на Булок. Анонимни актери можеби ќе имаа друг ефект, кој знае. Веројатно некој мислел дека поради природата на филмот, подобро е да се игра на "сигурно".

Во повеќе наврати Gravity референцира филмски дела со кои веќе го дели местото на полицата со класици. Дали е заслужено, ќе покаже времето. Уште барем некое време ќе се осеќа хајпот и рано е за да "легне" како што треба. Во секој случај, е еден од најхрабрите филмови во последните неколку години.

October 5, 2013

Pacific Rim (2013)

Спуштените очекувања и големата доза на скептицизам ми го направија Pacific Rim посебно доживување. Сакам кога во вакви случаи сум пријатно изненаден. Сега можам да се каам зошто го пропуштив во кино. Филмот е таков визуелен спектакл што само во кино може да се осети како што треба. Така е кога е изгубена довербата во денешните блокбастери, за жал. А, Pacific Rim е пример за како треба да изгледа еден таков блокбастер. Големо, но не и претенциозно. Гилермо Дел Торо си ја задржа почитта од мене, иако се посомневав кога видов каков филм ќе режира. Барем му покажа на Мајкл Беј како се прават вакви филмови. Ова е тоа што три дела на Transformers не можеа ни пола да го доловат. 

Приказната е прилично едноставна, без непотребно комплицирање и тегнење, но полна со фини детали кои ја прават сликата повпечатлива. Влијанието од јапонската tokusatsu школа и аниме се осеќаат во сите компоненти на Pacific Rim. Дури и чудовиштата кои ја напаѓаат Земјата се наречени kaiju, што во буквален превод на јапонски значи баш тоа - чудовиште. Џиновските mecha робот кои луѓето ги користат за да се борат против чудовиштата се како излезени од некое аниме. Дури и ликовите се такви, имињата на роботите, костимографијата и добар дел од дизајнот на целиот филм. Можеби и затоа и имаше таков ефект врз мене. Единствено нешто што недостасува е саундтрек. Барем нешто покарактеристично и впечатливо.

Ги разбирам лошите критики упатени конкретно кон самата приказна. Но, доколку ја прифатиш таа "аниме логика" која е присутна, прашањата сами ќе се одговорат. Токму и тоа е убавината на филмот, светот во кој е сместен си има други правила. Има и фин приказ на тоа што се случува со светот додека го роварат интергалатички ѕверови стигнати тука преку портал на дното на Тихиот Океан. Можеби на некои им фали сериозноста присутна кај слични аниме инкарнации, пример Neon Genesis Evangelion, меѓутоа како што и самиот Дел Торо си кажува, сакал да направи "полесна" варијанта на тоа.

Она што е импресивно во Pacific Rim е убавата употреба на CGI. Во споредба со слични филмови, дури и со некои комплетно различни, ова е мајсторски изведено. Не е воопшто хаотично како Transformers. Локациите на битките се внимателно избрани, за Дел Торо да може да го потенцира спектарот на бои со кој умешно си игра во добар дел од неговите претходни остварувања. Осветлувањето на сцените е мајсторско и за разлика од (ете споредбата е некако неизбежна) Автоботите и Десептиконите, тука можеш да видиш кој џиновски монструм му удира бокс на другиот. 

Кога два саата ќе ти летнат како дваесет минути, знаеш дека формулата е успешна. Pacific Rim дефитивно не е за секој, иако е понуден на најшироката можна публика. Ако сакаш mecha роботи и аниме, шансите да ти се свиѓа се многу поголеми. Продолженијата се неизбежни, а до тогаш може да се пролиста стрипот кој служи како вовед во приказната.