На само неколку недели од премиерата на Thor: The Dark World, Марвел го пуштија трејлерот за Captain America: The Winter Soldier. Продолжението на The First Avenger, го носи ликот во втората фаза од филмскиот поход на Марвел, која започна пролетва со Iron Man 3. Како што покажало досегашното искуство со Марвеловиот филмски универзум, продолженијата секогаш биле барем едно ниво над првиот во низата. Можеби вториот Iron Man ќе повлече дебата околу ова правило, меѓутоа ќе го оставам ова за некој следен пат.
Потегот на Марвел да одат со Winter Soldier како негативец, го дочекав со восхит. После The Avengers, баш ова е тоа што е потребно на ликот и приказната. А, кој е Winter Soldier? Баки, помошникот на Кеп во Втората светска војна и негов најдобар пријател. Откако ќе настрада на должност и ќе ја загуби раката и памтењето, Русите го наоѓаат смрзнатото тело и го реанимираат, претварајќи го во платеник со кодно име Winter Soldier. Една од најдобрите приказни на Ед Брубејкер и дел од причините поради кои почнав да читам Captain America стрипови. Филмот не можеше да има подобра идеја од ова, со оглед на тоа што ликот е сега во денешно време. Одлична можност Кеп да се истестира и на психолошко бојно поле, како што делумно беше случај и со Тони Старк во Iron Man 3.
Captain America: The Winter Soldier се најавува како политички трилер, со избежна акција и експлозии, се разбира. Од овие две минути, eдно е сигурно, дека ова ќе биде најсериозната инкарнација на ликот на филм. Имаше два филма шанса да созрее, па не ни очекувам помалку. Крис Еванс сјае како Капетан Америка. Уште ми е чудно како им успеа на Марвел да го претворат во ова што е.
Трејлерот го најавува и Фалкон, Авенџерот го недостасуваше во оргиналната филмска постава, а ќе биде дел и од Age of Ultron. Captain America: The Winter Soldier доаѓа дури на пролет следната година, на 4-ти април.
No comments:
Post a Comment