Captain America: The First Avenger пристигна и кај нас, на зачудувачки квалитетна кино-снимка, неколку дена откако излезе во вистинските кина низ светот. Ќе го прескокнам кукањето околу немање кино-сали кај нас и ќе зборам за тоа колку е добар филмот, со по некој неизбежен спојлер...
Marvel полека ги комплетираше филмовите кои ќе кулминираат со The Avengers следната година. Последното пред "главниот" филм е токму Captain America. Филмот за чудо успеа да ги исполни очекувањата, нудејќи одлична забава која трае речиси два часа. Супер е како адаптација, верен е на стрипот и има сериозно добар кастинг. Крис Еванс комплетно го доловува ликот на Стив Роџерс, Хуго Вивинг е одличен Red Skull, а Хејли Атвел е актерка на која дефинитивно ќе и обрнам поголемо внимание во иднина. Томи Ли Џонс е цар, за него нема потреба од дискусија. А, од тоа што го знам за Баки, помошникот на Cap, Себастијан Стен е баш таман погоден за улогата. Се појавува и татко му на Тони Старк, тука млад, Хауард Старк.
По краткиот вовед, каде што Captain America е најден замрзнат по вода, филмот почнува во период за време на Втората светска војна каде што Стив Роџерс е одбиен како доброволец бидејќи не ги исполнува потребните здравствени и физички услови. Како огромен патриот и упорно копиле, Роџерс успева да го најде своето место во тајната програма на армијата која се обидува да создаде "супер-војници" по пат на сомнителни експерименти. Се здобива со неприродно голема физичка сила и станува нели, Captain America. Пред да почне да го фрла штитот кон нацистичките свињи, Роџерс прво служи како забава за американската армија, меѓутоа неговата желба за војување за татковината и пожртвуваноста за соборците, го носат на една многу повисока позиција. Проследено со феноменални сцени, тоа ми беше омилениот дел од филмот.
Топ режија и куп стриповски кадри, можам комотно да кажам дека ова е најдобриот филм на Marvel заедно со Iron Man. Костимот што го носи е супер дизајниран, а го има и дури и стариот, од раните стрипови. Камео улоги имаат нормално Стен Ли и Семјуел Факин' Џексон како Ник Фјури. Единствениот проблем што го имам со филмот е тоа што некако пребрзо ми заврши. И не би било лошо, покрај The Avengers, во иднина да видиме уште некој Captain America филм.
Обавезно ќе се гледа пак, макар и на кино-снимка (видов дека се појавила уште подобра верзија) зошто ќе пројде време додека излезе официјално нешто квалитетно. Инаку, на крај од филмот (во ова јас што го гледав го немаше), има тизер за The Avengers. Најавата ја има на овој линк. И, браво за потегот да ги соберат истите актери во истите улоги (освен Едвард Нортон) во еден ваков проект. Thor уште не го гледав.