Showing posts with label Planet of the Apes. Show all posts
Showing posts with label Planet of the Apes. Show all posts

July 30, 2017

Planet of the Apes на Тим Бартон

Долги години живеев со лошото мислење за Planet of the Apes римејкот на Тим Бартон од 2001. Веројатно зошто растев во фамилија која има изградено култ околу Хестон и оргиналниот филм од 1968, па римејк во кој луѓето на Планетата на Мајмуните имаат иста интелигенција со доминантните шимпанза, тешко доаѓаше до својот дел од домашниот филмски репертоар. Не е дека не сум му давал шанси на римејкот на Бартон, секако дека да, меѓутоа обично било во период кога односот кон франшизата ми бил помлак, па генерално сум бил фокусиран на покилавите моменти. 

А, деновиве главната забава ми ја прават баш мајмуните, и кога веќе ја растурив од гледање новата трилогија решив уште еднаш да го пуштам и овој. Иако не сум со комплетно сменето мислење, сфатив дека и не е толку ужасен како што го памтев. Кога ќе ти снема добар Planet of the Apes за маратонско гледање, не е така страшно ако излабавиш уште два саати со лошата глума на млад Марк Волберг и женски мајмуни што изгледаат како Мајкл Џексон во истата година кога е излезен филмот.


Римејкот, не знам ни дали е правилно што го викаме римејк зошто и онака целата франшиза е базирана на книга, има еден куп проблеми. Страда од сценарио кое понекогаш е сериозно катастрофално, со реплики што предзвикуваат грчеви во стомак и сцени кои те ќорават од што се клише, меѓутоа има крајно кул амбиент, убави сетови, солидни ефекти, костими и воени оклопи за мајмуните кои и денес изгледаат поеднакво импресивно. Тешко е да се обидуваш да го надминеш легендарниот статус на оргиналниот филм, но кога Холивуд е решен на таква модернизација, очигледно ништо не може да застане на патот. Вината е секако и кај Бартон, но ајде да ги разгледаме предизвиците. Следуваат спојлери и за овој и за оргиналниот, секако.

Planet of the Apes од 1968 e преполн со сатира и социјални коментари, критики кон несмасноста на човештвото и има пресврт на крајот кој историјата го памти како еден од најдобрите видени на филм. Астронаути паѓаат на планета населена на интелигенти мајмуни кои живеат во некакво пре-индустриско општество каде што човечкиот род е поробено примитивно животно, немо и го користат за медицински експерименти. Кога мајмуните ќе забележат дека единствениот преживеан астронаут Тејлор (Чарлтон Хестон) има слична интелигенција со нив, сфаќаат дека темелите на кои ја базираат нивната историја, религија и општество се сериозно размрдани.


Големото е откритие на самиот крај е дека Тејлор всушност цело време е на Земјата, но илјадници години во иднината каде што мајмуните еволуирале и превземале контрола. Оргиналниот филм никогаш не открива како и зошто, со таа проблематика се позанимава новата трилогија која кулминираше со War for the Planet of the Apes. Е, сега во 2001 Бартон треба да направи римејк на ова, но оди во сосема поинаква насока. Повторно астронаут (Марк Волберг), за време на електромагнетна бура, завршува на планета населена од напредни мајмуни кои ги користат луѓето како робови, меѓутоа не е Земјата. 

Волберг е дел од вселенска експедиција на огромен брод кој користи обични мајмуни кои екипажот ги испраќа со мали сонди да истражуваат ствари кои се преопасни за луѓето. Кратко откако Волберг ќе се сруши на планетата, илјадници години од неговата иднина, на истата таа планета паѓа и неговиот брод и екипаж со мајмуни, но не патуваат низ времето, туку стануваат претци на општеството кое ќе го затекне Волберг. Како мајмуните еволурале до степен да создадат општествено уредување и да развијат таков екстремен расизам кон луѓето е еден од деталите кои филмот за жал решава да ги заобиколи или јас пак не успеав да се снајдам во често конфузниот наратив.


Самиот крај повторно се обидува да направи шокантен пресврт. Кога Марк Волберг конечно се враќа на Земјата и се руши со малиот брод во Вашингтон, го затекнува споменикот на Линколн со лицето на најнепријателскиот мајмун од Планетата на Мајмуните при што доаѓаат неколку патроли мајмуни во полициски возила од денешно време да го уапсат. Бартон го оставил крајот ваков со намера да го објаснува во планираното продолжение, но поради катастрофалниот неуспех на филмот, истото е откажано. Планот бил да се оди со приказна во која мајмуните патуваат низ истата електромагнетна бура и ја населуваат Земјата пред луѓето. А, зошто развиле слично општество како нас е уште едно прашање чиј одговор веројатно лежи во мрзливо сценарио.

Но, и покрај ова, си најдов забава, дури и до некаде успевам да ги ценам идеите на Бартон. Реализацијата не е најдобра, меѓутоа е храбро отстапување со цел да не се гази комплетно по оргиналниот филм. Идеите се помлаки исто така, но некои изведби на актерската екипа, особено оние во мајмунски костими, го прават Planet of the Apes римејкот сосема поднослив. Тејд е одличен негативец, мислам дека само на Коба од новата трилогија успева да ми се доближи со бруталноста и суровоста. Можеби Тејд нема издржани мотиви, барем филмот не успева да ги пренесе, но негвоиот начин на делување е комплетно функционален во контекстот и милитантното општество во кое опстојуваат овие мајмуни. 

Сега до некаде и жалам што ова нема дочекано втор дел. Не само што има толку лошо поминато, туку ја има и смрзнато франшизата цели десет години. Не дека многу сакам да видам како мајмуните ја превземале Земјата и возат американски полициски коли, ама еве веќе два дена не можам да ги извадам од глава концептите на Бартон и потенцијалот за некаква трилогија или што и да бил планот.

Види такоѓе:

July 25, 2017

Мајмуните преземаа

По шашавиот Dawn of the Planet of the Apes имав сериозно ниски очекувања за War for the Planet of the Apes. Трејлерот што го вртеа последниве неколку идења во кино не ме убеди баш дека ќе гледам нешто подобро, но со оглед на тоа што уште мислам дека Rise of the Planet of the Apes е најдобриот рибут во последниве години, љубопитноста што ја имав за War никогаш спласна со интензитетот. Неколку денови пред проекцијата ги изгледав претходните чисто за да си ја освежам приказната. За жал, пак не успеав да ја увидам големината на Dawn за која толку многу слушам периодов, меѓутоа сега како дел од трилогија функционира нешто подобро од првиот пат. 

Ако Rise се занимаваше со човечкиот фактор на овој апокалиптичен настан каде што интелигентни мајмуни ја преземаат планетата, а Dawn се обиде да понуди некаков баланс не бирајќи страна, приказната во War е речиси целосно раскажана од перспектива на мајмуните, сега веќе видно еволуирани и супериорни во однос на луѓето. Не дека претходно не беа, но овој пат е кристално јасно кој е новиот доминантен род на планетата и чие име се изговара со треперлив глас. Група луѓе, сега обединети во нешто што повеќе личи на милитантна секта отколку нов општествен поредок, се обидуваат да ги ловат и истребат, како би го обезбедиле сопствениот опстанок.


War според насловот и трејлерите, можеби сугерира акционен спектакл, но всушност се работи за драма која преку ликовите си игра со провокативни теми и идеи. Да, секако дека има голем епски судир помеѓу луѓето и мајмуните, меѓутоа нешто сосема друго е во фокусот. Филмот внимателно го истражува конфликтот помеѓу родовите произлезен од нивната различност и неприфаќање на другиот, моралните територии, мотивите кои ги движат и основниот инстинкт за преживување. Двете завојувани страни имаат издржана вистина во која веруваат, па во моментот кога ќе одлучиш да застанеш со една од групите War ќе ти ја тргне линијата која ги дели и ќе те збуни. Дали сме секогаш толку различни од она против кое се бориме?

Но, War оди и до таму да се потпре и на дел од понеславната човечка историја, само за да ја зајакне тематиката и да го истакне она што е едноставно погрешно, без разлика на мотивот. А, ликовите се толку добро изградени што Мет Ривс воопшто нема проблем да ги користи на сите можни начини за да го придвижува наративот. Тонот на филмот колку и да е сериозен, има и еден фантастичен лик кој е можеби најдоброто средство искористено за комичен ефект во последно време во сличниве блокбастери. Мајмуните можеби ја преземаа планетата и бокс-офисот, но тој лик ќе ти го преземе и ладното мртво срце. Нема да испаднам лош мајмун и да испојлам. 

Режијата на Мет Ривс е феноменална. Секој кадар е полн и значаен, без разлика дали се работи за битка со мајмуни на коњи и автоматски пушки или сцена со мајмун што ѕирка од дупка. Баш се трудев да бидам максимално фокусиран на она што умее да го работи со камерата, зошто ова типот што го презема The Batman од алкохолизираниот Бен Афлек, па да знам што отприлика можам да очекувам. Ривс е гениј. Од режирање компјутерски генерирани шимпанза до инкорпорирање на соодветна музика. Да станеме за аплауз.

Со сето она што е War, слободно може да заклучам дека ова една од најквалитетните трилогии во последниве десет години, заедно со Бетмените на Нолан. Франшизата е вистински освежена и зајакната, а роварењето по носталгијата на фановите на оргиналот од 1968 е толку умерено што е едноставно премногу симпатично кога се случува. Една кратка сцена со коњи на плажа може да е поефективна од CGI Леа, зар не Rogue One? Од она што го сфатив, сите овие три филмови се и во посебен континуитет, но очигледно ако продолжат да се прават и понатаму ќе кулминираат со класичен римејк на првиот. Предивидувам дека ќе се вика само Planet of the Apes, со што веројатно би започнала и нова трилогија. А, во овој момент, War for the Planet of the Apes ми е омилениот филм за 2017. Не ме убивај John Wick: Chapter 2.

December 6, 2014

Dawn of the Planet of the Apes (2014)

Еве, пробувам да се сетам на подобар приквел од Rise of the Planet of the Apes во последниве десетина години. Не знам дали би можел да го наречам Batman Begins приквел? Веројатно не? Не. Океј. Rise е забавен за гледање и покрај тоа што не бев среќен дека ќе постои. Понуди прифатливо објаснување за нешто што немаше никаква потреба да биде објаснето, не беше напорен, имаше фин кастинг и одлични ефекти. Одличен лабав филм. 

"Ќе умреш стар во топол кревет, ќе имаш многу бебиња. 
Но, не тука вечерва, Роуз, не оваа ноќ, не вака. Разбираш ли што ти зборам?!"

На Dawn of the Planet of the Apes му се спремав уште од летоска кога го пропуштив во кино, и откако го гледав пред некој ден, се обидувам да си го оформам крајниот заклучок. Исто како што се обидувам да не го отпишам како лош, иако повеќе фактори влечат кон спротивното. Ајде, вака. Сетингот во кој малиот преживеан дел од човештвото се труди да превземе контрола врз брана која можеби ќе реши неколку проблеми, а веќе интелигентните мајмуни имаат живеалиште баш во близина на таа баш брана е... океј. Океј е и двете страни да сакаат да дојдат до разбирање, без жртви на ниедна страна. Океј е дури и да има по некој серко и кај едните и кај другите што сака другата страна да биде истребена. 

Проблемот е што Dawn пробува да најде некаква сива средина каде што двете страни се одговорни за тоа што се случило. Не само што не успева и скока наоколу, туку не го ни дава конечниот одговор за последиците, оставајќи простор за ново продолжение. Додека Rise имаше некаква смисла, ова овде е филер преполн со клишеа од ситуации, пресврти, ликови и сцени.

Oсвен првиот пола саат, останато веќе ми е видено некаде. Добро, не гледаш мајмун на коњ со две автоматски пушки секој ден, меѓутоа тоа не е доволно за да го сочуваш филмот на хард-диск за второ гледање. Кулоќата му се губи во останатите саат и пол и во еднодимензионалниот лик на Гери Олдмен. На моменти е полесно да поверуваш дека мајмуните се вистински мајмуни, отколку дека актерите што ги глумат луѓето се вистински актери.

За жал, на мојата "Планета на Мајмуните" листа на ценење остануваат само оргиналниот со Хестон и Rise. Ќе го гледам сигурно и продолжението на Dawn, со надеж дека ќе смислат нешто подостојно. Овој го посравте, манијаци, го посравте!

November 29, 2011

Rise of the Planet of the Apes (2011)

Како што спомнав претходно, првата реакција за овој рибут ми беше "Ah, damn you! God damn you all to hell!". Сведоци сме на една обемна листа на лоши рибути, римејци и продолженија на стари, култни филмови која упорно ја спомнувам кога треба да напишам за нешто што се нашло во тој куп. Во овој случај, за среќа, спуштените очекувања ми овозможија да уживам во овој, и не така лош филм. Покрај сите маани и дупки во приказната, како целина, Rise of the Planet of the Apes е едно забавно филмче кое верувам дека ќе позитивно ќе ги изненади фановите на оргиналот.

Филмот ја раскажува приказната за востанието на мајмуните против човештвото, односно она што ги донело луѓето во состојбата во која се наоѓаат во оргиналот. Освен ако си живеел во пештера изминативе четириесетина години, знаеш дека во далечната иднина земјата е превземена од интелегентни мајмуни кои луѓето ги третираат како животни. Подолу можно е да има спојлери.

Значи, Џејмс Франко е млад научник кој развива лек против Алцхајмер, како би го излечил сопствениот татко, Дик Соломон. За тестирањето на серумот, користи мајмуни кои почнуваат да покажуваат знаци на зголемена интелегенција и појачани когнитивни функции. Кога Џејмс Франко ќе се обиде да го презентира неговото достигнување пред луѓето кои го финансираат проектот, избувнува општ хаос во лабораторијата, по што проектот е затворен, а мајмуните се успиени. Освен еден, малиот Цезар кој во гените носи дел од серумот вбризган во неговата веќе мртва мајка. Џејмс Франко го зема Цезар дома и го чува во тајност како свое дете.

Мајмунчето како што расте, расте и неговата интелегенција и после неколку години преку знаци, знае и да комуницира. Покрај Цезар, Џејмс Франко продолжува да го тестира и лекот на татко му, кој ќе се покаже како успешен, па истражувањето е вратено во лабораторијата со нова група на мајмуни, и со многу посилен лек. Лекот иако е корисен за луѓето, по некое време има страшни нус појави кои пак организмот на мајмуните ги одбива.

По една несреќна околност, Цезар завршува во засолниште за мајмуни каде што добива одвратен третман. Затворен со месеци, ќе се почуствува предаден од Џејмс Франко, сфаќајки каде и со кого припаѓа. Цезар е до толку интелегентен што знае за дејството на серумот и како да го искористи за да ги направи другарите мајмуни паметни како него. Најјезивиот момент е токму моментот кога Цезар го изговара првиот збор и со тоа го започнува бунтот на неговиот вид против луѓето. Откако ќе ги ослободи мајмуните во стационарот, ги ослободува и тие од зоолошката, водејќи ги до локалната шума каде што Џејмс Франко ќе го носи како помал.

Пред некој да помисли како е можно мајмуните да го превземат светот без светските сили да успеат да ги спречат, сценаристите воведуваат и пандемични несакани дејства од лекот кои се фатални за луѓето и лесно се пренесуваат. На крај и краева, филм е, па ова или ќе го прифатиш или не. Убаво е склопено за да прави смисла во светот во кој се случува, ама доколку некој сака да го искористи како аргумент во муабет зошто е лош филмот, и тоа е океј. Мене ми беше супер, затоа што Rise of the Planet of the Apes има толку светли точки што некако ги гушат сите недостатоци. Мајмуните се сите CGI. Поголемиот дел од филмот е беспрекорно, освен кога претерувале, меѓутоа тоа за среќа е минимално. Џејмс Франко не е лош за улогата, некако фино одговара на ликот.

Ќе си земам за право да кажам дека ова ми е најинтересен филм за Мајмуните после оргиналот. Останатите наслови во франшизата никогаш не ги засакав доволно. А, ова ќе има продолжение во 2013 што дефинитивно ќе сакам да го гледам.

July 16, 2011

Најава за Rise of the Planet of the Apes

Од целата франшиза, филмовите, сериите што идеа на МТВ и римејкот на Тим Бартон, само првиот дел успеал да ме освои и да си најде место во мојата листа на 10 најдобри СФ филмови. Приказната понатаму никогаш не ме заинтересира, па затоа остатокот од Planet of the Apes би го оценил како просечен, па дури и очаен (римејкот што погоре го спомнав).

Веќе се навикнав на римејци и ребутирања, па затоа и не ми е чудно што за некоја недела излегува и приквел, Rise of the Planet of the Apes. Сместен во денешно време во Сан Франциско, филмот ќе раскаже како мајмуните станале толку интелегентни, за во иднина да го покорат целото човештво. Иако првата реакција на раниот муабет за филмот ми беше "Ah, damn you! God damn you all to hell!", трејлерот некако сака да ми каже дека можеби летниов блокбастер и нема да биде толку дно. Напротив, изгледа забавно. Настрана тоа што мајмуните се скроз CG (јебига, кукли веќе не постојат у филмска индустрија), има пар актери што се добри и можеби ќе го направат филмот интересен. Џејмс Франко, Дик Соломон, Брајан Кокс, Родни МекКој од SG: Atlantis...

Филмот има и добра viral кампања со видеа на ЈуТјуб, како она со мајмунот што пука со AK-47. Дали е толку добра или луѓево лесно се лажат, не знам - ама буквално растури видеото по социјалните мрежи. И покрај тоа што убаво си ја пишува компанијата на самото видео, се потрчаа сите. Веројатно тоа е добар маркетинг. :) Да не тупам, клик тука за трејлерот.