Таман ја изиграв Quake, ми се појави Blood и немаше шанси пак да ја пропуштам. Не знам како никогаш ја немам играно. Вака на постари години често ја среќавам низ различни дискусии за култни "бумер шутери", ама некако сме се разминале во времето кога жанрот ја немаше денешнава придавка. Да ми налеташе тогаш веројатно ќе ми го спржеше мозокот со тематиката, провокативната естетика и бројните референци кон баш истите хорор филмови со кои почнував да се приврзувам во тој период. Инстант омилена. Целиот ран тинејџерски идентитет ќе ми беше изграден околу сакање на играва.
Blood е оригинално објавена во 1997. Monolith ја развиваат со легендарниот Build енџин на Кен Силверман, најмногу познат по тоа што ја вози Duke Nukem 3D и заедно со технолошките иновации од тоа време стои како еден најцврстите темели на жанрот. А не е ни вистински 3Д енџин, туку користи разни штосови кои само прават игрите изградени на него да изгледаат тродимензионално. Верзијата што ја играв сега се вика Blood: Fresh Supply и е комплетно реставрирана од Nightdive со нивниот Kex енџин, меѓутоа сосема автентично ги имитира својствата на тогашниот Build, па отприлика можеш да осетиш кој бил техничкиот резултат на Кен Силверман.
Ремастерот Blood: Fresh Supply ги содржи и двете експанзии, има освежен мултиплеер, поддршка за веќепостоечки модови и една постара DOS колекција спакувана под името Blood: One Unit Whole Blood која ја нуди играта во изворна варијанта. Како и со Quake кецот минатиот месец, ја изиграв само клот верзијата и експанзиите ги оставив за ако пак ме зачеша. Фантастична е. Мило ми е што конечно ја изиграв и сега ми е веќе јасно од каде потекнува нејзината важност, а и влијанието врз други игри кои претходно не ми беше толку очигледно.
Во Blood стануваш од гроб како Кејлеб, пиштолџија од доцната ера на Дивиот Запад, со елан да се одмаздиш на мрачен култ кој те предал и те сместил таму. Приказната количински е онолку колку да ја наштелува атмосферата и да ти овозможи оправдување да рокаш бројни зомбиња, чудовишта, култисти и фанатици со еден од најкреативните арсенали кои ќе ги сретнеш во ваква игра. Како и сличните од тоа време, Blood ефективно комуницира преку околината и дизајнот на левелите и ни на момент нема да се осетиш отцепен од наративот.
Играта е организирана во четири главни епизоди со по шест-седум мисии, плус една на крај кај што се соочуваш со главниот курајбер Чернобог. Го има стандардниот концепт инспириран од раните id Software пуцачини, талкаш низ речиси лавиринтски околини, бараш клучеви за да отвараш врати и по пат пукаш во сѐ што пука во тебе. А претпоставувам хитскенот од самиот Build енџин е таков што во Blood ќе те погоди нешто во истиот момент кога ќе те "види". Тоа е единствен начин на кој те детектираат непријателите, не реагираат на звуци и потешко можеш да ги намамиш во некое ќоше. Знае малку да е тешко дур легне. Само треба да го адаптираш пристапот. Прво играш малку дефанзивно, сејвуваш на две минути, ама после стануваш најдобар другар со динамит и е путер.
Цел пукачки аспект на Blood е неверојатно задоволителен. Мислам, ако воопшто можеш да го наречеш "пукачки", зошто има оружја како вуду кукла или спреј што го прскаш во упаљач и гориш и живо и мртво. Можеш и со сигнален пиштол да потпалиш некој, ама за жал ограничувањата на енџинот веројатно не дозволиле оганот да се пренесува и на други непријатели. Ги имаш и стандардните огнени оружја кои се својствени за жанрот. Сите оружја имаат два начина на користење и наместо нишанење, на десен клик секое различно пука и се однесува. Трошат повеќе муниција така, меѓутоа се згодни за одреден тип на непријатели и ситуаци. Имаш огромен избор. А, секое оружје што не ги пржи, ги распрснува на делови, па можеш и да им ги шутираш главите наоколу.
Освен визуелниот момент што го прави пукањето толку забавно, Blood е поткрепена и со исклучително впечатливи звуци и звучни ефекти кои уште не успевам да ги извадам од уши. Tолку ми се всадија што мислам дека во следните три игри ќе ги очекувам истите крици што тука ги испуштаат непријателите на умирање. Музиката не се истакнува којзнае колку, ама цел друг звук е скроз одлепен. А, ни Кејлеб не е тивок. Гласот го позајмува Стефан Вајт од Captain Claw, уште една легендарна игра на Monolith, и апсолутно се забавувал на снимање. Многу шармот и општиот хумор во Blood доаѓа од неговите импровизации. Деновиве видов дека го позајмува гласот и во "бумер шутерите" од модерниов бран, потпишан е на неколку New Blood Interactive наслови.
Друга работа што ме фасцинираше со секоја изиграна епизода е колку забеган и комплексен левел дизајн има. На почетокот бев скептичен, некако воведот е многу скромен, меѓутоа за брзо време веќе те фрла на воз во движење, па карневал со интерактивни реквизити и разни катакомби и лаборатории каде што движиш низ тесни испреплетени ходници и патчиња. Дури има и цели мисии со инспирации и мотиви од ствари како Friday the 13th, Evil Dead или The Shining каде што го среќаваш самиот Џек Торенс. Друго време, којзнае колку било јако да си видиш детал од омилениот хорор филм во игра во девеести кога немало триста алгоритми дневно да те таргетираат со интересите штом фатиш уред со интернет во рака.
Сите мисии се интересни за навигирање, само што некогаш "лавиринтските" околини ме губеа повеќе од Quake. Некаде се толку неинтуитивни што ќе мора да извртиш неколку кругови пред да сконташ дека можеш да отвориш дупка во ѕид и да откриеш нов пат. На посебно обележано место секако, ама веќе си заживеал таму додека ги сконташ пукнатините каде што можеш да рокнеш динамит или нешто. Ако добро разбрав, оваа карактеристика била некоја тогашна новина од самиот Build енџин и очигледно брзо станала омилена на дизајнерите на Blood. Многу е можно првиот пат и случајно да го откриеш ова, откако таков сафросан ќе почнеш да си фрлаш динамит врз глава.
Озбилно уживав во Blood. Дефинитивно е една од најдобрите пуцачини што се излезени пред Half-Life кец. Има идеи што и ден денес изгледаат свежо, па штета ќе беше пак свесно да ја заобиколам. Сега додека ме држи мора да грабнам следен "бумер шутер" од тие што никогаш не сум ги изиграл. Forgive Me Father ми е одамна купена и спремна, ама некако повеќе ме влече кон овие автентичните што ми се пропуштени или подзаборавени, а имаат модерен ремастер. А, кога сме кај модерно - има и некои како Ion Fury и A.W.O.L. што користат модифициран сорс порт од Duke Nukem 3D наречен EDuke32, што во суштина ги прави Build енџин игри на денешницата. Треба и тоа да се провери.
2 comments:
Дојдов само да речам: МАРО МА!
Иначе fun fact за blood (шо не беше спомнат) е колку комични се непријателите и како секташите уствари си имаат свој забеган јазик.
Еее да! Прво не сконтав дека е друг јазик, после видов дека има цели "преводи" на фрази и терминологија. Многу кул момент.
Post a Comment