August 23, 2021

Tomb Raider филмот од 2018

Седнав и го изгледав пак Tomb Raider филмот од 2018. Го гледав кога излезе во кино и комплетно ми беше заборавен. Памтам само дека излегов рамнодушен, иако не ни влегов со некои големи очекувања. Во најмала рака мислев дека ќе ја следи првата игра од нова трилогија, ама освен неколку точки, филмот произволно си истера некоја искасапена верзија на таа приказна. Неодамна се посомневав дека сум бил некако различно наштиман пред да влезам во кино, со тазе преиграна игра и свежи впечатоци, па можеби и очекувањата не ми биле толку мали. Морав да го гледам пак, сега малку порастеретен од прецизни сеќавања од играта.

Филмот е досаден. Како за нешто што треба да биде забавна возбудлива авантура, Tomb Raider почнува бавно, заморно, неинспиративно и така си го држи темпото до крај. Има некои повремени нагорни осцилации, ама се недоволно интезивни за да му дадат ветер во грб. Храбро е во случајов да земеш некој Indiana Jones филм како репер, ама би очекувал од ваков филм да ме ќари на самиот старт. Никогаш нема да ја заборавиш првата сцена во Raiders of the Lost Ark и колку внимателно те става под шеширот на Индијана Џонс, кој е, што работи и што можеш да очекуваш во следните два саати. 

Не знам како упорно не можат да сконтаат многу едноставен штос. Еден од ретките филмови што разбираат како треба да е структуирано нешто вакво е The Mummy со Брендан Фрејзер. Затоа и функционира толку добро. Тука почнуваме со Лара Крофт која нелогично се откажала од безобразно големото богатство на татко ѝ, па доставува пратки со точак и се трка по улици со точак за пари. Разбирам дека филмот настојува да воспостави некаква основа за да ја запознае публиката со млада и понеискусна Лара, ама го прави толку досадно што додека приказната заплови за Јаматаи веќе си задремал и едвај те интересира што се случува. 

Кога филм ќе успее да ме изгуби уште на почеток ненамерно почнувам да се фокусирам на неговите маани отколку што сум инвестиран во дејствието. Па, ќе приметиш и како сцени што не се случуваат во ист ден се снимени во ист ден без филмот да се потруди да ги направи за нијанса визуелно поразлични. Ниедна од локациите не е привлечна за гледање, сè е некако еднолично, обично и изгледа вештачки. Ќе видиш колку е досадна целата акција, колку е ниска цена на специјалните ефекти и најважното - колку тој што го пишувал сценариото ја нема играно играта туку веројатно се наслонил на тоа што внучето му го има раскажувано.

Не барам комплетно препишана игра на друг медиум, туку не ми е јасно како успеале толку многу да ја растворат приказната. Присутни се неколку визуелни и наративни елементи кои се отприлика исти како со играта и ги има и во трејлерот, меѓутоа останатото се воглавно трошки што се измачуваат да скрпат задоволителна целина. Недостасуваат ликови, саглам мотивиран негативец и куп други работи што оригиналната приказна ја прават толку богата и интересна. Нема некои значителни траги од култот на Вогел или Тринити организацијата која има голема улога во игрите. 

Само референци кон играта не се доволни да бидат столбот. Особено кога веќе си се дрзнал да адаптираш конкретна постоечка приказна. Ова е друг медиум и не можеш само да референцираш некои ствари и да очекуваш дека гејмерската публика ќе реагира толку позитивно на нив и ќе занемари како ти се распаѓа останатото. Филм е, сигурно ќе го гледаат и луѓе што никогаш не ги играле игрите и нема да им е интересно тоа што се случува. Сè што би можело да биде возбудливо и интригантно во филмов е сведено на неинвентивно презентирана генерика видена мал милион пати претходно.

Алисија Викандер е феноменална како новата Лара Крофт, онаа Лара Крофт чии спецификации беа ресетирани во 2013. Веројатно е единственото квалитетно во филмов. Изгледа како таа Лара, има капацитет за да го носи ликот и штета што филмот упорно работи контра и ја гуши во шумот. Тука нејзиниот лик е рамна линија и бледа сенка од она што играта одлично го гради и на крај е филмот нема некој значителен прогрес. Речиси е истата како и на почеток, без никаква придобивка од совладаните ризици и работите низ проаѓа на Јаматаи. Унаказен потенцијал на сосема солидна актерка која е исклучително прикладна за улогата. 

Не ни верувам веќе во "клетвата" на филмови кои адаптираат видео игри. Тоа што медиумите го нарекуваат "клетва" е само лоша опклада на луѓето што ги прават овие филмови и мислат дека гејмерската публика е сама по себе доволна за да им го врати финансискиот влог. Тоа што некогаш се убедени дека создаваат филм за широка маса и ќе успеат да ги пресретнат двете групи некаде на средина скоро секогаш им пропаѓа со аматерското пишување и унаказување на функционални концепти. Не можеш да се кладиш на препознатливост на брендот со вадење на ствари од газ. 

Можеби ќе има и продолжение филмов. Неизвесно е со пандемијава. Читав некаде дека Алисија Викандер е уште заинтересирана, па се надевам дека ќе се најде некој што ќе знае како соодветно да ја искористи во Tomb Raider филм. Имаш супер глумица, приказни од кои можеш да црпиш и црпиш, дури и комплетно да ги прекопираш. Да не збориме за колку неограничено звучат финансиските средства за прописно да изведеш нешто функционално. Толку ли е тешко, озбилно?

Види такоѓе:

No comments: