July 25, 2018

Скоро совршениот Бетмен на Том Кинг

Некои работи се поубави само ако им ја чепнеш површината. Како кога DC Rebirth суптилно си поигра со Watchmen универзумот. Знаев дека еден ден ќе вдлабат целосно, ама не очекував дека резултатот ќе излезе така непријатен. Секако, ништо нема да го оштети ремек делото на Алан Мур, меѓутоа одлучив дека е подобро да не бидам изложен на материјал што ненамерно ќе го карикатуризира. Другите наслови отидоа во насока која исто не можев да ја следам, дури и оној All-Star Batman на Скот Снајдер. 

Затоа и така лесно се откажав од DC Rebirth. Единственото што остана привлечно беше редовниот Бетмен на Том Кинг, кој некаде на средина решив да го почекам за да се потсобере во купче. Кинг го имаше убедливо најкатастрофалниот почеток во целата оваа "преродба", што беше баш онака тажно за најважниот лик од DC, ама успеа комплетно да ја преврти играта со приказните во I Am Suicide и I Am Bane. Не само што си го исчисти своето име, туку ги гланцна и репутациите на Бетмен и DC. Сите што кенкавме дека Кинг не е добар избор за Бетмен сценарист, сега може да си напикаме по еден трејд пејпербек во газот. Особено после The War of Jokes and Riddles аркот за кој без спојлери можам да кажам само дека е една од најдобрите Џокер приказни воопшто.


Секако, по бројот #50 Кинг денес мора да се движи со обезбедување низ стриповски конвенции дека добива закани по живот, ама ќе стигнам и до таму. Деновиве ги прочитав последниве дваесетина броеви кои ми останаа за да бидам во тек и заклучокот е дека имам ново име на листата со омилени Бетмен автори. Кинг е цар. Го познава Бетмен, ја разбира неговата динамика со другите ликови, ги познава и нив самите, но она што е најбитно за приказните кои ги цепа тука - го знае човекот под лилјачката маска.

За да напишеш добар Бетмен стрип, мораш да навлезеш во комплексната психологија на Брус Вејн за некои работи глатко да функционираат. Тие сиви зони, дуалноста и дилемата за доминантниот идентитет се важни доколку сакаш нешто повеќе од обичен акционен третман. Предизвикот кој Кинг си го дава во серијалот е да го направи Брус Вејн среќен. Откако Кинг сфатил дека Брус не може да биде среќен со она што го прави и има, иако се грижи со сето негово постоење за истото, решава да му пружи љубов. Не љубов од Алфред и Робините, туку романтична љубов, од жена. Од Селина Кајл, поконкретно. Дали ова ќе го направи Брус среќен и што воопшто би значело тоа за Бетмен?


Кинг се обидува да најде некаков одговор веќе 51 број и јас сум комплетно задоволен од тоа како ги обликува стварите. Брус и Селина се конечно заљубени, а Кинг ја пишува историјата на Бетмен стриповите со тоа што нивната љубов одлучува да ја спои и во брак. Целиот третман е емотивен, романтичен и комплетно соодветен за сложени ликови како Бетмен и Кетвоман. Очигледно е дека се работи за професионалец кој перфектно ја познава сржта на проблематиката. Со години наназад сме ја гледале тензијата помеѓу нив двајца, дури и моментите кога ги однеле работите на друго ниво, но ова Кинг што го прави тука е крајно смело и невидено.

Секако, ова не е главното на сите овие броеви, Бетмен стрип е, не е Мег Рајан драма, меѓутоа е тема која речиси постојано се провлекува. Во 50-тиот број кој се случува дента на нивната долгонајавувана свадба, Кинг прави еден потег со кој сега гледам дека ја поделил публиката на две групи. Едните се восхитуваат на неговата храброст да отиде чекор подалеку, другите се бесни и му упатуваат закани поради кои DC му ангажирале телохранители. Јас сум во групата што остана со подотворена уста од концептот и сценариото и не сакам ништо да му се случи на Кинг. Целиот серијал ќе трае 100 броеви, па има доволно време за да го оствари она што го замислил, а кое можеби во оваа фаза го исплаши вториот табор.


Сигурен сум дека ги нема изиграно сите карти и не се потпира на импровизација. Сето ова е плански, меѓусебно поврзано и расцепкано на парчиња кои полека ги склопува. Нешто како "Залогот, пресвртот и престижот" на Нолан во неговата Бетмен трилогија. Уште не сме го виделе крајот на трикот, а баш е возбудлив патот до таму. Кој не сака емоционални ролеркостери? Кинг удри и една неочекувана нота што Knightmare костимот конечно го направи дел од стриповскиот канон. Batman v Superman сцената од сонот на Брус во пустелијата која Зек Снајдер веројатно ја имаше шлакнато зашто визуелно му изгледала кул? Епа, тука е исто ефективна само што конечно е во некаков контекст. Се надевам дека ова ќе стане дел од Бетмен за пустински мисии зошто дизајнот на тој костим е стварно предобар. 

Целиов опус на Том Кинг ќе беше совршен толку не постоеше клизавиот почеток и еден арк некаде понатаму со Ајви кој се потрудив да го разберам, ама не успеав. Дали оваа Ајви тука во DC Rebirth има такви супермоќи или пропуштив некоја страница, не знам, ама повеќе ми изгледаше дека е филер идеја колку да земеш здив. Повеќе сакам филери како онаа приказната со малото милијардерче што е опседнато со смртта на Вејнови и сака да биде Брус Вејн.

Остатокот е феноменален. Кинг е одличен раскажувач, а често нарацијата ја пресликува во нејзината спротивност. Паралелно добиваш две перспективи на една приказна. Тој штос првпат го искористи во еден број во аркот со Бејн, а понатаму со умерената употреба само си го направи препознатлив знак. Секогаш обрнува големо внимание на детали, знае да усогласи различни тонови, а често пати мрачниот универзум на Бетмен ќе го прошара и со порелаксиран соодветно темпиран хумор. Затоа и му верувам. Го прочитав и #51 каде што намерно го трга вниманието од случувањата во претходниот број за да создаде дополнителна тензија, па едвај чекам да видам како ќе го развие целото ова.

Види такоѓе: 

July 5, 2018

Ништо не е исто после Spec Ops: The Line

Ретко се случува некоја игра да успее насилно да те растури на парчиња за да те склопи назад емотивно оштетен. Затоа, пред да продолжам понатаму со животот, мора да го направам муабетот за Spec Ops: The Line. Навидум обичен воен шутер, Spec Ops: The Line од 2012 е едно од најинтензивните гејмерски искуства што било кога сум ги доживеал. Иако бев предупреден дека ме очекува нешто поразлично, не можев ни отприлика да претпоставам на каков начин ќе ми се сервира тематика која претходно другите слични игри некако ја занемарувале.

Oсновата на приказната е прилично едноставна. Дубаи е разрушен од песочни бури и напуштен од политичарите и богатата елита во тајна евакуација, а остатокот од населението е оставено да се удави во песок и жед. Полковникот Џон Конрад и неговиот баталјон кои тогаш се враќаат од Авганистан, одлучуваат да волонтираат за помош во Дубаи спротивно од наредбите на армијата на САД, која ги прогласува за дезертери. Евакуацијата е неуспешна, Дубаи е набргу прогласен за ничија земја, па неколку месеци подоцна капетанот Мартин Вокер е испратен со мал Делта тим да бара преживеани.


Ти играш со капетенот Вокер, кој меѓудругото, се осеќа должен кон Конрад бидејќи му го спасил животот во Кабул, давајќи посебен личен тон на неговата мисија. Кога Делтите пристигнуваат во проклето сончевиот Дубаи, играта не може да изгледа погенерички. Учиш неколку основи за како да се движиш низ песокот и рушевините, пукаш во неколку непријатели, учиш како да ги командаш Адамс и Луго за и тие да го неутрализираат она што пука во вас, собираш муниција и бомби... Класична херојска воена игра, нели? Пау-пау.

Откако кога ќе ги препознаеш сите карактеристики на жанрот, Spec Ops: The Line ќе ти фрли песок во очи и ќе те сопне на земја. Играта има низа пресврти и најбитниот доаѓа на крај кој нуди и неколку различни завршетоци, ама најпаметен избор е да ги заобиколам како не би расипал нечие доживување. Баш поради тоа и маркетинг кампањата на 2K Games била толку воздржана што директно се има одразено на финансискиот успех на играта. Затоа и шест години нема продолжение ниту најава за било што ново во таа насока. Не е лесно да продадеш игра што изгледа како секоја просечна пуцачина и притоа да се обидуваш да сокриеш таква неочекувана моќна приказна.
 

Spec Ops: The Line прво ќе си поигра со твоите очекувања. Потоа ќе почне да се заебава со твоите морални вредности и сè она во кое веруваш, ќе те соочи со избор помеѓу ужасно лошо и катастрофално, присилно ќе те прошета низ последиците од твоите дискутабилни постапки и на крај нема да знаеш дали тонеш во лудило или мрак. Во повеќето игри обично играчот има прилика да се поврзе со ликот кој го игра и практично да ја превземе неговата улога. Овде иако ги гледаш работите од перспектива на Вокер, во повеќе наврати ќе се најдеш во ситуација каде што ќе сакаш да повлечеш линија, ама играта не секогаш ќе ти дозволи. Во моментот кога нема да сакаш да си Вокер, веќе ќе биде предоцна и тука забележуваш само еден од многуте мета-концепти кои се насекаде. 

На второто играње имав прилика да го видам ова. Фасцинантно е. Кога првпат играш, во главно си фокусиран на други работи и не можеш да забележиш некои битни детали или па дури и ако ги приметиш нема ти значат многу. Приказната, симболиката и општо целата тема на играта е распространета низ секој нејзин сегмент, некогаш мајсторски суптилно. Од главното мени, низ билбордите и написите по ѕидовите во Дубаи, па до лоудинг скриновите - играта постојано го рефлектира тоа. Дури и изборот на самиот саундтрек. Иако првото играње засекогаш ќе биде незаборавно, следните нудат уште поголема забава доколку сакаш да анализираш како ти влијае изложувањето на трауматски настани.


Играта црпи инспирација од книгата Heart of Darkness на Џозеф Конрад по која е снимен Apocalypse Now филмот. Освен тоа што ликот на Конрад е именуван според авторот има и други точки каде што се допираат, но воглавно материјалот е доволно различен за цврсто да опстои самостално. Тоа што опкружувањето е воено и не е можеби најпресудно, но секако е ефективно и придонесува кога сакаш да потенцираш свирепи човечки инстинкти.

Во тој контекст има една страшно вознемирувачка сцена која покрај тоа што е наградувана, ја има поделено публиката и критиката околу потребата за нејзиното постоење. Девелоперите решиле тука да не ти дадат вистински избор, туку само да те разгневат. Изборот е всушност дали воопшто ќе продолжиш да играш понатаму и колку далеку си спремен да одиш. Одеднаш воените игри веќе не се толку забавни. Ова е и една од директните критики кон серијалите како Call of Duty кои често ја глорифицираат тематиката. Наградата од оваа сцена е една низа пост-трауматски растројства, се разбира.


А, кога сме кај тоа, приметив дека и оргиналниот саундтрек е исто ефективен во таа насока. Додека трае акцијата едвај го приметуваш, ама кога ќе го слушнеш надвор од играта веднаш ти се враќа целиот хорор. Не ми е јасно како успеале да го постигнат ова, нема шанси да е само до мене. Се разбира, има и песнички како онаа од The Black Angels што ќе ти биде хитче на неделата, ама другото се претежно свирепи слики кои те потат навечер во кревет.

Низ Spec Ops: The Line има и некои ситници кои и на други начини ја предизвикуваат природата на приказната. Поголемиот дел што ќе го искусиш веројатно е ист за повеќето, но сепак ти е оставен доволен простор за сопствена интерпретација на одредени работи. Она што мене ми го приреди направи да се осеќам како најголем мизерник. Не го избирав секогаш свесно полошото, понекогаш мислев дека ја правам вистинската одлука, а за некои трети се осетив добро без да знам дека последиците ќе се вратат да ми се насерат на постоењето. Како кога ќе скршиш некои работи и ниедно извинување нема да ги поправи. Не е секогаш твојата перспектива најважна и најдобра. Не ти ни треба војна за видиш каков гомнар можеш да бидеш. Па, затоа и мислам дека си ги заслужив сите овие грозни чувства.

Не можам доволно да ја препорачам Spec Ops: The Line. Потресна е, ама понекогаш вреди да се изложиш на вакви работи, макар и за тест. Тест на кој што јас очигледно неколку пати паднав. Иако е кратка, она што следува после ќе те демне долго. Можеби е добро што серијалот не успеал да продолжи понатаму. Реално, каде после ова? Има и други Spec Ops игри претходно, ама се само обични воени шутери како и многу слични. Оваа го зема цел жанр и целосно го редефинира. Те редефинира и тебе како играч и личност.

July 3, 2018

Првите впечатоци од Quake Champions

Ни знаев дека има нова Quake сè до пред некоја недела кога промотивно ја делеа бесплатно. Освен во носталгични муабети за тоа кој колку пари спичкал по играчници, Quake ми исчезна од радарот многу одамна. Повремено играв Unreal Tournament последниве години, ама овој серијал го немав вистински допрено од Quake III Arena. Во времето кога тие играчници почнаа засекогаш да ги заклучуваат вратите, некако се фокусирав на други жанрови. Quake секако не сопре тогаш, меѓутоа мислам дека никогаш ништо не успеа да се приближи до она што беше третото продолжение. 

Quake Champions е најновиот наслов во серијалот кој е уште во некоја бета, ама во моментов е достапен за 30 евра. Практично со ова плаќаш пакетче со сите херои и ран влез. Цената можеби звучи превисоко за недовршена игра полна со микротрансакции за козметика, ама па размисли колку саати во играчница биле тоа пред дваесетина години. Играта би требало пак да биде бесплатна ако биде официјално објавена наскоро, со оглед на тоа што хероите се докупуваат со вистински пари или валута што се добива со играње.


Моментално се достапни десетина херои со уникатни способности, десетина мапи и два мода, Team Deathmatch и Instagib. Претежно го играм првото зошто позабавно ми е во тим со други тројца отколку со седум луѓе да се пукам со едно оружје. Се надевам дека наскоро доаѓа и Free For All мод зошто тоа е мојата Quake што ја сакам и памтам. Останатото е отприлика слично. Трчаш низ мрачни мапи, собираш оружја и појачувања и се трудиш бројот на убиства да е 75 или поголем од непријателскиот тим додека да истечат десетте минути. Мапите се слични како во секоја Quake игра - темни, збиени, со средновековни мотиви и крајно непредвидливи. Никогаш не знаеш кој ќе ти излезе од некое од ходничињата.

Низ партиите собираш и различни медали кои немаат друга намена освен за курчење пред другарите. Има медал за првото убиство, медал за неутрализирање на непријателот со специјалниот атрибут на твојот херој, за разнесување нечија глава во воздух, за кога ќе го летнеш противникот надвор од мапата, па дури и за кога ќе му ја прекинеш забавата во собирањето на quad-от. Медал добиваш и кога ќе му ја отсечеш фацата со пила. Има многу. Во една партија можеш да добиеш и дваесетина различни. Некогаш кога ќе ми тргне добро ја терам партијата само за да собирам медали.


Класична старошколска забава, но со мала 'модерна' нишка што доаѓа баш од начинот на кој играта те наградува. Денес изгледа не е доволно само да се пукате за ќеф, мора да ти се падне и некое ковчеже во кое има скин или боја за дел од опремата. Немам ништо против, така функционираат повеќе онлајн игри денес. Повеќе сум загрижен за заедницата и бројот на играчи. Иако во сите мечеви приметувам дека луѓето знаат за каков тип на шутер станува збор, пак ќе налеташ на некој што во десет минути не успева да го навикне стилот на игра. Се обидува да кампира во ќош или со другар му еден до друг ќе налетаат на граната. После оди на форумите и се жали како играта е претешка и нефер.

Ако Quake Champions не успее, веројатно ќе разберам. Помалку сме старци на број отколку децата научени на бетл ројал шутери. Не е ова Fork Knife или било кој од популарните шутери денес. Интензивно рокање во тесна арена е, треба да трчаш, да скокаш и да припазуваш што кога ќе се појави на мапата и дали да го собереш или оставиш на некој од твојот тим. Но, помладата публика која веќе е сигурно поголем дел од пазарот не била ни родена кога Quake III Arena ги полнеше играчниците, па не е виновна што ова не им е толку интересно. Дури тука доаѓа и тој симпатичен момент, што во Quake Champions се вкрстени неколку различни генерации.


Играта е веќе една година во неофицијална состојба, се менува и се надградува. Визуелниот дел е очигледно завршен и Quake Champions изгледа феноменално, меѓутоа недостастуваат уште неколку работи за да ги задржи играчите. Ranked модот не ме занима, чекам Free For All. Тоа е најблиску до тоа што се игра денес нели, не ми е јасно дали е привремено исклучен или воопшто не постои. Дури и онаа публика која е тука поради жанрот и Quake, гледам дека е гласна против монотонијата која наводно доаѓала покасно. Јас со петнаесетина изиграни саати до сега не можам да сум повеќе благодарен за играва, ама не знам како ќе биде понатаму.

Искрено сакам да успее ова. До крајот на годината ако не излезе официјално, не верувам дека ќе опстои уште многу. Во просек има околу 4000 играчи онлајн, што е стварно тажна бројка за воклу добра игра. Веќе ги гледам истите луѓе во секоја трета партија. Сепак, ќе си поседам тука, убаво ми е. Веројатно ќе потонам со бродот како со Loadout, ама тоа е. До тогаш ќе играм и ќе го следам развојот и ќе се обидувам да охрабрам и други да ми се приклучат. Quake Champions е вредна за секоја десетминутна партија. Ми фалеше жанрот во животов.

Види такоѓе:

July 1, 2018

Се возбудив за The Predator

Дел од мене страсно ја презира неивентивноста на Холивуд и потребата сите следни блокбастери да бидат веќе препознатлив бренд. Сепак, има денови кога се подавам кон трејлерот за Bumblebee филмот и се присеќам на фактот дека лани се забавував во кино на Transformers: The Last Knight. Двајца знаевме за ова цела година, еве го сега тука јавно пред десетина луѓе. Буба е Бамблби во новиов филм, океј? Како може некој да каже не на тоа? Исто како што не можеш да кажеш не на нов Предатор филм, иако последните неколку сите филмови во тој универзум кои не се кецот, се мех. 

The Predator на Шејн Блек доаѓа за неколку месеци. Има ли потреба? Секако дека не. Но, потенцијалниот профит што е на располагање е доволно прималив плен за ова да се случува. Трејлерот изгледа океј и покрај тоа што одбивам да се кладам на трејлери. Дури изгледа океј и покрај тоа што веќе пола филм го видов, ама па што може да те изненади во Предатор филм? Приказната е наједноставна на свет. Има вонземска раса што доаѓа на Земјата да лови луѓе за спорт. Идеја што функционира само еднаш беспрекорно, а пак ништо никого нема го да спречи да ја молзи додека некој не се осмели за ново. 


Шејн Блек не е нов во ова. Ја сака франшизата, бил претходно дел од неа, а неговото богато режисерско резиме дополнително ми влева сигурност дека нема да ја заебе. Треба да си ептен сенилен Ридли Скот за да се посереш врз едноставна функцонална идеја, а не ми се верува дека Шејн Блек ќе се стреми кон било каква псевдо-филозофски третман на вонземска митологија. Никој не сака да види од каде доаѓаат опасните мистериозни вонземјани, слушаш ли Ридли Скот? Во The Predator очекувам попримитивен пристап кон материјалот, баш онаков каков што прилега на овој тип на филмови.

Сè што треба да видиме е како група несреќници бидува ловена од помоќно суштество. Тоа треба да е насилно и брутално, а Шејн Блек исто така ветува R ознака на филмот, зошто сè останато вика дека било за пички кога станува збор за Предатор. Корнење р'бети е крвава активност, за детските верзии на двете франшизи постојат два Alien VS Predator филмови. Па, ако дојде септември и филмов ненадејно се претвори во забава за целото семејство, веројатно ќе го сконам и нема да го обвинам Шејн Блек, туку студиото. Ама, ако останат сите ветувања тогаш планирам да се нацртам на премиера. 

Ако биде срање, нема да е првпат. Ќе зборувам за тоа како пак сум испаднал наивен, како воопшто немало потреба од филмов, како студиото е криво што ја искасапило идејата на Шејн Блек, како Шејн Блек сепак не знаел што прави со филмот и сценариото, како ликовите биле глупави и правеле нелогични потези. Па, за дизајнот на новиот Предатор, како со цел да биде "поголем и подобар" се постигнал обратен ефект. Има тука теми, ехее. Но, до тогаш не гледам зошто да не се допирам себе на трејлерот. Еве го тука.

Види такоѓе: