October 19, 2019

El Camino, (не)потребниот шлаг на Breaking Bad финалето

Крајот на Breaking Bad е еден од најдобрите завршетоци на серија што сум ги видел. Можеби и најдобриот. Ретко што успева да удри со таков емотивен интензитет и чиста телевизиска беспрекорност. "Felina" останува со тебе долго откако ќе завршиш со гледање. За некои од работите е потребно време да ти поминат низ систем, да сопреш малку и да рефлектираш. Breaking Bad често овозможува такви возења, но ова е тоа конечното каде што сите доаѓаат до некаква финална точка. Затоа и ми беше чудно што сепак се реализираше овој Breaking Bad долгометражен филм El Camino кој намерава да доврши нешто кое изгледаше како да е веќе готово.

Судбината на Џеси Пинкман во "Felina" ја сметав за разрешена. Имајќи ја предвид неговата ситуација до самото финале на серијата, она што се случи со него на крајот беше доволно за ја му ја заокружи приказната. Слободата, буквална и фигуративна, беше најважното за Џеси во тој момент, а Винс Гилиган му овозможи најпосле да ја добие. Можеби за првпат во целата серија, Џеси Пинкман не беше ничиј заложник. Го видовме ослободен од секакви дроги, нео-нацисти, Волтер Вајт и сомнителните бизниси. Не беше важно кај спичи со колата, изгледаше среќно и насмеано со новата прилика.


Мотивот на El Camino е да понуди одговор на тие кои ги копкало што всушност се случува со Џеси одма после таа сцена. Ова и најмногу ме имаше исплашено пред да го гледам затоа што сметам дека тој исход што го понуди последната епизода на Breaking Bad е апсолутно задоволителен и е во полза општо на целиот наратив. Но сепак, постоењето на овој филм е доказ дека Винс Гилиган не мисли така. После неколку денови инат, седнав го изгледав и наспроти мојот "голем страв", филмот не е лош. Дури е и безопасен кон изворниот материјал. Нема баш многу што да додаде, а за цела среќа, ниту пак одзема нешто од Breaking Bad. Никако не го нарушува тој впечаток. Си се држи настрана од тоа и е фокусиран исклучиво на судбината на Џеси. 

Па така, El Camino e сосема безболен и слободно би го препорачал на тие што ја изгледале серијата до крај. Океј е за тоа што е. Не функционира како засебно дело, за жал. Мора да имаш гледано Breaking Bad, да ги познаваш ликовите и нивната судбина. Филмот има едноставна приказна која комотно може да се збие и во дваесетина минути,  нешто како она "The New Man In Charge" што излезе по финалето на Lost. Но ете, Гилиган одлучил дека треба да трае цели два часа и многу од наративните контролни точки да бидат проследени со флешбеци кои треба да одат во прилог на моменталната ситуација. Некои од нив се така конструирани како засебни парчиња, па дури и кога не ја крепат тековната приказна со мотиви и контрасти, изгледаат целосно.

Сите тие идеи личат како да тлееле во умот на Винс Гилиган сите овие години, па сега конечно испукале на површина. Општиот сензибилитет и темпото се секако различни од Breaking Bad, но не ни треба да очекуваш нешто такво. Она што најмногу ми недостасува во El Camino се кинематографските детали што правеа Breaking Bad да е така визуелно атрактивна серија, со ситни финти што може ќе ги пропуштиш на прво гледање. Начинот на кој е режиран El Camino некогаш повеќе личи како имитација на таа постоечкa рамка. Претежно можеш да осетиш дека е граден од истата материја, ама некогаш изгледа толку многу туѓо и чудно. Или можеби само отсуството на визуелната симболика која се движи паралелно со приказната ми го прави ова, не знам.

Што се однесува до приказната, ова изгледа како најбезбедната опција за едно вакво продолжение. Ќе ценев малку повеќе тензија и неочекувани прсврти. Сега не Волтер од гробот да стане, ама ретко кога се чувствуваше некоја преголема напнатост. Дури и во сцените каде што Џеси е очигледно во опасност не бев целосно убеден. Единствената сцена што беше јако ефективна, онака баш својствено за материјал потпишан од автор на Breaking Bad, е оној флешбекот во пустината со Џеси и Тод. Иако го знаев исходот на ликовите, ми сопре дишењето на неколку секунди. Другото е многу помлако. Значи види, немам проблем ни со оваа траекторија, ама некако ми е нетипична во однос на ситуациите во кои сум се навикнал да ги гледам овие ликови.

Другата приказна за El Camino што Гилиган ја имал како идеја била Џеси да е веќе некаде далеку пребеган и пак инволвиран во некаков криминал. Можеби пак таква приказна ќе била поадекватна за "осамостојување" на филмот, меѓутоа не ја гледам потребата. Ако веќе правиш филм исклучиво за Breaking Bad фанови, фер е да ги опслужиш прописно. Во овој контекст, секоја чест за тоа како успеале да го прошверцаат Брајан Кренстон на сетот во Албакерки без да протече некоја слика во јавност. Во 2019, замисли. Но, Волт е само еден дел од она што е на располагање за посветената Breaking Bad публика. El Camino има уште многу, многу референци.

Еден од најзабавните моменти во El Camino ми е Тод. Тод е еден од најјезивите ликови што некогаш се појавиле на телевизија, а така презентиран да никогаш не си точно сигурен со кој си имаш работа. Таков е незгодно непредвидлив, со постапки што некогаш тешко можеш да ги сместиш во оној социопатски архетип често користен во фикција. Тод упорно делува кротко и пријателски, а спремен е на секакви ужасности кои ги прави онака лежерно и рутински, што не си баш сигурен дали воопшто е свесен за природата на неговите постапки. Никогаш не би сакал да сум близина на Тод. Толку ми е станат одвратен што имам лоши чувства кон Џеси Племонс, а човекот само си ја работи работата. 

А, кога сме кај работа, морам да ги пофалам сите актери што се дел од El Camino. Стари ликови или нови, секој максимално се труди да го направи сопствениот најуверлив што може. Арон Пол иако го достигна врвот со Џеси во Breaking Bad, има и тука многу прилики кои му овозможуваат да блесне пак со ликот. Одличен актер е, не знам уште колку време ќе му биде потребно да закачи некој проект што ќе му го однесе талентот во нови предизвици. Супер е и во BoJack Horseman, дај да го видиме во нешто поживо. Ете, се приклучува во третата сезона на Westworld, ама после катастрофалната втора, немам желба да ја гледам таа серија пак.

Искрено, се надевам дека со ова завршува гранењето на Breaking Bad приказната. Ново Better Call Saul или El Camino би било премногу. Знам дека може уште да се цеди од ова, ама кога е доволно? Талентот на Винс Гилиган е евидентен и сигурен сум дека е способен да осмисли нова свежа приказна. Можеби и не е лесно да излезеш од таа сенка на Breaking Bad и да градиш над тие стандарди, меѓутоа автор од овој крој нема шанси да го има само ова на располагање или па латино верзијата на истото. Мора да може повеќе. Ајде, време е.

No comments: