December 30, 2024

Три-четири недели со Path of Exile 2

Знаев дека барем ќе ја пробам Path of Exile 2 кога видов како изгледа Mercenary класата. Сакав и јас да сум тоа. Да се тркалам наоколу, да пукам со самострел и да расклопувам костури со бомби. Не сум некоја клиентела за кецот. Чим стапнам во ендгејм ме дробат уште пред да кликнам било што, ама немаше шанси да ја пропуштам оваа. Беше и единствената игра што ја стварно чекав во 2024. Сигурно некои седумсто од прегледите на синематикот се од мене. Path of Exile 2 ме придоби со естетиката уште пред да ми расчисти дека немам вештини и трпение да играм Mercenary. Сменив. Ми требаше нешто побрзо и подинамично, па до ендгејмот успеав да стигнам како Deadeye Ranger.

Сам го крпев и склопував, без да ми е гајле дали е "правилно". Билдовите и метата не ни беа решени викендот кога излезе, а не ни сакав да следам упатства на прво играње. Од овој аспект Path of Exile 2 некако ми се чини поедноставна од претходната, иако пак не знае најразбирливо да ти објасни за некои од сопствените системи и механики. Полесно го ресетираш пасивното дрво со скилови и можеш да пробуваш други работи, што е баш згодно за ако сакаш уште рано да почнеш со експериментирање и математики.

Гемовите не се сокетуваат и врзуваат во опремата како во кецот, што е уште една голема промена која во случајов ми го олесни планирањето и пристапот. Попрегледно се уредени и можеш да ги видиш и тие што уште ги немаш. Малку касно сфатив дека можам да користам друга група сапорт гемови и солиден дел од првиот акт можеби ми испадна потежок одошто е, ама па тука играта ме насочи на други марифети кои ми се најдоа за понатаму. 

А ако имаш слаб билд, опрема и неуредни гемови, Path of Exile 2 лесно ќе те прегази. Многу се гњавев на почетокот. Дојден тазе од Last Epoch, се навикнав махинално да кликам и сѐ околу да умира, a овде секое гасење на мозок морав да ја трчам цела зона од почеток. Гинев од обични непријатели. Ќе те начекаат во ќоше и тешко низ нив, нема каде. Минимално го наштелуваа ова во еден од последниве печови, ама пак идејата е да научиш правилно да се позиционираш и да не дозволиш да си така опколен.

Oва е еден од најлесно совладливите предизвици. Path of Exile 2 има потешки работи со кои ќе треба да се справуваш. Деновите кога излезе се потепаа да ѝ залепат souls-like етикета, ама не е баш таква. Споредбата со Diablo II е веројатно попрецизна. Да, сите босови имаат покомплексни механики и фази од сличните актуелни игри во жанрот. Дури и обичните непријатели знаат да те удрат јако и да згинеш од прва или да те оптеретат со дебафови, ама не е толку фрустрирачки тешка. Јас кој што сум играл само Elden Ring од "тешките" и се тилтам после десет умирања, успеав повеќето босови од кампањата да ги рокнам сам. За некои се групиравме со екипата од дискорд серверот на Crapwerk и беше уште позабавно затоа што босовите скалираат соодветно на групата и предизвикот е поразличен. 

Најголем проблем имав со Асиниа и Дрејвен во обичниот прв акт. Некако многу рано во играта ми дојдоа како препрека. Може цело попладне ми отиде само на нив. Без добра опрема, крш ротација, со сите погрешни гемови и без стекнати вештини за како да им ги избегнувам механиките, секој посебно од нив ме кршеше со саати. Морав да фармам околу, да падне нешто корисно што прави демиџ за да се вратам и да пробам пак. Тука првпат седнав саглам да го читам дрвото за да видам што имам погрешно наместено. А не се толку тешки колку што може да те начекаат неспремен. Уште ме прогонуваат нивните реплики. Ми се смрачи кога требаше да ги тепам пак. Оток невиден се. 

Она што научив да го ценам и сакам во Path of Exile 2 е колку малку ајтеми ти паѓаат наоколу, барем такви што ти се корисни. Grinding Gear Games и ова го чепнаа малце во печ, ама пак не ти врнат разни шарени ајтеми од сѐ што ќе убиеш. Што некако е супер. Unique првпат видов дури во третиот акт и не ни беше за мојата класа. Кога ќе добиеш нешто ретко и значајно, стварно се осеќа дека е ретко и значајно. Едно посрано оружје што едвај го најдов во вториот акт значително ми го подобри целиот тек. Сите суштества во Вастири осетија дека станав помоќен и позаебан. А и билдот веќе го имав подспастрено. Се фокусирав на lightning наместо на poison и имав некоја побистра насока за каде ќе ги пукам следните поени на комплексното дрво.

Во овој early access кампањата се состои од три акти кои ги играш два пати пред енгејмот, но вториот пат е потешко. Ќе поминат шест месеци до година додека играта ќе биде во оваа фаза и искрено се надевам дека ќе ги пуштат и останатите три акти пред да излезе официјално некаде во 2025. Вториот за сега ми е омилен од цела игра. Path of Exile 2 нема некоја којзнае каква детална приказна за следење, ама околините раскажуваат доволно за да те внесат во светот во кој се случува. Сѐ изгледа добро во играва. Од оклопите до целиот свет како е направен. 

Црвената пустина Вастири, караванот што го влечат робови, мастодонските гробишта, маестралниот Дешар и карпестата Долина на Титаните ми се омилените зони во било која ваква игра. Алал за дизајнот и како успеле толку шаренолики зони конзитентно да ги врзат во мрачниот лајтмотив. Тоа што има многу малку информации за што точно се случува на наративно поле ми ги направи уште поинтересни. Кога ќе запнеа работите таму, играв само со мотивот да ја видам следната зона. Од истава причина ми паѓаа рацете и на Elden Ring. Ама мачкаш ациди борици и тераш. 

Вториот акт освен што изгледа феноменално со неповторлив амбиент, ти нуди некои мисиите да ги играш по различен редослед. Не е некоја којзнае каква голема работа, ама кога веќе нема да можеш да ја заобиколиш кампањата, добро е да имаш ваква опција за малку да ја размрдаш линеарноста. Најинтересните босови во цела игра ги начекав во вториот акт. Сигурен сум дека Балбала, Џаманра, колосот Залмарат (скроз багнат, ама ужасно забавен) и Тор Гул ќе ги посетувам повремено за да ги мелам чисто поради атмосферата и естетиката. 

Третиот акт почна малку да ме исцрпува на второто претрчување, ама веќе билдот полека се обликуваше во овој што го играм на раниве мапи во ендгејмот, и некако брзо го поминав. Првиот пат имав заглавено во тоа посраниот Утзал. Буквално гинев на секое ќоше додека не испотрошив сто седумдесет илјади злато на комар за опрема. Во исто време и сакам и мразам што добивање на посоодветна опрема е скапо на секој начин и зависи од што ксмет имаш. Можеш да купиш и други играчи, ама не ми се гњави со тоа додека не го направат понормално за користење. Не можам да се бркам со луѓе за да тргувам. Додека не е автоматизирано на клик, веројатно ќе фармам или ќе се предадам кога ќе заглавам и ќе немам друг избор.

Крафтинг системот можеби личи комплетно скршен ако го ставиш до оној од Last Epoch на пример, меѓутоа некако наоѓа како да се вклопи во целата мрежа од системи и концепти и како таков да биде во функција. Би можело да е подобро и помалку комплицирано, ама дали тогаш ќе биде истава игра што е. Орбовите за крафтање се добиваат тешко и пак ти зависи од среќа дали нивното користење ќе ти пушти нешто што ти треба. А ја сум таков, некои ги чував додека ептен не згусна. Малку се и не си секогаш сигурен за што и како да ги искористиш. Глуп комар е.

Супер ми е Path of Exile 2. Една од омилените во жанрот. Некако многу подобро ми залепи од кецот и сигурно помогна тоа што ја фаќам вака рано пред да е пренатрупана со системи и механики од лигите. Не дека немам уште работи за учење и откривање, ама фатив некое темпо што ми одговара. Ми се свиѓа дека ја играм натенане и присутно наместо да кликам полуизгасен пред монитор. Не дека не си е нужно и ова второво, ама веќе имам таква фаст фуд опција со World of Warcraft. Ова не ти дава инстант допамин туку ќе те запне да поработиш за пообилна доза. А дефинитивно ќе седнам пак и на Elden Ring. Имав подзаборавено кое задоволство е кога ќе совладаш гнасен бос што те лупал од земја последните саат време.

Тоа што можам да играм ендгејм без солзи и што отприлика знам што правам за разлика од кецот, мислам дека ќе ме задржи да пробам уште некоја од класите. Моментално се шест, а кога официјално ќе биде објавена ќе има уште толку. Секако ќе ја играм и кога ќе излезе, сакам да ги видам останатите три акти и да го истрчам уште еднаш вториот. Целосната верзија на Path of Exile 2 ветува и над сто босови, така што едвај чекам да видам на што следно ќе кршиме тастатури и мауси.

Види такоѓе:

December 4, 2024

Распуцавање во Project Warlock

За малку ќе ја баталев Project Warlock. Се имав изначитано позитивни критики кои баш и не се поклопуваа со првиот впечаток, ама среќен сум што трпението ме послужи да стигнам до деликатесот што комплетно ми го задоволи стрвот за уште еден "бумер шутер". Project Warlock почнува некако многу хаотично. Директно те фрла во еднолични клаустрофобични ходници каде што сите непријатели може и да пукаат во тебе, а освен тоа што немаш некој ефективен начин како да ги избегнеш, муницијата е кнап и нема сејв додека не ја завршиш стазата. Од старт си опремен и со ножеви, мечови и секири, ама главниот начин да го научиш арсеналот е да умираш. 

Ова можеби создава малку поголем предизвик од сличните, особено од оние раните на id software од кои црпи инспирација. Иритира кога ќе умреш на самиот крај од стазата бидејќи самиот портал за следната пробува да те убие, ама се заинатив да видам што е толку добро. Фрустрирачки е и последниот бос што шмука куршуми и те пржи со ласери пола саат, ама до тој момент веќе бев сериозно заигран и спремен да се справам со секој несмасен дизајнерски избор на Project Warlock. Но, и покрај сите дискутабилни концепти и одлуки, играта има специфичен шарм на кој не останав рамнодушен. Тешко е да ја препорачам пред големите во жанрот или модерните класици како Dusk, ама ако ептен ти се припука нешто вон тоа - Project Warlock е супер избор.
 

Најјако е дека типот што ја има правено, Куба (Јакуб Цисло), бил уште средношколец кога ги почнал раните верзии. Пред играта да излезе како Project Warlock во 2018, се викала Exitium 3D, па Cataclysm 3D, а Куба имал и Кикстартер кампања за да собере 90 евра за тогашниот Стим Гринлајт. Иако кампањата била успешна и собрал дупло повеќе пари, тогашната верзија на играта била пречекана со негативни критики, ама Куба паметно ги искористил како дополнителен мотив значително да ја подобри. Собрал и мал тим околу него. Најмил артист за да ја спастри визуелно, левел дизајнер и саунд дизајнер, додека се фокусирал исклучиво на програмирање. За кратко Project Warlock доаѓа и до издавач, а нешто потоа пофални зборови и промоција од Џон Ромеро лично.

Иако роден крај на девеести, Куба е растен со игри како Doom, Blood, Heretic, Wolfenstein 3D и сличните три-четири од тоа време. Тоа е и инспирацијата за Project Warlock, која стилски и механички е многу блиску до оваа ера на пуцачини. Визуелно можеби и не комплетно, ама пак си држи таква естетика. Не е како некои други "бумер шутери" кои прецизно го емулираат изгледот и звукот и не можеш да ги познаеш дали се од денес или од пред триесет години, ама не е некаков проблем или замерка. Проблем е веројатно само кога на некои стази не можеш да ги разликуваш непријателите од околината. 


Project Warlock те става во улога на ворлок кој патува низ димензии (веројатно) и се бори против зло. Нема потреба од комплексна приказна во жанров, само треба играта добро да те позиционира во сетингот, а Project Warlock баш знае како. Додека е забавно да млатиш разни демони, зомбиња, мумии и роботи - таман сме, не мора комплицирани изговори зошто. Ќе се прошеташ низ средновековни замоци, база на Антарктикот со очигледни The Thing референци, древен Египет како од PowerSlave играта, индустриска зона со роботи и како што е ред - Пеколот.
 
Секоја од овие пет околини е сопствена епизода со тематика која се одразува на целиот визуелен дизајн. Вратите и ајтемите што ги собираш наоколу иако го прават истото, тука изгледаат соодветно со остатокот од околината. Секоја епизода завршува со бос и воглавно се лесни и едноставни. Најголемата моќ им е тоа што непотребно ти губат време. Последниот е озбилно безобразен. Барем да имаше сејв да можеш да прерипаш некоја од досадните фази кога обавезно ќе те смеле додека си напикан во некој ќош. 


Не сум некој љубител на благи RPG моменти во вакви игри, ама и Project Warlock има некаква форма на левелирање, отклучување и подобрување на оружја и магии со поени. До некаде има логика ворлокот да располага магии, ама еве да одам директно на главното - при крај од играта имав меч што краде живот од непријателите на секој удар и штит што повремено можев да го пуштам околу и никој ништо да не ми може. Откако го склопив овој билд многу почесто се ослонував на него отколку огнените оружја.
 
А има многу оружја. Со сите комбинации од системот за левелирање, можеш да извадиш дваесет и кусур различни. Ова е можеби единствениот "бумер шутер" од овие што ги играв годинава од чии шатгани не сум импресиониран. Не дека не се добри и ефикасни, ама најмногу користев револвер и узи. Звукот на револверот е стварно многу добар и некако подобро лежи од другите оружја. Понатаму испадна дека можам да пукам и со две узиња и беше презабавно. Сите до едно изгледаат грозно инаку, ама не ми смета. Некако таков е целиот стил и не ми требаше многу време за да го прифатам. Пукањето е одлично, тоа е важниот момент.

 
Непријателите често знаат да се напорни, најмногу поради тоа што треба многу муниција да ги убиеш. Има и некои што се множат или менуваат механика на движење и пукање откако ќе ги раниш што ми беше интересно кога ќе ги начекав во тесен простор. Нонстоп адреналин и препотување. А, Project Warlock е претежно дизајнирана како Wolfenstein 3D, речиси и да нема вертикалност. Не ни пробува да имитира платформи како оригиналните Doom, сѐ се случува на една оска и непријателите се прилагодени на тој концепт. Мрчев што некогаш ти излегуваат од ќошиња, зад грб или од земја, ама во втората епизода веќе се навикнав што играта повремено си дозволува нефер предност и само броев куршуми и пукав назад. 
 
Голема предност е што левелите се многу кратки и не го дрват со претеран лавиринтски дизајн. Има пеесетина, ама некои можеш да ги претрчаш за минута-две. Ако не се фокусираш на барање тајни, на две седнувања си готов со цела игра што мене супер ми пасуваше во случајов. Затоа им се радувам на ваквиве игри. Не бараат многу време за да ги изиграш и се екстремно забавни. Во 2022 е излезена Project Warlock II. Во план ми е да ја играм, ама има време до тогаш. На списокот имам Cultic, Dread Templar, Incision и Ion Fury и веројатно тие ќе добијат предност.