Како се заиграв Last Epoch, мислиш стварно ќе ги изгасат серверите на 6 декември. Нит сакав, нит ми беше во план. Демек ја пуштив уште еднаш пред да ја тргнам да растерети за Path of Exile 2. Кењам кај стигнам последниве месеци за колку е естетски досадна и како нема приказна, ама располага со други квалитетни моменти кои ме потсетија дека озбилно заслужува "последна" фора. Притисната е меѓу два гиганти од жанрот за чија публика се тепа и сериозно има нешто што ја квалификува како најпргавата во тие борбени редови. Солидно почна кога излезе, а гледам дека нагло има изгубено голем број на играчи и некако ќе ми е мака ако не пркне пак.
Кампањата е уште ужасно заморна и нема копче да кликнеш да ја сконеш ако претходно ја имаш завршено со друг карактер. Изборот е пак да ја играш цела или да следиш глупи комплицирани упатства кои кратат делови, ама пак е неприродна алтернатива за левелирање и ќе заглавиш со друг досаден грајнд. Ако ништо друго, барем фракциите да не се отвараат преку кампањата туку на одреден левел. Не успеав ни да излевелирам втор карактер во првата сезона од што ми беше досадно да трчам низ истото. Замисли да сакаш со повеќе. Нема опција ни дијалогот да го прерипаш од главната кампања, па само кликаш брзо додека престанат да ти зборат.
Фали и повеќе разновидност во ендгејмот. Верувам дека ова ќе го средат во иднина, ама во моментов е малку штуро. Нема нешто многу за правење освен фракцискиот грајнд и да фармаш монолити кои се збирка мали мапи наречени ехоа чија содржина е процедурално генерирана. Преку ехоата собираш валута со која ти се отвараат некои потешки етапи и босови чие комплетирање ти нуди нов монолит. Практично тоа е целиот главен ендгејм систем. Не знам дали можеш до бескрај да ги фармаш монолитиве, ама веројатно до левел 100 веќе ќе ти се смачени. Што е океј. Тоа се саати и саати ако ти е забавна играта, ама недостатокот на варијации полесно ги брка луѓето на друго место.
Сега кога ја пуштив пак не очекував дека ќе ме држи повеќе од пола саат. Направив нов сезонски карактер - Primalist, кој како специјализации цепа онаков филм, друдско-шамански-пријател на дрвата и љубител на животните. Нешто што обично не ми е прв избор во RPG игри, ама нели сега ја пуштам колку да се отпишам. Неколку денови покасно, опкружен со глутница волци околу мене, неколку тотеми што пукаат трња и една масивна бодликава секира - дробам низ десет левели поголеми ехоа. Неспоредливо подобро чувство од пролетоска. Мераци. Неочекувано ме завлече и не ме пушта.
Свежите промени што ги носи Harbingers of Ruin печот се насекаде очигледни. Го спастриле малку и дизајнот со адаптабилни скалирачки босови што намерно беа секогаш "подобри" од тебе. Сега конечно можеш да ги тепаш понормално и опремата што ја имаш да функционира во твоја корист, без вештачки препреки. Имаат финта со штитови на самиот бос што се пуштаат во одредени фази за колку да ги "видиш" фазите, ама многу побрзо и полесно можеш да победиш ако си соодветно опремен и знаеш што правиш. Не знам зошто воопшто имаа таква глупост на почеток.
Имаат додадено и evade како нова механиката на карактерите и сега движењето и тепачките се едно десет пати подобри. Ептен ја менува играта, комплетно друго е. Со тоа што си значително побрз, полесно се движиш и собираш непријатели и ти е отворена цела нова тактика за справување со нив. Имаш многу поголема контрола вака. Промената функционира феноменално при секоја ситуација. Алал. Плус голема новина е целосната поддршка за контролер, па и таа варијанта е достапна ако ја преферираш така. Супер е. Да беше вака од старт може немаше да прекинам да ја играм толку брзо.
Уникатната опрема паѓа почесто од било кога, а низ мапите конечно протрчува варијанта на дијабловскиот loot goblin што кога ќе го стигнеш и здробиш ти дава разни богатства. Ни ова го немаше претходно, скоро го имаат воведено. Неверојатно е колку оди во полза на играта. Некогаш се појавуваат повеќе различни во исто време, па ќе се растрчаш и ќе ја повлечеш цела мапа на себе од што си лаком. Така начекав еден што фрли огромен куп виолетови легендарни оружја ама пред да соберам било што ме изгази толпа зомбија што ја собрав на мене. Тапа е кога ќе ти се случи во рано додека си голтар без опрема. Кога ќе изгинеш во ехо, следното влегување ти е ресетирано и практично губиш сѐ што не си зел. Следен пат ќе си попретпазлив.
Освен ова, динамиката на тепање орди непријатели е размрдана и со почестата појава на "светилишта" кои ти даваат разни ствари кога ќе ти активираш, од злато до привремени моќи. Иако се случајни, на секоја трета-четврта мапа обавезно гледам по некое такво што ќе те претвори во машина што блуе оган, или ќе паѓаат метеори врз непријателите додека се движиш или некоја друга забегана моќ што ќе ти овозможи да ја топиш мапата цела минута. Некои се како излезени од Vampire Survivors и ова го кажувам во најпозитивна смисла. Некогаш и овие ги има повеќе од едно на иста локација, па ако ти се погоди можеш буквално да завршиш цела мапа само со движење. Ова го немаше кога играв првиот пат. Имаше неколку што фрлаа некои трошки, меѓутоа ништо што правеше гејмплејот олку повозбудлив и интересен.
Овие две за мене големи и позитивни новини одлично се вклопуваат и со механиката на сезоната. Низ мапите може случајно да ти се појави и нешто што Last Epoch го вика Немесис. Има некаква глупа небитна приказна во позадина, ама воглавно добиваш избор од неколку ајтеми и опции да ги смениш за ново купче во следниот Немесис, да ги појачаш истите за следниот или да го тепаш моменталниот за самото купче. Идејата е ако начекаш нешто што ќе те бендиса, да го појачуваш додека можеш и на крај да го истепаш Немесис босот за да си го земеш, но и босот станува потежок доколку појачаш ајтем. Едноставно е, ама дефитивно фалеа вакви ситници за да ја направат целата игра поинтересна.
Овој пат во ниеден момент не ни помислив на приказната. Last Epoch ме истрча ко хрчак и не се ни побунив. Многу ми се супер монолитите како концепт. Мапите се кратки, траат по неколку минути и се различни секоe влегување. Дури и ако заглавиш на некоја иста. И таа се генерира одново, те пушта на друга локација и има различен услов или дење-ноќе со што има и ситна визуелна дистинкција. Наградите се доволно привлечни за дополнитен мотив, ама веќе е убаво стегната за да те вози исклучиво на чист допамин. Ќе ми беше уште појака да можев исклучиво со ехоа да можам да левелирам и друга класа од старт.
Стварно не сакам да замре Last Epoch, веќе станала значително подобра игра и баш сакам да е жива и активна за кога евентуално ќе се вратам прекичмен од Path of Exile 2. До пред некој ден немаше шанси да се сложам со ова, дури уште не би се осмелил да ја препорачам на некој да ја купи. Може ако веќе ја имаш да седнеш да ѝ дадеш шанса во оваа состојба, таман да подмачка пред Path of Exile 2. Многу е позабавна од кога излезе официјално. Мило ми е што не ја избришав пред да раскликам уште еднаш. Не верувам дека ќе ја инсталирав пак и ќе си останеше така забаталена безвезе.
Види такоѓе: