Showing posts with label Last Epoch. Show all posts
Showing posts with label Last Epoch. Show all posts

May 5, 2025

Прав момент за Last Epoch

Мило ми е што за толку кратко време сум пак назад на Last Epoch. Ми фалеше домаќинско ARPG. Поигравме Path of Exile 2 што поигравме и супер беше, ама моменталната состоја на играта некако не ме убедува дека ми се исплати за времето. Ендгејмот бргу станува досаден, а и често фрустрирачки со слабиот дроп на потребните мапи за бесцелниот круг на "збриши 10 поголеми мапи". Нема никаков интересен прогрес, а и да има - лимитиран си од начинот на кој собираш и крафташ опрема. Пробав да левелирам други класи додека ја чекав новава сезона на Last Epoch и се откажував уште во првиот акт. 

Не сакам сега да ја кењам Path of Exile 2, нуди сосема различно искуство од Last Epoch и веројатно е океј за тоа што е, меѓутоа веќе не функционира за мене. Неодамна станав татко и сум целосно посветен на тоа, па времето за гејмање ми е малку кнап. Единствено што можам да си дозволам се пократки сесии, а Last Epoch е одлично скроена за такво дваесетминутно неприкинато играње. Доволно да истрчам неколку мапи во монолитот, да се натоварам со корисна опрема и притоа да имам видлив прогрес. Не кубурам со опрема, можам таргетирано да фармам и да крафтам, а и постојано да експериментирам со билдот и да го адаптирам на различни ситуации.
 

Затоа и толку ми се свиѓа Last Epoch. Не треба да следам никаков туторијал од мин-максери, секој билд до сега на Сентинелот испадна ефикасен и успеав да стигнам до високите монолити без проблем. Некогаш склопував околу некое легендарно оружје, некогаш правев билд што едноставно ми беше интересен за играње. Имаш еден куп опции на располагање за секоја класа, лесно можеш да си скрпиш нешто за твој ќеф и да не се грижиш дали ќе преживееш. Акцентот во Last Epoch e очигледно удрен стриктно на забава и допамин, па не пробува лешперски да те убие на секој чекор. Има предизвици секако, ама не се дизајнирани да те казнуваат за секој погрешен клик. 

Последниве две-недели ја пукам актуелната втора сезона Tombs of the Erased. Приказната е уште шкарт каква што и секогаш била и сезоната не прави којзнае што за да ѝ ја подобри презентацијата, ама патот до ендгејм монолитите е толку брз што веќе престанав да обрнувам внимание на овој дел од играта. Tombs of the Erased воведува нова ендгејм фракција, The Woven, која доаѓа со сопствена репутација и дрво со таленти слично на Atlas Tree од PoE меѓутоа овде e корисно и не ми е мака што фармам поени. Weaver Tree ти нуди разни кул ситници, од зголемен дропрејт на ствари до помош во мапи во вид на NPC што се шуња со тебе и ти помага. Можеш и да го ресетираш без проблем доколку поените ти се видат посоодветни на друго место. Комплетно фер и кул, сосе тон опции за експериментирање.
 

Фракцијата носи нов тип на мапи, гробници со нови непријатели и босови кои може да ги сретнеш како посебно ехо на монолитот или како дел од некое постоечко, меѓутоа со помала награда на крајот. Во самиот монолит можеш и сам да избираш какво Woven ехо ќе "вплетеш". Ги има еден куп со различни награди и предизвици, се паѓаат рендом од гробниците, а некои се купуваат со сезонската валута. Може да бидат босови, награди специфични за класа, ехо кое отвара ново крафтање и слични ствари што можеш сам да си ги местиш и да си направиш уште поинтересен тек. Има и едно каде што треба да активираш шрајнови низ мапата и е комплетно налудничаво какви моќи акумулираш таму. 
 
На крајот од секоја гробница имаш можност да појачаш постоечки идол специфичен за класата што е уште еден штос за разигрување на билдот. Многу се кул новиве системи. Супер освежување за ендгејмот, а и соодветно се вклопени за да би можело нешто од нив евентуално да опстои и во идните сезони без да се наруши текот на играта. Покомплексни се секако од Немесисите од претходната сезона кои се уште тука, ама претпоставувам дека Eleventh Hour Games ќе пренесат нешто и од оваа во некој облик.
 

Tombs of the Erased уште при првата најава изгледаше амбициозно и се радувам што ги исполни очекувањата. Толку амбициозно што и Grinding Gear Games се искурназија со мал Path of Exile 2 печ на оригиналниот испланиран датум што придонесе Last Epoch да ја поместат сезоната некој ден покасно. Дури и тоа го направија мангупски и одмерено, оставајќи ја конкуренцијата да пувне во празно. Oчигледно EHG имале содржина во која веруваат и Tombs of the Erased е доказот дека работеле напорно и вложиле огромен труд за да го пркнат ова. Можеби и беше пресудно за дали играта воопшто ќе преживее.
 
Сезоната ја дигна од 4000 играчи дневно до 150000 и гледам дека деновиве дојде до некоја стабилна броја од околу 40000 во секој период од денот. Моменталното лошо расположение околу Path of Exile 2 се погоди уште толку да донесе нови луѓе што е супер, бидејќи дефинитивно им требаше ваков ветер во грб на EHG. Љубовта кон ова што го прават е опиплива и напредокот за само една година е неверојатен. Види ми го првиот пост за Last Epoch пишуван лани пролетта и што сум кењал. Денес е неспоредливо подобрена и поисполирана варијанта од тоа. Алал.
 

Освен сезонските промени, Tombs of the Erased има и многу други нови ситници што подобруваат постоечки опции и системи. Веќе не те ограничува ни на главното мастери, па пример можеш да се левелираш како Паладин и да се смениш во Воид кога ќе ти текне или да ти се достапни ајтемите што дропнале непосредно пред да испуштиш душа на некоја мапа. Подобрен е и бесконечниот простор за чување на сѐ што ќе ти текне, а за тие што се разгалија со Path of Exile 2, играта сега може да се игра и со WASD контроли. Јас уште преферирам да се движам со маус, ама ете го има и ова како опција.
 
Last Epoch ми е најквалитетнaта ARPG опција во моментов. Path of Exile 2 веројатно пак ќе ја пуцам дури кога ќе излезе целосно колку да ги видам останатите акти. До тогаш не можам да се натерам да левелирам друга класа за до ендгејм. Не знам од прва рака каква е ситуацијата со Diablo IV, ама тоа што го гледам не ми звучи најсјајно. Last Epoch ми го почитува времето, не пробува да ми шитне сезонски бетл пасови по цена на цела игра и можам да ја играм како сакам без да се гњавам со туторијали, мета и без целосно да зависам од милоста на рендом орб за парче мочана опрема. Eleventh Hour удрија јако со сезонава. Се надевам дека поддршката од заедницата ќе ги мотивира за уште подобра трета сезона, а и дека конкуренцијата ќе се расони и ќе види какви игри сакаат да играат луѓето.

November 29, 2024

Нешто ѝ направиле на Last Epoch

Како се заиграв Last Epoch, мислиш стварно ќе ги изгасат серверите на 6 декември. Нит сакав, нит ми беше во план. Демек ја пуштив уште еднаш пред да ја тргнам да растерети за Path of Exile 2. Кењам кај стигнам последниве месеци за колку е естетски досадна и како нема приказна, ама располага со други квалитетни моменти кои ме потсетија дека озбилно заслужува "последна" фора. Притисната е меѓу два гиганти од жанрот за чија публика се тепа и сериозно има нешто што ја квалификува како најпргавата во тие борбени редови. Солидно почна кога излезе, а гледам дека нагло има изгубено голем број на играчи и некако ќе ми е мака ако не пркне пак. 

Кампањата е уште ужасно заморна и нема копче да кликнеш да ја сконеш ако претходно ја имаш завршено со друг карактер. Изборот е пак да ја играш цела или да следиш глупи комплицирани упатства кои кратат делови, ама пак е неприродна алтернатива за левелирање и ќе заглавиш со друг досаден грајнд. Ако ништо друго, барем фракциите да не се отвараат преку кампањата туку на одреден левел. Не успеав ни да излевелирам втор карактер во првата сезона од што ми беше досадно да трчам низ истото. Замисли да сакаш со повеќе. Нема опција ни дијалогот да го прерипаш од главната кампања, па само кликаш брзо додека престанат да ти зборат. 

Фали и повеќе разновидност во ендгејмот. Верувам дека ова ќе го средат во иднина, ама во моментов е малку штуро. Нема нешто многу за правење освен фракцискиот грајнд и да фармаш монолити кои се збирка мали мапи наречени ехоа чија содржина е процедурално генерирана. Преку ехоата собираш валута со која ти се отвараат некои потешки етапи и босови чие комплетирање ти нуди нов монолит. Практично тоа е целиот главен ендгејм систем. Не знам дали можеш до бескрај да ги фармаш монолитиве, ама веројатно до левел 100 веќе ќе ти се смачени. Што е океј. Тоа се саати и саати ако ти е забавна играта, ама недостатокот на варијации полесно ги брка луѓето на друго место. 

Сега кога ја пуштив пак не очекував дека ќе ме држи повеќе од пола саат. Направив нов сезонски карактер - Primalist, кој како специјализации цепа онаков филм, друдско-шамански-пријател на дрвата и љубител на животните. Нешто што обично не ми е прв избор во RPG игри, ама нели сега ја пуштам колку да се отпишам. Неколку денови покасно, опкружен со глутница волци околу мене, неколку тотеми што пукаат трња и една масивна бодликава секира - дробам низ десет левели поголеми ехоа. Неспоредливо подобро чувство од пролетоска. Мераци. Неочекувано ме завлече и не ме пушта.

Свежите промени што ги носи Harbingers of Ruin печот се насекаде очигледни. Го спастриле малку и дизајнот со адаптабилни скалирачки босови што намерно беа секогаш "подобри" од тебе. Сега конечно можеш да ги тепаш понормално и опремата што ја имаш да функционира во твоја корист, без вештачки препреки. Имаат финта со штитови на самиот бос што се пуштаат во одредени фази за колку да ги "видиш" фазите, ама многу побрзо и полесно можеш да победиш ако си соодветно опремен и знаеш што правиш. Не знам зошто воопшто имаа таква глупост на почеток.

Имаат додадено и evade како нова механиката на карактерите и сега движењето и тепачките се едно десет пати подобри. Ептен ја менува играта, комплетно друго е. Со тоа што си значително побрз, полесно се движиш и собираш непријатели и ти е отворена цела нова тактика за справување со нив. Имаш многу поголема контрола вака. Промената функционира феноменално при секоја ситуација. Алал. Плус голема новина е целосната поддршка за контролер, па и таа варијанта е достапна ако ја преферираш така. Супер е. Да беше вака од старт може немаше да прекинам да ја играм толку брзо.

Уникатната опрема паѓа почесто од било кога, а низ мапите конечно протрчува варијанта на дијабловскиот loot goblin што кога ќе го стигнеш и здробиш ти дава разни богатства. Ни ова го немаше претходно, скоро го имаат воведено. Неверојатно е колку оди во полза на играта.  Некогаш се појавуваат повеќе различни во исто време, па ќе се растрчаш и ќе ја повлечеш цела мапа на себе од што си лаком. Така начекав еден што фрли огромен куп виолетови легендарни оружја ама пред да соберам било што ме изгази толпа зомбија што ја собрав на мене. Тапа е кога ќе ти се случи во рано додека си голтар без опрема. Кога ќе изгинеш во ехо, следното влегување ти е ресетирано и практично губиш сѐ што не си зел. Следен пат ќе си попретпазлив.

Освен ова, динамиката на тепање орди непријатели е размрдана и со почестата појава на "светилишта" кои ти даваат разни ствари кога ќе ти активираш, од злато до привремени моќи. Иако се случајни, на секоја трета-четврта мапа обавезно гледам по некое такво што ќе те претвори во машина што блуе оган, или ќе паѓаат метеори врз непријателите додека се движиш или некоја друга забегана моќ што ќе ти овозможи да ја топиш мапата цела минута. Некои се како излезени од Vampire Survivors и ова го кажувам во најпозитивна смисла. Некогаш и овие ги има повеќе од едно на иста локација, па ако ти се погоди можеш буквално да завршиш цела мапа само со движење.  Ова го немаше кога играв првиот пат. Имаше неколку што фрлаа некои трошки, меѓутоа ништо што го правеше гејмплејот олку повозбудлив и интересен. 

Овие две за мене големи и позитивни новини одлично се вклопуваат и со механиката на сезоната. Низ мапите може случајно да ти се појави и нешто што Last Epoch го вика Немесис. Има некаква глупа небитна приказна во позадина, ама воглавно добиваш избор од неколку ајтеми и опции да ги смениш за ново купче во следниот Немесис, да ги појачаш истите за следниот или да го тепаш моменталниот за самото купче. Идејата е ако начекаш нешто што ќе те бендиса, да го појачуваш додека можеш и на крај да го истепаш Немесис босот за да си го земеш, но и босот станува потежок доколку појачаш ајтем. Едноставно е, ама дефитивно фалеа вакви ситници за да ја направат целата игра поинтересна. 

Овој пат во ниеден момент не ни помислив на приказната. Last Epoch ме истрча ко хрчак и не се ни побунив. Многу ми се супер монолитите како концепт. Мапите се кратки, траат по неколку минути и се различни секоe влегување. Дури и ако заглавиш на некоја иста. И таа се генерира одново, те пушта на друга локација и има различен услов или дење-ноќе со што има и ситна визуелна дистинкција. Наградите се доволно привлечни за дополнитен мотив, ама веќе е убаво стегната за да те вози исклучиво на чист допамин. Ќе ми беше уште појака да можев исклучиво со ехоа да можам да левелирам и друга класа од старт.

Стварно не сакам да замре Last Epoch, веќе станала значително подобра игра и баш сакам да е жива и активна за кога евентуално ќе се вратам прекичмен од Path of Exile 2. До пред некој ден немаше шанси да се сложам со ова, дури уште не би се осмелил да ја препорачам на некој да ја купи. Може ако веќе ја имаш да седнеш да ѝ дадеш шанса во оваа состојба, таман да подмачка пред Path of Exile 2. Многу е позабавна од кога излезе официјално. Мило ми е што не ја избришав пред да раскликам уште еднаш. Не верувам дека ќе ја инсталирав пак и ќе си останеше така забаталена безвезе.

Види такоѓе:

April 17, 2024

Добра е Last Epoch, ама...

Ја поиграв малку актуелнава Necropolis сезона на Path of Exile. Од тоа што видов можеби е најинтересната од тие што успеав да ги фатам до сега, ама веќе се ближеше моментот кога играта почнува да ти бара повеќе слободно време отколку што можеш да вложиш, па ја напуштив за конечно да ја пробам Last Epoch пред No Rest for the Wicked. Last Epoch често е опишана како нешто измеѓу Diablo и Path of Exile. 

Не важи за сите аспекти, ама ако споредуваме комплексност, веројатно е стварно таму негде. Не мора постојано да следиш водич за билд или да двоиш дваесет саати дневно за да не те мелат во ендгејм. Слободата во билдовите не ја плаќаш со толку време и живци како во Path of Exile, а е пак поголема од тоа што можеби ќе го сретнеш во Diablo. Зависи за што си дојден. Aко сакаш само кампања со добар предизвик и вертикално зголемување на тежината, други слични игри во жанрот го прават тоа многу подобро. Ништо не гарантира дека Last Epoch нема да ти збоктиса дур стигнеш до Монолитите и Пророчанствата кај шо е "јакото".

Иако е солидна игра, има многу работи кои можам да ги оценам како "проблематични". Ама, ако сакаш да експериментираш со разновидни класи и билдови, бројки и математики, да склопуваш оружја и опрема што ќе ти овозможат лежерно да собереш цела мапа мобови и да ги рокнеш со три клика - Last Epoch ќе те пречека домаќински. Различните системи за прогрес го прават грајндот забавен, единствено класични ачивменти фалат. Играта располага со повеќе начини кои ќе те нашибаат со допамин, дури и ако дента имаш само пола саат за сесија.

Повремено ќе те заглави и на бос со некоја механика што некогаш невешт гејм дизајн сака да ти го протне како предизвик, ама не е толку страшно како што можеби звучи. Проблемот е што првите позаебани босови во кампањата некако се нагло "потешки" од тоа што си го правел претходните петнаесетина саати. Не барам играта да ме држи за рака и да ме учи на секоја механика што ќе ја сретнам, ама до Лагон буквално не ми беше потребно да знам што копче сум стиснал за да здробам сѐ што гледам на екран.

Дури тогаш приметив дека скоро цела кампања играта не бара од тебе да уклучиш мозок, што е некако глупо нели. А, отсуството на значајна приказна воопшто не е во полза на ова сознание. Last Epoch има кампања од девет поглавја, ама не можам да разликувам ниедно од нив, ниту да објаснам што точно се случува или да издвојам некој лик од тие триесетина што ги сретнав по пат. Или може на истите тројца налетував десетина пати, озбилно не сум сигурен. 

Штурата приказна прави да се сомневам дека прво ги смислиле сите системи, па крпеле нешто колку да ги врзат стандардните мапи кои ќе ги сретнеш во секоја од овие игри. Ете, пак платив за да тепам џиновски скорпии во пустина и ќе излажам ако речам дека не беше интересно, a и дека нема да го направам пак. Штета што е волку визуелно генерична. Од технички аспект изгледа супер, само што некако ја имаш осетено атмосферата во други игри.

Приказната има патување низ време како централен мотив. Практично проаѓаш низ неколку различни временски периоди или да не речам епохи, ама буквално ништо интересно не прави со тоа. Не си никако запознаен со светот за да ти е важно каков бил пред 1000 години, па мапата е само мапа наместо друг дел историја. Како целина веројатно би функционирала поеднакво исто и без овој наративен агол. Ако по ова треба да ја сместиш на некоја жанровска листа каде што се Diablo и Path of Exile, дефинитивно би била на дното со многу други игри над. Не па дека овие две имаат којзнае каква приказна, ама барем визуелниот идентитет им е далеку повпечатлив. 

Ценам добар амбиент во вакви игри. Види колку се мангупски Warhammer 40,000: Inquisitor - Martyr или The Incredible Adventures of Van Helsing, на пример. Дури и Torchlight има попривлечен свет. Затоа ми е криво што Last Epoch многу малку внимание посветува на тоа да се одвои. Еве, дури и одлуката да била со цел да се привлече публика од нејзината конкуренција, пак не е некој цврст изговор за играта да изгледа толку познато, а пак да ти е тешко да заживееш во светот таму. Затоа и ми е тешко да ја препорачам дури и на луѓе за кои знам дека им лепи жанров. Tреба да издржиш петнаесетина саати едноличен гејмплеј без никаква приказна која би можела да го направи поподонослив.

Среќна околност е што Last Epoch функционира добро на други полиња. Онаму каде што недостасува во кампањата, се вади со самиот ендгејм и опширниот избор на стилови на играње. Крафтингот е еден од поинтересните што сум ги видел во слични игри. Секое парче опрема и оружjе може да се подобри со различен афикс, но од реткоста на тоа што го надградуваш или менуваш зависи и како и колку можеш. Афиксите ги наоѓаш буквално насекаде, па згодно е уште од почеток да почнеш да ги трошиш за да експериментираш со склопки. Колку порано го фатиш системот, толку полесно ќе се опремиш за последниот бос од кампањата што можеби ќе те акне од земја три-четири пати додека му ги сконташ фазите. 

Ми се свиѓа тоа што секој спел има засебно обемно дрво со таленти. Не дека е невидено, ама начинот на кој Last Epoch го имплементира отвара многу поголем простор за креативни брлавења. Рачунај, има пет класи, а секоја од нив со по три специјализации кои можеш комплетно различно да ги играш. Сигурен сум дека има веќе некоја мета што можеш да ја ископираш од интернет, ама од тоа што досега видов, можеш да си доволно ефикасен и со нешто комплетно од газ извадено. 

Last Epoch има и куп ситни подобрувања што ретко ќе ги сретнеш во други ARPG наслови. Имаш бесплатен магацин со неограничен простор за сите работи што ќе ги собереш по пат. Убаво е организиран со табови со сам што си ги правиш, можеш да наместиш име, боја и слично. Така што можеш да трупаш сѐ што ти треба и сѐ што "може некогаш ќе се најде". А, имаш опција и да ги филтрираш уште пред да собереш било какво непотребно гомно од земја. Лут филтерот е прилично напреден и можеш да си го подесиш како ти пасува. Нуди и вграден водич за сите основни елементи на играта, па не мораш ни да гуглаш терминологија и концепти.

Ме интересира што е следно тука. Планот е да тераат со тематски сезони во иднина и тука е шансата да го направат и патот до самиот ендгејм повозбудлив. Сакам да ги пробам сите класи и подкласи. Нова сезона со освежени механики ми се чини како единствената прилика во која нема да заспивам додека се левелирам. Lightless Armor данџот е еден ситен пример за колку играта може да ќари од варијации на основниот концепт. Нема да штетат повеќе такви ствари што би ги носеле сезоните. Во секој случај, Last Epoch долгорочно ми личи како подобра инвестиција од Diablo IV. Останува да напипаме во која состојба ќе биде играта за некој месец од сега.