January 20, 2022

Гаси го Боба Фет

Си мислев дека The Book of Boba Fett ќе успее да компензира за отсуството на нова сезона The Mandalorian зимава. Немав некои преголеми очекувања, ама Боба Фет успеа некако да се вклопи и профункционира во The Mandalorian, па тоа малку ми влеа надеж дека ликот ќе може да се износи самостојно. За жал, The Book of Boba Fett со уште недовршена сезона го докажува спротивното. Четвртата епизода не ни успеав да ја догледам до крај. Никогаш претходно не сум задремал од досада на Star Wars, без разлика колку и да било лошо тоа што сум гледал.

Не можам точно да го покажам проблемот со прст. Повеќе се и некако не си помагаат меѓусебно. Веројатно најосновната точка е тоа што Боба Фет нема доволно широк капацитет за да функционира самостојно како главен лик. Боба Фет во оригиналната трилогија функционира поради неговата мистериозна природа и занимање, таков е ладнокрвен платеник што воглавно си ја гледа својата работа. Никогаш не дознаваме повеќе за него што го прави многу позаебан и ефективен како негативец. 

Дури и понатаму во франшизата, приквел трилогијата и The Mandalorian, неговото присуство е повоздржано, па затоа и поприродно се снаоѓа како спореден лик што надополнува пообемна приказна. Сигурен сум дека Џон Фавро и Роберт Родригез го знаеле ова пред да почнат да работат на The Book of Boba Fett, ама исто така биле свесни дека веќе постои серија што суштински има речиси идентичен таков протагонист. Тука некаде и се плеткаат главните проблеми на The Book of Boba Fett.

Серијата се труди концептуално и наративно да се дистанцира од The Mandalorian, а истовремено сака да се потпре на таа класичната Star Wars естетика и тој "вестернски" визуелен тон. Притоа, се труди да се фокусира на главен лик што практично треба да го измисли од нула и да му ги налепи сите негови претходно познати својства. И, сега за да не биде The Mandalorian ама со Боба Фет, серијата го претвора во некаков си феудален курназ што пробува да владее со подземјето на Татуин, што е глупаво од сам почеток затоа што апсолутно нема потреба да го искористи Боба Фет за таква улога.

Меѓутоа, Боба Фет тука ни за тоа не е компетентен. Седи на фотелја и едвај се снаоѓа со новата функција. Многу е несмасно напишан тој дел од The Book of Boba Fett, затоа што еве веќе три-четири епизоди не знам што треба да осеќам тука или за што да навивам. Боба Фет нема јасно зацртана крајна цел во приказната што како публика треба да ја следиш, никава тензија и интрига да те држи заинтересиран за да го истрпиш неговото невешто "владеење". Приказната е толку мрзливо склопена што нема ни некој саглам негативец од кој Боба Фет би бил сериозно засегнат.

Не знам кај оди дејството и што ги движи ликовите напред, ама доколку постои нешто такво воопшто, серијата има потешкотии да го претстави на едноставен начин. Мандо го имаше Бебе Јода. Без разлика што и да се случуваше во приказната, имаше за што да загризеш и да се секираш. Куп ризици, возбуда и исчекување, па и постојана мистерија што ја чекаш да се расплетка и биде исплатива. Овде нема ништо. Шупливо е. Очигледното е само дека Боба Фет и целата негова мала организација се група дебили седнати во преголема фотелја и не знаат кај тераат.

Најинтересниот дел од The Book of Boba Fett се флешбеците кои објаснуваат како избегал од Сарлакот. Можеби ќе беше појако доколку серијата го задржеше фокусот на тој дел од животот на Боба Фет наместо да го седнува каде што дефинитивно не припаѓа. Стварно не осеќам потреба да го гледам како се здржува со несфатена младина што вози шарени вселенски веспи. Не ми е гајле за ниту еден од овие полудимензионални ликови, ниту серијата се обидува да ме зближи со нив. Сè што се случува надвор флешбеците со Таскените е досадно, напорно и лошо напишано. 

Во четвртата епизода отиде да си го бара оклопот во Сарлакот, иако на почетокот на серијата јасно се гледа дека не му е таму, туку доаѓа група Џави и го расклопува од него. Или јас заборавив колку бил свесен тогаш за тоа или Роберт Родригез заборавил што се случило. Не успеав да дознаам до крај зошто исклучив и веројатно никогаш нема да догледам. Не штимаше нешто уште од самиот почеток. Четвртата епизода беше последната шанса што ја дадов на серијава.

Лошо е. Не знам што чудо се случи за The Mandalorian да испадне толку добро, ама ова сега е како некој да не ја разбрал таа формула, а упорно се труди да ги применува нејзини аспекти. Серијата нема некој јасен идентитет или сопствен тон. Ниту приказна што можеш да ја опишеш со една реченица. А, ни продукциски не е нешто најсјајно. Општо изгледа многу поевтино од The Mandalorian, со крајно аматерски изрежирана акција и лоша кореографија. Не треба да се прескокне споредбата, затоа што е глупаво следната серија да ти падне толку под веќе воспоставени стандарди. 

Види такоѓе:

January 5, 2022

Не е лош Spider-Man: No Way Home

Откако пројде Avengers: Endgame сите филмски или телевизиски марвелувања ми се како да го лижеме тањирот од главниот оброк. Јасно ми е дека не може да се изгасне погонот, ама сѐ што е излезено или ќе излезе од тогаш некако и не ме влече баш. Мислам дека франшизата го достигна креативниот врв и се заокружи една децениска приказна што ме засити доволно за да немам место за повеќе. Не дека и во "главната" приказна немаше работи што ги сметав за промашување, ама пак како целина е функционална и забавна. 

Ми се свиѓаше првиот Спајдермен филм со Том Холанд. Ни вториот не беше лош, баш скоро го гледав првпат. Том Холанд е супер како помлада варијанта на ликот и баш соодветно се вклопи во овој филмски универзум уште првиот пат кога се појави во Captain America: Civil War. Некако испадна и да си добие засебна трилогија која еве ја доживеа и последната етапа со актуелниот Spider-Man: No Way Home.
 

Приказната што почна со Iron Man во 2008 добиваше сѐ поголема пропорција како што се движеше. Од продавање на оружја во Авганистан стигнавме до вселена, ракуни што зборуваат, волшебници, мистични скапоцени камења и што уште не. Невозможно е после сѐ ова да се приземјиш толку лесно и да го намалиш распонот на заканата со кои "следните" суперхерои во овој свет би можеле да се позанимаваат. Дури и кога станува збор за тинејџер со супермоќи што е облечен во црвено-плав спандекс. Потешко е обични криминалци да бидат сериозен предизвик откако повеќе пати си го спасил светот од интерпланетарни душани.

Spider-Man: No Way Home е очигледно свесен за ова, па го истражува мултиверзумот што беше чепнат во претходниот филм. Ќе мора да зборувам со малку спојлери понатаму, па еве го задолжителното предупредување да не читаш надоле ако уште не си го гледал. Филмот продолжува директно после Spider-Man: Far From Home кога идентитетот на Питер Паркер е јавно откриен, а самиот тој бидува обвинет за убиството на Мистерио. За некои е уште херој, ама воглавно ситуацијата со откриениот идентитет му е значително искомплицирана, па страдаат и неговите блиски.

За да ја поправи ситуацијата, Питер оди да го гњави Доктор Стрејнџ да направи сите да заборават дека е Спајдермен. Тука некаде и ми почнуваат проблемите со филмот. Разбирам дека главната идеја е на No Way Home е да ги собере трите филмски Спајдермени на куп, ама начинот на кој тргнува натаму ми е многу климав и неинтересен. Стрејнџ не се однесува како Стрејнџ што го познаваме од претходно. Наместо мудар хирург кој открил тајни за универзумот што малкумина ги знаат, Стрејнџ дозволува да биде намагарчен од дете во повеќе наврати. Ама, мора некако да се случи филмот, нели.

Полу-успешната магија на Доктор Стрејнџ која треба да направи сите да заборават дека Питер е Спајдермен, отвара процеп во мултиверзумот и фрла неколку негативци од претходните филмски Спајдермени заедно сосе Тоби Мегваер и Ендру Гарфилд во светот на Том Холанд за уште една носталгична авантура. Концептот воглавно функционира, меѓутоа сме толку многу бомбардирани со монетизирана носталгија последниве неколку години речиси на секој медиум, што некако ми е изгубено како новитет и не ме дразни нешто особено. За среќа, не е воопшто лошо како The Matrix: Resurrections.

Тоа е и најдобриот дел од Spider-Man: No Way Home. Причините и начинот на кој филмот ги обединува Том Холанд, Тоби Мегваер и Ендру Гарфилд не се баш највешто склопени, ама уживав во сите нивни заеднички сцени. Имаше добри моменти, кога Гарфилд му го крцка грбот на подостарениот Тоби Мегваер кој во реалноста петнаесет години не го облекол Спајдермен костимот. Онаков скроз симпатичен штос што намигнува на публиката без да е предиректен и евтин. Филмот е многу пријателски расположен кон Ендру Гарфилд и неговиот Спајдермен. Публиката не беше толку наклонета кон тие филмови, го гледав само првиот со него и донекаде ќе се согласам, ама тука е баш домаќински прифатен и нагостен. Дури и глупо ми падна што тие филмови со него не испаднаа најдобри, ама ете некако ми дојде желба да им дадам нова шанса. Паднав на маркетингот, сакам да кажам.

Фино беше да се видат пак Норман Озборн и Доктор Октавиус. Разменија неколку моменти со Тоби Мегваер колку да кулминираат носталгичарските намери на филмот и да те потсетат како всушност овој суперхеројски бран стана доминантен во последниве години. Не бев сигурен за како би функционирало нешто вакво, а баш бев пријатно изненаден. Секој од Спајдермените си извози сопствена мала приказна која ете некако успеа да најде место во овие два и кусур саати. Единствено во целово носталгичарење ми штрчеше Џејми Фокс. Не сум го гледал The Amazing Spider-Man 2, не знам таму како се снаоѓа со ликот, ама овде не видов ништо повеќе од самиот Џејми Фокс. 

Па, дали е добар филмот? Да. Не е лош, ама не е ни најдобриот Спајдермен што сум го гледал. Има маани што не можев да ги прифатам целосно на прво гледање, ама па и нема некоја особена вредност за да добие второ во блиска иднина. Шашавиот почеток и градењето на основата за да се случи тоа што се случува некако ми го оштети фокусот, ама среќа понатаму надополнува со детали кои му даваат нов агол на Питер Паркер на Том Холанд кои верувам дека во иднина ќе се исплатат повеќе. Том Холанд е супер дечко, има талент и капацитет за да си го заслужи костимот што ќе ја одбележи оваа генерација. 
 
Хуморот е претежно ефективен, носталгичарската екскурзија е умерена, ама пак таа е веројатно единствениот баланс што го држи филмот да не се распадне по пат, особено кога случајни споредни ликови добиваат супермоќи само за да може приказната да се придвижи напред. На крајот, пак е Спајдермен филм, па ако веќе си зацапан во марвелскиот филмски универзум, веројатно ова е многу подобра опција да утепаш два лабави саати од Eternals или некое друго срање таму што јас лично не би го допрел ни со стап од далеку.

Види такоѓе: