Во една од рецензиите што ги читав за филмот имаше фина паралела на концептот од The Prestige со Бетмен трилогијата на Нолан. Имено, секој магионичарски трик се состои од три дела или акти. Првиот е "Залогот" каде што магионичарот покажува нешто навидум обично, како шпил карти. Вториот дел, "Пресвртот", е оној кога магионичарот обичното го претвора во необично, кога ја бараш тајната зад трикот на некое погрешно место. Третиот дел е "Престижот" каде што магионичарот го враќа она кое исчезнало за времето на трикот.
Третиот акт од трилогијата на Нолан е токму тоа. Престижот. Она што те остава нем, додека аплаудираш. Она што го прави целиот трик комплетен. Па, пред да почнам да го пренесувам синоќешниот впечаток од The Dark Knight Rises, да предупредам дека има многу, многу спојлери.
Готам е без Бетмен осум години, од смртта на Харви Дент. За да го зачува идеалот на Дент, тој ја превзема одговорноста за неговата смрт, оставајќи го Готам во привидна хармонија, со регулиран криминал и некое гробно затишје. Другиот што ја знае вистината за Дент е Гордон, но молчи за да го зачува мирот, додека тоне во вина. Додека Бетмен се крие, се крие и Брус Вејн. Осум години е повлечен од јавноста, со смртта на Рејчел на неговата совест.
Во Готам е мирно, но бурата доаѓа со Бејн, криминалец и терорист кој заедно со својата армија планира да го срамни градот со пепел. Доаѓа време кога Бетмен мора да излезе од сенките и да соочи со нешто кое и за него премногу. На другата страна е закана, поткрепена од истите луѓе кои помогнале при воздигнувањето на Брус Вејн како Бетмен, закана со мотив кој умешно ги поврзува точките со Begins, приредувајќи пресврт кој јас не го очекував.
Бејн каков што беше преставен во филмов, е токму тоа што беше потребно за маестрално да се заклучи оваа трилогија. Со неговата суровост и бруталност, успеа да се издвои од претходните негативци, до тој степен што на моменти го правеше Џокерот на Хит Леџер да изгледа како обична настинка во време на чума. Сцената во која првпат се бореше со Бетмен го имаше оној филинг од финалната пресметка помеѓу Вејдер и Кеноби. Напнато до максимум, без музика, каде што со окорени очи тапкаш со ногата и си ја гризеш тупаницата. Бејн го остава Бетмен со скршен р'бет, баш како во стриповската историја. Баш како што претпоставував дека ќе се случи и мислев дека тоа ќе биде крајот на филмот. Но, не.
Бетмен е тешко повреден, Брус Вејн банкротира и се наоѓа во затвор од каде што никој не излегува жив, но преданието вели дека во минатото, некое дете успеало да се искачи низ тунелот кој води кон слобода. Во меѓувреме, Готам е фрлен на колена, под заложништво на Бејн и неговата армија убијци. Полицијата е покорена, а армијата принудена да се држи настрана. Бејн сакаќи да ја "врати" контролата кај граѓаните, буквално ги лови полицајците и ги казнува сите оние кои се обидуваат да го напуштат градот. Брус е приморан да го следи телевизскиот пренос од теророт на Бејн, и собира сили за да застане на нозе и да го одбрани сограѓаните.
Со помош на Гордон и Блејк, успеваат да го ослободат Готам во сцена за која можеби ја имам и единствената забелешка. Целата таа акција низ градот траеше неколку минути подолго, до степен да се запрашам дали Нолан се обратил кај Мајкл Беј за некои моменти, и кога ќе се појават Трансформерите. За среќа, кулминацијата беше многу поголема од ситната забелешка, бидејќи тука завладеа најголемата тишина што сум ја осетил во кино. Дали Бетмен експлодира со бомбата, жртвувајќи се за градот на кој најмногу му беше потребен? Дали симболот кој го остави зад него ќе е доволно како надеж и утеха за неговите граѓани? Дали Нолан е до толку храбар да направи нешто вакво? За среќа, имаше хепиенд кој предизвика силен аплауз, онаков искрен, а не сељачки како што се случуваше на The Amazing Spider-Man.
За крај, морам да си ги голтнам сите лоши зборови што ги кажав за Ен Хетавеј како Селина Кајл. Феноменално си ја заврши работата, комплетно се носеше со ликот кој пак беше одлично адаптиран за да функционира во овој универзум. Сосема доволно видовме од неа и баш си беше на место. Никаде никој не и се обрати со Кетвоман, и баш таа суптилност ја направи уште подобра и пореална.
Еј, да. Имам и уште една забелешка. Нешто што не направи некоја разлика, а ми делуваше како да не припаѓа тука, е она што го доби Блејк на крај. Немаше апсолутно никаква потреба толку комплетен лик да се асоцира со Робин. Си беше и така супер. Се прашувам што ќе се случеше доколку Џокер не умреше со Хит Леџер. И, во кој правец можеше да тргне целава оваа приказна. Го видовме Крејн пак, па дури имаше и Килер Крок референца некаде на почетокот.
Нолан остави ремек дело за генерациите кои доаѓаат и допрва ќе растат со Бетмен како лик. Дело кое сега е комплетно и антологиско. Секој обид да се пренесе Бетмен на филм во следниве десетина години би бил осуден на пропаст. Ќе треба време ова да истлее до тогаш. И, сигурен сум дека нешто пропуштив. Мислите уште не ми се целосно средени, така што може да се промуабети филмов уште еднаш понатаму.