Chuck е една од најдобрите серии што сум ги гледал во последно време. Ме купи уште со прва сезона и за кратко време изгледав се што се имаше прикажно, па последниве епизоди си ги следев секој вторник. Втората сезона сега за сега ми останува омилена, ја изгледав наеднаш и уживав во секоја епизода. За разлика од првата сезона што е феноменална во секоја случај, втората отсконува од шаблонот по кој се правени епизодите и нуди покомплексна приказна (во споредба со првата сезона, секако) која се развива низ целата сезона. Дешавките се сконцентрирани на Fulcrum, тајна терористичка шпиунска организација која трага по Интерсектот, системот кој се наоѓа во мозокот на Чак и ги содржи сите владини тајни. Се откриваат многу работи за минатото на Чак, татко му кој е исчезнат со години (Скот Бакула) и се развива врската помеѓу Сара и Чак која конечно доживува кулминација во трета сезона. Финалето на втората сезона всушност било наменето како крај на серијата, што се осеќа во последната епизода, но сепак, во последен момент серијата е продолжена за уште една сезона. Сценариото не е многу изменето од оргиналот, зошто се приметува како некои детали се додадени колку да се отвори пат за трета сезона. Како и да е, последната епизода од втора сезона е одлична.
Трета сезона некако отскокнува од стандардот за Чак кој се наметна во претходните две. Серијата како да беше веќе завршена, па првите епизоди делуваат многу исфорсирано. Чак има нов Интерсект, кој покрај пристапот до информации, му овозможува да "флешне" и боречки вештини. Чак најпосле станува вистински агент, покорисен е на мисиите од било кога, а двете агенции, ЦИА и НСА се соочени со поопасна закана од претходно - The Ring. Да, организација која е главна на огранокот Fulcrum. Знам како звучи, но воопшто не е лошо. Баш оваа сезона ми е доказ како се спасува серија пред да тресне на дното.
Има нови ликови, еден од нив е Брендон Рут и веројатно ова му е најдобрата улога што некогаш ќе ја игра. Скот Бакула е повторно присутен, а се појавуваат и многу гости како на пример Кристофер Лојд, кој ја игра улогата на психијатар кој се грижи за ЦИА агенти. Повторно куп референци до geek културата, што е баш во прилог со дел од ликовите, а и за публиката на која Chuck суптилно се обидува да се наметне.
Најдоброто нешто во Chuck се ликовите. Ретко се наоѓа серија во која сите, буквално сите ликови имаат хемија меѓу себе, одлично се дополнуваат, феноменално се осмислени и постојано се развиваат. На крајот на третава сезона, се почуствува колку многу ликовите созреале. Не е како во многу други серии, каде што имаме статични ликови кои воопшто не го менуваат карактерот или начинот на однесување низ седум сезони. Тоа е тоа што ја прави Chuck генијална серија. Плус, и самата приказна има напредок и лесно се извлекува кога ќе заринка. После третава сезона, Chuck дефинитивно влезе во мојата листа на 10 омилени серии и тоа на висока позиција.
Четврта сезона, ќе има. За жал, серијата поради чудната идеја од која е започната и луѓето на кои им звучи глупаво, страда од низок рејтинг, меѓутоа успева да истурка нова сезона секоја година. За следната сезона, сигурни се 13 епизоди, со опција за уште 9, доколку рејтинзите се задоволителни. Со оглед на тоа како заврши третава сезона, убеден сум дека ќе видиме уште подобра четврта.
За крај, ќе кажам дека Chuck е моментално најзабавната серија што се прикажува и дека дефинитивно заслужува шанса.