Showing posts with label The Walking Dead. Show all posts
Showing posts with label The Walking Dead. Show all posts

January 12, 2013

Траумите од The Walking Dead стрипот

По шеесетина прочитани броеви, јас сум запрепастен од тоа што го видов на страниците од The Walking Dead стрипот. Неколку пати до сега сакав да искоментирам нешто, меѓутоа бев уште повеќе изненаден од секоја прочитана приказна и решив да почекам. Стрипот дојде до момент кога си веќе потресен и истрауматизиан. Кога си толку соживеан со ликовите што силно им го чуствуваш товарот и маката. 

Од класична зомби приказна каде група луѓе преживуваат во пекол на Земјата, Роберт Киркман прави ремек дело кое апсолутно може да стои рамо до рамо со зомби 'литература' каква што нуди Ромеро. Неколку пати смело крши некои морални норми и оди до степен каде што зомби жанрот и целата таква ситуација воопшто нема допрено. Дури некои моменти од The Walking Dead, покажуваат колку зомби темата била површно чепната до сега. Сме гледале распаднати лешеви како им го заебуваат денот на луѓе во подрум, на кров од зграда и еден куп ситуации каде што откако ќе завршело тоа, ликовите се препуштени на изменетиот свет. Никогаш до сега не сум видел што понатаму се случува со тие ликови, со светот и како на нив им влијае целото срање. 

Моментално до кај што сум со читање, светот е веќе одамна пропаднат. Насекаде има зомбија, војната е очигледно изгубена, а луѓето се во мал број и приморани да се снаоѓаат како стигнат. Ресурси како храна, вода и оружје се најскапоценото нешто во моментот. Никаде не е безбедно, зошто само прашање на време е кога твоето привремено живеалиште ќе биде преплавено со новите жители на САД (до сега, не е јасно баш што се случува со остатокот од светот). Гледаш до каде оди инстинктот за преживување, гледаш како е изменета човечката природа и однесување. Среќаваш и луѓе кои се поголема закана за други луѓе од самите зомбија. Сите човечки вредности се комплетно изменети, исто како и правилата кои ги наложувал светот претходно.

Како што кажав, стрипот оди далеку со сите овие работи. Предалеку. До степен да се запрашаш дали воопшто можеш да го читаш ова понатаму. А, те влече. Те влече ко Lost. Имаш толку неодговорени прашања и толку многу ликови за кои се грижиш. Ликови кои се сепак луѓе и не се во никој случај отпорни на било каква физичка, па дури и психичка закана. Ликови кои се ранливи и умираат.

Серијата не ми се свиѓаше. Ја гледав првата епизода и не ме воодушеви. Изгледав уште некоја епизода пред некое време (откако стрипот успеа асално да ме завлече) колку да видам како го следи стрипот, и не е тоа - тоа. Работите што ги има во стрипот, не се за на телевизија. Нема пошироката публика стомак за тоа. Стрипот е врв, за многу брзо време влезе во моите омилени. Моментално е стигнат до #106. Читањето е брзо, зошто секој број ти завршува со клифхенгер, и додека се освестиш, веќе си прочитал десет. Не знам што ќе правам кога за некој ден ќе треба да чекам по месец за нов.

November 20, 2010

Првата епизода на The Walking Dead

Како и со се' останато изминатиов месец, каснам и со The Walking Dead серијата. Долгоочекуваната адаптација на стрипот на Роберт Киркмен (еден од креаторите на Haunt, Marvel Zombies и Ultimate X-Men) започна неодамна да се прикажува на американската кабловска телевизија AMC. Да, истата телевизија каде што до скоро се прикажуваше Rubicon, пред да биде укината.

Стрипот уште не ми дошол на ред за читање, така што нема да правам споредби со серијата, и ќе се обидам да ја оценам таква каква што е. Зомбија отсекогаш биле кул и речиси секоја приказна во која што се нашле била солидна, освен во случај кога се работи за некој нискобуџетен металски хорор од Д категорија.

Изминативе месеци The Walking Dead крена огромна прашина, по блогови, сајтови, форуми, твитери и сегде кај што би можела да се најде потенцијална публика. Имајќи го тоа во предвид и моите очекувања за оваа серија беа големи. Тоа што не очекував од The Walking Dead е да биде премногу драма за мој вкус. Настрана од зомбијата, се останато во првава епизода е некако споро, половично и на моменти досадно. Незнам какво е сценариото во стрипот, меѓутоа во серијата и не е баш на некое завидно ниво.

Серијата го следи Рик Грајмс, локален заменик шериф во мало место во САД, кој после одреден период поминат во кома, се буди среде зомби апокалипса. Дали некој приметил колку неприродно се однесуваат ликовите во филмовите кои се затекнале среде некој ваков настан? Мислам, зомбија се, ало? Баш поради ова Shaun of the Dead е најдобриот зомби филм некогаш снимен (настрана раните остварувања на Џорџ Ромеро). E, сега. Шерифот се буди од кома и воопшто не се труди да дознае што навистина се случува. Разбирам дека шокот е голем, ама wtf? Сите некако се мирни, едвај паничат и понекогаш се однесуваат како никогаш претходно да не чуле за зомбија. Тоа ме тера да помислам дека зомбијата воопшто не се дел од фикцијата во самите филмови. Како тотално да се избришани од универзумот во кој е сместен филмот.

Друго, преголем акцент на емоции кај ликовите, дури и кога најмалку треба. Сфатив дека ова е пред се драма, само што навистина нема потреба од толкава театралност. И да, шерифот личи на Благоја Грујовски, една причина плус што ја прави The Walking Dead уште почудна серија. Ликовите моментално ништо не ми значат. Со ништо не се потрудија да го заслужат моето внимание. Од друга страна, режијата и фотографијата се одлични. Се осеќа некоја стриповска атмосфера. Зомбијата се добро направени, баш такви какви што треба да бидат, без непотребно експериментирање.

Иако е рано за краен заклучок, ќе кажам дека серијата не ме чепна нешто којзнае колку. Првава сезона ќе има само шест епизоди, значи ништо страшно, па ќе видиме понатаму. Во меѓувреме, ќе прочитам нешто од стрипот, колку да имам претстава што точно (ќе) гледам.