Showing posts with label НБА. Show all posts
Showing posts with label НБА. Show all posts

May 20, 2020

Последниот танц на Чикаго Булс

Мајкл Џордан беше најпопуларното нешто на планетава кога бев дете. Не само како кошаркар, туку општо како појава. Неповторлив и неизбежен културолошки феномен, до ден денес немам видено ништо слично на тоа негово присуство. Сите знаевме за Чикаго Булс и Џордан, опседнати бевме со нивниот успех, насекаде беа. На постери, сликички, маици, дресови, капи, тетратки... Мислам дека не поминуваше ден без да сретнеш нешто поврзано со нив. Секој беше некако изложен, дури и тие што не гледаа НБА. Кога се појави Space Jam, уште толку ни збудалеа маалата и големите одмори.

Пресреќен сум за приликата да ја посведочам таа историја и магија што никогаш целосно не ме напушти, и покрај тоа што не бев доволно голем за да останам буден до крај на утакмица во живо на тогашната А1. Новиот документарец The Last Dance низ десет епизоди фино ме прошета низ некои познати и непознати моменти од владеењето на Чикаго Булс династијата предводена од Мајкл Џордан. Дел од стварите тука се одамна подвлечени во НБА учебниците, други се сосема нова перспектива на историски настани, а сигурно ќе сретнеш некои и за првпат.


Добар дел од The Last Dance е склопен од материјал снимен за време на легендарниот "последен танц" на Чикаго Булс, сезоната 1997-1998, на која е и целиот документарец претежно фокусиран. Тимот постојано бил следен од екипа камермани со цел документирање на тој дел од историјата, меѓутоа за објавување на тие снимки последниот амин морале да го добијат од Мајкл Џордан лично. Конечно после 23 години тој ексклузивен материјал е достапен, стокмен заедно со еден куп други архивски снимки и интервјуа направени во изминативе година-две. 

The Last Dance е спектакуларен, сензационален, силно мотивирачки, емотивен и секако тотално пристрасен, ама па и поинаков не може да биде - зборува за најдобриот што фатил баскет во рака и тим кој од нула станува домининантна машина на паркетот и надвор од него. Ти нуди можност одблиску да видиш како функционирал човек како Џордан, неговата упорност, посветеност, жртви и страст за ништо помалку од победа и успех. Пот и крв те обликуваат во таква величина, не е само сиров талент, а The Last Dance не се воздржува да ти го истрие тоа во фаца.

Прејако е да видиш како ја црпел снагата и мотивот кога се чинело безизлезно, како често туѓиот сомнеж го претворал во чиста енергија која текстонски удира појако назад. Во многу наврати The Last Dance ја потенцира неговата егоистична, арогантна природа, ама веројатно ако сакаш да си на апсолутниот врв во сопствениот домен ќе немаш проблем да изгазиш и по тие што ти се најблиску во радиус. Сепак, колку и да бил строг кон неговите во тимот, целта му била да ги мотивира и да го избие нивниот победнички менталитет на површина. Има една многу занимлива ситуација со Стив Кер која ми беше непозната и ептен фино е понудена од неколку перспективи.

Документарецот оди низ различни години од историјата на Чикаго Булс, склопувајќи ги сите делчиња кои водат кон последната сезона. Нуди поглед во раните денови на нивните најголеми ѕвезди, подемите, падовите, ривалството со Пистонс, па дури и сезоната кога пензиониран Мајкл Џордан оди да игра кошарка со Душко Долгоушко бејзбол, оставајќи ги Булс во рацете на Скоти Пипен, а шампионскиот трофеј на Хјустон Рокетс.

Несомнено Мајкл Џордан не би бил тоа што е без луѓето околу. Не само соиграчите од Булс, особено Пипен, туку и оние како Фил Џексон, па дури и Џери Крауз. Иако The Last Dance е воглавно шоу на Џордан, многу од приказните би биле попразни без зборовите на некои луѓето кои биле дел од целата Булс организација. Ги има речиси сите клучни ликови кои ја обликувале Булс династијата, дури и некои од ривалите кои никогаш не дошле до прстен поради Џордан. Има занимливи приказни со Пипен од кои дел не знаев, има пар пикантерии за мајмунлаците на Родман, па дури и за младите бурни денови на Фил Џексон.

Најголемата замерка ми е што недоволно внимание е посветено на Харпер, Лонгли и Кукоч. Кукоч раскажува исклучително забавна приказна за неговото доаѓање во НБА и пречекот на Олимпијадата од неговите колеги Пипен и Џордан, а сигурен сум дека има уште многу такви од луѓе кои немаа прилика да ги раскажат за сметка на времето потрошено од факинг Кармен Електра. Сериозно, Кармен Електра ја има повеќе во документарец за Булс од Булс играчи што гинеле таму по плејофи. Дури и самиот Стив Кери пред некој ден кажа дека му е незгодно поради тоа. Презадоволен сум и со ова во The Last Dance, како и да е. Само што толку се добри овие десет епизоди, упорно те тераат да бараш уште. Што и да имаше или да немаше, пак ќе беше малку некако.

Не дека некогаш ми требало доказ за позицијата на Џордан како апсолутен НБА бог, ама The Last Dance е толку моќно сведоштво што сигурен сум дека може и најголемите неверници да ги замисли. Не сум НБА експерт во никој случај, низ годиниве следам кога и како можам и да - видов нови легенди, имиња кои станаа следното лице на лигата, играчи што се запишаа како едни од најголемите во историјата и такви кои можеби допрва ќе стојат рамо до рамо со нив, ама немаше ништо толку глобално и сеприсутно како Мајкл Џордан. Барем на мене никој не ми влијаеше толку, освен можеби Вејд.

Во време кога моменталната НБА сезона е во карантин и неизвесно е дали воопшто ќе се врати годинава за да гледаме финале Лејкерс - Бакс, The Last Dance е најдоброто што можеше да улета на темата. Не мора да си страстен љубител на НБА или општо спорт за да ти биде интересен. Веројатно не мора ни да си фан на Мајкл Џордан. Доволен предуслов е само да ти е познато кој е, а не верувам и денес постои таков кој не знае за него.

June 22, 2012

Нека се множат!

Криво ми е што од овој плејоф единствено што успеав да видам беа рикепите сабајле на работа. И, тоа баш тој плејоф каде што Мајами доминираат на паркетот. Освен тие неколку минути со најдобрите моменти ("Лееее", "Ијаааа", "Браво, браво", "Аииии"), не видов ама баш ништо.
 
Кралот сега си е заслужено крал. И тоа со прстен. Риспект и  за Оклахома што воопшто стигнаа до тука. Ни мене не ми се веруваше дека е можно.  Нека цепа сега НБА на одмор, а јас симнувам да видам што се случувало ноќеска. Честито!

May 27, 2011

Мајами - Далас

Предвидов ли дека историјата ќе се повтори? Да.

Мајами оди во финале со Далас и тоа потполно заслужено. И покрај тоа што ноќеска речиси цела средба играа катастрофално, на крај пак покажаа кои се двајцата главни фраери во екипа, спремни да дадат се од себе кога е најкритично. Искрено, со лошата игра на Мајами ноќеска и агресијата на Чикаго, скоро и да бев убеден дека ќе гледаме уште барем една утакмица. Чикаго ја имаа предноста, домашен терен, играчи желни за победа и подзаспаните Мајами, ама изгледа и тоа не е доволно кога Вејд и Леброн ќе се вложат комплетно. Последниве средби, Леброн секогаш на крај ги решава стварите.

Заслужено е, затоа што Мајами играат. Дури и кога дремат, пак имаат изненадувања за крај. Сепак, ќе ми беше мило и за Чикаго. Тимот сега делува созреано, има квалитетни играчи, го имаат Роуз и во одредени моменти се непробивливи и за самиот Крал. Со нив сум посебно емотивно врзан уште од времето на Џордан и воопшто немаше да ми биде криво доколку ги тепаа Мајами. Верувам дека следната сезона, Роуз ќе предводи уште помоќен тим и нивното време допрва доаѓа.

Интересното е тоа што љубовта за Мајами ми се роди сосема случајно, во плејофот 2006, кога пак почнав да следам НБА од Џордан и распадот на легендарните Булс. Пејтон, Шек, Џејсон Вилијамс и Морнинг на исто место беа причината за мојата симпатија кон нова екипа. Вејд тогаш беше, за мене, новиот шизик во НБА кој ме изненади со играта што ја нудеше. Откако заврши финалето, ја исполнив заклетвата - ако тепаат овие, ја купувам 3-ка Мајами дрес, црн. Така да, сега ќе кажам и тука, LET'S GO HEAT, и ајде да се подновам со Леброн дресче. :)

Финалето почнува на 31-ви мај.

May 12, 2011

Кралот!

Среќа.

Иако бев убеден дека Бостон ќе си заминат како победници поради млитавата игра на Мајами која траеше речиси цела утакмица, Кралот си го оправда надимакот на крај! Со епски тројки на самиот завршеток и закуцување за историја, успеа да ги порази Бостон и да овозможи средба со Чикаго (јасно е дека Чикаго). После ова, знам дека ќе ги пројдат лесно и нив, па ќе гледаме финале Мајами - Далас.

Браво за Бостон, во секој случај. Се бореа до крај, како што прилега на тим кој зад себе има повеќе титули и игра за да се спаси од елиминација. Лејкерс треба уште толку да се засрамат после оној смешен пораз од пред некоја вечер. Дури и Бостон да тепаа вечерва, ќе беше сосема заслужено.

Редно е да се оправда целата фама околу Големата Тројка на Мајами.

May 4, 2011

Човекот!

"LEBRAAAWWW!!!!"

Ноќеска ги растури Бостон и додаде уште една победа на листата на Мајами. Поради катастрофалната брзина на телекабел и стримовите со сличен квалитет, последните неколку минути едвај ги догледав, иако уште во третиот период беше јасно кој ќе си оди дома поразен.

Интересен плејоф сега за сега, особено борбата на овие две екипи. Ќе видиме што ќе донесе Game 3. Приметив дека резултатот експоненцијално расте, така што предвидувам 105-92 за сабота. :)

July 9, 2010

ЛеБрон во Мајами

Се збореше многу за ова периодов, а сега е официјално. Вест што ми го направи денот. ЛеБрон и Крис Бош одат во Мајами, заедно со Вејд да го склопат тимот кој очекувам да направи растур следната сезона. Повторно имам верба во Мајами и едвај чекам да почне сезонава. Цело време зборев како на Вејд му требаат солидни играчи околу него, ама никогаш не помислив на ЛеБрон. Некако ми беше неверојатно да заврши баш тука. Тројкава Вејд-Бош-ЛеБрон ветува многу и сигурен сум дека ќе ги оправда сите очекувања.

Реакцијата на Ден Гилберт, сопственикот на Кавс, да не беше смешна, ќе беше мизерна. Да, го загуби ЛеБрон, но нема потреба од толкава театралност...

June 18, 2010

Догодина

Штета. Се надевав дека ќе се повтори 2008 до крај. Не ми се верува како Селтикс успеаа да заебат работа на крај и да дозволат пораз. По последната средба, кога Лејкерс израмнија 3-3 мислев дека готово е, тогаш играа невообичаено лошо, плус им се погодува седмата во Лос Анџелес. Вечерва имаа феноменален почеток, покажаа жестока игра и надеж за титула - и заебаа, на крај... Лејкерс играа млитаво до последна четвртина, искрено не очекував ваков пресврт, а веројатно и екипата на Бостон, чим не успеаа да го одбијат ударот. Артест партали, ќе признаам, без него ќе го јадеа ко пред две години. 39 разлика. Требаше да тепаат со најмалку 10 разлика сега, да биде пропер реванш. :)

Одлично финале како и да е, но неспоредливо со она од 2008. Дефинитивно овие две екипи се најинтересни за гледање.

Догодина. Не за Селтикс, туку пораз за Лејкерс. Коби МВП, ња.

February 5, 2010

Nightmares Never Sleep

Реклама со Вејд за новите "џорданки", пред малку се појави ЈуТјуб линк на неговиот Твитер. Многу шизичка реклама, одлично изрежирана, а се појавува и Џордан на многу кратко, во делот кога Вејд тргнува према кошот, преку одбраната. Двајцата мои омилени кошаркари во иста реклама. :)

Е, сега, Вејд е добар, фали уште Мајами да почнат вака да кршат паркети и надвор од реклами. Катастрофа се сезонава, не верувам дека ќе видат плејоф ако продолжат вака. Ќе пишам нешто повеќе деновиве, наскоро е ол-стар викендот. Кога сум веќе кај НБА, пак има албум со сликички, последниот беше пред повеќе од 10 години, па купив онака, колку да ги соберам Мајами и да си истерам ќеиф. Вејд го имам и дупликат.

May 31, 2009

Мајами. Бостон. Кливленд.

Дали само јас мислам дека ова беше најдосадниот плејоф? Подосаден и од Сан Антонио кога играат. Или можеби е само тоа што немав баш многу време за да ги следам и коментирам мечовите ко што треба. Испаднаа Мајами, па Бостон, па Кливленд... Мајами неможат да играат само со Вејд, Бостон очигледно неможат без Гарнет, а неможев да видам што беше вчера проблемот со Кливленд. Орландо во финале по цели 14 години.

Ќе го гледам финалево, иако знам дека Лејкерс нема шанси да бидат понижени и избрукани како лани. Финалето почнува на 4-ти Јуни.

December 12, 2008

NBA Live 09: Where bullshit happens

Деновиве играм NBA Live 09 на PS2. Океј е тоа што решија да ја извадат и за конзола што наскоро ќе биде прегазена од новата генерација играчки конзоли, но за жал, воопшто не успеа да пројде кај мене. Пред се, затоа што е 95% NBA Live 08 завиткана во друга опаковка, со сменета позадина на менијата и ситни измени на составот на тимовите. Воопшто не се потрудиле да понудат нешто ново, освен неколку невпечатливи ситници кои не верувам дека му значат на некого.

Разбирам колку е снагата на PS2 и дека неможе подобра графика од таа што е, тоа воопшто не ми пречи. Ми пречи тоа што неможеле да почекаат за името и дресовите на Oklahoma City Thunder (за неупатените, новиот НБА тим), тимот во играва ниту име има, ни лого, ништо. Црни дресови со бели букви и бројки. Знам се што направиле е ситни измени на NBA Live 08, ама имаа цело лето за да поправање на вакви грешки. Кој дозволил вакво нешто да биде пуштено во продажба? EA Games ги сметав за посериозна компанија. Не се само Thunder, Пет Рајли е тренер на Мајами (си замина уште во април годинава), Ајверсон не е во Детроит, итн...

На NBA Live 08 не успеав да ја изиграм цела сезона. Прво ја играв на PC и тоа лошо кракнатата верзија (првата што излезе) кај што не работеше save-от, а на PS2 играв други игри. Сега почнав пак и дефинитивно ги носам Heat во плеј-оф. Веројатно ќе си го вратам и дебелиот Шек, некако ми фали. А, кога сум веќе кај Heat (вистинските, не во играта), да ги пофалам дека се подобри од претходната сезона и почнаа да ме убедуваат дека цврсто ќе шибаат кон плеј-оф. Зошто навистина сакам да окапувам со чипс и Пепси до сабајле во Вејд дресот. :)

За NBA Live 09, толку. Среќа што е без пари, да платев, никогаш немаше да ги прежалам парите. За XBOX и PS3 гледам има некои patch-ови, да си симнеш дресови и сл, ама требало на време да мислат за тоа. И онака плескам NBA на PS2, па ќе ми биде исто дали е 08 или 09.

June 18, 2008

Бостон Селтикс - НБА шампиони за 2008

По 21 година, Бостон Селтикс пред малку ја освоија седумнаесетата титула! Скроз ме расони утакмицава, иако Селтикс убедливo тепаа уште на завршетокот на првото полувреме. На крај, со 39 поени разлика, комплетно ги понижија Лејкерс. Да сум Лејкерс фан, нема да излезам од дома до крајот на неделава.

Не знам што беше работава. Полоша игра на Лејкерс немам видено. Очекував многу повеќе, да видевме бар малце понапнато финале. Ама сепак, нема ништо подобро од поразен Коби со скисната фаца. :)

MVP за финалето 2008 е Пол Пирс. Заслужено. Гарнет исто можеше да земе, а и Реј Ален (тројките, човече!).

Сериозно, ептен ми е мило за Селтикс. Пак ќе кажам, очекував многу понапнато финале. Ова беше ко на заебанција. Лејкерс - срамота! Барем тие што го споредуваат Коби со Џордан конечно ќе може за заќутат.

НБА оди на одмор до есен, и се надевам дека конечно ќе видиме добра игра од Мајами.

June 16, 2008

За малце...


Еј, каква утакмица беше ова! Многу повеќе адреналин, пот и нервоза од минатиот пат на паркетот. Селтикс изгубија за малце, за многу малце. Тие 5 поени, ќе ги имаа Гарнет да не ги утнеше слободните и Пирс да не ја изгубеше топката при крај. А, и после последната тројка да украдеа и да збрцаа уште една, ќе гледавме продолжение. Како и да е, ептен интересно, дури и поинтересно од минатиот пат, кога се деси пресврт што долго ќе се памти.

Пол Пирс еба матер! Не седна човекот. Секоја чест. Финалето се сели во Бостон, во вторник, и сигурен сум дека Лејкерс ќе губат ко кучки. Ќе беше мерак и сеа да ги скршеа, али ипак меракот е друг кога ќе земеш титула на домашен терен. Ќе се слави во Бостон во вторник, осеќам...

June 13, 2008

Go Celtics, Go!

И покрај литро и пол кафе, заспав пред да видам како Селтикс намалуваат разлика и го бришат паркетот со Лејкерс. Сега ја гледав снимката на телевизија, го видов крајот и сум зачуден од феноменалната игра на Селтикс! Е, вакво финале сакав и добив! Дефинитвно најдобриот натпревар од целиот плеј-оф. Ваков пресврт само на филм има, и тоа од оние глупине спотрски филмови, кај што тимот на главниот лик губи цела утакмица (ко Селтикс со 20 разлика), и на крај ебава се по список! Ова ќе се памти и ќе се раскажува.

Game 5 е во недела према понеделник. Игрaaт во Лос Анџелес. Очекувам стегната игра и од двата тима, така што ќе биде интересно.

May 31, 2008

Историјата се повторува

Селтикс и Лејкерс во финале после 21 година! Интересен беше целиот плеј-оф, барем тоа што можев да го гледам и се надевав баш на вакво финале. Ќе биде ептен интересно за гледање. Сега ќе симнам тоа што пропуштив од последниве неколку натпревари меѓу Селтикс и Пистонс. Ноќеска не догледав до крај, заспав, а сега не фатив реприза.

Финалето почнува на 5-ти јуни. Финалево, како и целиов плеј-оф, навивам за Селтикс. :)

May 4, 2008

Celtic Pride

Се трудам да го следам овој НБА плеј-оф најмногу што можам. Откако Мајами пропаднаа брукајќи се максимално, Бостон ми станаа број еден тим за следење, пред се, затоа што ми пружаат огромно задоволство кога ги гледам. По распадот на оној состав на Булс и заминувањето на Џордан, не навивам конкретно за никого, само гледам да уживам во натпреварот.

Овој плеј-оф фаворити ми се Бостон. Одличен тим, си го заслужија ова. Последен плеј-оф кој ме забавуваше вака беше 2006, кога тепаа Мајами, а лани ми беше ужасно тапа зошто Спарс од секогаш ми биле досадни, а и не сум некој фан на Данкан и Паркер.

Ме изненадија Атланта! Не очекував (а веројатно ни Бостон, па затоа си дозволија и порази) вака да играат против Бостон и да извадат 3 - 3! Само што заврши седмиот меч. Нормално, Бостон тепаа, сите знаевме дека така ќе биде. Интересна игра, веројатно најинтересната (од тие што ги гледав) помеѓу овие два тима во плеј-офот. А, и каков момент беше тоа кога Марвин Вилијамс го удри Рондо... Како и да е, ги згазија, и мило ми е за тоа. Ќе видиме како ќе играат со Кавси, зошто сакам да ги гледам Бостон и во финале, што и не е тешко да се случи, нели?

А, додека трае плеј-офот, се обидувам да ги прогурам Мајами низ 07-08 сезоната на PS2 на NBA Live 08. :)

November 10, 2007

НБА на МТВ1

МРТ1 од ноќеска почна да врши пренос на НБА утакмици. Значи, секој петок, околу еден и пол по полноќ, ќе може да следиме НБА во живо. Ептен се израдував кога видов дека ќе вршат пренос на Мајами VS Феникс.

Таков поспан, некако го издржав првото полувреме. Мајами иако првите 2-3 минути губеа со 8 разлика, благодарение на Џејсон Вилијамс превземаа водство, и така и заврши првото полувреме. Со 5 поени предност за Мајами. Си легнав, неможев веќе. Станувам сабајле, ни OGAME уште не сум проверил, идам на NBA.com, и што да видам. Пак изгубиле, а добри беа во прво полувреме. Јебига, без Вејд се ептен лоши сезонава, немаат ниедна победа. Целиот рикеп, тука.

Е, сега за преносот. Катастрофа. Лошо аудио (од која година се микрофоните у МТВ?!), лош коментатор (може и не е крива лошата опрема, а?) и лош пренос на слика, онака, блекаути од време на време, кочење, фрејмови... Па, се сјеба скроз едно време, пуштија тоа рекламата за утакмицата, вртеше некои 5-6 пати, сменив канал на некои три-четири минути...

Дека се МТВ, сигурен сум дека нема да се подобри ова, ама тоа е. Разбрав дека и некоја од хрватскиве телевизии ќе врши пренос утре, т.е. видов реклама, ама не се сеќавам. Ќе се информирам денес, барав нешто по нивните сајтови, ама нема.