May 16, 2025

Сребрениот Сурфер: Параволија на Стен Ли и Мебиус

Знаеш дека и не е толку лош трејлерот за новиов The Fantastic Four: First Steps? После години промашување до промашување најмногу поради отсуство на прецизна визија по Avengers: Endgame, ова е прво нешто што барем визуелно изгледа примамливо. И мене ми е смачен Педро Паскал и уште се сомневам во способноста на актуелната постава на Marvel Studios да скрпи солидна приказна, ама ценам колку филмов настојува да има барем сопствен тон кој отскокнува од бајатиот калап што тегне корени уште од првиот The Avengers. Не верувам дека ќе предизвика било каков пресврт во одамна издишаниот жанр, ама за првпат после долго време оставам простор да се изненадам.

Можеби и ова позитивно расположение се должи и на тоа што месециве дробам Marvel стрипови како што одамна не сум. Баш скоро листав Fantastic Four на Џонатан Хикмен, а му се спремав и на серијалот на Марк Вејд. Оттаму контекстот беше совршено наместен за култниот Silver Surfer: Parable на Стен Ли и Мебиус, што уште поќефски легна дека го читав на македонски. Бев возбуден и за самиот превод. Некое време го следам Никола Кузманоски (Полиграматон) преку неговите преводи на Лавкрафт и ме интересираше како ќе биде доловен оригиналниот ракопис на Стен Ли.


Parable е спој на две стриповски дисциплини и авторски визии со различна позадина кои се среќаваат некаде на пола пат. Приказната е независна од марвеловиот континуитет и е издадена во два броја за нивната тогашна подетикета Epic Comics наменета за ствари со "посериозна" тематика. Во склад со времето во кое е објавен, Epic Comics е сосема соодветно место за содржина која се занимава со вера, месијанство и човековата потреба од водачи. Во Parable, Галактус на Земјата не доаѓа како уништувач, туку како божество што го заведува човештвото со лажни ветувања за спас. 

Интересното за Parable е што и овде при создавањето е користен стандардниот "марвелски метод" каде што цртачот не добива целосно сценарио туку само кратка наративна скица, па потоа дијалогот се вметнува во готовите цртежи. До ден денес работат вака, со идејата да се овозможи поголема креативна слобода и визуелниот јазик да добие предност. Таквиот начин на работа бил целосно несвојствен за Мебиус, кој бил запрепастен кога само два дена по нивната прва лабава средба го добил целосниот концепт од Стен Ли. Но, научно-фантастичната поставност на материјалот е домашен терен за Мебиус и резултатот на ваквата несекојдневна соработка е феноменален. 

Препознатливиот стил на Мебиус со лимитираната мека палета и жанровската естетика одлично ја крепат приказната, а цртежите се толку импозантни што и самиот Стен Ли имал трема да ги пресретне соодветно. Мебиус прикажува духовно истрошен свет што совршено се вклопува во амбиентот кој доаѓа од раскажувањето на Стен Ли. Многу би сакал да ги видам тие шест страни од оригиналниот концепт на Стен Ли, ама којзнае дали воопшто постојат некаде сочувани. Штета што оваа соработка е единствената. Marvel универзумот е преполн со забегана козмичка митологија што фантастично би оживеала преку некој како Мебиус.
 
Иако ќе сретнеш дискусии за квалитетот на сценариото и дали Стен Ли воопшто е добар за пишување, мене Parable ми е комплетно супер. Презабавен е за читање и неверојатно сочно и органски звучи на македонски. Сосема адекватно е адаптирана поетичноста на Стен Ли, театралните ноти на Галактус и Сурферот, како и колоквијалноста на дијалозите. Дури и насловот Параволија е свесно избран архаизам, усогласен со тоналитетот на самата проза и нејзините квази-библиски аспекти. Преводот е достапен дигитално и може да го собереш од сајтот на Полиграматон.
 
Многу добро ми дојде ова, ќе натаманам и некои други Silver Surfer ствари чим се докопам до време. Баш додека го читав Doomquest пред некој месец, сфатив дека ми дошле деновите за конечно уживање во шармот на "стари" стрипови што намерно сум ги проскокнувал. Ќе се обезбедам со Silver Surfer наслови постари од девеести, има еден куп што сакам да ги ѕирнам. Има и неколку поскорешни како Black и Rebirth што исто така треба да се соберат, бар да има човек на што да се потпре откако филмон ќе пропадне со Сурфер што не е Норин Рад. 
 

No comments: