Не верував дека Џос Видон и баграта циркузанти од продукцијата на Justice League толку многу скратиле од снимениот материјал на Зек Снајдер. Таа верзија на филмот од 2017 е толку очајна што ќе се кладев дека нема начин да се прекрои во нешто гледливо. Ама ете, речиси митскиот Zack Snyder's Justice League конечно виде ден и успеа два пати за еден викенд да ми го потврди спротивното. Види, не е нешто тешко да ја надминеш таа несмасна крпеница на Џос Видон, ама верзијата на Снајдер далеку, далеку подобро филмско искуство.
Беа потребни години за кампања на фановите и натегања од студиото за да ја видиме оваа оригинална замисла на Снајдер. Четири саати ти проаѓаат како четириесет минути. Штета што ваков материјал мораше да заврши како жртва на различни креативни насоки, глупи некалкулирани извршни одлуки и за жал, една страшна семејна трагедија. Којзнае каква ќе беше иднината на адаптациите на DC со успешен Justice League филм во 2017. Одиме подолу без спојлери.
Zack Snyder's Justice League е различен филм од оној што го гледавме тогаш во кино. За среќа, не го памтам толку детално оригиналниот за да би можел попрецизно да ги подвлечам разликите, ама највпечатливата е тоа што ликовите сега имаат простор да дишат. Кога веќе немаш засебни филмови од претходно за да ја запознаеш публиката со новите ликови, мора да имаш некаков начин да ги претставиш Аквамен, Флеш и Сајборг за тие што не се во тек со некаков изворен материјал. Дури и да си запознаен со нив од стриповите или каде било, ова се нивните нови инкарнации кои мора да имаат соодветен вовед во филм од ваков тип.
Во ваков случај, четири саати се океј за да им се овозможи некаква појдовна точка на тие ликови. Да се изгради некаква динамика со веќе воспоставените, нешто што ќе те убеди да се грижиш за нив и ќе ја поткрепи нивната мотивација. Истиот случај е и со негативците. Оваа верзија на Зек Снајдер им дозволува и на нив да се позиционираат како посериозна закана пред која мора да застане ваков тим. Степенвулф сега има цела приказна што ги потпира неговите постапки која беше комплетно отсутна во филмот на Видон. Има дури и уште поголем негативец од него кој во претходната верзија мислам дека не беше ни спомнат.
Како и минатите филмови во овој Sniderverse (Man of Steel и Batman v Superman), Zack Snyder's Justice League удира посериозни ноти. Дури има и R рејтинг. Хуморот е исто така сведен на минимум и хероите не се обидуваат да бидат смешни во секоја втора сцена Што е всушност бизарно кога ќе видиш колку глупави досетки биле преснимувани во тој од 2017 со цел да се порамнат со нечија неточна идеја за формулата на Marvel. Единствено хуморот е најмногу присутен кај Флеш, но е неспоредливо воздржан за разлика од претходно.
Ги нема ни блескавите бои што зрачеа од филмот на Видон со кои се стремел колоритно да го разведрува ко да е Guardians of the Galaxy. Снајдер си го задржува визуелниот стил од претходно со попригушени и потемни нијанси и супер функционира во склоп на она што се случува. Лично, ми се свиѓа стилот на Снајдер, се научив дури и Man of Steel да го ценам во последниве години и немам проблем со тоа каде оди креативно и во овој филм. Knightmare сцените што ја допираат Injustice територијата се прекрасни и сакав да видам уште од тоа. Цел филм, на пример?
Меѓу другите ликови, Снајдер го враќа и Џокерот на Џаред Лето од Suicide Squad. Ова и не е некој спојлер, бидејќи добар дел од маркетингот за оваа верзија на филмот се потпре на него. Никогаш не го сакав тој Џокер, ниту Suicide Squad филмот (на слично ниво ми се со Justice League на Џос Видон), ама овде е изненадувачки добар. Перформансот му е одличен тие две-три минути колку што се појавува. Разменуваат неколку супер-тензични реченици со Бетмен, дијалог што е прилично интересен придонес кон приказна која за жал можеби никогаш нема да ја видиме. Феноменална сцена, морав да ја вратам уште неколку пати. Баш ваков Џокер би сакал да видам контра Бетмен на Бен Афлек.
Озбилно не бев спремен за тоа колку добро може да испадне ова. Темпото е
побавно и добро се снаоѓа со минутажата што е на располагање, па затоа многу лесно
успева да те грабне и да те држи седнат четири саати. Работите ги гради бавно и фокусирано, те држи заинтригиран и речиси никогаш не ја губи контролата над твоето внимание. Освен тоа што убаво ја распослува приказната, и акционите сцени добиваат сличен третман. Подолги се и подетални, онака осеќаш дека некој стварно се бори за нешто. Има цела таква нова сцена што освен е епски акционен спектакл, служи и како дополнителна експозиција која одржува повеќе делови споени.
Zack Snyder's Justice League не е без проблеми, како и да е. Иако
приказната успева да се одржи во кохерентна целина и воглавно да
избегне бесмислени ќорсокаци, има неколку моменти кои не проработеа за
мене. Не би сакал да навлегувам во спојлери, ама примерот што најмногу
ми боде очи е најавувањето на еден нов лик во сцена која ќе беше многу
пофункционална без пресвртот што наштетува на целиот емотивен контекст.
Непотребно, зашто истиот лик го гледаме подоцна во филмот каде што е
многу поефикасно презентиран. Не знам стварно како Снајдер не успеал да
ги сецне тие две секунди од спорната сцена и што точно му била идејата.
Не знам дали филмов ќе успее да диктира некаква нова иднина за филмскиот универзум на DC. Очигледно е дека Снајдер имал амбиции за уште пообемна Justice League приказна, бидејќи самиот крај служи како ветување за нешто такво. Да, неколку кратки сцени се лани доснимени, ама и покрај тоа е присутна истата поголема идеја. Сепак, дури и да не се реставрира "Снајдервезумот", се радувам што конечно оваа верзија успеа да се избори за опстанок, а и лесно да ме освои откако пристапив со минимални очекувања. Како фан на овие херои не можам да не сум благодарен. Стварно ќе беше жалосно да останевме заглавени со оној шкарт од 2017.
1 comment:
Konecno vidovme dostojna i jas kje recam epska prezentacija na Justice League :D
I da nema snyderverse ideme ponatamu. Mislam deka uste eden hit dc kje ima godinava
barem spored trailerot na the suicide squad.
Mozno e i povtorno da se zirnat guardians of galaxy dodeka ne izleze the suicide squad :D
Post a Comment