November 8, 2018

Драмата со Diablo Immortal

Колку ми е јако ова со Diablo Immortal, еј. Мислам, крајно трагично е, ама успева некако да ме засмејува цела недела. Blizzard на овогодинешниот BlizzCon го имаа најголемото фијаско во историјата на конвенцијата, а мислам дека и општо во постоењето на компанијата дури и пред нивната спојка со Activision. Пресмешно. Замисли, те спремаат за голема Diablo најава, си мислиш конечно Diablo IV или барем ремастер на првите две игри и кога ете ти ги, најавуваат нова Diablo игра наменета само за мобилни уреди.

Реакцијата на публиката која ги исвирка Вајат Ченг и неговите другари самоуверено облечени во Diablo Immortal маички е сосема природна. Интернет олујата од гомна што заедницата деновиве ја насочува кон Blizzard е исто така неизбежна. Diablo е игра создадена за да се игра со тастатура и маус, да седнеш пред компјутер и да кликаш додека докторот не те дијагностицира со карпален тунел. Иако Diablo III заживеа и на конзоли, пак поголемиот дел од играчите ја играат седнати пред монитор. Ваков тип на игра ексклузивна за телефони и таблети стварно изгледа како вонсезонска првоаприлска шала.


Точно е дека сите имаме телефони, ама тие ни се за комуникација, мемиња и слики од мачки со смешни капи. Исто така имаме и скапи компјутери кои ги користиме за гејминг. Немаме сите тенки прстиња за да си ги мрсиме ситните екрани на мобилните уреди со Diablo Immortal. Не ми е јасно кој дел од ова Blizzard успеа да го промаши. Дали и по толку многу години се стварно толку исклучени од тоа што гејмерската клиентела го бара од нив? Или се толку сигурни дека можат да ја продадат нивната интелектуална сопственост во било каков облик?

Најбизарното во целава ситуација е тоа што Diablo Immortal ја прави кинеска компанија која веќе има мобилни клонови на Diablo во сопствениот каталог, па повеќето играчи тврдат дека Immortal е всушност постара игра префарбана како Diablo. Дури и да не е така, веќе има премногу Diablo копии за мобилни уреди од кои некои изгледаат многу подобро од она што Blizzard го прикажа на Blizzcon како нов производ. Публиката дополнително е вознемирена и од најавата дека ова ќе биде игра за "целото семејство", што веројатно значи дека мрачниот тон ќе мора значително да се редуцира.

Ја следам активно ситуацијава деновиве и уживам во цел сеир. Жалам за тие што ја чекаат Diablo IV, јас уште си ја пукам тројката и реално немам потреба од друг наслов, ама можам да го разберам гневот. Сепак, пресмешно ми е што гледам гигантска компанија како Blizzard вака затекната. Не живееме во среден век, сите нивни игри имаат огромни заедници и не е воопшто тешко да дојдеш до нивното мислење и желби. На крајот, тие се тие што одлучуваат дали ќе ти го купат производот.

Ако Diablo Immortal пак е првенствено наменета за кинески и општо азиски пазар и тоа е можеби океј. Не е океј ако стварно планирале да ја најават Diablo IV, па поради некои причини ја откажале и ова е резервната "голема" Diablo најава. Од тоа што го читам деновиве, на луѓето што позагреано чекаат Diablo IV ќе им беше доволно само едно кратко тизерче, па макар и играта да е во рана развојна фаза.

Сепак, правдањето на Blizzard дека Immortal е само еден од неколкуте планирани Diablo проекти е смешно како она кога ја прашаа публиката на Blizzcon дали немаат телефони. Книги и стрипови се исто проекти, а чим самите Blizzard кажуваат дека најдобрите девелопери им се моментално прераспределени на развојот на Immortal не сум баш убеден дека Diablo IV постои на друго место освен на некоја бела табла за идеи.

Додека Blizzard ги губи фановите и вредноста на акциите, ќеф ми е да гледам како Path of Exile се полни со изнервирани Diablo III играчи. Иако одамна активно ја баталив за сметка на Diablo III, знам повремено да ја покликам и да проверам до кај е. Баш играв неколку саати кратко пред да се случи пиздаријава на Blizzcon. Си цути Path of Exile! Сериозно, овие Grinding Gear Games се ептен добар пример за фер компанија која работи вредно и напорно, не замара со микротрансакции и што е најважно - си ја слуша публиката. Path of Exile речиси секој месец има нова бесплатна содржина, додека Diablo III уште се тегне со истите сезони и едно прескапо DLC шо излезе скоро и донесе само една нова класа.

Blizzard наместо да истражуваат какви шарени облеки ќе може да продаваат за доларче во Immortal можеа комотно да кликнат две-три интернет места и да разберат што играчите сакаат од Diablo. Ете, во обид да се стиши галамата од дебаклов, Blizzard денес конечно се огласија со кратка изјава дека ги слушале играчите, како играчите само деновиве да зборуваа за нивните игри. Затоа и никој не им ја купува изјавава и драмава секој ден ми станува сѐ позабавна.

Види, јасно ми е дека Blizzard веројатно ги заболе. Пак ќе си трчаат голи низ брда кеш. Само ќе биде смешно ако ова со Immortal упали и сконтаат дека е исплатлив бизнис. Денес е Diablo Immortal, утре ќе биде Clash of StarCraft. Не ми се верува дека ќе направат радикален чекор и скроз ќе ја откажат глупавава идеја. Сепак, јас сум тука за драмата. Толку многу пати сум ги пцуел на тема World of Warcraft, па и кога во Diablo III се тргуваше со вистински пари и не можам баш да си го скријам ситењето. А, фрлањево со јајца кон Blizzard ќе потрае сигурно уште некоја недела додека не се заташка и заборави. До тогаш насмеано ќе следам со пуканки.

1 comment:

Anonymous said...

Parickite od azijskiot pazar na koj mobilnite igrici se pred desktopot ili konzola. Mikrotransakciite funckionirat tamu. Toa e idninata na Activision. I greska ti e imeto na kompanijata: toa ne e Blizzard sho go sakavme od vremeto. Toa e Activision, nema vrska so Blizzard. Blizzard umre odamna.