May 11, 2016

Вечерно Diаblо III оргијашење

Сезоните во Diablo III се најдобриот изговор за нов херој и за искликување на слободно време кон карпал тунел синдром. Од перспективата на Blizzard, сезоните се начин на кој што ќе довлечаат назад на играта. Нов гол херој, нов почеток, нов прогрес и по некоја специјална "сезонска" награда за тоа "ново" да добие некоја ситна значајност. Но, дали е ситна? Шестата сезона почна пред десетина денови, па со Бојчо се искомбиниравме со свежите "сезонски" херои. Witch Doctor и Crusader. Не мора да погодуваш кој е кој, зошто се знае кој е лешперот што сака да мава од далеку.


Минатите две сезони играв Wizard и Demon Hunter. Witch Doctor ми беше логичниот избор за оваа. Освен тоа, немам играно Witch Doctor од раните денови, па никогаш не успеав да видам како се однесува на поголеми левели. Супер е. Има зомби кучиња и џиновско створење со него што ќе ги чистат непријателите и Бојчо да мисли дека играме заедно. Всушност, додека он тепа со неговиот Crusader и робовите на мојот вуду еким, јас во еден документ пишувам имиња за Diablo кланот што мора да биде оформен наскоро. До сега го запишав Funky Felchers, ама имам и некои други на ум. Цице е третиот човек што ни се приклучи вчера, така што полека се собира старата WoW екипа.


Супер е Diablo III co-op. Барем не мораш сам да поминуваш низ истото. Ете, лани игравме на PS4, дури влеговме и во Whimsyshire, ама некако ми е поудобно со маус, тастатура и преполна пепељара пред мене. Планот е сезонава да се пукне јако™, макар и со овие сесии од по еден саат што се случуваат секој втор ден. Diablo III, и општо целиот aRPG жанр си бара време кои никој не може да си го дозволи во моментов, ама си ветувам едно целодневно викендашко раскликување. 

Види такоѓе:

May 7, 2016

Саptain Аmеricа: Сivil War (2016)

Тоа што гледав филмска адаптација на Civil War ми е доказ дека никогаш не си престар за да веруваш во чуда. Скромната желба од пред осум години да ја видам приказната макар и како цртан филм денес е претворена во една реалност што се вика "најдобриот филм на Marvel Studios до сега". Идејата дивергира од хартијата каде што е родена, но е доволно испочитувана за Captain America: Civil War да функционира беспрекорно во контекст на медиумот, а и универзумот каде што егзистира. Битното е дека постои нова регулатива за костимираните душебрижници која не сите ја пречекуваат со восхит. Тоа е и причината за Кеп и Тони да се најдат на спротивните страни кои не се баш најрасположени разликите да ги решат со дијалог.

Верував дека Civil War ќе биде добар. Барем поради мојата вечна љубов кон стрипот. Она што не го очекував, е навидум доволно густата содржина да биде попрскана со детали кои ќе ја надополнат уште поелегантно, а притоа да изгледа природно и да ја одржи цврстината без да попушти по рабовите. Civil War е повеќе од Captain America филм. Во исто време е The Avengers, Iron Man и филм за сите оние херои кои не добија самостоен третман. Од десетина такви, има место за секого и филмот не изгледа воопшто присилено или пренатрупано. Вистинска мајсторија е да изманеврираш нешто вакво во два и пол часа без сопки. 


На наједноставен начин, Civil War го донесе Блек Пантер во Марвеловиот филмски универзум и го вклопи толку добро да се чувствуваш како отсекогаш да бил тука. Секако дека ќе добие самостоен филм, меѓутоа веќе неговата приказна и мотиви се доволно воспоставени за да биде дел од групното гушкање. Но, на веќе бесно залетаниот филм, дополнителната адреналинска инјекција доаѓа од Спајдермен. Кога повторно најавија Питер Паркер (трет во последниве десет години), зевав три дена од досада. Сега можам да се заколнам дека ова е најдобриот Спајдермен што се појавил на филм. Овие дваесетина минути овде се подобри од секоја негова претходна адаптација. 

Од друга страна, Вижн делумно отскокнува од "организираниот хаос" на Civil War. Не го сконтав во Age of Ultron, големи се шансите и да го преспав делот каде што го довлечкаа во филмот, а зошто не планирам да го гледам пак, ќе оставам да ме придобие со некое следно појавување. Ент-мен беше океј. За разлика од филмот. Очигледно некои од овие суперхерои подобро функционираат во мали количини, кога не се дел од самостоен филм. Ент-мен ми е од класата на Хокај и Фалкон. Како таков, одлично си го наоѓа сопственото место и тука. Отсуството на дел од Авенџерите речиси и да не се осеќа. Простор дефинитивно би имало и за нив, особено за Хулк, меѓутоа тоа е веќе финансиски предизвик. 


Civil War одлично го третира и акциониот дел. Пред сè, нели, ова е акционен филм. Уште во првата сцена со која почнува филмот веќе ти е јасно дека тој аспект е детално обработен. Брканиците, тепачките и општо целата кореграфија течат природно и реално, но доволно стриповски за сепак да го задржат духот на тоа што го гледаш. Ме држеа буден цело време, а тоа ми е особено битно. Според шаблонот, на крајот нели треба да има огромна акциона сцена со која кулминира филмот, па мило ми е што Civil War успеа да го заобиколи тоа. Или барем, да го протне посуптилно од претходно. 

Франшизата има иднина. Според новите играчи кои овој филм ги постави на теренот, изгледа солидно. Не знам колку имам снага за уште од ова, но ова малку ми ја врати довербата. Можеби нема да се нацртам прв во кино на Doctor Strange, ама затоа со задоволство би чекал четириесет минути во редица за пуканки за овој нов Спајдермен. Или Баки. Дајте му филм на Баки, прв сум кај и да треба.

Види такоѓе:

May 3, 2016

Нешто како преглед на The Beginner's Guide

Кога Наум ми ја поклони The Beginner's Guide за роденден ми рече да ја чувам за некои лоши времиња. Знаеш, за денови кога бездната гледа во тебе. Играта излезе кон крајот на 2015 и е дело на Дејви Риден, шизикот зад генијалната The Stanley Parable. Успеав да заборавам на The Beginner's Guide додека не дојде вистинскиот момент. Не е некое "правило", искуството кое го заокружува The Beginner's Guide е стриктно субјективно, но избрав да се придржувам кон препораката. Дури и самиот Дејви не зборува за крајот на играта, комплетно е оставен на личното доживување и интерпретација. 

Но, главниот проблем околу The Beginner's Guide е што не можеш да кажеш многу за играта без да го расипеш доживувањето на некој друг. Поради тоа, не би навлегувал во (премногу) детали. Кратка е, трае околу час и половина, се игра во еден здив и од тебе единствено бара да бидеш фокусиран на нараторот, самиот Дејви. Интеракцијата е минимална, играта нема традиционална механика, практично се движиш низ свет создаден од мали, кратки апстрактни парчиња кои би требало да ти овозможат поглед во психата на нивниот творец. 


Дејви тргнува од навидум едноставна идеја. Колку навистина можеш да дознаеш за некој кој ти е тотален странец, судејќи според делата кои ги создал? Што го прави тој човек среќен? Дали е вознемирен поради нешто? Која е причината за неговиот гнев? Дали воопшто ужива во тоа што го прави? Каква е вистинската идеја зад неговото творење и труд? Ќе препознаеш дали е во некаква неволја? Можеш ли со толку малку да дознаеш кој е навистина? 

The Beginner's Guide не сопира тука. Иако те третира само како набљудувач, ќе успее твојата љубопитност да ја претвори во огледало кое ќе го сврти кој тебе и ќе "тормози" со некои прашања кои можеби и не си подготворен да си ги задоволиш со искрен одговор. Затоа играта е веројатно најефикасна на денови кога си ја чешаш брадата повеќе од вообичаено. А, симпатичната, надреална околина која Дејви ја користи за да ја раскаже оваа феноменална приказна само го зајакнува целиот ефект. Некои елементи од дизајнот изгледаат како да се излезени од онаков сон што го мислиш во текот на целиот ден. 

Материјалот во The Beginner's Guide веројатно би бил занимлив и за негејмерска публика. Или негејмерска публика која би се осмелила да одвои време и да поужива во нешто волку уникатно. Но, претпоставувам дека и playthrough видео може да го долови тоа што го нуди. Контролата што ја имаш како играч добар дел од времето е занемарлива. На крајот најважна е приказната. Дејви само одбрал ваков медиум за да ја раскаже, и тоа е тоа. Фала Дејви за уште едно ремек дело.

Види такоѓе: 

May 2, 2016

Бетмените на Тим Бартон

Барем еднаш годишно мора да ги испочитувам Batman (1989) и Batman Returns (1992) на Тим Бартон со ритуално гледање. Секогаш се забавни, и покрај тоа што поминатото време малку ги има застарено. Ниту тој универзум на Бартон кој што изгледа како да е домот на секој негов филм, нема безвременски имунитет. Но, сè уште има останато доволно количина од магијата која секое гледање го прави фино и пријатно. Да, последните десетина години свикнав на малку поприземјени интерпретации на Бетмен, меѓутоа љубовта кон овие нео-готски бајки на Бартон остана недопрена. Дури беше и причината за долго време да го одбивам Batman Begins

Токму овие два филмови се темелите врз кои подоцна ќе се воздигне еден цел жанр. Мејнстрим популацијата која до тогаш ги знаела Бетмен и Робин од онаа шарената серија со Адам Вест и Бурт Ворд во хеланки, одеднаш е затекната од црна темнина. Мрачниот тон на Бартон, за кратко станува ултра-популарен. Краткотрајниот залет со "суперхеројски" филмови во раните 90-ти е директно инспириран од првиот Batman. Darkman, The Crow, Spawn, Steel, сите се на некој начин продукт на она што тогаш Бартон го воспоставува во поп културата. Барем до оној момент кога ќе биде прегазен од истото тоа што го има изродено, но со Џоел Шумахер зад воланот.


Но, пред Бартон да го убеди светот дека ќе испорача добар Бетмен, публиката била скептична. И, тогаш, пред интернет добата, постоеле интернет серковци кои не можеле да го прифатат кастингот на Мајкл Китон како Бетмен, а уште помалку Бартон како режисер. Едниот доаѓал од комедии, а другиот бил одговорен за Pee-Wee's Big Adventure. Додека траела продукцијата, студиото постојано се соочувало со писма и петиции на изнервирани фанови. Никој не сакал да добие Бетмен како Адам Вест, а стравот бил токму поради тоа. Подоцна во кината изглегува краток тизер на филмот каде што е очигледно дека фановите на стрипот добиваат мрачна верзија на Бетмен, баш како што неколку години претходно е оформен од Френк Милер и Алан Мур. Тие кои кенкале за кастингот и Бартон, сега плаќале билети во кино само за да го гледаат трејлерот. 

Бартон од Китон прави феноменален Бетмен. Иако Китон е физички далеку од два метри висок и метро широк човек облечен како џиновски лилјак, тоа е генералната слика за Бетмен која подоцна ќе биде преточена во стриповите и на секое друго место. Костимот е веројатно најдобриот Бетмен костим во било која филмска адаптација. Истото можам да го кажам и за Бетмобилот. Тамблерот на Бејл или што и да беше она што го возеше Афлек, немаат ни отприлика ваква иконска тежина како ова што Бетмен го вози низ магливиот, ладен арт деко Готам додека во позадина цепа музиката на Дени Елфман.


Универзумот на Бартон има сопствени "правила" кои се надвор од реалниот свет. Па, затоа сè во овие два филмови, дури и негативците функционираат според нив. Затоа Кетвоман е повеќе пати "отпорна" на умирање и Пингвин создава подземна армија од криминалци и вистински пингвини, може да се кандидира за градоначалник на Готам и малкумина да имаат проблем со тоа. Поради истото, Џек Николсон беше најдобриот Џокер, барем додека не се појави Хит Леџер. Сепак, и покрај брилијатниот перформанс на Николсон и сè што е првиот Batman, Returns ми е за некоја нијанса подраг. Развојот на Брус Вејн и Бетмен можеби останува во место (Бетмен е веќе етаблиран како лик уште од првиот филм), меѓутоа прогресот доаѓа со вештината на Бартон да си игра удобно и самоуверено со останатото. 

Returns е побизарен во секој поглед, помрачен и посериозен, што на моменти ќе те натера да заборавиш дека во исто време се обидува да биде и божиќен филм. Бартон тука експериментира со деталите во вистинска насока, што е навистина штета како Batman Forever паѓа во рацете на Шумахер. Не дека Бартон имал подобри идеи за третиот филм, но Шумахер се покажа како директно одговорен за смртта на тогашниот филмски Бетмен. Студиото и покрај одличната заработка и планетарниот успех, решава да земе друг правец и да ги прилагоди идните филмови за помлада публика (која веќе ја имале), по што Бартон и Китон заминуваат на други проекти.

Види такоѓе:

April 28, 2016

Batman: The Killing Joke на Алан Мур и Брајан Боланд

Неодамна решив дека е крајно време да посегнам по недопрениот дел од мојата стриповска колекција и да оставам по некој отпечаток. Купувам хартија, а со години, упорно го читам истото на таблет. Еден од тие гланц нови наслови ми е луксузниот колекционерски Batman: The Killing Joke, објавен во 2008 по повод дваесетгодишнината од првото издание. Тврд повез, со нови бои од Брајан Боланд лично. Како додаток, содржи и една негова кратка приказна, "An Innocent Guy" која запрепастува со суштината и никако не ти дозволува удобно да го започнеш мамурлакот од претходните страници на Алан Мур. "An Innocent Guy" одзема само неколку страници, меѓутоа ќе добие посебен третман во некоја следна прилика.

The Killing Joke го имам читано многу, многу пати. Толку многу што мислам дека веќе ми е надмината потребата да ги вртам тие пеесетина страници со отворени очи. Но, секогаш успевам да најдам свежина во материјалот и да го погледнам од поинаква перспектива. Приказната е толку моќна, што и покрај едноставноста, ќе ти понуди неколку комплексни слоеви за лупење откако ќе ја завршиш. Никогаш нема ништо да биде исто после првото читање на The Killing Joke, тоа можам да го гарантирам. И, не сум само јас. Импактот на The Killing Joke повеќе од дваесет години се чувствува во Бетмен митологијата. Оракл, лик кој е еден од највпечатливите во Бет-фамилијата, корените ги влече токму од тука.


Алан Мур и Брајан Боланд ја нудат можеби најесенцијалната средба помеѓу Бетмен и Џокер. Дали воопшто постои некаква линија помеѓу нивната дуалност? Колку е проклета меѓусебната зависност? Џокер сака да докаже единствена поента. Дека потребен е само еден лош ден за да го излуди и најцрврстиот ум. Дека во секој "нормален" тлее нешто што само чека момент за ескалира во тотална психичка нестабилност. Јасно му е дека и оној што се облекува како џиновски летечки стаорец, некогаш имал таков ден. Експериментот го "спроведува" врз Џим Гордон. Откако ќе ја парализира ќерка му, го киднапира и го изложува на слики од голата повредена Барбара во еден бизарен напуштен забавен парк.

Во меѓувреме, Мур се обидува да протне варијанта за настанокот на Џокер. Низ флешбекови, го прикажува како неименуван поранешен инженер и неуспешен стенд-ап комичар кој приморан да ја прехрани фамилијата, се вплектува во криминална операција каде што ја носи познатата Ред Худ маска. На тој "лош ден" ќе почине и неговата трудна сопруга, а подоцна вечерта бегајќи од Бетмен, кој се појавува на местото на злосторот на Ред Худ бандата, паѓа во хемиски отпад кој му ја бои кожата белa, а косата зелена. Иако овој трагично-шокантен момент е еден од најпознатите за зачетокот на Џокер, не е "официјален" ни во самата приказна. Џокер е доволно луд за различно да ја памти сопствената историја, па ова е само едно од многуте такви сеќавања.


На крајот од The Killing Joke, Бетмен, стравувајќи од тоа дека еден ден со Џокер ќе се убијат меѓусебно, се обидува да му помогне и да го рехабилитира. Само тоа што верува дека има останато малку добро во Џокерот, феноменално го сетира амбиентот за самото финале. Џокер, соочен со тоа дека за него е предоцна, ја менува темата и кажува шега. Џокер почнува да манијаклано да се смее, Бетмен само се смешка. Како што последната страница оди надолу, го грабнува Џокер додека се наближува полициско возило. Последните два панели прикажуваат тишина и дожд кој веќе направил вир на земјата на која стојат, а се губи и одразот на светлата од возилото.

Првите неколку пати не ја сфаќав големината на ова. Крајот може да се интерпретира различно. Можеби само се смеат заедно, можеби џандарите паркираат, па Бетмен им го предава Џокер? Можеби едноставно конечно го убива. Грент Морисон во подкастот на Кевин Смит вели дека Бетмен му го крши вратот на Џокер. Кул сум тоа. Иако спротивно од идејата и кодексот на Бетмен, во тој последен момент можеби е и единствената опција. Тоа од кое Бетмен упорно бега, да ја има смртта на Џокер на неговата совест - конечно се случува. Морисон смета дека Мур и Боланд сакале да ја раскажат "последната" приказна за Бетмен и Џокер, како што е Superman: Whatever Happened to the Man of Tomorrow? исто од Мур и како таква, ќе се сложам дека функционира беспрекорно. Но, Мур е доволно серко да кења и по ова, иако му е едно од најпознатите дела.

За неколку месеци излегува и анимиран филм. Има веќе трејлер во етер. Кевин Конрој и Марк Хамил се враќаат како Бетмен и Џокер. Од ова и неколкуте кратки видеа што кружат наоколу ми изгледа како верна адаптација. Некои кадри се директно од панелите на Боланд. Во главно, приметив дека убаво се однесува кон изворниот материјал, но додава и некои нови детали, претпоставувам за подобро да ја запознае пошироката публика со Барбара Гордон за поинтензивно да ја изрази нејзината трагедија. Освен тоа, филмот има "R" ознака, па нема да се труди да биде допадлив за млада публика.

Види такоѓе: 

April 12, 2016

Batman: Hush на Џеф Лоуб и Џим Ли

Иако Hush денес важи за култна приказна и е речиси присутна во секоја листа за задолжително читање на Бетмен стрипови, има некоја публика што го третира како преценето претенциозно срање. Мене ми е еден од омилените Бетмен наслови баш поради работите кои ја прават неговата "контроверзност". Да, "мистеријата" низ сите 14 броеви е прелесна за погодување, колку и Лоуб да сака да си игра со тоа. Очигледно е кој е Хаш уште од самиот почеток и сега прости ми за спојлерот, меѓутоа ако видиш некој лик што првпат се појавува во ваков стрип истовремено со деби на нов негативец, треба да си глуп ко Лојс Лејн за да не ги приметиш шансите дека можеби се истата личност. Освен тоа, идентитетот на Хаш не е единствениот пресврт на крај.

Во Hush, Бетмен е соочен со еден куп душмани од неговото минато. Џокер, Ридлер, Клејфејс, Скеркроу, Ра'ш Ал Гул, Талија, Ајви... скоро сите од каталогот на најпознатите негативци. Очигледно е дека помеѓу нивните постапки има некаква поврзаност и набргу открива дека се само нечиј инструмент и се дел од поголема игра која треба да го уништи. Она што Лоуб го прави толку добро е начинот на кој ги уфрла сите елементи кои го прават Бетмен и околината во која e втемелено неговото постоење. Дури има и една битка со него и Супермен.


Секој негативец или член на Бет-фамилијата е прописно истретиран со краток суптилен вовед често изразен преку внатрешните монолози на Бетмен, што го прави овој наслов одличен за оние што првпат држат Бетмен стрип во рака. Не премногу за да се сопнеш на деталите, но доволно елементите кои ја градат приказната да имаат некоја фина поткрепа. Затоа претежно успева да биде поеднакво забавен за нови и за стари, пријателски расположени фанови. 

Хаш е занимлив негативец, колку и да му е мотивот недоволно издржан и ретроактивно уфрлен во историјата на Брус. Има еден незаборавен момент кога го доведува Бетмен на работ на разумот, па Темниот Витез сметајќи се себе за виновникот за создавањето на умоболни криминалци како одговор на неговото присуство, решава конечно да го убие Џокер. Во оваа точка од канонон на Бетмен, Џокер е одговорен за смртта на Џејсон Тод, вториот Робин, жената на Џим Гордон и инвалидизирањето на Барбара, но навремената реакција на Гордон го одвраќа Бетмен од гневната намера. 


Hush нуди многу работи одеднаш, но балансот е перфектен за приказната да биде кохерентна и да послужи како историска Бетмен читанка. Паралелно на целиот хаос кој го предизвикува Хаш влечејќи ги конците во позадина, Лоуб ја разработува романтичната врска помеѓу Бетмен и Кетвоман која тука ја доживува критичната точка. Нивната хемија е неверојатно добра и функционална. Бетмен е конечно... заљубен? Онаа познатата слика кога се бакнуваат на полна месечина? Епа, од тука е. Интересното е што во овој момент, Селина не го знае вистинскиот идентитет на Бетмен, па како што Брус ја стекнува нејзината доверба така ѝ ги открива тајните.

Има и некои елементи кои ми се малку надвор од преференците. Присуството на Хантрес е некако количински премногу. Доколку беше заменета со друг лик од Бет-фамилијата, сите тие моменти со неа ќе беа поефективни. Очигледно Лоуб кога решил да си игра со ликовите, ги извадил сите во кутијата. Фали Пингвин, не знам зошто, но претпоставувам со него се случува нешто сосема трето во тој тековен Бетмен од каде е искорнат Hush аркот. Од друга страна пак, можеби неговото појавување би било само вишок. Тие што се тука, имаат јасна поента. 

Џим Ли, Синклер и Вилијамс се брилијантни. Цртежите се динамични и детални, ликовите изгледаат како ова да е нивната конечна варијанта и сите жени се совршено нацртани. Ова ми е омиленото цртање на Бетмен. Долго се двоумев кој најдобро го потретира Бетмен во стрип и последново препрочитување на Hush ми потврди дека тоа е Џим Ли.

Види такоѓе: 

April 9, 2016

Вовсталгија: Збогум Носталриус

Изминативе неколку месеци имав прилика да пројдам низ легендарните Ванила денови на World of Warcraft. Започнав и серијалче постови чија намера беше да ги архивира авантурите на мојот Гном Мејџ со најкреативното име на интернет - Gnomewerk. Денес, за жал, сум тука за да го соопштам прераниот крај на патувањата на Gnomewerk. Nostalrius, серверот кај што играв и опслужуваше Ванила WoW верзија со околу десетина илјади играчи во исто време, веќе неколку денови се соочува со тужбите на Blizzard

Утре заминува во историјата како најдобриот приватен сервер што некогаш постоел. Барем според моето искуство и она на десетици илјади други играчи кои моментално се дел разбеснетата толпа која ги вперува средните прсти кон Blizzard. Nostalrius функционираше волонтерски. Администраторите не брцаа безобразно во џебовите на играчите, немаше привилегии за оние што донирале како на многу други приватни сервери, туку секоја донација одеше директно на хостинг компанијата. Тимот ентузијасти зад серверот, нема ни долар нелегална заработка.


Секако, не е легално да имаш приватен World of Warcraft сервер. Целата интелектуална сопственост e на Blizzard, се чувствуваат финансиски оштетени и веројатно е логичниот чекор кој го превземаат, но ајде да разгледаме една друга страна и да побараме некоја сива територија. Интелектуалната сопственост е нивна, точно. Финански се можеби минимално оштетени, но тоа е минимално со оглед на тоа колкава е заработката од нивните игри. Дали сакам да кажам дека треба да се простат од пари за сопствениот труд кои би можеле да завршат во нивниот џеб наместо во туѓ? Не баш.

Blizzard никогаш не биле сериозно загорзени од приватни сервери. Напротив, во екот на популарноста на WoW, приватните сервери им беа бесплатна реклама. Лично јас, а познавам и најмалку десетина луѓе кои го направија истото, почнав да им плаќам на Blizzard за WoW баш поради тоа што тие сервери тогаш имаа некоја осакатена верзија од играта. Верувам дека многу луѓе станале нивни потрошувачи по такво искуство, со што веројатно некако е избаласирана таа "финансиска загуба". Можеби "грешката" на Nostalrius беше тоа што ја понуди најпрецизната емулација на играта и тоа со играчи кои немаат желба да ја играат моменталната официјална WoW.


Последните две експанзии на WoW се тешки за "приватно" скриптирање, ретко кој би се нафатил на таква програмерска одисеја, а не се ни толку популарни кај публиката. Главната причина поради која постојат приватни сервери е тоа дека опслужуваат верзија на играта која одамна не постои на легален Blizzard сервер. Играчите со години ги молат Blizzard да овозможат официјална Ванила, The Burning Crusade или Wrath of the Lich King, но никој не ги слушнал до сега. Добар дел од тие што играат на вакви сервери, би платиле за тоа наместо за сингл-плеер Гарнизон. И јас сум еден од нив. 

Играв на Nostalrius зошто тоа искуство што го пружаше серверот веќе не е достапно на Blizzard. Nostalrius ја имаше најпријателската заедница што воопшто сум ја видел во World of Warcraft, светот беше преполн и жив, а целото искуство дефиницијата за MMORPG. Ниту моменталната WoW, ниту било која друга слична игра што сум ја играл последниве две-три години не го достигнала ова. Затоа ми е криво. Жал ми е за она што Nostalrius го планираа следниве месеци, како отварањето на Ahn'Qiraj, легендарен настан од историјата на WoW што го имам пропуштено на времето. Жал ми е и за гилдот, за сите оние со кои играв и си помагав последниве месеци.


Најинтересното од целава пиздарија е како се разгневија играчите. Се води остра анти-Blizzard кампања, некои ја откажуваат претплатата, други и нарачаните копии на Legion. Поддршката доаѓа и од оние играчи кои никогаш не ни играле на пиратски сервер. Некои дури и сега дознаа дека наместо да ја играат досадната Warlords of Draenor, можеле да играат верзија на играта од најдобрите денови и тоа бесплатно или со симболична донација по желба.

Не е првпат Blizzard да затвораат и тужат приватни сервери, но првпат се случува да реагираат на сервери хостирани во Европа. Nostalrius достигна популарност која очигледно не можеле повеќе да ја игнорираат. Постојат уште неколку приватни сервери кои уживаат фина репутација каде што дел од играчите ќе го најдат новиот дом, но колкав е нивниот рок на траење ако раката на Blizzard може да стига подалеку од било кога? Еден од најочекуваните приватни сервери, PlayTBC, кој ќе отвори на 14-ти април, деновиве го префрли хостингот во Русија со надеж дека адвокатите на Blizzard нема да стапнат таму. Претпоставувам дека и другите ќе го следат нивниот пример.


Доколку успеам да се организирам со пријателчињата од гилдот, ќе пробам пак да почнам да играм некаде со надеж дека нема и тоа да заврши вака неславно. Nostalrius ветија дека ќе го отворат кодот и ја споделат базата со јавноста за секој да можел да крене своја инстанца од серверот, па се надевам дека ќе се најде јунак што ќе овозможи карактерите да бидат префрлени на некое безбедно место. Си го сакам Гномот, штета ако отиде вака премлад засекогаш. Едвај беше 35 левел. 

Има и петиција до Blizzard која веројатно нема да смени ништо, но можеби ќе им посочи некои ствари кои упорно ги премижуваат. Како на пример отварањето на сопствени сервери со стари експанзии и помалку серење по моменталната верзија на играта. Ако се расположени, можеби некогаш работите во иднина ќе бидат поинакви. За крај, еве линк до AmA со еден од администраторите на Nostalrius на официјалниот WoW сабредит. И, едно од видеата со кои играчите се простуваат со серверот.

April 6, 2016

Што е DC Rebirth?

Пред пет години, DC Comics направија потег кој историјата ќе го памети како еден од најсмелите во нивното постоење. Веројатно и еден од не толку успешните. Во 2011 решија да се простат од дотогашниот стриповски канон и да почнат од прв број. Дури и насловите како Action Comics и Detective Comics кои терале редовно од 1930-тите, сопреа после пресвртниот Flashpoint (адаптиран во одличен анимиран филм) за да почнат од ново. Линијата позната како The New 52, започна со вкупно 52 наслови. Новите 52 донесоа свежи приказни, скроени да ја запознаат новата публика подобро со ликовите, а во исто време се обидуваа да бидат допадливи и за старите фанови. Следниот месец, 52 универзумот заминува во пензија и ќе биде заменет со нов. Rebirth.

Многу од најпознатите ликови претрпеа огромни промени во рамките на овој 52 универзум, а некои култни моменти и настани од нивната претходна историја беа целосно избришани од постоењето. Додека јас пресреќен сум ги чекал новите броеви на Night of the Owls, некој тивко ронел солзи врз некој таму трет стрип што целосно му го упропастиле. Комплетно можам да го разберам тоа. Токму поради тој "испад" на DC, многу наслови денес воопшто не ни постојат, а тие што уште може да се најдат на некој рафт, ќе завршат непродадени во некој магацин или фабрика за рециклирање на хартија. Или во книжари како "Икона" за четири пати поголема цена.


Јас се забавував. Барем некое време, така поинтензивно. Бев пресреќен што ќе можам конечно да фатам нешто вакво отпочеток. Претходно ги имав читано само есенцијалните Бетмен и Супермен наслови, па ми се видe како одлична можност поубаво да го запознаам тој свет. Првите броеви на Batman ми се едни од омилените Бетмен приказни воопшто. Понатаму, квалитетот почна сериозно да опаѓа, за денес моменталниот Бетмен да е смешен. Успеав да стигнам до #50 и онемев од што е лошо. Не ми се веруваше што читам и како е возможно истиот тим што ги донесе Court of Owls во светот на Бетмен да биде толку неиновативен. Не барав константно да се толку квалитетни, меѓутоа ова беше срамно. Нит сконтав кој и зошто е негативецот, ниту па целата програма на полицијата со џиновски Бетмен роботи. 

Најочајно е тоа што на крајот од овој 52 универзум, го најавуваат и откривањето идентитетот на Џокер. Како на некој да му е гајле за тоа. Кое име и да го залепат, нема да направи голема разлика, само дополнително ќе ги заплетка во сопствените гомна и бруки. А, кога сме кај идентитети, пред неколку месеци во тој главниот Superman наслов, Лоис го открила Кларк пред цел свет! Како малку да беше тоа што ги осакатија ликовите со комплетното игнорирање на нивната романтична врска која е еден од најбитните нивни аспекти. Супер е тоа што сакале различи идеи и пристап, ама не ги разделуваш Лоис и Кларк, DC... Ова го дознав од новиот број на Lois & Clark. Наслов што за среќа продолжува и по гасењето на Новите 52 и едвај го чекам секое следно издание. Ова е вистинскиот Супермен во цела оваа калакурница.


Е, сега, конечно за Rebirth. Откако DC не успеаа да си ја вратат продажбата со Convergence, ивентот кој тековните 52 наслови ги испомеша со приказни од другите универзуми, некој конечно сфатил дека е време за уште еден нов почеток. Нешто кое што и самите се надеваат дека ќе го направат добро, ќе научат од грешките во Новите 52 и ќе си ги вратат стриповите на "корените". Rebirth почнува со издавање на 25 мај 2016, со истомениот прв број кој ќе има 80 страници. Тоа би требало да биде основата врз која ќе 32 наслови ќе почнат од кец. Овојпат DC ветуваат помалку отстапки од суштината на ликовите, враќање на она што сметаат дека го загубиле после Flashpoint, но и дека нема целосно да го заборават 52 универзумот. Се надевам дека планирааат да ги искористат функционалните елементи од 52, јас бил пресреќен ако Court of Owls останат како дел од историјата на Бетмен и Готам. 

Некои од Rebirth насловите што планирам да ги следам ќе се објавуваат два пати месечно. Batman (на Дејвид Финч и Том Кинг), Detective Comics (на царот Џејмс Тајнон) и All-Star Batman (новата шанса за Скот Снајдер?) на секои две недели е одлично. Барем нема да чекам еден месец за да испаднат срање. Superman на Питер Томаси може да е добро, зошто го носи ликот во старите времиња со Лоис, а сигурно ќе листам и Justice League поради цртањето на Тони Даниел. Џим Ли ќе го тера Suicide Squad, не ми е јасно зошто баш тоа си го доделил. Немам некоја желба, ама може чисто од љубопитност да ѕирнам што ќе направи.

April 4, 2016

Suicide Squad од Новите 52

Никогаш не сум читал Suicide Squad. Концептот никогаш не ми бил доволно привлечен да ме натера да фатам нешто да пролистам, а оние кратки средби со бандата не ме воодушевиле баш. Но, воодушевен сум од газот на Марго Роби, а наскоро DC го затвараат 52 универзумот за да почнат пак отпочеток, па видов одлична прилика да се вратам на нешто што сум го пропуштил со надеж дека можеби ќе бидам изненаден. Бев.

Почнав со првиот број од 2011. Исчитав пола пред да ми опадне интересот, но до тогаш беше крајно забавно, особено првиот арк што е собран во колекцијата Kicked in the Teeth. Сигурно ќе дочитам некогаш. Има вкупно 30 броеви, потоа се случува некаква реконструкција на тимот, па насловот се менува во New Suicide Squad и се ресетира од #1. Тоа е веројатно тој фетиш што DC го имаат за нови почетоци.


Suicide Squad или Task Force X е тим создаден од криминалци осудени на доживотен затвор (?) кои се регрутирани да учествуваат во тајни опасни мисии на американската влада. Некои олеснителни околности кои им се ветени им се мотивот за да бидат дел од ваква самоубиствена багра која нема што да изгуби, а организаторите да се осигураат дека членовите ќе соработуваат, им вградуваат чипови кои би се активирале и би ги уништиле доколку решат да ја загрозат мисијата или да се впуштат во бегство. Првата мисија им е да "исчистат" спортски стадион од некаков вирус што ги зомбифицира присутните. Доволно за да го сетира насилниот акционен тон и лесниот хумор.

Има премногу ликови за да ми биде гајле кој е кој, а стрипот не се претргнува нешто многу за да ти ги доближи. Харли Квин е најпопуларната фаца тука, па затоа можеби добива таков посебен третман. Единствено нејзината позадина е подетално објаснета, изопачената романтична врска со Џокер, и како од психијатар станува психотичен криминалец. Некаде на средина од тоа што го читав, приказната се врзува и со некои точки од Detective Comics #1 и она што следуваше понатаму. Во следниот арк Харли се отцепува од тимот за да открие што точно се случило со Мистер Џеј и токму таа е мисијата на Suicide Squad.


Дедшот исто ми е познат од претходно, а Ел Дијабло и Кинг Шарк се од тие што ми се занимливи и доволно впечатливи за да ги запамтам. Не можеш да заборавиш религиозен пирокинетичар што моќта за пламнување ја црпи од тетоважите или хуманоидна ајкула. Ова во Новите 52 е некоја нова инкарнација на ликот, гледам дека со истата варијанта на Чато Сантана како Ел Дијабло ќе послужат и во филмот чија премиера е закажана за почетокот на август 2016.

Пред некој ден прочитав дека се доснимувале сцени за филмот кои би додале хумор кој изгледаше како да е веќе присутен во филмот од трејлерите. Епа очигледно не било така, па сега DC бркаат рокови за да го направат "посмешен", а веројатно со тоа и подостапен за публика која не би сакала да гледа "сериозно" насилство. Сигурно нема да биде DC одговорот на Guardians of the Galaxy, но очекувам да биде подносливо гледлив.

April 2, 2016

Superman: For Tomorrow на Брајан Азарело и Џим Ли

Најдобрите Супермен приказни ми се оние кои се занимаваат со удирање по неговите цврсти морални вредности и мотиви. Кога слабоста е изразена преку него, кога самиот тој е неговата најголема закана. Супермен што се бори со интергалактички машини за уништување и е осетлив на криптонит е често досаден концепт. Како лик, може да биде многу повеќе од совршен бог кој ги спасува домашните миленици на малите луѓе. For Tomorrow раскажува за еден таков Супермен, чии предизвикани идеали се главната причина за неговиот внатрешен конфлик и дискутабилните постапки.

Низ 12 броеви (#204-#215, оргинално објавувани од 2004 до 2005), Брајан Азарело обработува приказна во која Супермен е соочен со последиците од мистериозен настан, познат како "Исчезнувањето". Додека тој води битка во вселената, од Земјата исчезнуваат милиони луѓе во иста секунда, меѓу кои и Лоис Лејн, оставајќи само сенка на местата каде што се наоѓале пред одеднаш да ги снема. Товарот и вината од неможноста да помогне, го носат во една црква во Метрополис каде што довербата ја наоѓа во еден свештеник болен од рак. 


Пријателството со Отец Леоне ги истражува неговите егизистенцијални дилеми, улогата која неговата моќ му ја дава на Земјата и создава можност за правилно влечење на религиски паралели, нешто што Man of Steel се обиде го чепне, но безуспешно. Супермен во црква и муабетење со свештеник кои ја градат пола приказна можеби делува чудно, но Азарело е толу прецизен со пишувањето што дијалозите течат речиси поетски низ цртежите на Џим Ли. For Tomorrow постојано гради врз таа идеја на Супермен како бог, но бог кој не е совршен и не може да биде на сите места одеднаш. Некогаш ни самите луѓе не се спремни да ја прифатат неговата помош, дури и кога самиот тој мисли дека постапките му се правилни. Ракот на Леоне е само уште еден дополнителен предизвик со кој не може да се справи.

Колку и да се обидува да се наметне како спасител, сè што прави му се руши на глава. Некои постапки му се толку очајнички што и самите Justice League ќе му го свртат грбот. Одлучува да се "исчезне" сам, со тазе откриениот извор на инцидентот и завршува во Метропија, паралелен свет кој го изградил како прибежиште во случај Земјата да ја затекне истата судбина како Криптон. Во Метропија е навидум безбедно, ја наоѓа Лоис и останатите исчезнати, но Азарело го растргнува и тоа на парчиња, соочувајќи го Супермен со борба за два светови кои не би можел да си дозволи да ги изгуби. 


За биде комплетна Супермен приказна, има и џиновски чудовишта кои се доволно моќни да го оштетат како Криптонит, го има и Зод како закана што дополнително го клекнува на колена. Главната тема на For Tomorrow ја градат и многу мали детали, брутално впечатливи и емотивни, што не можеш да ги избришеш од глава. Има еден краток момент каде што се среќава со Бетмен и е толку решен да го потврди своето постоење и намерите, па ќе го предизвика и она на Бетмен. Азарело не само што одлично го третира нивниот дуализам со толку малку, туку успева и да го остави Бетмен збунет кажувајќи ја вистината што сите ја знаеме, дека неговата маска е всушност Брус Вејн. 

Азарело некогаш те тера и да се сомневаш во главниот мотив за акциите на Супермен. Дали неговите акции ќе беа со ист интензитет доколку Лоис не беше една од жртвите на "Исчезнувањето"? Во моментот кога ја среќава во Метропија, има неколку страници каде што нивната љубов доаѓа до израз и сè ти е јасно. Ако веќе си инвестиран во приказната од првата половина на For Tomorrow, моментот кога тажниот поразен Кларк и кажува дека само нејзините раце се доволно силни да го држат, фино ќе ти долови како го боли кога е изложен на криптонит. Штета што ваквата врска помеѓу Лоис и Кларк уште не е прописно адаптирана. Очигледно тешко е да бидат погодени вистинските ноти. 


Џим Ли е феноменален тука. Секогаш е, но овде се чувствува тој залет од цртањето на Batman: Hush, веројатно мојот омилен нацртан Бетмен. Секоја линија е совршено повлечена и панелите блескаат со грандиозност. Алекс Синклер и Скот Вилијамс и тука се грижат за живописноста на неговите моливчиња да дојде до израз. Истиов цртачки тим успехот го повторува и во Superman: Unchained, уште една Супермен приказна од овој тип, со сценарио од добрите денови на Скот Снајдер. 

For Tomorrow e eден од оние наслови што му ги подметнуваш на некој што се двоуми околу Супермен. Покрај Secret Origin како вовед, ова и Unchained би ги препорачал на секој кој првпат изразува желба за ликот. Вистинската влезна дрога во Супермен што докажува дека овој лик има многу повеќе слоеви под она по кое е познат во поп културата. Секогаш кога ќе кажеш "Супермен е семоќен, отпорен на куршуми, лета и може да ги утепа сите" ќе те трескам по глава со колекционерско издание со тврд повез.

Види такоѓе: