Showing posts with label Nintendo. Show all posts
Showing posts with label Nintendo. Show all posts

August 11, 2024

Требаше порано Нинтендо Свич

Немав Нинтендо Свич до пред еден месец. Со години си го мумлав изговорот дека прво ќе го зачистам купот со неизиграни Стим игри трупани од "ако, ќе се најде" па после, иако веројатно тие игри никогаш нема ни да ги инсталирам. Треба да направам една топ листа на онакви што не ни знам дека ги имам. Купот никогаш не престанува да расте и секако нема да изиграм двеста игри пред Зелда. Не знам какво сценарио си замислував, ни какви ексклузивни услови очекував да се создадат за да седнам на тие неколку наслови поради кои конечно купувам Свич седумдесет години покасно, ама еве сме. Никој не ми го зема компјутерот и Стим библиотеката уште ми е тука. Можело.

Како деца ли се кодиравме вака да асоцираме Нинтендо со специфични позитивни емоции? Бев во најголемото жешко на светот да ја пазарам Super Mario Bros. Wonder и ми се вратија ствари што ги немав осетено од времето на пазарскине фамиклони со жолтите дискети. Да си дојдеш дома со Нинтендо игра ко да си земал свидетелство дента. Сум немал друг Нинтендо продукт од тогаш. Сигурно не е само до поседувањето игри во физички формат после долги години. Некако ко повеќе да е до неповторливиот шарм на Нинтендо кој колективно нѐ има совладано во некоја етапа од животот. Не може да не си радосен околу Нинтендо конзола.

Глеј им ги игриве и денес какви им се. Денес мислам на пред седум години, секако. До скоро Зелда имав видено само на гости, а Super Mario Odyssey и на емулатор со дванаесет фрејмови во секунда, ама играм сѐ и сешто и немам сретнато ништо приближно магично како нивниве игри. Breath of the Wild во моментов ми ги надминува сите очекувања, а не е дека не беа високи. Не дека е некое откритие во 2024, ама стварно е апсолутен мајсторлук. Не ми е јасно како толку ретко ќе ја забележиш како инспирација и зошто уште немаме на претек игри со ваков пристап кон отворен свет? Освен Elden Ring не сум налетал на ништо друго во последно време што вака слободно те остава да се ашкаш наоколу без да те носи во раце да се запознаеш со секоја механика и штос. 

Секоја сесија во Breath of the Wild е посебна фантастична авантура која упорно е свежа и различна од сѐ што сум искусил на претходното седнување. Не знам колку и каква сѐ содржина има, не ни знам до кај сум точно во "главната" приказна, само уживам во тоа колку се Нинтендо креативно одлепени. Мило ми е што до сега успеав да се заштитам од било какви спојлери и прејако ми е кога откривам разни системи. Постојано има некои нови ситници, ама и тогаш те остава сам да откриеш што ќе се случи кога конечно ќе го фатиш тоа жолтото цвеќе што ти "бега" околу или дека треба храната да ја спремаш со лути пиперчиња за да не умреш од студ на некоја планина. А, дивината е немилорсрдна, па мораш да се потпреш на импровизација и да комбинираш механики за да преживееш.

Откако ја отклучив руната за фотографија Breath of the Wild ми отвори нов гејмплеј што не ни знаев дека го има. Патувањата од една локација до друга се уште позабавни со компендиумот што го полниш со информации за околината. И буквално само тоа можеш да го правиш со недели, да акаш и да си градиш колекција наоколу и да ти биде најзабавно на свет. Или едноставно да трагаш по светилишта и да им ги решаваш пазловите внатре кои и не се секогаш наивни и едноставни. Нема милион еднолични сајд квестови, нема грајнд, нема левели. Не може дури ни еден обичен меч да ти стане близок зашто секое оружје ти е привремено и се оштетува и крши при употреба.

Ептен ми се прави ќеф, општо. Не е само поради тоа што можам да дробам Wonder и во веце седнат. Каталогот на игри за Свич што се собрал низ годиниве е огромен и едвај чекам да дојдат на ред, а се трудам да не ги изнакупам сите што ги меркав одеднаш или да не почнам да правам друг куп на непипнати. Иако воглавно го земав исклучиво поради неколку Нинтендо ексклузиви, присобрав и други како Gris и некои со локален ко-оп како Overcooked 2 и Unravel Two за колку да го ставиме бракот на тест, ама гледам неексклузивите максимално да ги лимитирам пред да почнам да прибирам наслови што не ни знам дека ми фаќаат прашина на друга платформа.

Наследникот на Свич може ќе се појави уште следната година и верувам нема да чекам до 2032 за него, ама имам уште многу за играње до тогаш без разлика дали ќе е компатибилно со овие игри или не. Ме чекаат повеќе Марио наслови, барем уште две Зелда игри и плус некој Покемон. А, за да не се направи ново купче со неизиграни, правилото е секој месец една нова ама да е физичка копија.

Види такоѓе:

April 1, 2008

Super Mario Bros. филмот

Пробав да го гледам пак, после повеќе од 12-13 години. Пробав, да, затоа што не издржав ни 30 минути. Единствената добра работа во врска со Super Mario Bros. филмот, е тоа што ме потсеќа на детството, кога целиот живот ми се сведуваше на киснење пред телевизор и кршење прсти на Нинтендото. Останатото е фецес од диносауруси, кои на многу лош начин се претставени во ова 100 минутно сквернавање на една од најдобрите игри на сите времиња.

Без оглед на актерските имиња кои се застапени тука, филмот е катастрофален. Од приказната, сценариото, реализацијата, па дури и лошата и ефтина глума. А, ни сам незнам како поинаку би се филмувала игра каде што главниот лик скока, голта печурки и расте. Блиску до тоа е анимираната серија, која барем малку е поблиску до игрите.

Иако Super Mario Bros. е првиот филм снимен според игра, слободно ќе кажам дека е најлошиот. Да напрaвиш филм за Супер Марио, е исто како да напишеш роман базиран на Тетрис.

August 22, 2007

Нинтендо носталгија

Верувам дека 99% од нас имале барем една Нинтендо конзола во животот. Ако нешто сакам да се врати, тоа е она време кога Нинтендото беше најпосакуваната "играчка" во светот. Времето во кое не спиевме со ноќи за да стигнеме до осмиот свет на Super Mario Bros. или да го поминеме последниот "главен" на Contra.

Времето кога прстите ни се дефомираа штракајќи по црвените и црните копчиња на џојстиците, кои ги менувавме по неколку пати. Ми фалат оние жолти дискети, на кои пишува "99 in 1".

Ми фали едноставната графика и назаборавните звуци на игрите... Колку и да се феноменални денешниве 3D игри, од време на време добивам желба да играм Bomberman или Ducktales 2.

Се сеќавам кога некој ќе набавеше нова игра, имаше право да ја игра недела дена, и после цело маало требаше да ја помине по исто толку време. Често се случуваше, тој што ти ја зел играта, да ја "изгуби" и да не ја видиш никогаш повеќе.

Факт е дека Nintendo направи револуција во гејмерскиот универзум, но постои и друг факт кој вели дека оваа револуционерна конзола доживеа да се здобие со титулата Најклонираната играчка конзола во светот.

Пиратските верзии на NES/Famcom содржат хардвер прилагоден да пушта кертриџи/дискети со игри за оргиналниот NES/Famcom. Кон крајот на осумдесетите години од минатиот век, биле забележани стотици не-лиценцирани пиратски верзии на добро познатата конзола. Првите клонирани конзоли се состоеле од плоча со интергрални кола, додека во изминативе десетина години, клоновите содржат чип кој го емулира оргиналниот хардвер, и најчесто има вградени игри.

Сигурно веќе претпоставувате од каде доаѓаат и потекнуваат повеќето Нинтендо клонови.
Кина и Тајван. Но, исто така и од земјите каде што оргиналната конзола не била никогаш дистрибуирана, Русија и Јужна Америка. Руските пирати во почетокот на деведесетите, прават клон, сличен на оргиналниот Femcom, попознат како Dandy. Се сеќавам дека многумина имаа Dandy дома порано. Сосема исто како оргиналниот Famcom, но наместо црвена, има сива боја. Нешто подоцна се појави клонот попознат како Terminator 2, и неколку години после тоа, оние клонови со тастатура. Денес имаме и клонови кои изгледаат како ПлејСтешјнот на СОНИ, само што се викаат PolyStation и работат со NES кертриџи.

Откако потрошив неколку дена, барајќи по сајтови кои се занимаваат со Нинтендо клонови, сфатив дека ретко кој од нас дома имал оргинално Нинтендо. Дури моето најпрво Нинтендо
било со сомнително Кинеско потекло. :)

Да не збориме за сите оние пиратски игри, како
“99999999 in 1” од кои различни се само 10, а другите се повторуваат, и може да се сретне некоја игра со мали модификации (наместо од прво ниво, почнува од трето). Во секој случај, да не беа клоновите, за NES/Famcom ќе знаевме од списанија, интернет и телевизија. Како што сега јас го гледам Nintendo DS и ми течат лиги. Е, тешко дека ќе има пиратска верзија на ова достапна на Скопскиве пазари. :)

Еве неколку од клоновите кои сум ги сретнал кај нас:

COMPUTER FAMILY GAME 3001 in 1Верна копија на оргиналнот. Се појави кај нас, беше рекламиран и продаван преку една од националните телевизии. Учествуваше и во една емисија на истата телевизија.

DANDYИсто како претходното, само друга боја. Го немаше на ниту една од телевизииве.

TERMINATOR 2Го носи името на еден од моите омилени филмови. Имав неколку вакви клонови. Имаше згодни џојстици. Единствена маана му беше што се расипуваше премногу брзо.

POLY STATIONИзгледа како ПлејСтејшн. Вакво немам, ама имам ПлејСтејшн. :)

GOLD LEOPARD KINGДоаѓа со тастатура. Доаѓа и со некој глуп софтвер, за кој што е наменета тастатурата.

NEWTENDO SUPER FAMCOMЕ, ваков клон сакав да имам кога бев мал. За жал, никако неможев да најдам. Еден другар имаше, го имаше купено од Бугарија.

STAR TREKОва го немам сретнато. Го видов на интернет, и е спакуван во неверојатно добра кутија.

June 12, 2007

Мобилен што пушта Nintendo NES игри

Додека деновиве размислувам во која канта за ѓубре да го фрлам мојот Sony Ericsson K300i, кој е веќе во фаза на распаѓање, налетувам на Gionee S20. Дали воопшто некој слушнал за Gionee претходно? Ни јас.

Што е Gionee S20? Покрај тоа што е стандарден мобилен телефон, Gionee доаѓа во вграден емулатор за NES rom-ови. Значи, може да се играат сите игри што сме ги играле на Nintendo NES.

Освен тоа, може да се приклучи со обичен телевизор, и на тој начин да уживате во игрите.

Gionee е кинеска фирма за мобилни телефони, чии производи не верувам дека некогаш ќе може да се набават кај нас, без разлика колку се интересни, практични, квалитетни (хм?) и слично.

January 6, 2007

Battle City

Една од моите омилени Нинтендо игри. Ја играв пред некој ден на Нинтендо. Братучед ми има Нинтендо.

Значи, контролираш едно тенкче (се игра и со двајца), и целта е да ги уништиш 20-те непријателски тенкови. А нивната цел е да те уништат тебе или твојата база. Со двајца кога игравме порано, еден идеше да ги тепа непријателските тенкови, а друг ја чуваше базата. Инаку, има и "трепкави" непријателски тенкови, кои даваат разни појачувања и животи.

Тоа што тогаш ми беше најинтересно, е map editor-от. Креиравме наши стази, нормално орелчето во базата ќе го заштитевме со тие белите блокови, што неможеа да ги уништат непријателските тенкови. :) Или па цела стаза со цигли, и потсеќаше на Digger. :)

Играва инаку е од 1985, а деновиве открив дека имало е некоја постара верзија, Tank Battalion.

Battle City се наоѓа и како rom за NES емулатори, мада филингот е на вистинско Нинтендо. Повеќе за играва - тука.