October 26, 2025

Absolute Batman Vol. 1: The Zoo на Скот Снајдер и Ник Драгота

Со намера да одморам од Swamp Thing, пак завршив со стрип на Скот Снајдер во рака. Секогаш сум за приказна сместена во некаков алтернативен универзум на постоечки канон, а DC Comics низ историјата се покажале како способни да истераат повеќе такви и да бидат добри. Имаат и цела издавачка линија посветена на таа тематика, Elseworlds, од каде што потекнуваат повеќе култни наслови како Kingdom Come, Gotham by Gaslight и Superman: Red Son. А пред Elseworld, има примери како The Dark Knight Returns на Френк Милер, па и Batman: The Killing Joke на Алан Мур кој денес е испреплетен во канонот, иако е дискутабилно дали пред популарноста намерата му била таква. 
 
Супер им беше и Earth One универзумот, а квалитетни се и кога си играат со мултиверзум и во главниот континуитет како со Flashpoint. Од поновите веројатно би можеле да се вбројат и кросоверите Dark Nights: Metal и Dark Nights: Death Metal предводени од главното издание на Скот Снајдер, кои беа распространети низ еден куп наслови. На тие неколку пати безуспешно пробував да им го фатам крајот. Треба да им седнам саглам наскоро, сега се многу попристојно организирани во колекции. DC Comics неодамна му доверија нов универзум на Снајдер, наречен Absolute, кој раскажува алтернативна историја на ликови како Бетмен, Супермен, Вондер Воман, Флеш и други. Практично е целата главна постава на Џастис Лиг.
 
 
Од октомври 2024 до денес во оптек се повеќе засебни наслови од разни автори што излегуваат месечно, меѓу кои и Absolute Batman на самиот Снајдер, со цртежи од Ник Драгота. Првите шест Absolute Batman кои го сочинуваат The Zoo аркот веќе се собрани во колекција, а до крајот на годинава излегува и последниот број што ќе ја заокружи втората. The Zoo е супер како вовед во Absolute универзумот и овој нов различен Бетмен. Самото постоење на овој паралелен универзум инаку е последица од претходен кросовер на Марк Вејд што се вика Absolute Power, ама го прерипав и ќе остане за некоја друга прилика. Битно има некаква позадинска причина за постоењето ако сакаш да навлезеш подлабоко, ама во секој случај сигурен сум дека било кој од засебните Absolute наслови може да се чита и разбере без тоа предзнаење. 
 
Без да навлегувам во многу детали бидејќи добар дел од забавното доаѓа од разликите кои ги има со народски познатата митологија, Absolute Batman раскажува за Брус Вејн кој доаѓа од работничка класа и Бетмен кој функционира без бескрајното богатство на располагање. The Zoo како вовед паралелно се занимава со мотивот на Брус и тука да се облекува како џиновски лилјак, загубата која го турка на ваков пат и заканата за Готам која демонстрира со каков Бетмен си имаш работа сега. 
 
Наративот жонглира помеѓу детството на Брус и денешницата, а Снајдер полека и внимателно ги третира сите аспекти од Бетмен за поеденакво ефективно да го изгради во нов свеж свет. Бетмен за Снајдер е веќе одамна домашен терен, па воопшто не се ни изненадив од тоа колку витална приказна има скроено. Комотен е со ликот и најдобар кога ќе се осмели да излезе од рамките, а богами тука нема задршки. 
 
Како што налага приликата, овој Бетмен овде е многу поразличен од било кој претходен. Нема пристап до стандардната технологија и приморан е на разни импровизации и адаптации, растен е сиромашен и непривилегиран, па готамските улици ги познава и од друг аспект недостапен за "обичниот" Брус. Иако успева да биде доследен до суштината, самото создавање на Бетмен, па и самиот тренинг е под други услови. Го нема ни Алфред во неговиот живот, ама Снајдер прави други интересни потези со него кои одлично се надоврзуваат на Absolute концептот. Што би се случувало со Алфред доколку не ги познава Вејнови? 
 
Всушност, повеќето ликови кои се дел од опкружувањето на Бетмен имаат некаква улога и во Absolute, со тоа што е секако различна и соодветно прилагодена. Го ценам и изборот за Блек Маск како главен негативец во воведниот The Zoo арк. Рано е да отвориш нешто вакво со некој од стартната постава, особено кога приказната има за задача да те запознае со нова верзија на главниот лик. Сепак, Снајдер не се воздржува на кратко да го најави и најпознатиот душман на Бетмен и едвај чекам да видам што му спрема. Во The Zoo само стави нешто да се крчка и сигурен сум дека нема да пројде долго пред да зоврие.
 
Absolute Batman не би бил комплетен без Ник Драгота кој успева да му даде уникатно визуелно обележје на овој нов Бетмен. Памтам кога се појави првиот цртеж уште пред да излезе стрипот, му се нафрлија за дизајнот на костимот, бет-симболот и општо целиот изглед на Бетмен, ама може комотно ушите да му ги јадат. Драгота одлично ја доловува рапавоста на овој Бетмен, правејќи го масивен и импозантен, додека самиот бет-симбол во оваа верзија има намена каква што немал до сега. Многу од свежите работи во насловот се и самите гаџети, некои воопшто не се ни својствени за стандардниот Бетмен асортиман, а големо пријатно изненадување е како се снашол околу Бетмобилот.
 
Самиот Брус Вејн надвор од костимот не изгледа баш така џиновски, ама чим го натне, Драгота го менува стилот и го трансформира во грамада што сее страв низ Готам, па практично го гледаш она што веројатно го доживуваат тие што имаат прилика или неприлика да го посведочат Бетмен одблизу. Стилот на Драгота малку двои од стандардните исполирани цртежи на DC и одлично функционира во целиов концепт. Илустрациите му се појачани од боите на Френк Мартин, негов соработник од времето на East of West, па можеш да замислиш колку убаво и живописно е скоцкано вакво труло место како Готам. 
 
Феноменален е целиот проект, многу ми е ќеф што е споена ваква врвна екипа за еден од моите омилени стрип ликови и тоа за исклучително возбудлива приказна чиј контекст ми е секогаш привлечен. Апсолутно сум најсреќен со добро спакувана приказна во алтернативен универзум, а оваа е дефинитивно таква. Одамна се немав вака забавувано со Бетмен наслов. Спремни ми се и останатите броеви, ако добро разбирам од кориците, има некоја пократка приказна измеѓу The Zoo и следниот поголем арк, ама ќе причекам да заврши. Долго не сум фатил Супермен стрип во рака, па може ќе го џапнам Absolute Superman.

Види такоѓе: 

October 5, 2025

Преживување во Bloodshed

По успехот на Vampire Survivors неизбежно беше формулата да се прошета и низ други жанрови. Еден период не можеше ден да пројде без нов Vampire Survivors клон или нешто слично што се пробува со концептот. Максимално забавна проста идеја е. Долго пружав отпор пред конечно да ја пробам и да разберам што е привлечното и заразното. Генијална е и покрај "коцкарските" моменти и начинот на кој те експлоатира за малку серотонин. Не е лесно да го постигнеш ова и да функционира вака. Општо целата игра е редок успех. По инспиративниот документарец на noclip каде што Лука Галанте го раскажува процесот на создавање, уште толку ми рипна почитта кон Vampire Survivors и кон него како колега девелопер. Топла препорака за гледање, таман трае колку што ти треба да испукаш една партија. 

Bloodshed ја презема идејата на Vampire Survivors и ја облекува во естетика инспирирана воглавно од BloodDoom и сличните легендарни бумер шутери од таа ера, па и некои од новиот бран ко Dusk. Очигледниот омаж кон Blood беше и пресуден да ја испазарам уште дента кога излезе. Немав ни играно саглам бумер шутерчина тој период, последно се гњавев со Turbo Overkill и ова баш добро ми легна. Ме израдува тоа што автоматското пукање карактеристично за survivors / bullet heaven жанрот е опционално и можеш сам да пукаш. А како за игра што не е стандардна пуцачина, пукањето е прилично задоволително. Автоматски на тајмер се само магиите што ги собираш по пат, ама и со нив нишаниш во непријатели, така што си многу поактивно инволвиран во самата акција.

Прикладно за бумер шутерскиот фазон, Bloodshed има предефинирани арени наместо бесконечни процедурално генерирани мапи. Има неколку различни арени во зависност од мисијата и "приказната", ама воглавно се локации кои често ќе ги сретнеш во бумер шутер жанрот. Ќе се промафташ низ готски катедрали, манастири, гробишта, рурално гратче инспирирано од Dusk, приморски ловкрафтски селца и параходи, поделени на две наративни поглавја со бонус мисии кои се отклучуваат постепено и со комплетирање на претходни.  

Мисиите траат од петнаесет до триесет минути, специјалните се нешто пократки, ама има опција и сам да си местиш услови и време откако ќе ги комплетираш. Bloodshed добро ги темпира со количината и типот на непријатели со твојот прогрес на левели и апгрејди, па во ниеден момент нема да осетиш дека си вон баланс. Плус и арените се доволно широки за стратешки да бегаш со испотени раце од група демони кога ќе згусне. Има доволно голема варијација на оружја и магии за да си склопиш некој интересен билд и покрај тоа што солиден дел постепено ги отклучуваш преку валута што ја собираш со играње. Стандардна проверена шема на мета-прогресија за ваков тип на игри, па Bloodshed не се прекршува нешто со иновирање. 

Освен што отклучуваш мисии, оружја, магии и слично, отклучуваш и ликови. Тука можеби е најштура. Има само седум, доволно различни со оружјата и магиите специфични за нив, па некако имаш време да се изнапукаш додека ти се присака нешто свежо. Ама ако веќе дојде до тоа, веројатно е моментот да смениш и игра, а приметив дека скоро се излезени и други вакви хибридини бумер шутери со Vampire Survivors. Од ликовите најмногу го цепам Џаред кој е директна копија на инспириран од Кејлеб од Blood, од гласот, до стартниот шатган и вилата. Ако веќе и тука ги дробам истите култисти од Blood, барем да го имам најквалификуваниот човек за тоа. 

Bloodshed нуди широк асортиман на магии и оружја. Некои се позабавни него што се корисни, па некогаш склопувам послаби билдови само зошто ми се интересни ефектите. На непријателите можеш да им фрлаш крлежи да им ја цицаат крвта, да ги дробиш со дожд од надгробни плочи, да поставуваш стапици за мечки, па да ги дотепуваш со рафали од калашников. Има еден куп. Немаат некоја длабока меѓусебна синергија, ама сите ефикасно бркаат работа против секаков тип на култисти, зомбиња и демони. Единствено е тапа што нема динамит за да го покрие и тој аспект од Blood. Во моментов играта ми е комплетирана 95%, што значи речиси сите работи ми се отклучени и не верувам дека доколку има динамит би го чувале за крај.  

После ова редно време е да седнам домаќински на вистински бумер шутер. Одлична е Bloodshed вака за повремено, така и ја таманев од пролетоска, ама не е вистинска алтернатива за задоволување на бумер шутерските пориви. Cultic дреме којзнае од кога, излезе и долгоочекуваниот Chapter Two, а упорно ја одложувам со изговор дека ми треба некакво посебно расположение. Знам дека пак ќе играм нешто просечно како Graven или Forgive Me Father двојката, така Dusk ја одложував. Doom: Dark Ages уште не дојде на ред, дефинитивно ќе ја чекам на попристоен попуст, ама можно е да седнам на Heretic + Hexen ремастерите од Nightdive што скоро излегоа топтан.