Се отрув со Quake како неделава да нема излезено тазе World of Warcraft експанзија. Се подлажав малце со Doom 64 на Нинтендо Свич едно попладне, ама јасно беше дека чукнал саатот за распуцавање Quake и тоа прописно - со тастатура и маус. Не се ни сеќавам кога последен пат имам пуштено Quake кец. Или е негде летото 2018 кога се напалив на Quake Champions или е пред воопшто да постои Crapwerk. Немам никаква референца која точно ќе одреди, ама се насекирав дека имам јасни сеќавања од Quake мапи што сум ги играл пред дваесетина години, а пред некој ден морав да гуглам што беше Last Epoch.
Quake доби нова освежена верзија од Nightdive Studios кога наполни дваесет и пет. Студиото е познато по прибирање, реставрирање, портирање и ремастеризирање на стари наслови, а пред ова имаат изнаредено обновени верзии на ствари како System Shock, Turok и Doom 64 што ги прави сосема соодветни за ваков подвиг. Новата верзија комплетно успева да го долови духот на оригиналната, која е уште достапна во склоп на ова издание од 2021.
Освен техничките подобрувања има и некои естетски кои не се однесуваат само на моделите на оружјата и непријатели. Некои се најмногу за тебе како играч да ти направат уште поудобно, ама со еден клик може да го добиеш назад оригиналниот HUD, ако веќе не ти пасува овој "модернизираниот". Иако знае да биде привлечна носталгијата што ја носи стариот изглед на Quake екранот, јас преферирам да ми биде малку почисто. Секако ништо од тоа нема да ти биде битно во моментот кога ќе почнеш да пукаш, а тука ја имаш Quake каква што отсекогаш била.
Шармот е очигледно вечен. Колку и некои аспекти да се примитивни во однос на каде еволуцијата ги има донесено овие игри денес, Quake е и понатаму презабавна за играње. Без разлика дали панично пукаш во Шамблер со последните куршуми воопшто или веќе пола саат се вртиш во круг низ гнасни мувлосани ходничиња и бараш кај пасува жолтиот клуч. Чим те завози, не те пушта. Не можеш да си баткото на сите тродимензионални шутери, а да си неславно остарен. Quake е уште кул.
Не смее да не биде, реално. Замисли од која иновативна ера на гејм дев е. Медиумот бил уште млад и далеку од индустријата каква што ја знаеме денес. Многу работи што денес се тривијални тогаш морало некој да ги измислува. А некои аспекти примарно биле третирани повеќе како уметнички израз. Трент Резнор ти доаѓа бесплатно да ја компонира музиката само поради што му се свиѓаат игрите што ги правиш. За возврат, во Quake ставаш оружје кое се вика Nailgun и на кутиите муниција за него пишува NIN. Чиста работа.
Бил макотрпен целиот развој, не дека не. Quake практично го распаѓа легендарниот id Software тим со Ромеро и Кармак заедно. Калакурница било. Ромеро имал различни идеи за каква да биде играта. Воопшто не ни требало да биде брз шутер, туку била замислена со повеќе RPG елементи, да има лик инспириран од Тор и блиски борби со чекан. Кармак паралелно работел на новиот енџин и поддршката за мултиплеер. Како што напредувал енџинот, дизајнот морал да се менува и адаптира на новите промени, па голем дел од веќе направени левели биле фрлани и правени одново во текот на целиот процес. Прегорен цел тим, последната пола година пред рилис бил буквален хорор. Quake има жртви земено.
Куп анегдоти ќе чуеш од тоа време. Омилена ми е онаа дека играта тематски е каша-попара затоа што четворица дизајнери не биле усогласени за конечен стил и секој од нив скроил "епизода" со сопствена естетика. Но крајниот резултат има некаков функционален природен тек што подоцна се наметнува како интегрален дел од фолклорот на цел серијал. Има лајтмотив што ги обединува сите елементи и можеш да склопиш некаква слика за светот околу. Се разбира дека готска архитектура, Лавкрафт, сатанизам и египетска митологија имаат допирна точка - се вика Quake. Кој може да се буни за ова.
Самиот левел дизајн и денес се држи солидно. Не мора ни да си носталгичен за Quake за да ја препознаеш креативност, еве јас немам некои чувства за кецот што ги влечам од порано. Некои од мапите поради технички органичувања можеле да вклучат само одреден број на непријатели, затоа повеќето се ко сунѓер за твојата артилерија, ама во ниеден случај нема да се осетиш дека фали нешто или па дека има вишок. Одлично е осмислено. Буквално три секунди не си раат, темпото е брзо и напнато без разлика дали трчаш низ мапа со 15 или 75 непријатели.
Новиот 3Д енџин овозможил вертикалност која отсуствува од Doom и Wolfenstein 3D, a Ромеро и тимот го црпат максимумот од дополнителниот простор. Посебен предизвик се и тајните скриени наоколу, а некои од мапите имаат и алтернативни, неочигледни излези за кои исто треба да се помачиш. И од ова е евидентно дека комплетно се забавувале додека го граделе светот. Quake го охрабрува и наградува истражувањето на секое ќоше. Откако ја завршив кампањата подостанав малку за да се шуњам и да видам што скриено ќе успеам да најдам.
Кампањата е кратка, па ги изиграв и двете експанзии оригинално објавени во 1997, Scourge of Armagon и Dissolution of Eternity. Милина. Има уште две понови од пред некоја година, тие ги оставив за кога пак ќе ми дојде апетитот за ваков автентичен "бумер шутер". Може ќе биде за некој саат или за некоја година, ама ме чека цело попладне официјална Quake содржина која ќе ми биде комплетно нова. Веројатно ќе ја седнам и Quake II во блиска иднина, ја немам пипнато од ПлејСтејшн кец, а таман е ремастеризирана и таа од лани.
Види такоѓе: