Како да не се израдувам на нов научно-фантастичен филм што не е адаптација, римејк, продолжение или од оние петпарачкине што се штанцаат за стриминг сервиси, а само постерот им е убав? Уште се ретки ваквите оригинални блокбастери, ама мислам дека конечно се ослободува некој поширок простор за нив во престојниот период. Популарноста на стриповските адаптации е во слободен пад, други франшизи се предмет на потсмев, па веројатно нема подобро време од сега за студијата да се пробаат со нешто ново.
The Creator е еден од малкуте такви "големи" филмови од 2023 и првиот на Гарет Едвардс после Godzilla и Rogue One каде што има прилика да го презентира капацитетот како режисер и сценарист, независно од некој веќе постоечки изворен материјал. Но, иако The Creator ми беше позабавен од неговите претходни филмови, некако ме остави рамнодушен и со желба за поквалитетна реализација. Опиплив потенцијал, ама нешто се скурцало по пат.
Филмот изгледа одлично, меѓутоа тоа му е единствената силна страна. Едвардс има осет за естетика, неизмерна фасцинација со ниви и вештина да ја направи секоја сцена визуелно привлечна. Од технички и режисерски аспект, The Creator е сигурно еден од поубавите филмови што сум ги начекал во последниве години. Голем дел е сниман на повеќе локации низ Тајланд, некогаш и герилски со природно осветлување, па многу од сцените изгледаат органски дури и кога се полни со очигледни компјутерски генерирани елементи.
Снимано
е на осумдесетина локации низ цел свет. Наместо да градат сетови или да
тегават актери на гринскрин, некако пресметале дека е поисплатливо да
се снима со мала екипа на вистински локации и после да ги лепат
ефектите. Буџетот бил лимитиран, а некако успеале да го постигнат ова со
три пати помалку пари одошто вообичено би коштало за проект од ваков
размер. Стварно изгледа многу добро и тапа е што освен тоа едвај и да
има нешто друго со вистинска вредност. Можни се спојлери понатаму.
Приказната би можела да е многу едноставна, ама The Creator упорно прави напор за беспотребно да ја искомплицира. Напредна вештачка интелигенција ќе го рокне Лос Анџелес со нуклеарка на што Западниот свет ќе се спротивстави и ќе почне конфликт со Нова Азија, сојуз од неколку земји кои одбиваат да се одвојат од нивните роботски сограѓани. Целта на американската армија е да го уништи Нирмата, мистериозниот творец на напредната технологија која наводно може да ја заврши војната, меѓутоа од сам старт буквално никаде не успеав да најдам смисла.
Никогаш
ниту еден мотив не ми беше јасен, освен секако оној на главниот лик кој
само сака да си најде фамилијата. Не разбрав како точно функционира
светот, дали групите кои војуваат имаат некоја повисока цел, кој точно е
во право и дали филмот озбилно се обидува да мудрува правејќи некаква
аналогија со американските воени интервенции на Истокот? Не разбрав
зошто толку напредни роботи живеат заедно со луѓе бездомници, зошто има
роботски еквивалент на тибетански монаси и која е општествената
придобивка од оваа вештачка интелигенција ако светот е генерално полош?
Нема леб да јаде, запнал роботот да го брани.
Ништо
нема логика, ама претпоставувам дека сите овие работи му изгледале
естетски кул на Гарет Едвардс. И, да - визуелно се супер, како некое
чудно аниме да оживеало пред тебе, ама стануваат поглупи колку повеќе ги
мислиш. The Creator нафрла еден куп визуелни парчиња, меѓутоа
сами по себе се шупливи или барем Едвардс не знае да ги искористи како
јазик со кој невербално ќе раскаже приказна која ќе му даде некој слој
повеќе на општиот сетинг. А, ако го одвоиш светот од самото сценарио ќе
приметиш дека не се ни лепат едно со друго којзнае колку.
За нешто што настојува на оригиналност, нема ниедна своја ствар која би му овозможила некаков уникатен наративен идентитет. Малтене цел филм го имаш гледано претходно само со различно име. Во секоја сцена имаше шанса да ме изненади, а упорно предвидував што ќе се случи. Дијалозите страдаат од истото, некогаш буквално можеш да стопираш и да ја погодиш следната реченица. Често пати и темпото е промашено, па ќе ти фрли информации кои не се битни за понатаму, а некои работи се случуваат само затоа што мора да прешалта сцена и да ги однесе ликовите на следната егзотична локација.
The Creator сака да прогледаш низ многу работи, а не нуди ништо за возврат освен убавата естетика. Ако воопшто можам да речам дека вреди за гледање, тоа би била една од двете причини. Другата е што не е уште еден наслов во изморена франшиза иако нешто не се прекршува да биде интелектуално поразличен од таквите. Штета. Има тема што може да ја третира многу попровокативно и проникливо, ама веројатно во обид да се доближи до поширока публика се одлучува да биде мрзлив, досаден и постојано предвидлив.
No comments:
Post a Comment