December 28, 2022

Диемзи

Имам непријатни флешбеци од таа првата Call of Duty: Warzone. Малку од првиот локдаун во 2020, малку од едноцифрениот фрејмрејт што го овозможуваше мојот тогашен хардвер. Сепак, беше крајно забавно бетл ројал искуство, веројатно меѓу последните такви пред жанрот да спласне на неколкуте наслови што и денес се доминантни. Пред некоја недела излезе Warzone 2.0 и еве седум-осум души екипа на Crapwerk дискорд серверот уште голтаме барут и прашина низ Ал Мазрах откако првпат репетиравме таму.

Покрај стандардниот бетл ројал, Warzone 2.0 дојде спакувана со нов мод - DMZ. DMZ е практично поаркадна варијанта на Escape from Tarkov, каде што шеесет играчи поделени во тимови по тројца сте фрлени на огромна мапа на која се шири радијација и треба да извршувате разни мисии пред да здувате на една од трите достапни ексфилтрациски локации. На мапата има расфрлано и ботови што исто доаѓаат во групи, па секој чекор што го правиш треба да ти е тактички обмислен зошто може да ти свирнат куршум во чело од било кое ќоше. 
 
 
А, ако умреш пред да го фатиш хеликоптерот што ќе те однесе на безбедно, ја губиш целата опрема и оружја што си ги собрал таа партија. Мисиите ги добиваш и избираш претходно, овозможуваат прогрес низ играта, меѓутоа Ал Мазрах нуди и еден куп попатни кои ги правиш за да присобереш некоја пара да не си гол и бос, а и зошто е едноставно премногу забавно. Можеш да спасуваш заложници, да рушиш авиони со против-воздушен систем, да бараш радиоактивни куферчиња со гајгејров бројач, да минираш кутии со ресурси, да елеминираш непријателски тим на играчи и други слични воени операции со речиси филмски пропорции. 

Предобро е. Таман сте успеале да соберете доволно од ретките медицински ресурси низ огромната мапа и ќе ве рокнат непријателски играчи пред да се качите во хеликоптерот, па ќе ве соголат до последен куршум. Да, кога ќе покосиш друг играч, можеш да му буричкаш низ ранецот и да си послужиш со тоа што ќе го најдеш таму. Некогаш ќе налеташ на некое добро оружје и брдо кеш, некогаш на слика од куче, ама на крај најважно ти е што на мапата сега има еден човек помалку. Играта има вградена гласовна комуникација, па некогаш можеш и да го слушнеш противничкиот тим како писка доколку се во непосредна близина. 
 

Ал Мазрах е одлично дизајнирана мапа за една ваква тактичка игра. Дури има и некои локации што може и ќе ги препознаеш од постарите Call of Duty игри. Има и цела мисија базирана на контроверзната "No Russian" од оригиналната Call of Duty: Modern Warfare 2. Не можеш цело време пешки да шпарташ, па достапни ти се различни возила, чамци и хеликоптери, а има и воз што кружи низ голем дел од мапата каде што обично е журката на која интензивно се разменува оган со непријателски играчи. Возот има кутии со опрема и оружја, па функционира на "прв дојден, прв услужен" принципот со тоа што вториот дојден често може да биде пречекан со рафален истрел од соседното купе. 

Партиите се кратки и баш тоа е најдоброто во DMZ. Не мораш да главиш долго освен ако некоја мисија не го налага тоа, ама отприлика за максимум дваесетина минути би требало да си на безбедно или вознемирено да урлаш на микрфон со другарите среде ноќ зошто ве потепале. Радијацијата на мапата се шири брзо откако ќе отчука тајмерот, така што на крајот се случува да треба да трчате кон последната локација на која слетува спасувачкиот хеликоптер. А, не си ни тогаш целосно безбеден, се случувало да се млатиме со последните бомби веќе полетани.
 

Мало невнимание може да те кошта многу во DMZ, а некогаш уште се трудам да се навикнам дека играм многу потактичка игра од сличните вакви. Некогаш ќе претрчаш без да ја провериш околината и ќе изгинеш од снајпер или ќе те прегази оклопно возило, ама забавно е. Мисиите стануваат многу потешки понатаму, па затоа е најдобро да си имаш тим од другари што ќе ти помагаат. Не сите играчи со кои случајно си во ист тим ги имаат истите мисии или се расположени да ти помогнат, а DMZ не е баш аркадна соло авантура каде што лесно можеш да преживееш сам. Некој треба да те крене кога ќе ти свирнат куршум меѓу очи, а друг треба да ја обезбеди локацијата за да не се вратите сите во лимен сандак на главното мени.

Кога сме кај главното мени, не можам да не спомнам дека играта го има најлошиот дизајн на мени што било кога сум го видел. Пре би избрал да заглавам во вистинска верзија на гулагот од бетл ројалот отколку да треба да навигирам низ овој очаен изговор за кориснички интерфејс. Разбирам дека DMZ е уште во бета, разбирам и дека е бесплатно целово ова, ама повеќе личи на онлајн казино отколку на мени за игра. Настрана тоа што на секој втор клик пробува да ти продаде нешто, туку некогаш не можеш да смениш ни оружје зошто упорно те враќа на главното мени. Самата игра и нема некои критични багови, ама серверите се некогаш толку нестабилни што едноставно само еден од тимот ќе го испратат надвор од партијата, заедно сосе предметите за мисијата и склопените оружја. 
 

Сепак и покрај проблемите што ги има, DMZ ми е најзабавната друштвена игра во моментов. Дури и во оваа состојба концептот функционира феноменално. Ниедна партија не е иста со претходната, има доволно различни мисии за да не ти се смачи брзо, а и бесплатна е за играње така што освен нерви, трпение и слободно време, не губиш многу. Радо би ја играл и обичнава нова Call of Duty, ама па не ми се даваат милион и пол илјади евра за неколку саати кампања и мултиплеер кој сигурен сум дека нема да ми биде толку интересен како DMZ. Тоа може таму за дваесетина години кога ќе биде на 30% попуст.

Warzone 2.0 има и кросплеј, така што не е битно на која платформа ќе ја натаманиш, пак ќе можеш да си играш со другарчињата. Баш ми требаше нешто вакво за распуцавање и дојде во моментот кога се оштрев за Warhammer 40,000: Darktide што ете испадна срање на рилис, па ја оставам за некое подобро време. До тогаш се надевам дека и оваа малку ќе ја потспастрат, ако ништо друго барем серверите малку да се постабилни. Не се случува често, можеби една од дваесет партии, ама никој не сака полиција на врата во сред ноќ за нарушување на јавен ред и мир.

Види такоѓе:

December 1, 2022

Не можам да ја изгасам Against the Storm

Изгледа ја најдов најзаразната игра од 2022. Against the Storm се појави во early access на Стим пред месец дена и од тогаш не можам да прекинам да ја играм. На прв поглед изгледа како стандардно градење на град и одржување на општество во живот, меѓутоа има толку многу слоеви под тоа што ја прават една од најуникатните во жанрот. Баш бев распиштолен во Cities: Skylines тие денови кога излезе и намерата ми беше да пробам набрзинка демек нешто слично, па да се вратам назад во урбаниот кошмар што често ненамерно успевам да го создадам таму.

Не ја пуштив Cities: Skylines од моментот кога ја купив Against the Storm. Прво што ќе те дочека во Against the Storm е еден исклучително префинет шаренолик амбиент, со прекрасна хипнотичка музика и дожд што постојано врне. Тоа е и приказната всушност, ја шириш сопствената база во поголемо општество за да собереш доволно симпатии од мистериозната Кралица, а и главни ресурси за тоа што преживеало од кралството. Играта е сместена во фантастичен пост-апокалиптичен свет кој е оптеретен од голема бура која доаѓа на еден циклус. Таков еден циклус е преведен во неколку партии кои можеш да ги играш на процедурално генерирана мапа составена од различни биоми, исто така процедурално генерирани. 

Оттаму доаѓа и тој roguelike момент врз кој Against the Storm се потпира смело. Речиси сите елементи се различни секоја партија и секој циклус. Никогаш нема да го играш истото, а стратегијата ќе ја прилагодуваш за условите кои ти се овозможени. Повторно го градиш твоето гратче кое треба да преживее низ неколку сезони исполнети со различен интензитет на дожд, меѓутоа природните ресурси на моменталната мапа никогаш нема да се истата комбинација. Некогаш ќе ти фалат камења, следен пат месо, жито или некое друго такво неопходно за развој и ќе си приморан да импровизираш крпеници. Повремено играта ќе ти понуди и некој од многуте модификатори кои дополнително ќе ги усложнат условите на самата мапа.

Една партија може да трае од триесетина минути до неколку часа, во зависност од која тежина си ја избрал и какви услови ти понудил извесен биом во тој момент. Некои ги играш со денови, не е секоја за едно седнување. Играта има еден главен штос за победа, односно комплетирање на еден биом од мапата - исполни го индикаторот за репутација пред да се потроши индикаторот кој го означува трпението на Кралицата. Доколку Кралицата го загуби трпението, те повлекува и губиш. Доброто е што и кога ќе изгубиш, пак добиваш некакви поени за дрвото на таленти кои општо ти влијае на целата игра.

На почетокот си пуштен среде шума опколена со ледини обвиени во магла кои се кријат зад дрвјата. На твојата стартна ледина имаш неколку случајно распределени ресурси. Бидејќи секогаш ти фали некаков ресурс, идејата е да ги сечеш дрвјата до соседната ледина каде што и го шириш гратчето со надеж дека ќе најдеш нови ресурси. Меѓутоа, со секое отварање на нова ледина го "будиш" гневот на шумата која предизвикува страв кај жителите. А, ако се тие несреќни, несреќна е и кралицата. Не секогаш затекнуваш само ресурси на новата ледина. Некогаш ќе отвориш и некаква опасност што дополнително ти ја комплицира играта, па ќе мораш брзо да се справуваш и со тоа. Има еден куп такви и никогаш не знаеш што точно ќе ти се падне.

Како дополнителен заеб, ги немаш ни сите градби на располагање, освен тие кои служат за преработка на најосновните ресурси. А, бидејќи постојано треба да врзуваш различни продукциски синџири, секогаш ќе си без некоја градба или ресурс. Градбите се добиваат со исполнување на одреден степен на репутација, а тоа го правиш на неколку начини. Јас до сега воглавно се фокусирав на кревање репутација и победа преку комплетирање на нарачки од Кралицата. Повремено добиваш нарачки да собереш одредена количина на ресурси, да го одржиш задоволството на жителите на одредено ниво, да отвориш и исчистиш неколку ледини... има многу, а и тие се процедурално изгенерирани и различни.

Мораш да се адаптираш брзо ако сакаш да преживееш. Играта иако е бавна и лежерна, постојано мора да микроменаџираш, да се погрижиш да имаш доволно ресурси за градење, за комплетирање на нарачки и да бидат сите среќни и во хармонија да киснат на дождот. Жителите се четири различни раси со различни потреби и вештини. Некои сакаат одредена храна, други имаат потреба од едукација, трети се по пиво и религија, а ти треба да се погрижиш да бидат што позадоволни за да не го напуштат градот. Секоја раса има десетина вакви потреби, па јас обично се фокусирам да ги задоволам тие што се заеднички за неколку. Не може сега секој да е среќен дур копа гладен по рудници.

Ако некој ресурс воопшто не постои на мапата, а тоа се случува често, треба да се фокусираш на економија за да тргуваш, а дури и трговецот кој на извезен временски интервал доаѓа во гратчето носи ресурси што секогаш се различни. Некогаш ќе немаш ни што да смениш, па ќе се обидуваш да преживееш на други начини. Добрата работа е што некои покомплексни ресурси можеш да ги произведуваш со комбинација од неколку основни, ама тие некогаш се оскудни. Уште подобро е тоа што колку и кубуриш за ресурси, ретко ќе се најдеш во непобедлива партија. Единствено што треба да правиш во тие моменти е да си ги зајакнеш менаџерските способности и да измислуваш нови стратегии. Знае да стане многу напнато и попредизвикувачки, а тоа е една од најсилните страни на Against the Storm.

Затоа и ја засакав толку бргу. Настрана тоа што е преубава за гледање и слушање, има фасцинантни системи и механики. Не сум ги сретнал во слична друга ваква игра. Настрана брлавштинине ко Dwarf Fortress и RimWorld сега, во овие "пообичните" билдери што сум ги играл не биле толку детални. Ова е масивен испреплетен механизам каде што секоја ситница има некаква улога во него и не можеш ништо да предвидиш, ниту да настапиш со почетен стандардизиран план. Со секоја партија те изнадува со нешто ново, учиш некакви нови штосови и идеи за стратегија, па дури и елементи од корисничкиот интерфејс што претходно не си ги разбрал во целост.

Иако Against the Storm е уште во early access, изгледа покомплетно од многу други "готови" игри што ќе ги сретнеш. Ваква да ти ја продадат нема да приметиш дека играш нешто што активно се развива. Тимот е мал, пет луѓе вкупно ја работат, а вадат по некоја нова ствар на секои две недели без да го нарушат на балансот на тоа што постои моментално. Едвај чекам да видам што е следно. Совршена игра за грозна ладна зима, таква е удобна како топло ќебе. Се надевам дека кога ќе ми смачи ќе бидат излезени тие неколку наслови од жанрот што ги чекам, како Pharaoh: A New Era, Terra Nil и City of Atlantis.

Види такоѓе: