July 22, 2022

Првите мали чекори во No Man's Sky VR

Објавувањето на No Man's Sky во 2016 ќе биде запамтено како едно од најскандалозните во поновата историја. Нешто слично како со Cyberpunk 2077 подоцна. Очекувањата од амбициозните ветувања не беа изедначени со реалната слика, па играта за брзо навлече негативен публицитет и некако ми ја снема од радарот. Престанав активно да следам што се случува со No Man's Sky, ама повремено низ годиниве ќе ме пресретнеше некоја информација дека Hello Games активно работат на разни подобрувања. Сепак, со одамна загубениот интерес, не се ни потрудив да видам што се.

Деновиве решив да дадам шанса на VR верзијата на No Man's Sky. Ми се играше нешто што е повеќе од техничко демо за капацитетите на виртуелната реалност како медиум или кратко полуинтерактивно искуство, па NMS како целосна игра ми се виде како добра идеја. Не знаев што да очекувам од играта денес, не знаев што точно е подобрено и сменето, зошто никогаш не ја ни пробав до сега. За среќа, малку имав и подзаборавено што воопшто требаше да има на денот кога излезе, а го немаше.
 

Па, така со никакво предзнаење го ставив хедсетот на глава и кликнав. Она што најмалку го очекував е дека ќе ме пречека игра што е комплетно создавана за виртуелна реалност, наместо продукт што е само малку прилагоден да функционира со таков хардвер. Се најдов на некаква шарена живописна планета каде што првото нешто што требаше да го направам е да си го поправам бродот со кој се испостави дека треба да се одвозам на друга планета. Не знам дали оваа прва мисија секогаш се случува на истата планета или навистина функционира нелинеарно, ама не ни имав многу време за размислување бидејќи No Man's Sky за само неколку минути успеа да ме внесе во овој нов свет и да ме "исклучи" од околината во која ми се наоѓаше вистинското физичко тело.

Планетата беше многу поопасна одошто изгледаше. Многу малку време пројдов во шетање и разгледување пред да ме нападне локалната фауна. Вооружен само со мало пиштолче што е ласер кој го користиш воглавно за рударење, морав да пукам во сè што изгледаше дека се обидува да ме претвори во оброк. На планетата ме стемни додека барав материјали за бродот и играта паралелно ме "учеше" како всушност треба да ја играм. Научив како да избегнувам конфликти со населението, научив како да преживувам надоградувајќи си го скафандерот и за кратко време веќе бев спремен за следната дестинација.

Она за кое што не бев спремен е тоа што морав рачно да одлетам со бродот. Тука и ми текна дека добар дел од гејмплејот на No Man's Sky е таков тип на истражување. Се најдов во среде вселена, малку испаничен од неможноста прописно да го управувам бродот. Сигурен сум дека е многу полесно со тастатура и маус или контролер, ама кога треба да го возиш со две раце и немаш осет за колку брзо може да лета, лесно ќе заглавиш во црна темница со само ѕвезди околу. Среќа, добив координати за следната дестинација. Знаев кај треба да одам, само што уште се борев со командите на бродот, па пројдов некое време во избегнување на поле со астероиди. Звучи лесно и возбудливо вака теоретски, ама престанува да е забавно кога ненамерно ќе се треснеш во неколку лебдечки камења. 

Ја најдов планетата каде што требаше да слетам и тука дојде нов проблем. Треба да слеташ мануелно. Иако има копче со кое бродот ти слетува на површината, треба да си доволно ниско позициониран за да можеш да го активираш. Во неможност да се наместам толку ниско каде што сакав, решив да ја тестирам издржливоста на бродот и да се сринкам во земја. Ако постоеше некаква лиценца за пилотирање во No Man's Sky ќе ја изгубев во тој ист момент. Бродот не беше многу оштетен, па мисијата можеше да продолжи на нога.

Иако новата планета беше визуелно многу попријатна од претходната, сфатив дека ме убива радијација. Целата планета е радиоактивна, па мораш да вадиш натриум од растенија за скафандерот што те штити. Таман мислев дека сум се спасил, почна некоја бура што скафандерот едвај ја издржуваше. Морав да најдам засолниште, а бев предалеку од бродот без никаква пештера или слично околу мене. Цел препотен, сконтав дека можам да преживеам доколку собирам натриум и го одржувам скафандерот над 50%. Немав престава каква напната авантура ќе е тоа. Бурата не траеше долго, ама буквално морав да трчам околу, да скенирам растенија за натриум и да се надевам дека ќе можам доволно брзо да го користам.

Натриумот не функционира автоматски. Мора со десната рака да кликнеш на едно мени што се појавува од левата, па да избереш каде сакаш да го ставиш и што да подобриш. Звучи лесно во нормални услови, но не и кога треба да бегаш од бура додека со десната пукаш во нови опасни животни што некако не сакаат да си им таму. Мисијата ја продолжив со тоа што ги собрав материјалите за следните надградувања. Сега имав и нов ласер што копа под земја каде што се наоѓаат металите што ми се потребни. Имав и нов визир за дополнителни анализи и скенирања на површината на планетата кој се активира многу кул во VR. Левата рака буквално ја ставаш до глава и кликаш. Ситен детал е, ама е многу ефективен и само дополнително те внесува во светот.

Требаше да најдам бакар, ама таму каде што покажа скенерот беше невозможно да се стигне. Пробав да искачам некоја планина, ама како што се искачував сфатив дека сум на сосема друга страна од таму каде што покажа скенерот. Ме фати црна темница и нова бура, радијацијата веќе сериозно ме јадеше, па морав да се симнам и да барам натриум додека одам назад кон бродот. Тука ми стана јасно дека скенерот работи малку поинаку одошто мислев. Преноќив во бродот и продолжив кога се раздени.

Сериозно добро VR искуство. Не очекував дека толку ќе ме привлече. Сакам игри со отворени светови и овој е прв ваков во кој стапнав со хедсет и два контролери во рака. Следниот ден веќе лоцирав бакар. Ми се отворија нови работи што можев да ги градам, па играта ме научи како да изградам база што ќе ме штити од бури, радијации и опасниот див свет околу. Сретнав и (веројатно) некои други играчи што прелетаа на мене, ама не успеав да стапам во контакт. Ужасно изградената "база" пола штрчеше од еден рид. Не знам да градам ништо во вакви игри, ете Valheim е жив пример, ама можам да склопам некаква коцка со врата што ќе ми биде засолниште од неприлики.

Со малку поголема самодоверба дека сум ги разбрал основните механики на играта, решив да го препаркирам бродот од каде што беше несмасно закотвен нешто подалеку од базата. Очигледно управувањето уште го немав совладано, па некако се најдов надвор од атмосферата на планетата додека некаде во далечината се изгуби и маркерот што ја означуваше локацијата на мојата прекрасна база склопена од четири дрвени ѕидови и крив покрив. Бидејќи не сакав времето потрошено на тој мал привремен дом да ми биде залудно, решив да се вратам назад и се паркирам малку подобро. 

Не можам да избројам колку пати ненамерно ја прелетав локацијата каде што сакав да слетам. Точката на очај ја достигнав кога случајно влетав во некоја огромна пештера и дваесет минути не можев да излезам од таму. Бродот се удираше од ѕид во ѕид, верглаше во место и додека се мачев да маневрирам си ја треснав раката во нешто тврдо од вистинскиот свет околу што не го гледав од хедсетот. Не ни знам што беше точно. Ѕид, паркет, биро, ограда од тераса? Не ни можев да знам каде сум точно во просторијава. Не се потрудив да дознаам, имав брод за вадење од пештера.
 
За жал, не би можел да се пофалам дека го препаркирав нешто подобро од претходниот пат. Сега е заглавен во некои гломазни растенија нешто поблиску до базата, ама барем не скапува во мрачна пештера. Тука продолжив со нови надградби, отклучив некои нови материјали и сега ми останува само да ја следам мисијата што играта ми ја нуди и надежно да одлетам на некоја помалку радиоактивна планета. Техничките надградби ги наоѓаш закопани под земја, најдов и некакви остатоци од друга цивилизација, така што станува многу поинтересно и интригантно како што повеќе играш. Едвај чекам да видам што друго ќе ми открие No Man's Sky.

Не знам каква е играта во нејзината обична верзија, ама мислам дека не би можел ни ја пробам таква. Целиот грајнд ми личи дека е многу позабавен во VR, многу полесно се внесуваш во некои едноставни механики како рударење минерали или растенија, а сигурно нема исто толку гласно да се издерам кога ќе ме изненади некое џиновско територијално суштество од зад грб. Ова ми требаше во VR и дојде баш во период кога се пожалив дека квантитативно нема содржина за играње. No Man's Sky личи како да нуди многу, а сигурен сум дека едвај ја гребнав површината. 

July 18, 2022

Tetris Effect во VR

По дефиниција "Тетрис ефект" или "Тетрис синдром" е она што ти се случува кога толку многу време и внимание имаш потрошено на некаква активност, што неконтролирано ти се окупирани мислите, па и соновите од тоа. Често се случува и кога си во полусон, додека се мачиш да заспиеш. Терминологијата секако доаѓа од Tetris, меѓутоа можам да ти потврдам дека важи и за други игри, пример ако си играл World of Warcraft неприкнато цела недела, знаеш дека кога ќе ги затвориш очите во кревет ти излегуваат полигоните на шумата во Ешенвејл. Или кога си играл шах цел ден и после мозокот ти ги "преигрува" потезите. Не ни знаев дека имало дефиниција за ова.

До викендов Tetris немав допрено веројатно откако се појавија смартфони. Тогаш и го снема сивото "гемче" што скоро две децении беше составен дел од сечиј тоалет. Технологијата од тогаш значително напредна. Како таа за на шолја, така и онаа што воглавно се користи во други простории, па веќе неколку месеци поседувам хардвер за виртуелна реалност, поточно Samsung Odyssey+. Не го користам толку многу колку што сакам, најмногу поради тоа што во моментов има некои содржински ограничувања, ама вака повремено ќе начекам нешто што комплетно ќе успее да ме измести. 
 

Тетрис во виртуелна реалност баш и не звучи како најпривлечно гејмерско искуство. Ќе си речеш се знае кај се игра ова - десетина години во минатото. Но, Tetris Effect е многу повеќе од класичната игра и тоа ти станува евидентно во моментот кога ќе ти почне првото ниво од вкупно триесетина. Воглавно играш обичен тетрис, меѓутоа опкружувањето е еден крајно ефективен психоделичен хиперпростор поткрепен со соодветна музичка подлога која буквално ти гаси одредени перцепции и ти дозволува да се фокусираш исклучиво на редење тетромини. Немав претстава колку вакво нешто може да делува медитативно и смирувачки. Дури и кога нивото забрзува и буквално ти се трупаат формите на куп, пак успева да те држи присутен.

Околината тематски варира на секое ниво. Некогаш "патуваш" низ пустина со спектрални камили која наеднаш се трансформира во површината на Месечината, па си на планина која те носи низ поларни светлини, пливаш со делфини и китови. Често ритамот на музиката ќе се порамни со брзината на тетромините, додека околината се прелева во нешто друго, па мораш брзо да се адаптираш ако сакаш да ги исчистиш линиите потребни за следното ниво. Сè е така пријатно синхронизирано со звуци, бои и облици и одлично балансирано за да те држи фокусиран, ама без да те фрустрира.
 
Не секој амбиент е толку реклаксирачки секако. Некогаш Tetris Effect ќе те пројде низ неколку анкциозни нивоа каде што тензијата ќе ти ја напумпаат огнови и племенски пеења, а некогаш ќе си дел од џиновски механизам со запчаници. Не е сè толку мазно при возењето, ќе ти шкрипи главата малку, ама сепак на крајот ќе се отштекаш задоволен и растеретен. Допаминскиот ефект од чистење линии во "традиционалниот" Тетрис е очигледно многу поинтензивен кога е придружуван од ваков аудио-визуелен спектакл.

Ми требаа околу три саати да го завршам тој Journey mode во Tetris Effect, што е практично сингл-плеер мисијата. После тоа можеш да ги играш сите нивоа и неповрзано и сам да си местиш тежина. Неверојатно добро. Освен неколку кратки паузи за да си избришам пот од чело, не ја сопрев играва и едвај чекам да ја играм пак. Има дури и некаков мултиплеер, ама тоа во моментов не ме интересира. Очигледно заборавив кaква зараза е Тетрис како игра. Се навлеков на ова во 2022. Сега ќе мора да си набавам онакво сиво "гемче".

Tetris Effect е достапна и во "обична" варијанта. Можеш да ја играш и без VR хедсет, ама не верувам дека тоа искуство ќе биде нешто многу поразлично од само шарен Тетрис. Музиката и визуелизациите се истите, ама тврдам дека ефектот е друг кога ја "губиш" вистинската околина и амбиентот те впива од сите страни. Не сум играл ништо слично на ова. Од истите фаци одговорни за Tetris Effect е и Rez Infinite, па тоа ми е следно на список. Се гледа колкав труд е вложен во ова, морам да видам што друго имаат направено.

Со муабетов мислам дека конечно го скршив мразот за пишување на тема виртуелна реалност. Изминативе месеци пројдов повеќе наслови што ете некако не се најдоа на Crapwerk, ама со оглед на тоа дека периодов најдов некои работи што ме завлекоа како никогаш порано, може и да се напише еден мал серијал на постови. Имам работи за зборување околу Half-Life: Alyx, Star Wars: Squadrons, Pistol Whip и други игри, така што ќе има прилики.

Види такоѓе:

July 10, 2022

На никој не му е гајле за Jurassic World Dominion и онака

Мислам дека никој не ја заборавил Jurassic Park франшизата, само што сите престанаа да се замараат. Имам впечаток дека интересот за овие филмови е привремен, односно околу датумот на нивната премира. Ретко ќе сретнеш некој возбудено да го очекува следниот Jurassic World филм или да се сеќава на името на ликот што го глуми Крис Прет. Ова маргинализирано присуство на брендот во денешниот мејнстрим најмногу се должи на претходните два филмови. Jurassic World беше практично римејк на оригиналниот Jurassic Park само далеку посув и поглупав, додека Jurassic World: Fallen Kingdom безуспешно се обидуваше да биде иновативен правејќи само погрешни чекори. Веројатно одговорноста за нарушениот имиџ на франшизата е повеќе кај вториов.

Jurassic World Dominion некако успева да ги заобиколи грешките на претходниот, но истовремено воведува еден куп свои кои не му дозволуваат да го истакне забавниот фактор кој можеби лежи закопан некаде во приказната и презентацијата. Уште од самиот почеток филмот не нуди многу логика на која го базира она што се стреми да го раскаже. Диносаурусите сега некако се рашиле низ цела планета и се очигледен проблем за човештвото кое едвај се справува со нив. Како прво, од каде толку многу динасуруси за толку кратко време, а како второ зошто нема војска насекаде да ги лови? Ова не се животинчиња што се природен дел од екосистемот, туку опасни предатори создадени од приватна компанија кои роварат наоколу.

Дури и да успееш да го голтнеш ова како појдовна точка, Jurassic World Dominion не станува подобар од иницијалната идеја. Барем е конзистентен со нешто, ретко да начекам филм што вака смело тера со истото лошо темпо. Морам со ситни спојлери понатаму, ама не верувам дека се страшни и дека некој сериозно смета дека деталите од ова фијаско би можеле да му го нарушат уживањето. Најголемиот проблем на филмот е што се обидува да биде четири различни филмови истовремено, напукани еден во друг. Почнува цели 40 минути со намера да најави неколку паралелни приказни и групи на ликови кои реално немаат причина да се најдат на исто место и исто време, освен за да ја мрднат главната напорна приказна од точка А до точка Б. Сигурен сум дека доколку Dominion се фокусирал на една или две приказни, таа забава што е можеби некаде скриена би дошла до израз.

Ликовите на Крис Прет и Брајс Далас Хауард се обидуваат да врзат некои глупости од минатиот филм, клонирање на луѓе и други непотребни ексалирања на приказна чиј распон можеше да биде многу поскромен, додека триото од оригиналниот филм е на сопствена досадна мисија. Во свет каде што диносауруси газад по Земјата, имаш злобна корпорација која вештачки создала џиновски скаклулци што го јадат житото што не е произведено од нив и сега светот е пред глад и колапс... Мислам, ако воопшто го разбрав ова во целост. Ти шетаат диносауруси низ цел град, а сега ќе нема ни храна? А, клучот на сето ова е лик од минатиот филм што воопшто не ни требаше да постои? Глупаво и нема никаква смисла.

Очигледно Колин Треворо низ неколку филмови не успева да сконта што го прави Jurassic Park толку ефективен и забавен. Не само поради чувството на авантура, туку и факторот на изненадување и мистерија што доаѓа од фактот дека во денешно време постојат живи диносауруси скриени таму некаде. Нивната интеракција со луѓето, како ликовите реагираат на нив, целата таа возбуда и изненадување, бројните прашања и дилеми што ако се измешаат со луѓето. Прашања чиј изоставен одговор ја прават целата тензија и мисијата на ликовите многу поефективна и интересна. Кога ќе ги расфрлаш компјутерски-генерираните диносауруси насекаде и буквално не поминуваат ни пет минути без некој од ликовите да се сретне со нив, се губи целата магија и восхит.

Ниту самите диносауруси се конзистентни во нивното однесување и кој како реагира на нив. Некогаш се како диви коњи што Крис Прет ги лови со ласо, некогаш се неуморни џукели што лаат и бркаат мотори во урбана средина со километри без престан. Леснотијата со која ликовите се справуваат со нив одзема од тензијата која понатаму филмот сака да ја наметне. Сега, се справија со десет диносауруси, еден малку поголем не може да изгледа како ненадминливата опасност со која се соочени. Невозможно е. Мора да поставиш некои правила за да знаеме во која ситуација да се грижиме. Затоа единствената добра сцена во филмот е кога ликот на Брајс Далас Хауард се крие од џиновски диносаурус во вода. Сцената успешно создава непријатност од интеракцијата меѓу луѓе и вакви ѕверови што е карактеристична за оригиналниот филм и ефектот е очигледен. Малку поумерено присуство на диносауруси ќе беше далеку подобро, ама за тоа треба да разбереш што функционира, а што не. 

Но, поради тоа што диносаурусите се постојана закана за ликовите што е некако многу штуро презентирана, сцената со "главниот" опасен диносаурус е речиси без никаков ефект. Кога низ цел филм многу лесно се ослободуваат од што и да ги демне, нема никаква причина да веруваш дека следниот диносаурус ќе претставува било каков значителен проблем. Тука е само за уште една досадна сцена. А, кога сме кај досадни сцени, не можам да ги заобиколам Сем Нил, Лора Дерн и Џеф Голдблум. Нивниот придонес во Dominion нема никаква разлика. Дали ќе беа сите тројца или само еден или па сосема друг лик, филмот ќе се одвиваше идентично. Не само што нивните сцени се лошо напишани, туку и самите актери не ги глумат истите ликови од претходно. Без никаков труд. 

Едно е да го гледаш Алан Грент, друго е кога ќе видиш како Сем Нил дошол да тезгари и да си оди дома малку побогат. Франшизата е уште со "свеж" наслов, благодарејќи на нанадминатиот квалитет на Jurassic Park кецот, за да би можела да се шлепа на носталгија од ваков тип. Реално, тие ликови се најефикасни во склоп на нивните филмови и приказни. Кога ќе ги извадиш надвор од таа рамка без некоја добро смислена наративна причина, ти остануваат само актерите што се "преправаат" дека се тие. 

Сепак, очекував да гледам глуп филм. Тоа и го добив. Ако се наштимаш доволно добро со расположението, може и да извлечеш забава додека ги броиш сите глупости што ќе ги сретнеш тука. Ако бараш интересен филм со диносауруси, има два-три подобри филмови во целата франшиза. Ако следиш некаква приказна што е заеднича за целава нова трилогија, не постои такво нешто. Мислам дека реално толку и може Jurassic како концепт. Освен првиот филм, остатокот е вишок. Едноставно приказната е таква, капацитетот е премногу ограничен за да можеш да ја цедиш без да изгуби добар дел од тоа што навистина е. Паметни луѓе би сопреле тука, меѓутоа и јас и ти знаеме дека ќе има уште по некој Jurassic филм низ годините додека сме живи, а веројатно и после тоа.