May 20, 2021

Втората тура Love, Death & Robots

Продолжениeто на Love, Death & Robots беше секако извесно по успехот што оваа антологиска збирка на краткoметражни анимирани филмови го доживеа кога се појави во 2019. Тие осумнаесет цртанчиња кои адаптираа разни раскази и приказни од автори на научна-фантастика беа супер прилика за да си организираш попладневен мини-фестивал во дневна. Стварно беше јако. Доволно стилски варијации, расположенија, идеи, концепти и емоции за да не ти се смачи и репризно да ги пукнеш сите од почеток до крај. Или барем повеќето. Некои денес може и ми се малку подзаборавени, ама таквите како Zima Blue или Beyond the Aquila Rift сè уште повремено ми проаѓаат низ глава. 

По две години пауза, Нетфликс ја истовари втората тура. Количински значително поскромна - само осум кратки анимирани филмови, што вкупно траат некои два саати. Не знам кои се точните причини за ова, ама да претпоставиме дека пандемијава влијаела и тука на продукцијата, па може и преполовиле за догодина порано да извадат Volume III. Како и да е, кога видов дека се само осум, очекувањата ми се наштелуваа некое ниво погоре. Од ваков покомпактен формат некако интуитивно ми дојде да очекувам и повеќе квалитет. 


Иако овие осум парчиња како целина не се совпаѓаат со моите очекувања, не е лошо. Можеби впечатокот ми е таков дека првата тура имаше простор за поефикасно да ги филтрира тие попросечните, којзнае. Во секој случај, се забавував. Пократко одошто сакав и нешто помалку интензивно од минатиот пат, ама сепак беше забавно. Освен неколкуте епизоди каде што стилот засенувачки ја доминира супстанцата, другото е сосема солидно за да биде дел од ваква колекција.  

Ќе ценев повеќе разновидност кај анимацијата. Сакав да видам повеќе 2D или некој поекспериментален пристап. Претходниот пат видовме сè и сешто, затоа таа прва тура има многу поимпресивна вожња. Поголем простор за шарање е очигледно важен во нешто како Love, Death & Robots, особено кога основата е таква каква што сами си ја поставија.

2021 сме, некако ми е потешко да бидам импресиониран од техничките аспекти на самата анимација која некогаш е толку фотореалистична што не секогаш знаев дали се вистински глумци или компјутерски-генерирани ликови. Затоа потешко загризав на Life Hutch, па и на Snow in the Desert. Ценам до каде е стигната технолгијата и колку влажни CGI сонови стануваат реалност, ама неколку пати задремував додека копав да најдам некаква приказна или поголемо значење тука. Сфаќам дека некои треба да се само забавни, дури и интензивно акциони, ама веќе сме го виделе тоа многу пати претходно за да биде пак исто свежо и интересно.

Роберт Вали, режисерот на Zima Blue, е повторно тука. Единствено неговиот впечатлив визуелен стил успева некако да се одвои од остатокот, меѓутоа Ice не е баш Zima Blue. Барем наративно. Бидејќи е втора по ред во сезонава, после досадното несмешно отварање со Automated Customer Service, очекував нешто поимпактен следбеник. Приказната ме остави малку рамнодушен, иако Ice e естетски исклучително пријатно искуство. 

Втората тура на Love, Death & Robots вистински почнува да блеска со Pop Squad. Дистописка сајберпанк приказна за општество кое го решило проблемот со стареење и умирачки од природна смрт, меѓутоа имањето деца e нелегално и контролирано. Pop Squad можеби и не е најоригиналната приказна, барем што се однесува до главниот лајтмотив, меѓутоа емотивно јако успева да здрма. Сакам кога Love, Death & Robots не се воздржува да го затемни тонот и чепка некои посериозни теми.

The Tall Grass исто забегува во поморничава, па и потрадиционална хорор територија. Тензична од почеток до крај. Очигледно талкање низ поле со "висока трева" може да биде прилично клаустрофобично доколку е црна темница. Има некој фин Ловкрафтски сентимент што се судира со Стивен Кинг, фантастичен амбиент и анимација, па дефитивно ми се двои како една од омилените тука. Ми се допадна и All Through the House. Не од прва, ама убаво ми спадна отпосле. Иако љубовта, смртта и роботите воглавно отсустуваат тука, бизарно хумористичната приказна успева да го извози ова мало симпатично парче како соодветен дел од серијалот. 

Дефитивно најдоброто нешто од овие осум ми е Drowned Giant. Адаптирана приказна на Џ.Г. Балард која ја заокружува оваа етапа од серијалот. Не знам каков е изворниот материјал, ама презентацијата тука е совршена. Приказната е раскажана од перспективата на еден научник затекнат во мал град каде што на брегот испливува леш на џиновски човек. Неговото набљудување на овој необичен настан е зашибан рингишпил од егзистенцијалистички дилеми, изблици на социјална критика, па и идеи што ти никнуваат повремено, а ги пикаш во некое ќоше од главата. Неочекувано пријатно меланхолично возење што не престана ме фасцинира колку добро е спроведено.

Ствари како Drowned Giant, Pop Squad, па и The Tall Grass се доказ дека низ Love, Death & Robots има огромен креативен потенцијал. Можеби оваа селекција во целина не е поеднакво трајна како минатата и малку е осиромашена од поинтригантни идеи, ама не е страшно ако утепаш два саати. Јасно ми е дека серијалот не е фокусиран на еден единствен тон, особено не тој што јас го преферирам и тоа е сосема океј, ама ќе сум порадосен ако количината на достапни наслови се зголеми во следната тура. Volume III е закажана за догодина.

May 5, 2021

Почетокот на Star Wars: The Bad Batch

Уште не сум ја гледал ланската сезона на The Clone Wars. Веќе неколку пати се поздравив со серијата претходно и мислам дека не можам пак. Приказната заврши океј, а според тоа што го знам за новата "последна" сезона и не сум пропуштил многу. Меѓу другото, дел од таа сезона послужи и како вовед во новата Star Wars анимирана серија The Bad Batch чија премиера се случи вчера. Воглавно негативните критики за тој вовед кои ги сретнав, не ми створија којзнае каква доверба за квалитетот на The Bad Batch, меѓутоа се охрабрив да дадам шанса. Сепак е дело на Дејв Филони, а на него сè уште му верувам.

The Bad Batch се занимава со мала елитна единица составена од експериментални клонови кои значително се разликуваат од обичната клоновска армија базирана на Џанго Фет. Преку генетски мутации се имаат здобиено со поизразена индивидуалност, уникатни способности и карактеристики, па се супер-ефикасни за покомплексни мисии. На почетокот од воведната епизода ги гледаш затекнати баш во моментот кога почнува да се спроведува Order 66, но бидејќи се различно програмирани од другите клонтрупери, нив не им е испорачана наредбата со која отпочнува истребувањето на Џедаите. 


Откако ќе посведочат како пријателската армија се врти против довчерашните соборци, почнува нивниот сомнеж кон новосоздадената Империја, a нема да пројде многу пред и самите тие да станат нејзина мета. Временскиот период во кој е сместена серијата е прилично интересен. Никогаш претходно не сме имале прилика да видиме што се случувало непосредно по завршувањето на The Clone Wars, а лежи огромен потенцијал за забавни приказни. Rebels серијата беше генерално океј, ама беше далеку од вистинскиот The Clone Wars наследник што не ни знаев дека ми е потребен.

Пресреќен сум што имав прилика да искусам Order 66 приказна. Без разлика колку и да беше кратко - задоволен сум. Тоа ми е еден од најфасцинантните моменти општо во Star Wars, па гризам и на ситнo. Сакам да видам различни перспективи на таа дешавка, сакам приказни како Star Wars Jedi: The Fallen Order - секогаш ми е презабавно. Огромен материјал лежи во Order 66, а The Bad Batch веќе постави основа и за такво нешто да пркне. Барем така се надевам. Вакви приказни се супер освежувачки.

Одлични ми се овие нови ликови и нивната динамика. На моменти се како пет нинџа желки. Многу полесно ги сакав од оние во Rebels. Инстантно си кликнавме, иако засега ги идентификувам воглавно според нивната главна карактеристика наместо имињата. Го имаш де факто лидерот на тимот, типот што сака да разнесува ствари во воздух, тип што го покрива научниот и техничкиот дел на групата, еден што посветено војнички ги следи наредбите дури и кога го втурнуваат во конфликти со останатите, а и еден лик што некогаш бил обичен трупер, но додека бил спасуван од сигурна смрт, го спасиле и од оригиналното програмирање.

Забавна дружина се и едвај чекам да видам каде ќе успее серијата да ги однесе. Покрај тоа што се одметнаа од Империјата, се вплеткаа и во други работи кои дополнително ќе им ги комплицираат работите сезонава. Не сакам да навлегувам во спојлери, меѓутоа авантурата е веќе мајсторски воспоставена, а Филони попрскува фина доза на мистерии чие решавање е уште едно тркало што ќе ја влече напред. Неговото долгогодишно искуство со клонтруперите како материјал веќе му ја има зацврстено способноста да им буричка низ идентитетот и егзистенцијалните дилеми, што ја прави целата тематика уште повозбудлива и интригантна.

А, Моф Таркин како негативец со неговата недоверба во клоновската армија е баш соодветен за ова да добие повпечатлив облик. Знаеме дека до приказната во оригиналната трилогијата Империјата постепено се ослободува од клоновите заменувајќи ги со обични луѓе, па The Bad Batch е одлична прилика да се пристапи поопширно кон тие случувања. Сигурен сум дека некаде во стариот наративен континуитет ова има некаков третман, меѓутоа откако Star Wars е во рацете на Дизни сето тоа е избришано и ресетирано. Почетоците на Империјата се исто така супер тема, би сакал и таа приказна да видам како се одвива паралелно, макар и преку мали делчиња какви што можевме да видиме во оваа прва епизода. 

Анимацијата е перфектна, не смееш да очекуваш ништо помалку во 2021. Ми се свиѓа како низ годиниве го задржаа стилот и само технички го полираат и калемат со детали. Веќе се установи како основна насока за овој тип на Star Wars анимација и мислам дека не би можел да гледам ништо различно. Сè изгледа добро и мазно, па успеваш да разпознаеш што е што, дури и кога се шлакнати масовни пиу-пиу битки на екран какви што и во The Bad Batch ќе сретнеш во неколку наврати.

Закачен сум. Влегов со мали, до некоја мера и негативни очекувања и мило ми е што излезе многу подобро. Се надевам дека следните 15 епизоди во оваа прва сезона ќе го следат истиот урнек и ќе успеваат да се градат кон подобро како што тоа го правеа The Clone Wars и Rebels. Ми фалеше ваква анимирана Star Wars серија да го пополни тој вакуум, а и општо ваков фаст-фуд Star Wars материјал што е фокусиран на чиста забава, а не на политичка агенда и родови студии. Таман да се занимаваме со нешто додека не дојде новата сезона на The Mandalorian или Боба Фет серијата или што и да треба да излезе до крај на годинава.